ВОВЕД
Македонија е лулка на словенската писменост и култура, а ракописните споменици, создавани од IХ-от до ХVIII-от век, се најдрагоцените извори за проучување на македонската и општословенската книжевна историја, црковност, јазик и култура.
Средновековниот историски период оставил длабоки траги во македонската култура. И покрај историските бариери, и покрај најнеобичните и неповолни ситуации во кои се наоѓала Македонија низ вековите, светлите традиции што не изгаснувале, го трасирале патот на духовното, културното и книжевното живеење. Средновековните појави и пројави на одделни личности оставале траен печат врз вековното ракописно, книжевно наследство во Македонија. Токму средновековните книжевни манастирски центри ќе го одржуваат тонот на традиционалното наследство, особено од средниот век, кога се ширело силното влијание на Охридската книжевна школа, во разни правци, допирајќи во сите словенски средини, кога се негувал и предавал духот на светите Кирил и Методиј преку словото на свети Климент и свети Наум охридските чудотворци и нивните други придружници.1
Средновековната македонска книжевност, се повидливо и подоминантно, го добива своето место во рамките на македонската книжевна историја. Во последниве години објавени се завиден број студии, трудови и книги, во кои доминира средновековната проблематика. Можеме слободно да заклучиме дека средновековната книжевна проблематика евидентно се проширува и во научната, и во уметничката, а и во црковната литература.
Оваа книжевност предизвикува особен интерес за активна истражувачка дејност. Забележливи се досегашните успеси во истражувањата врз книжевното наследство и книжевните дејци кај нас. Проучувачите на средновековната книжевност се почесто се свртуваат кон местото каде што се извршувал книжевниот процес во средниот век, а тоа значи кон Охрид и кон Македонија. Најмногу се истакнува значењето и улогата на книжевниот центар на Охридскиот Светиклиментов универзитет. Токму истражувањата и проучувањата за свети Климент, претставуваат поамбициозен научен пристап, а особено, освртот кон неговата книжевно творечка дејност.2
Во почетокот на нашата македонска црковна историја и на нашиот општествен и црковен живот, стои исклучително големата и света личност на свети Климента, охридскиот чудотворец, која е од особено значење и за црквата и за народот. Тој и на црквата и на народот им го дал својот духовен печат, им ги оставил своите пораки на православните Македонски Словени на Македонците, низ целата нивна историја, и црковна и народна. Се издигнува како неуморен учител во духовноста и во оцрковувањето на православниот македонски народ. Тој е апостол, мисионер и евангелизатор на нашите далечни предци.
Навистина, со Моравската словенска мисија од 863 година, светите браќа Кирил и Методиј, ја отворија епохата на словенската култура и писменост. Но, во времето кога светото дело на Солунските браќа во Велика Моравија беше прекинато и заврши присилно, неговите придобивки беа спасени, зацврстени и многукратно умножени од нивните најистакнати ученици, свети Климент и свети Наум во Македонија, во нивните храмови, светилишта и школи на брегот од Охридското Езеро. На тој начин, писменоста создадена врз јужномакедонскиот говор и преведените книги на првиот сесловенски книжевен јазик, беа спасени за полза на сиот словенски свет и за целата европска култура.
Во времето на големата епоха на словенската култура и писменост, преку охридското духовно огниште, свети Климент Охридски ги просветуваше Македонските Словени, а преку светите книги напишани со новите графиски системи глаголицата и кирилицата, во крајот на десеттиот век, беа покрстувани и Русите.
Македонија била во непосредна близина со христијанската вера и со христијанската култура, но свети Климент Охридски е првиот што себепредано и ентузијастички пристапил кон евангелизацијата на Словените во Македонија, извршувајќи ја својата учителска, катихетска и христијанизаторска работа. Својата духовна зрелост, започната за време на своето учеништво кај светите словенски апостоли Кирил и Методиј, развивана и негувана под светлината и топлината на црковното живеење, тој ја оформил во силна духовна личност. Затоа и ги знаел сите духовни потреби на новокрстените. Знаел дека не е доволно некој само да поверува во Христа, туку дека треба и да Го засака Христа и да почне евангелските принципи да ги спроведува во својот живот. Ја согледувал потребата од натамошно доизградување на новокрстените христијани во Македонија. Знаел низ какви се етапи требало да минуваат христијанските подвижници за, конечно, да ја оформат својата православна, црковна личност и во тоа помагал колку што можел.
