Душевен мир се стекнува преку скрби. Писмото вели: Влеговме во оган и вода, и Ти нé изведе на слобода (Пс. 65:12). Патот на оние кои сакаат да Му угодат на Бога, минува преку многу скрби. Како ќе ги ублажуваме светите маченици заради страданијата што ги претрпеле за Бога, штом не можеме да истрпиме една треска?
Ништо не помага толку за стекнување на душевен мир, како молчењето и, доколку си во можност, непрестајно да разговараш со себси, а со другите – ретко.
Нема ништо поубаво од Христовиот мир, зашто со него се разбива секој бран на воздушните и земните духови. Бидејќи нашата борба не е против крв и плот, туку против началствата, против властите, против светоуправниците на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата (Еф. 6:12).
Знак за духовен живот е вдлабочувањето на човекот внатре во себеси и тајниот труд во неговото срце. Божјата благодат го осенува тој човек и тој отпрво е во состојба на мир, а по тој пат стигнува до небесна состојба; во мирна состојба, т.е. со чиста совест; а пак во небесното, кога неговиот ум ја созерцува во себеси благодатта на Светиот Дух, според Божјото слово: Неговото пребивање – (беше) на Сион…(Пс.75:3)
Може ли да не се радуваш, гледајќи го со своите сетилни очи сонцето? А колку порадосно е кога умот со внатрешните свои очи Го гледа Сонцето на правдата – Христос? Тогаш тој навистина со ангелска радост се радува. Токму заради тоа и апостолот вели: нашето живеалиште е на небесата… (Фил.3:20)
Оној, којшто неотклоно живее во состојба на мир, тој како со лажица ги црпи духовните дарби.
Светите отци, имајќи мирна состојба и осенувани од Божјата благодат, живееле долго.
Кога човекот ќе дојде до состојба на мир, тогаш тој може и за другите да излива од себеси светлина за просветување на разумот. До тогаш е потребно човек да ги повторува овие зборови на пророчицата Анна: Дрски зборови да не излегуваат од вашата уста… (1 Цар.2:3), како и зборовите на Господа: Лицемеру, извади ја прво гредата од своето око, и тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си (Мат.7:5).
Токму тој мир, како едно бесценето богатство, нашиот ГОспод Исус Христос го оставил на Своите ученици, кога пред Својата смрт рекол: Мир ви оставам; Мојот мир ви го давам (Јован 14:27). И апостолот исто вели за него: …и Божјиот мир, кој го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и мисли во Христа Исуса (Фил. 4:7); да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа… (Евр.12:14)
Затоа треба да ги сосредоточуваме сите свои мисли, желби и дела кон тоа, да го стекнеме Божјиот мир и секогаш, заедно со Црквата, да велиме: Господи! Ти ни даруваш мир… (Ис.26:12).
Извор: Православието
23-ти март 2018 лето Господово