Тогаш тие се вратија во Ерусалим од планината, наречена Елеон, која се наоѓа близу до Ерусалим, колку еден саботен ден одење. И кога дојдоа, се искачија во горната одаја, каде што живееја Петар и Јаков, Јован и Андреј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот и Јуда Јаковов. Тие сите еднодушно беа постојано во молитва и молење со некои жени и со Марија, мајката на Исуса, и со браќата Негови. А во тие дни Петар стана меѓу учениците и рече: – а беа се собрале околу сто и дваесет души – „Мажи, браќа! Требаше да се исполни напишаното, како што беше претскажал Светиот Дух преку устата Давидова за Јуда, водачот на оние што Го фатија Исуса, зашто тој беше вброен кон нас и беше примил дел од оваа служба; И така, потребно е пак еден од оние луѓе, што беа со нас за сето време, додека пребиваше и општеше со нас Господ Исус, почнувајќи од крштавањето Јованово па до денот, кога се вознесе од нас, да биде сведок со нас за Неговото воскресение.” И поставија двајца: Јосифа, наречен Варсава, а по прекар Јуст, и Матиј; потоа се помолија и рекоа: „Ти, Господи, Кој ги познаваш срцата на сите, покажи од овие двајца еден, кого си го избрал, за да прими дел од оваа служба и од апостолството, од кое отпадна Јуда, за да си отиде на своето место!” И фрлија ждреб за нив, и ждребот падна на Матиј; и тој се вброи кон единаесетте апостоли. Дела 1, 12-17, 21-26.
Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Он Го објави. И тоа е сведоштвото на Јована, кога Јудејците испратија од Ерусалим свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си Ти?” Тој призна и не одрече, а објави: „Не сум јас Христос.” И го прашаа: „А што си? Илија ли си ти?” Одговори: „Не сум.” „Пророк ли си?” И одговори: „Не.” А тие Му рекоа: „Па кој си, за да можеме да им одговориме на оние, што нè испратија; што велиш за себе?” Тој рече: „Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го патот на Господа,” како што +вели пророкот Исаија. А испратените беа од фарисеите; И го запрашаа, велејќи: „Зошто тогаш крштаваш, кога не си Христос, ни Илија, ниту пророк?” Јован им одговори и рече: „Јас крштавам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. Он е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, и Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.” Ова се случи во Витавара, отаде Јордан, каде што крштеваше Јован. Јн. 1, 18-28
+++
Благовестејќи го Воплотувањето Господово, ангелот вели: „Радувај се, благодатна!“ Објавувајќи им го на пастирите Рождеството на Христа Спасителот, повторно вели: „Еве, ви јавувам голема радост!“ Но, известувајќи ги жените за Воскресението на Господа, ангелот вели само: „Стана, не е овде!“ Тој не додава: „Радувајте се“, зашто радоста сама по себе ќе ги исполни нивните срца штом се уверат дека Господ навистина воскреснал. Тогаш верата била опиплива, а Господ со Своето јавување ја допотполнил. И радоста кај сите била неисцрпна! Сека кај нас сѐ е украсен – и Црквата, и домовите и плоштадите. Сѐ е облечено во облека на радоста, и сите се обземени од општо радосно бликање. Но, ти потруди се својата мисла да ја одвоиш од надворешното и, собирајќи се во срцето, да ја примиш вистината на Воскресението во сета нејзина ширина, длабочина и висина, за да бидеш радосен не само надворешно, туку и во себе да го носиш духот на радоста, кој блика одвнатре како извор на светла вода што избива од недрата на земјата.
Св. Теофан Затворник
Извор: http://pravoslavie.mk.