Прекинато евхаристиското општење меѓу Антиохиската и Ерусалимската Патријаршија (02.05.2014 11:17)
Црквата во Антиохија, после повеќемесечни неуспешни обиди за нормализирање на односите со Црквата во Ерусалим, а околу јурисдикцијата во однос на државата Катар, донела одлука за прекинување на канонското општење со истата, пренесуваат неколку новински агенции.
Одлуката била донесена на заседанието на Свештениот Синод на Антиохиската Црква одржано на 29 април, а со кој претседавал Патријархот Јован Десетти. На заседанието, Патријархот ги информирал членовите на Синодот за неуспешните обиди за дијалог со Ерусалимската Црква, како и за извесните ставови на Патријархот Теофил Трети, по што едногласно била донесена одлуката за прекин на споменување на неговото име во диптисите, и за испраќање соодветни посланија до сите помесни Цркви.
И двете помесни Цркви сметаат дека државата Катар спаѓа во нивната канонска територија, а конфликтот настана минатиот март, со испраќањето на Митрополит во Катар од страна на Ерусалимскиот Патријарх. Во посредувањето за евентуално решавање беа вклучени и Вселенскиот Патријарх, но и претставници на грчката Влада. Токму затоа, за време на мартовскиот синаксис меѓу поглаварите на Православните цркви во Фанар, претставникот на Антиохиската Црква не го потпиша заклучниот документ, и не сослужуваше на Литургијата во Неделата на победа на Православието.
Извор: Седмица.ру
Преземено од:МПЦ-ОА