Слово за Емануил
Да се бара, поточно да се зборува за Христа пред христијанството не претставува апсурдност.Тоа е сосема природно за човековата природа, созданието да тежнее кон Создателот, да е во постојана потрага по она што всушност е, по она од што всушност е создаден и на крај по она главното Кој всушност го создал.Во ваквиот хаос, во ваквата бура на недоумици, човекот, античката индивидуа, изразена во ликот на античкиот филосов воведува можеби илјада поими, а ниту едно легитимно објаснување, само и само претпоставки.Ја бара смислата на своето постоење и првенствено се губи во мракот на Светлината, а потоа во долгиот тунел каде конечно на крај наѕира Светлината која им дава смисла на бесмислиците.
Светлина која „архето“[1] како создадена природа го замрачува, а на „апејронот“[2] му дава вистинска димензија, што всушност претставува „алфа и омега“[3] на сѐ.Се дава вистинска димензија бидејќи дојде нешто Ново, дојде израилевиот Бог кој не е од редот на оние во пантеонот, Слово и Началство кое се облекува во созданието, за да го приведе кон Создателот.Разурнувајќи го плурализмот на митолошките, човекоумно создадени богови, Беспочетната Сила се приклони на законот, ги исполни пророчките зборови:„Син ни се даде, кому власта е на рамената Негови“ и ете Чудесен советник, Бог силен, Отец вечен и Кнез на мирот[4] дојде во светот и векот, и го исполни сиот божествен домострој.
Тварта ја преобрази, вселената ја преуреди!Со збор од устата Своја ја порази земјата и беше над законите на природата, и водата му се покори, и демоните од Него затрепериа, и Сонцето и Месечината неможејќи да ја гледаат убавината Негова се помрачија, во денот на жалната радост.Сѐ, ама баш сѐ, Му се покори на Неговото величие![5]
Појасот од бедрата Негови беше вистината, а од половината правдата Негова.Вистина која е над секоја вистина и правдата која го толкува законот на љубовта.[6]
Во времето на Времето и волк заживеа со јагне, и лепард со јаре.И теле, лавче и вол беа заедно во друштво на мало дете.Мирот беше мир, бидејќи не се најде зло во Неговото учење.Земјата се исполни со познавање на Бога, како што водите го наполнуваат порето.[7]
И навистина ова се случи во она време кога фиданката од Јосеевата пењушка потера стебло, и врз Него почина Духот Господов, во она време кога безбожниците станаа тајници на верата, во она време кога Боготрагачите од исток се поклониа пред ветената на Јакова Ѕвезда засветлена во Витлеем, во она време кога дојде Емануил...[8]
[1] Архе е првиот филосовски поим, кој во буквална смисла значи „потекло“, „извор“, односно античките философи го користата за прапочеток, праматерија од која настанува сѐ во светот, обично првите философи зимале создадена од Бога материја како праоснова на видливиот свет, пример за Талес од Милет архето е водата.
[2] Апејрон е на повисоко ниво од архето.Него го воведуваат подоцна како термин во философијата, поточно Анаксимандар од Милет го воведува.Најблиску преведено значење е „неограничен, бесконечно“.Што е поблиску до Сетворецот Бог кој е неограничен.
[3] Откр. 1, 8;
[4] Ис. 9, 6;
[5] Според Месијанските пророштва на пророк Исаија, глава 11, 1-10.
[6] Според Месијанските пророштва на пророк Исаија, глава 11, 1-10.
[7] Според Месијанските пророштва на пророк Исаија, глава 11, 1-10.
[8] Ис. 7, 14;
Емануил е еврејски збор и значи „со нас е Бог“;
Илустрациите се од музејот во базиликата на св.Марко во Венеција, Италија
14- ти јануари , лето Господово 2017
Авторот е студен на Богословски факултет во Скопје
Друго:
Стефан Бранковски: Пост-христијанска ера