логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

sv.Justina

ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КИПРИЈАН И СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ДЕВОЈКАТА ЈУСТИНА


            Во времето на царот Дециј (Гај Месиј Трајан Дециј - 251 година по Христа) во Антиохија Сиријска живеел некој Кипријан, философ и надалеку познат магесник. Тој бил роден во Картагина, од родители незнабожци, кои уште од неговото детство го дале во служба на својот незнабожечки пагански бог Аполон. Во својата седма година Кипријан бил пратен при магесниците за да ја изучи магесничката вештина и мудроста демонска. А кога наполнил десет години, родителите го испратиле Кипријан на гората Олимп, да се усоврши во магесништвото, бидејќи оваа гора незнабошците ја нарекуваат престојувалиште на боговите, зашто на неа се наоѓаа огромен број на идоли, во кои живееле безброј демони. На оваа гора Кипријан ја изучи науката демонска до совршенство: бидејќи запознал разни демонски привиденија, научил да предизвикува промена во воздухот, да пушта молњи и дождови, да ги разбранува морските бранови, да предизвикува штета во овоштарниците, градините и полињата, да предизвикува болести и тешкотии на луѓето. Со еден збор, тој го изучи сепогубното мудрување и сезлодејството на ѓаволот. И таму тој видел безбројни демонски војски заедно со кнезот на темнината, кому едни демони му претстоеле, други му служеле, трети му воскликнувале, величајќи го својот кнез; други, пак, демони, беа праќани во целиот свет за да ги измамуват луѓето. Таму ги виде сите незнабожечки богови и богињи, кои всушност демони се, и различните сеништа и привиденија кои се јавуваат по залезот на сонцето. И кога наполнил петнаесет години, Кипријан за учители добил седум големи учители, кои, пак, им служеле на седумте планети. И од овие магесници тој дознал многу демонски тајни. Потоа отпатувал во градот Агра, каде што некое време и служел на богињата Ира, и од тамошниот магесник научил многу лукавства. Некое време Кипријан го поминал и во Тавропол, служејќи и на Артемида. И оттаму отпатувал во Лакедемонија, и таму научил со какви магии и привиденија може да се направи мртовците да зборуваат од гробовите.
Во својата дваесетта година Кипријан отпатувал во Египет и во градот Мемфис учел за големи зла и магии. Во својата, пак, триесетта година тој заминал при Халдејците, та изучувајќи го ѕвездословието (астрологијата) тој го завршил своето школување и отпатувал во Антиохија совршен во секое зло: и мајстор и магесник, и душегубец, голем пријател и верен слуга на кнезот на адот, со кого говорел лице во лице, преку кого се удостоил со голема чест. За тоа самиот вака велеше: Да ми верувате, јас го видов ѓаволот, бидејќи со жртви го умолив и го целивав и разговарав со него и со неговите слуги; и тој ме засака, и го пофали мојот ум, и пред сите рече: Еве го новиот Амвриј; брз на послушноста, достоен за нашиот дел. И ми вети дека после моето излегување од тело ќе ме постави за кнез, и дека за време на животот на земјата во се ќе ми помага; и ми даде една чета демони да ми служат. И кога заминував од него, тој повика кон мене: - Да бидеш храбар, ревносен Кипријане! И станувајќи ме испрати, така што сите негови слуги се чудеа. Затоа и сите негови кнезови, гледајќи какви почести ми укажува, беа многу услужливи кон мене. А лицето негово беше како цвет од трева; на главата имаше раскошен венец од злато и скапоцени камења, кои го осветлуваа целото поле; и неговата облека беше чудесна. Кога, пак, се завртуваше лево или десно, целото место се тресеше, и крај неговиот престол стоеја во голема покорност многубројни зли духови со разни чинови. Тогаш и јас целиот му се предадов, покорувајќи и се на секоја негова заповед.
