Патријархот Кирил: „Православните свештеници и ерарси мораат да бидат духовна и интелектуална елита“ (29.12.2013 00:57)
„Суштинско познавање на уметноста, книжевноста и философијата – тоа е она што треба да го одликува современиот свештеник!“
Ова во московската Сретенска Богословија го кажа Поглаварот на Руската Православна Црква Кирил, кој ја освети нејзината нова зграда.
„Помина времето на умереноста во Црквата. Денес, православните свештеници и ерарси мораат да бидат духовна и интелектуална елита. За да можат на луѓето да им ја откријат убавината на Православието, тие мораат да бидат во состојба со нив да го поделат своето внатрешно богатство и ставовите; своето познавање на историјата, литературата и философијата да го соединат со богословскиот фундамент“ – нагласи Московскиот и на цела Русија Патријарх Кирил.
„Само во тој случај“, подвлече Кирил, „луѓето во Црквата ќе бидат вистински интелектуални и духовни личности.“
Поглаварот на РПЦ побара во рамките на Црквата поопширно и потемелно да се изучува и црковната уметност, како дел од уметноста во целина, бидејќи во неа се содржат духовните барања на секоја епоха.
„Потребно е луѓето од Црквата добро да знаат и литература, особено нејзините позитивни јунаци. Да знаат какви биле тие во одредени епохи, какви идеи им нуделе на своите општества, со какви предизвици се соочувале. Тоа е“, подвлече Патријархот Кирил, „голема духовна сфера во животот.“
Своето обраќање до присутните во Богословијата, Поглаварот на РПЦ го заврши со зборовите: „Важно е да имаме многу, а не само 5-10, како сега, свештеници кои ќе бидат дел од телевизиските емисии и разговори, и ќе бидат познати личности. Потребни ни се нови десетина, стотина и илјадици од оние кои на современиот свет можат да му говорат за Христос“.
Извор: Fakti.org
Преземено од: МПЦ-ОА