Како никој друг пред него, па би рекле и по него, тој ја знаел толку длабоко позитивната улога на Светата Православна Црква во процесот на духовното оформување на христијанската православна личност. Затоа, уште во првите чекори за изградување на живи членови на Црквата, тој се зафатил за работа со литургиските и богослужбените активности на новоформираната Црква во Македонија.
Во катихетската и проповедничката активност на овој вистински наш апостол и просветител, Светото писмоБиблијата зазема многу важно место. Притоа, тој јасно ја знаел големата вистина дека разбирањето на Светата Библија е условено, пред се, и со сознанието што го добива христијанинот подвижник преку живото и секојдневно учество во катадневното литургиско богослужение на Светата Православна Црква. Ова е токму она што се нарекува Свето предание. Светото предание во сите свои форми му овозможува на христијанскиот православен учител, свештенослужител и верник подлабоко да навлезе во смислата и значењето на содржината од Светото писмо. Ова е и основната карактеристика на светото Православие, која и свети Климент Охридски ја запазил чиста и неосквернета.
Тој поставил високи цели на човечко, духовно и морално самореализирање. Со чувство за служење на Бога и на сопствениот народ, целосно се ангажирал да му помогне во просветувањето и во расчистувањето на патот при неговата идентификација и пред Бога и пред светот, како и при неговото рамноправно вбројување меѓу културните народи на Балканот и во Европа.
Делувањето на свети Климент Охридски на религиозен и културно просветен план во нашава земја е многу големо и од посебно значење за македонските словенски племиња. Имајќи ја предвид целокупната негова дејност мисионерска, црковна, наставничка и литературна, слободно може да се заклучи дека тој е еден од првите најголеми словенски теолози и културни дејци.
Тој е создавачот на првите оригинални книжевни творби на востановениот книжевен јазик на Македонските Словени. Од него ја добивме и нашата прва книга на свој јазик, со поетски збор.
Напишал и превел приличен број дела, но сепак, најпознати се неговите беседи и пофални слова, кои се одликуваат со висока теолошка содржина и поетска лексика.
Ундолски3 ги открива Светиклиментовите беседи. Тие резултати, добиени по еден макотрпен пат, со развитокот на славистиката, биле збогатувани и проширувани.4 Светиклиментовото дело својата физиономија ја добивало постепено, преку растежот на новооткриените текстови, преку современите стилско лингвистички анализи и преку збогатувањето на бројот новооткриени преписи на неговите творби. Поаѓајќи оп П. Ј. Шафарик, се до најсовремените резултати што ги дале: И. Дујчев, К. Куев, Д. Иванова Мирчева, К. Станчев, Г. Попов, Б. Конески, X. Поленаковиќ, Петар Илиевски, Вера Стојчевска Антиќ, Ѓорги ПопАтанасов, М. Георгиевски и др., Светиклиментовиот прозен и химнографски опус се повеќе се зголемува.5
На многубројни манифестации, по повод значајни јубилеи и одбележувања, организирани се содржајни собири на кои се донесени особени научноистражувачки резултати за охридскиот апостол свети Климент, а изработени се и значајни студии.6
Во проучувањата, особено место имаат грчките житија за свети Климент Охридски: опширното, наречено уште и „Бугарска легенда"7 и краткото житие, познато во науката под името „Охридска легенда".8 Познати слависти, филолози, историчари и теолози, досега работеле врз содржината на Опширното житие на свети Климент Охридски и издале свои преводи и трудови.9
Свети Климент Охридски во досегашните проучувања беше виден и претставуван како учител и просветител,10 скоро и без да се спомне дека тој е и архиереј и светител.
Со овој труд се навраќаме на богословието и на библицизмот кај свети Климента, а тоа значи, нов приод и разоткривање на суштината на неговата личност и дело, бидејќи свети Климент е, пред се, духовна личност. Ова е одење до суштинатадека свети Климент, најнапред беше монах, па мисионер, проповедник, па епископ, потоа и книжевник и писател итн. Навистина, тој се пројави како активна личност и во повеќе области: и во полето на образованието, зашто 3500 ученици минале низ школата при неговиот манастир во Охрид; и во организирањето на Црквата, бидејќи тој е првиот епископ од словенски род, кој богослужел и проповедал на народен старомакедонски словенски јазик, кај нас; и во архитектурата, при градењето храмови и манастири; и во уметноста, развивајќи дури и Охридски фрескосликарски и иконогравски центар, па дури и на економско поле и во сите останати гранки на културното и општествено живеење на овој народ. Сепак, ако сакаме со една ознака да ја обележиме неговата личност, треба да кажеме дека тој е организатор на еден центар, на едно од првите и најсилни словенски, културно просветни и црковно религиозни средишта.