Тоа го кажуваше и сведочеше Кипријан после своето преобратување во Христа, откако го напушти кнезот на злото и немирот и стана ученик на Кнезот на вечното добро и мирот.  Од тука јасно се гледа каков беше тој човек: пријател на демоните, чии сите дела ги правеше, пакостејќи на луѓето и измамувајќи ги. Бидејќи, живеејќи во Антиохија тој многу луѓе ги наведе на секакви гадни беззаконија и мнозина погуби со отрови и магии, и момчиња и девојки принесуваше за жртва демонска. И мнозина со своето магесништво ги научи на злото, тој направи едни да летаат во воздухот, други во лаѓи да пловат по облаците, трети да одат по вода. И од сите пагани (назнабожци, луѓе кои не го познаваат вистинскиот Бог и Творец на се што постои и Неговото откровение, туку веруваат во своите измислици и демонските лаги) тој беше почитуван и славен како најврховен мајстор и најмудар слуга на нивните гадни богови. А тој им помагал со демонската сила со која бил исполнет: на едни им помагал во нивните блудства, на другите во нивниот гнев, во непријателствата и одмаздувањето, на трети во зависта. И веќе целиот беше на дното на пеколот и во устата на ѓаволот, син на геената, заедничар на демоните и нивната вечна погибел. Но Господ, нашиот Отец Небесен и Неговиот Единороден Син и Светиот Дух, Кој не ја сака смртта на грешниците, според Својата неискажлива добрина и според Своето милосрдие, кое човечките гревови не можат да го победат, посака да го побара овој пропаднат човек и него, потонат во длабочините на пеколот да го извлече од бездната и да го спаси, и на тој начин на сите луѓе да го покаже Своето човекољубие, бидејќи нема грев кој Го победува Неговото човекољубие. А Господ го спаси Кипријан од неговата погибел на следниов начин:
  Во тоа време, пак, во Антиохија живееше некоја девојка, по името Јустина. Таа била родена од незнабожечки родители: од таткото Едесиј, идолопоклонички свештеник, и од мајката Клеодонија. Еднаш, девојката Јустина, откако станала полнолетна, седела дома крај прозорецот и при тоа таа слушнала слово спасително од устата на еден ѓакон Праилиј, кој минувал оттука и говорел за вочовечувањето на нашиот Господ Исус Христос, за Неговото рождество од пречистата Дева, Кој правејќи многу чудеса благоволи да пострада заради нашето спасение и ослободување од силите на злото, гревот, смртта и ѓаволот, и Кој воскресна од мртвите со слава, се вознесе на небесата и седна оддесно на Отца, и Кој царува вечно. Оваа проповед на ѓаконот падна на добра земја во срцето на Јустина и набрзо почна да донесува плод и да го искоренува во неа сето трње на неверието и паганското суеверие. Посака Јустина ѓаконот да ја научи повеќе и потполно, но девојчинскиот срам не и дозволуваше тоа да го направи. Но, сепак, таа тајно заминуваше за да биде заедно со Црквата Христова (έκκλησία, заедница на ученици Христови, новозаветен Народ Божји), и често слушајќи го словото Божјо, преку дејствието на Светиот Дух во нејзиното срце, таа поверува во Христос. Наскоро потоа таа и својата мајка ја приведе кон Христовото Евангелие (добрата вест за спасението и животот вечен во Царството Божјо), а потоа и својот стар татко го приведе кон верата. Тој, пак, гледајќи го умот на својата ќерка и слушајќи ги нејзините мудри зборови, размислуваше во себе: идолите се направени од човечки раце, и како можат да бидат богови кога немаат ниту душа ниту дишење? И дури така размислуваше, ноќта во сонот виде едно необично божествено видение: тој виде една голема војска на светлоносни Ангели, и среде нив беше Спасителот на светот, Господ Исус Христос, и слушна како Спасителот му вели: Дојдете при Мене, и ќе ви го дадам Царството Небесно.
