Живеј со срцето на Небесата
Непрестајно внимавај да не згасне во тебе духовниот живот, духовното умување. Размислувај почесто за сето она што го читаш и пееш или слушаш во црквата, или понекогаш дома. Живеј со животот на светиите, со молитвата, со нивниот ум, нивните добродетели: кротоста, смирението, незлобливоста, нештедењето себеси и одрекувањето од себеси, од својот спокој, благосостојба и уживање заради љубовта Божја и ближниот, со трпението, храброста, борбата, нивната вера, надеж и љубов. Нека ви биде крстот стегнат и светилата – запалени! Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе што го чекаат својот господар да се врати од свадба (Лука 12, 35-36).
Ако читаш световни часописи и весници за да извлечеш што e од нив полезно за тебе како граѓанин и христијанин и семеен човек, тогаш најмногу и најчесто читај го Евангелието и делата на светите Отци, бидејќи за христијанинот е грев да чита световни дела, а да не чита дела боговдахновени. Ги следиш случувањата во надворешниот свет: не испуштај го од вид ниту својот внатрешен свет, својата душа: таа ти е поблиска и поскапоцена. Да се читаат само весници и часописи значи да се живее само со едната страна на душата, а не со сета душа, или да се живее само телесно, а не и со дух. Сѐ световно со светот ќе заврши. А светот поминува и похотите негови, сите потфати негови; а оној што ја извршува волјата Божја, останува довека (1. Јован 2, 17).
Пристрасноста кон предметите неминовно со себе повлекува ладење кон Бог и кон делата на своето спасение, ладење кон ближниот, или омраза и завист кон него, ако од него зависи дали некои работи ќе ни бидат дадени, а тој не ни ги дава, или доколку сме принудени ние да му дадеме нешто. Затоа, добро е да се биде потполно рамнодушен кон предметите за да нема ни најмал повод за непријателство кон ближниот што е голем грев. Биди над пристрасноста кон трулежниот, суетен и краткотраен свет; живеј со срцето на небесата и сакај ги тамошните непропадливи добра, подготвени за оние што Го љубат Бог и ближниот.
Свештеникот, како ангел Господов, треба да биде над сите страсти и вознемирувања на духот, сите световни пристрасности или неосновани стравови што доаѓаат од демонот; тој треба целиот да биде во Бог, само Него да Го љуби и само од Него да се плаши. Присуството на човечки страв подразбира дека тој сецело не се прилепил за Бог.
Не загледувај се в лице телесно, туку попрво со внатрешното око набљудувај го лицето на својата душа какво е: да не го изобличиле страстите; истерај ја таа грдотија со молитвата и солзно покајание. Не загледувај се во убавата облека, таа е пропадлива, туку во непропадливата облека на душата своја, каква е: дали е валкана или нечиста поради честите гревовни падови – тајни и јавни, и да се стекнеме со облека на душата од нетрулежна убавина на кротоста, смирението, целомудреноста и чистотата, милосрдието, правдата.
Свети Јован Кронштадски
4-ти март 2018 лето Господово