За личност со таква плодна дејност е извонредно тешко да се пишува, но желбата да се расветлат некои прашања од неговата библиско теолошка мисла, како и љубовта кон свети Климента, ме охрабрија да се зафатам со вакво проучување. Кога човек се зафаќа да пишува за делото на свети Климент Охридски, се исправува пред некои не мали дилеми и тешкотии. Најголемата е, секако, што да опфати од големиот опус на овој многу плоден и сестран автор. И притоа, колку и да се стреми кон подробност и прецизност, не ќе може се да опфати, од проста причина, што за тоа е потребно многу време и многу простор.
Истражувањата врз далечноисториските настани и личности, науката ги гради врз основа на веродостојни извори, како што се: официјалните грамоти, хрисовули, фермани, црковни документи, епархиски списоци и документи издадени од државната или од црковната власт, како и врз други извори и споменици хроники, летописи, писма на видни личности, посланија, житија, служби, пофални слова и друго. Основните извори за проучување на животот и на проповедничката дејност на свети Климент се:
1. Опширното житие на грчки јазик (Legenda Bulgarica).11 Краткото житие на грчки јазик (Legenda Ochridica);12
2. Службата на свети Климент на старословенски јазик;13
3. Општата служба на светите Седмочисленици14 на грчки јазик;
4. Проповедите на свети Климент, зачувани до нас во преписи од XIIXVIII век15и
5. Химнографското творештво на свети Климента.
Тоа претставува основен начин и на нашево изворно проучување во овој труд за свети Климента и за неговото дело, кое е градено врз библиска основа. Во таа смисла и нашиот библиски приод ќе може да придонесе за продлабоченото проучување на книжевното дело на свети Климент Охридски.
Во оваа студија, пишувајќи за книжевното дело на свети Климент Охридски, ние пишуваме за неговиот однос кон најголемото книжевно дело во сета литература на светов Библијата, која извршила најголемо влијание во развојот на човекот.
Во целата студија, е нагласена длабоката религиозност, со која бил исполнет сиот наш живот во средниот век. Овде, се обидуваме, колку што е можно повеќе, да се вдлабочиме во ликот, делото и духот на свети Климента, со проникнување во неговата библиска димензија. Тоа, пак, значи, откривање на еден цел нов свет нова страница и нова димензија на свети Климент Охридски, досега неразоткриена. Сето тоа е посведочено со материјални докази, преку конкретни анализи на неговото црковнопрозно, црковнопоетско творештво и преводите. Научната мисла, со многу работи за првпат ќе се сретне токму овде, и можеби единствено овде, иако нашиот среден век и нашиот свети Климент Охридски се проучувани во изминатиов период од еден век и половина.
За свети Климента е пишувано многу, но пишувано е за се друго, освен за неговото богословие, во различните негови димензии. Во сите истражувања низ досегашните стручни и научни трудови, главно, интересирањето е свртено кон проучувањата на историските, јазичните и книжевните постигнувања на свети Климента, но тој не е проучуван како богослов и библист. Духовното и библиското на светителот е оставано за други времиња. Тие други и подобри времиња настапија и ние се радуваме што можеме денес да ги проучуваме и објавуваме и тие духовни димензии.
За нас е јасно дека првата книга пишувана на наш јазик била преводот на Светата Библија Евангелието. Не треба да го забораваме фактот дека нашата книжевност, а што значи и сета наша просвета, како и сиот наш културен развој, започнува и се гради врз инспирацијата од книгите на Светото писмо и на книгите напишани од писатели, кои биле боговдахновени.
Во нашево проучување на делата од свети Климент Охридски, ќе бидат анализирани и толкувани библиските текстови. Дури во еден ваков аналитички контекст се покажува сета длабочина, значење и библиско богатство на Светиклиментовото творештво.