Станувајќи од сонот, Едесиј веднаш тргна со жената и ќерката кај христијанскиот епископ Оптат (, надгледник, пастир и учител на Црквата, на учениците Христови; Дела. 20, 28), молејќи го да ги научи за Христовата вера и да ги подготви за светото крштевање. И му ги раскажа зборовите на својата ќерка и за своето видение на ангелите. Откако го слушна тоа, епископот се зарадува на нивното обратување и откако многу  им говореше за верата (според заповедтта Христова секој кој сака да се крсти и да учествува во вистината и силата на спасението треба да биде воведен во верата и во животот на Неговата Црква, а за малите деца гаранти - сведоци се нивните родители и восприемници - кумови; Матеј. 28, 18 - 20; Марко. 16, 16), тој го крсти Едесиј и неговата жена Клеодонија и ќерката Јустина. И причестувајќи ги со животодавното тело и крв на воскреснатиот Христос, тој ги отпушти во мир. И кога Едесиј се утврди во верата Христова, тогаш епископот, гледајќи ја неговата побожност, го ракоположи за презвитер (презвитерите- старешините, заедно со епископите и ѓаконите, се членови на служебното-ерархиско свештенство, додека останатите членови на Црквата се општо-царско свештенство; Марко. 13, 34; 1. Петрово. 2, 9). И Едесиј живееше добродетелно со страв Божји една година и шест месеци, и така во светата вера го заврши својот живот. Јустина, пак, добро се подвизу¬ваше во заповедите Господови, љубејќи Го својот женик Христос, и служејќи Му со срдечни молитви, во девственост и целомудрие, во пост и големо воздржување. А ѓаволот, кој го мрази човечкиот род, гледајќи го нејзиното живеење, и позавиде на нејзините добродетели, и започна да и напакостува, насочувајќи на неа различни беди и неволји.
Во тоа време во Антиохија живееше едно момче по името Аглаид, схоластик, син на богати и познати родители. Тој целиот живот го минуваше во сладостите и суетите на овој свет. При една прилика тој ја здогледа девојката Јустина како оди да се сретне со својата Црква за молитва, и се зачуди на нејзината убавина. И ѓаволот му фрли лоша мисла во срцето за неа, та разгорувајќи со страст кон неа, Аглаид започна на сите можни начини да се обидува да се запознае со неа и да ја добие нејзината љубов, та така чистото јагне Христово да го извалка во својата нечистотија.
Со таква цел тој ја пречекуваше девојката на местата каде што таа вообичаено поминуваше, па и дофрлаше соблазнителни зборови, ја фалеше и величаше нејзината убавина, и изјавуваше љубов, ловејќи ја на тој начин со заведувачки мрежи на блуд. Девојката се тргаше од него и бегаше, гнасејќи се од него, и не сакаше ниту да ги слуша неговите лукави зборови. Но момчето, не престанувајќи страсно да копнее за нејзината убавина, испрати при неа молба, дали би сакала таа да му биде сопруга. Таа му одговори: Јас имам женик - Христос, Нему Му служам, и својата чистота ја пазам; Тој и душата и телото мое ги чува од секаква нечистотија.
Слушајќи таков одговор од целомудрената девојка, Аглаид уште повеќе копнееше по неа, распалуван од ѓаволот. И бидејќи не можеше никако да ја прелести, тој намисли на сила да ја грабне. И собирајќи за помош распуштени момчиња, тој ја демнеше на патот, по кој обично одеше во црква на молитва. Гледајќи ја, тој ја грабна и насила почна да ја влече кон својот дом. А таа почна силно да вика, удирајќи го по устата и плукајќи го. Слушајќи ги нејзините повици, луѓето истрчаа од своите куќи и непорочното јагне, светата Јустина ја избавија од рацете на расипаното момче како од волчји челусти. Недобронамерните момчиња се разбегаа и Аглаид засрамен замина во својот дом. Не знаејќи што да направи повеќе, бидејќи злата страст растеше во него, Аглаид се реши за уште едно зло: тој отиде при великиот магесник и волшебник Кипријан, идолопокло¬ничкиот свештеник, му ја раскажа својата мака и замоли за негова помош, ветувајќи му многу сребро и злато. Слушајќи го сето тоа од Аглаид, Кипријан го утешуваше, ветувајќи му дека желбата ќе му ја исполни. Јас ќе направам, му рече тој на Аглаид, така што самата девојка ќе ја бара твојата љубов, и ќе копнее по тебе повеќе отколку што ти по неа копнееш. И така утешувајќи го, Кипријан го испрати полн со надеж.
