Кои Светители ги канонизираше Православната Црква во 2012 година (29.12.2012 20:41)
Во 2012 година Православната Црква ги впиша во диптихот на Светиите новите Божји угодници од коишто повеќето живееле во бурниот XX век – столетие на крвави војни и атеизам, кога човештвото дало милиони жртви. Од почетокот на XXI век помесните Православни Цркви канонизираа многу од своите новомаченици, тој процес најмогу е активен во Руската и Украинската Православна Црква. Канонизации во 2012 година извршија Вселенската Патријаршија, Руската, Украинската, Грузиската и Србската Православна Црква. Еве ги имињата на некои од новите Светители на Православието, чиишто спомен верниците ќе го одбележуваат во иднина. Секоја помесна Црква сама одлучува кои од Светителите да ги додаде во својот богослужбен календар. Канонизација на убиени монаси во времето на Османлиското ропство изврши и Македонската Православна Црква.
Св. маченик Александар Шморел. Неговиот спомен се чествува на 13 јули. Во фебруари оваа година Руската Православна Црква го канонизираше во Минхен. Убиен е на 13 јули 1943 год. во затворот Штаделхајм заради антифашистичка дејност и исповедање на православната вера. Ова е прва канонизација после обединувањето на Московската патријаршија и Задграничната Црква. Александар Шморел бил вброен кон локалните светители почитувани уште во 2007 год. од страна на Руската Задгранична Црква.
Свештеномаченик Сергеј Бондаренко. Неговиот спомен се чествува на 21 август. На 26 април Украинската Православна Црква го канонизираше во Чернобил о. Сергеј Бондаренко, застрелан од страна на болшевиците на 21 август 1937 год., бидејќи одбил да ги повика верниците да се откажат од својата вера на Пасха истата година. На денот на Христовата победа над смртта тој ги поздравил верниците со „Христос воскресе“ наместо очекувањето на комунистите одрекување од Христос. Бил заробен, мачен и на крајот починал маченички. Канонизацијата се извршила на денот кога се навршуваат 26 години од Чернобилската трагедија.
Светите Момишечки маченици. На 19 мај во храмот „Св.Сава“ во Белград, Српската Православна Црква ги канонизираше 40-те деца-маченици и нивните двајца наставници свештеници, изгорени живи од страна на Турците во 1688 год. Нивното почитување започна многу порано пред нивната канонизација, а оваа година тие беа и официјално впишани во диптихот на Светиите и вклучени во српскиот православен календар.
Преп. Софија (Гринева), свешт. Александар Шишин, свешт. Философ Зјабрев, прот. Теодосиј Станкевич и свешт. Митрофан Воздвиженскиј. Во август оваа година Украинската Православна Црква ја канонизира игуманијата на Покровскиот манастир во Киев преп. Софија (Гринева), и уште четворица свештеници – новомаченици, кои пострадале од комунистичката власт. За сите се напишани тропари, изработени се икони, а нивните останки ќе се почитуваат како свети мошти.
Преп. Илија Пророк (Макеевски). Неговиот спомен се чествува на 17 април. На 23 септември Украинската Православна Црква го канонизираше старецот-схимонах Илија Пророк (1837 – 1946 год.) кој е познат уште од времето на советскиот атеистички режим со своите претскажувања и исцеленија. Долго време се подвизувал на Света Гора во рускиот скит на свети пророк Илија, а својот живот го завршил во родното село Макеевка. Таму била извршена и неговата канонизација.
Преп. Никифор Лепрозен. Неговиот спомен се чествува на 4 јануари. На почетокот на месец декември Светиот Синод на Константинополската Црква го впиша во диптихот на светиите преп. Никифор Лепрозен. Свети Никифор којшто бил болен од лепра заради своето безгранично трпение и благост со коишто ја поднесувал тешката болест од Бога ги добил даровите на пророштво и утешување на сите оние коишто страдаат од лепра. Во спомените на современиците е запаметен по тоа што целиот свој живот не разжалостил ниту еден човек. По неговата смрт Бог ги прославил неговите мошти со благоухание.
Преп. Гавриил (Ургебадзе). Неговиот спомен се чествува на 2 ноември. На 20 декември Грузиската Православна Црква го вброи во диптихот на Светиите и старецот Гавриил Ургебадзе (1929 – 1995 год.). Бог му дал харизма да ги повикува луѓето на покајание и дар на чудотворство. Почитуван е како светител во неговиот роден крај уште додека бил жив, но и по неговата смрт, дури и пред официјалната канонизација, поради многубројните сведоштва за добивањето на Светиот Дух.
Светите Пречистантски преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј. Нивниот спомен Македонската Православна Црква ќе го чествува на 2 август и на 27 март. На 2 август Македонската Православна Црква ги канонизираше тројцата преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, убиени во манастирот Пречиста во Кичево во 1588 год. од страна на Турците. Нивната канонизација е посветена на 45-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква.
Четириесетте Битолски преподобномаченици. Нивниот свет спомен Македонската Православна Црква ќе го чествува на 9 март. На 28 октомври, во црквата „Св.Димитриј“ во Битола беше извршена канонизацијата на 40-те преподобномаченици од Битола. Битолските маченици се монаси, коишто се подвизувале во различни скитови и манастири во околината на градот Битола. Убиени се од страна на Турците на 9 март 1385 год., а нивните тела биле разнесени на тешко достапни места. На местото на нивната погубување бил изграден и манастир.
Извор: www.dveri.bg
Преземено од : МПЦ-ОА