Овде сакаме да го истакнеме и тоа дека ние, преку свети Климента, најмногу сме се доближиле до Господа Исуса Христа. Неговото дело не обесмртило и пред Богочовечкото и пред сечовечкото значење. Преку него, ние сме станале носители на вечните вредности. Токму затоа постои и таа наша трајна врска со светителот, бидејќи народната душа културно се отелотворува преку делата на големите луѓе, меѓу кои се и светителите. Во свети Климента ние ја наоѓаме основата на нашиот јазик, просвета, црква, култура, книжевност, творештво и дух.
Светиклиментовото творештво, како и сета средновековна книжевност и литература, е со религиозна содржина, но истовремено, тоа е и литература со нагласена заинтересираност за прашањата од секојдневниот живот: за радостите и жалостите во животот, за реалностите и вистините, за средствата кои го водат човекот кон усовршување и кон Бога, како и за злото, кое го окружува човекот и го води настрана од патот кон вистината и спасението.
Оттаму заклучуваме дека Светиклиментовото творештво е пишувано со строги практични цели. Пишувано е за вистинските, реални потреби на човекот и неговиот живот. Луѓето живееле со таа литература. Таа не била оддалечена од животот, туку претставувала негово раководство. Таа дури и денес, исто така, е од особено значење за човечкиот живот, бидејќи во неа, во нејзината основа, се истакнати библиските вечни вистини. А, основното за една литература е во тоа: колку во неа е разјаснето прашањето за вистината. Тоа, пак, во предметната средновековна литература е суштински застапено. Таква е сета наша средновековна книжевност, а и делата на свети Климент Охридски, во кои Библијата претставува инспиративен извор и суштина на содржината.
Различно е разбирањето на оваа Книга во историјата на световната книжевност, од онаа во Црквата, каде што таа значи и претставува нешто повеќе. Библијата значела и значи многу за сета културна историја на човештвото. Ова јасно се потврдува и во нашата писменост, култура и развој, бидејќи без Библијата и без делата на свети Климент Охридски, ние не можеме да зборуваме за нашата писменост, црковност, култура, просвета и книжевност.
(Продолжува)
Овој труд, изграден врз најеминентни научни извори, зборува за две свети работи кои се од особено значење за Македонската Православна Црква и за македонскиот народ, а тоа се Светата Библија и свети Климент. Тој го дава својот научен придонес за расјаснување на ликот и делото на свети Климент Охридски и неговата втемеленост врз Светото Божјо Откровение.
Со овој труд се навраќаме на библицизмот и богословието кај свети Климента, а тоа значи, нов приод и разоткривање на суштината на неговата личност и дело, бидејќи свети Климент е, пред се, духовна личност. Тој, најнапред, беше монах, па мисионер, проповедник и
епископ, а потоа и книжевник, и писател итн. Овде се вдлабочиме во ликот, делото и духот на свети Климента, со проникнување во неговата библиска димензија.
Првата книга пишувана на наш јазик била преводот
на Светата Библија - Евангелието. Свети Климент Охридски како образован богослов, ревносен мисионер, одличен познавач на новоформираниот старомакедонски словенски јазик и плоден книжевник, сигурно учествувал и во преводот на Светото писмо и на богослужбените книги од грчки на старомакедонски словенски јазик. Тој е ретко плоден писател, вдахновен учител, даровит проповедник, племенит архипастир и светол пример за сите добри дејци, а особено за служителите. Библиското Божјо слово и светителската беседничка реч се толку органски врзани, што е тешко да се разграничи едното од другото, бидејќи и двете се боговдахновени. Со чувство за служење на Бога и на сопствениот народ, тој целосно се ангажирал да му помогне во просветувањето и во расчистувањето на патот при неговата идентификација и пред Бога и пред светот, како и при неговото рамноправно вбројување меѓу културните народи на Балканот и Европа.
Авторот
ПРОТОЃАКОН
Д-Р РАТОМИР ГРОЗДАНОСКИ
БИБЛИЈАТА ВО ДЕЛАТА НА
СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
PROTODEACON
RATMIR GROZDANOSKI, PH.D.
THE BIBLE IN THE WORKS
OF ST. CLEMENT OF OHRID
Скопје 2001
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СВЕТИ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД
Подготви: Стојанка Тежак