Сурогат мајчинството ги деградира жените и го легализира продавањето на деца (31.01.2020 10:46)
Неговата Светост, Патријархот на Москва и на цела Русија Кирил, на 28 јануари 2020 година учествуваше на Божикниот годишен собир на Советот на Руската Федерација, каде што одржа говор на повеќе општествени и морални теми, а особено за практикувањето сурогат мајчинство.
„Го почитувам тежнеењето на науката и здравствената заштита да понудат решение за некои неодложни човекови проблеми, но не можам а да не ја забележам семантичката замена што настанува при т.н. сурогат мајчинство. Забрането во многу земји, а во Русија достапно само за богатите (би сакал да го нагласам ова), процедурата, всушност, ги искористува жените, па дури и го охрабрува продавањето на деца“, изјави Патријархот на собирот.
Искористена е, пред сè, сурогат мајката, рече Патријархот Кирил. „На крајот на краиштата, не е бесплатно, не е од ентузијазам – сурогат мајката добива пари за тоа и, на некој начин, ги продава своите деца“.
Патријархот, исто така, предупреди против ризичните генетски експерименти врз луѓе, велејќи: „Развојот на технологии на т.н. модификација на човечкиот генетски код навистина е загрижувачки. Овие стремежи на одреден начин се слични со селективните експерименти на нацистите во рамките на теоријата на евгениката“. Според него, дарот Божји е неприкосновен, а ризиците од таквите интервенции допрва ќе се утврдуваат.
извор: orthochristian.com
Преземено од: МПЦ-ОА