Премолчаниот грев е гнојна рана во душата. Како ние што го нарекуваме благодетел не тој, којшто го остава штетното во телото, туку напротив, оној којшто го вади надвор… така, очигледно е, дека да се крие туѓиот грев, значи да се подготвува смрт за болниот. Зашто е речено: „Осилото на смртта е гревот“ (Кор. 15,56). „Подобро отворено разобличување, отколку сокриена љубов (Изрек. 27,5). Ете зошто да не ги прикриваш гревовите кај другите, за да не станеш наместо братољубец – братоубиец. Не прикривај ги ниту гревовите во себеси. Зашто е речено: „Оној, што не се исцелува себеси од гревовите, брат му е на оној што се погубува себеси“ (Изрек. 18,9)… А ако за обраќањето на некого, како коринтски блудник, се покаже дека не е доволно да добие осудување и негодување од мнозина, тогаш на таквиот треба да се гледа како на незнабожец…
Го прашале Св. Василиј Велики: „Оној, што му допушта на другиот да направи грев, виновен ли е за гревот?“
– Тоа е јасно од зборовите на Господа, Кој рекол за Пилата: „Поголем грев има оној, што ме предаде на тебе“ (Јован 19,17).
А треба ли да молчиме, кога другите грешат?
– Дека тоа не треба да биде, гледаме од заповедите на Господа, Кој рекол во Стариот Завет: „Разобличи го ближниот свој и нема да ти се прими за грев поради тоа“ (Лев. 19,17).
Треба ли да го сметаме Сатаната за виновник за човечките гревови?
– Мислам дека Сатаната сам по себе никому не може да биде виновник за гревот… Тој ги користи природните движења, како што се обидувал да направи со Господ, кога дознал дека гладува (Мат. 4,3), и забранети страсти, како што постапил со Јуда… А дека и злото се раѓа во нас самите, тоа јасно го посочува Господ, кога вели: „од срцето излегуваат зли помисли…“ (Мат. 15,19). А тоа се случува со оние, кои поради небрежност ги оставаат во себеси необработени природните семиња на доброто… (Изрек. 24,30-31).
Извор: За борбата с греховете
Преземено од: Маран Ата