Кој оди по патот на духовното внимание, не треба да му верува на своето срце, туку должен е дејството на неговото срце и живот да ги проверува – дали му се во склад со законот Божји и со вистинските животни подвижници, кои поминале низ тој подвиг. Така, полесно можеме да се избавиме и од лукавиот и вистината да ја видиме појасно.
Умот на човекот со внатрешно внимание (човек духовно собран и буден) е како стражар, чувар на внатрешниот Ерусалим. Стоејќи на висина на духовното созерцување, тој со чисто око гледа на спротивните сили кои приоѓаат и ја напаѓаат неговата душа, според зборовите на Псалмотворецот: „И на непријателите мои прогледа окото мое“ (Пс. 53,9). Од неговото око не е скриен ѓаволот кој е како „лав што рика и бара некого да проголта“ (1.Пет. 5,8), како ни оние коишто затегнуваат со лакот свој за во мракот да ги застрелаат чистите по срце“. (Пс. 10,2). Поради тоа, таквиот човек, сходно на учењето на божествениот Павле, го зема „сето оружје Божјо, за да можете да се браните во +лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите“. (Ефес. 6,13), и со тоа оружје, кое содејствува со Божјата благодат, ги одбива видливите напади и ги победува невидливите воини.
Кој оди по овој пат, не треба да се осврнува на случајни гласини кои можат да ја наполнат главата со бескорисни и залудни мисли и спомени, туку треба да биде кон себе духовно внимателен. На тој пат, особено е важно да не гледате на туѓите дела, да не мислите и да не зборувате за нив, според Псалмотворецот: „Не зборуваат усните мои за делата човечки“ (Пс. 16,4). Треба да се молиме на Господа: „и од тајните (гревови) мои очисти ме и од туѓите запази го слугата Твој, (Пс. 18,12-13).
Човек треба особено внимание да посветува на почетокот и на крајот на својот живот, а кон времето помеѓу, во кое доживува среќа и несреќа, треба да биде рамнодушен.
За да го сочуваме вниманието потребно е да се повлечеме во себе, според зборовите на Господ. „никого патем не поздравувајте!“ (Лука 10,4), односно без потреба да не зборуваме освен ако некој такаречи трча по нас за да чуе нешто корисно.
На Старците и браќата кои ги среќаваш, изразувај им почитување со поклони до земја, држејќи ги очите секогаш затворени.
Мај 2023 лето Господово
извор- https://svetosavlje.org/pouke-prepodobnog-serafima-sarovskog-iz-knjige-radosti-moja-hristos-vaskrse/