
"Секоја твар е мало богојавление, зашто секоја твар со самото свое постоење Го објавува Бог. Лисчето на љубичицата, зарем тоа не е мало богојавление? Окото на ластовицата – зарем тоа не е поголемо богојавление? А зеницата во твоето око – зарем тоа не е поголемо богојавление и од едното и од другото? (...) Да, секоја твар со својот главен нерв е поврзана со Творецот! Да, секоја твар е богогласник! Да, секоја твар е богојавление! Да, овој свет е непрестајно и незамолчливо богојавление; преку него Бог ја објавува и мудроста Своја, и љубовта Своја, и силата Своја, и вистината Своја, и правдата Своја, и добрината Своја, и убавината Своја...
Само ситните – мали души не можат, зашто не сакаат, да се нурнат во божествените длабочини на светот и таму да ја пронајдат неговата божествена логика, и идеја, и мисла, и смисла. Површински паразити, тие постојано остануваат на површината на светот, затоа и не можат надвор од прашината на светот. Прашината им ги затворила очите, па не Го гледаат Бог, ниту што било Божјо. Тварта ја прогласиле за прво и последно битие, за прв и последен живот, за прва и последна вистина. А тоа е идолопоклонство, и извор на секое идолопоклонство, било духовно било физичко.
Господа, вие сте почувствувале, првото начело на светосавската философија на светот е: светот е богојавление. А второто, кое е второто начело? – Човекот е богослужење. Богојавлението е природа на светот, а богослужењето е цел на светот. Бог се објавува преку светот. На богојавлението човекот одговара со богослужење. Во светот што е богојавление, сиот живот човеков, од почеток до крај, од врвот до дното, треба да биде непрестајно служење на Бог, непрестајно богослужење. Главната обврска човекова во овој свет, во овој грандиозен храм Божји е – служење на Бог, богослужење. Природно и логично е во оваа вселена, во овој храм Божји, да се живее – служејќи Му на Бог. Бидејќи овој свет е богојавление, природно е човекот да биде богослужење. Човекот и не е ништо друго туку – свештенослужител, богослужител. Тој непрестајно Му служи на Бог: и со мислите, и со чувствата, и со зборовите, и со делата, со еден збор – со целокупниот свој живот. (...)
Најдобро и најсовршено Му се служи на Бог кога се живее според Евангелието на Богочовекот Христос.
Преподобен Јустин Ќелиски
19.01.2026



























