Старец Ероним Симонопетриски, Старец Даниил Катунакиски, Старец Јосиф Исихаст и Старец Ефрем Катунакиски канонизирани за светители (24.10.2019 17:37)
Цариградскиот Патријарх Вартоломеј завчера објави на Света Гора дека Цариградската Патријаршија одлучи да канонизира четворица велики светогорски Старци, возљубени од целото Православие: Ероним Симонопетриски (+1957), Даниил Катунакиски (+1929), Јосиф Исихаст (+1959) и Ефрем Катунакиски (1998).
Иако Старец Ефрем Катунакиски не бил дел од братството на Старец Јосиф, тој сепак бил негов ученик. Старец Ефрем Филотејски и Аризонски има кажано за Старец Јосиф:
„Старец Јосиф беше духовен генерал и учител на умно-срдечната молитва, поучен од Бог. Имаше недостижна љубов кон Пресвета Богородица. Заради Неа сè поднесуваше со трпение, и од Неа го доби великиот дар на молитвата на срцето. Се удостои многупати да Ја види во неговиот краток, но ангелски живот. Каде има денес луѓе како него да изречат благодатни зборови? Неговото чисто срце непрестајно ја кажуваше молитвата: ’Господи Исусе Христе, помилуј ме‘, и во него пребиваше Светиот Дух“.
Старец Даниил Катунакиски (1846 – 1929) бил замонашен во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Света Гора, а потоа живеел во манастирот Ватопед, каде што чудесно бил исцелен од нефрит од светиот појас на Пресвета Богородица. По пет години станал отшелник во Катунакија, каде што околу него почнале да се собираат монаси. Познато е дека имал дар на поучување и утеха во маките, и многумина спасил од прелест.
Старец Ероним Симонопетриски (1871 – 1957) се подвизувал на Света Гора од 1881 година. Добил голема схима на празникот Цветници во 1893 година, а подоцна бил игумен на манастирот Симонопетра од 1920 до 1931 година. Под негово раководство манастирот доживеал процут. Потоа се повлекол во метохот посветен на Вознесението Христово, во Атина, каде што се подвизувал до неговото упокојување во 1957 година.
извор: orthochristian.com
Преземено од: http://www.mpc.org.mk/svetaktuelno.asp?id=7162