Тогаш Кипријан се фрли на работа: ги отвори своите книги и повика еден од нечистите духови, за кого разбра дека може за брзо време срцето на Јустина да го запали со нечиста страст кон тоа момче. Демонот му вети дека тоа брзо ќе го направи, и со гордост рече: Тоа е лесна задача за мене, бидејќи јас многу пати со земјотрес ги затресував градовите, бедеми разурнував, домови разделував, устројував крвопролевања и таткоубиства, и големи непријателства и омраза меѓу браќата и сопружниците  нафрлав и мнозина желни за девственост во нечистотија ги фрлав. Монасите кои живееја во горите, кои големи пости држеа и никогаш за телото не помислуваа, јас со блудна копнеж ги запалував и ги учев да им служат на телесните страсти. Некои покајници, кои се беа од се одрекле, јас повторно кон првите зли дела ги враќав; мнозина целомудреници во блудодејанија ги фрлав, та зар сега една девојка да не ја намамам на љубов кон Аглаид? Но, зошто повеќе да зборувам? Јас наскоро со дело ќе ја покажам својата сила, само земи го ова лекарство (и му дал некаков полн сад) и дај го на тоа момче, да ја напрска Јустинината куќа, па ќе видиш што ќе се случи.
И штом го рекол тоа, тој замина. Кипријан го повикал Аглаид и го испрати тајно да ја напрска Јустининта куќа со ѓаволскиот сад. И кога тоа го направи, таму влегол демонот на блудот со разгорени стрели на телесна страст, за да го рани срцето на девојката со блуд, а телото нејзино да го запали со нечистата страст. Јустина, пак, имала обичај секоја ноќ да вознесува молитви на својот Господ. И кога таа, според својот обичај, во девет часот се молела вечерта, таа одеднаш почувствувала во своето тело како подувнување, а потоа и злата бура на телесната страст и запаленоста на огнот пеколен. И таа долго време била во оваа беда и внатрешно невреме: и на ум и дошло она момче Аглаид и се појавиле во неа лоши мисли. Но девојката се чудела и самата од себе се засрамувала, чувствувајќи како крвта и врие како во некој врел казан, размислувајќи за она од кое постојано се отстранувала како од некаква гадост. Но, бивајќи благоразумна, Јустина познала дека оваа бура во неа е причинета од ѓаволот, па веднаш го фатила оружјето - крсниот знак, и прибегнала кон Бога со топла молитва, и повикла од дното на душата кон Христа, својот женик, велејќи: Господи, Боже, мој, Исусе Христе! Ете непријателите мои станаа против мене, стапица приготвија за моите нозе и ја понизија душата моја, а јас си спомнав во ноќта за Твоето име, и се зарадував. И кога тие ми досадуваат, јас прибегнувам кон Тебе и се надевам дека мојот непријател не ќе се зарадува заради мене. Ти знаеш, Господи Боже мој, дека јас сум Твоја слугинка, и својата чистота за Тебе ја запазив, и душата своја Тебе Ти ја врачив. Затоа запази ја Твојата овца, Пастиру Добар, не предавај ме како плен на ѕверот кој бара да ме проголта, и дарувај ми победа над злата страст на моето тело!
И така светата девојка, долго и трпеливо стоејќи на молитва, го засрами ѓаволот, бидејќи тој, победен преку нејзината доверба во силата Христова и молитвата, побегна засрамен од неа. И во Јустина се врати спокојството во телото и срцето, и згасна страсниот пламен, и запре борбата, се смири зовриеноста на крвта. И Јустина му воздаде слава на Бога, пеејќи победничка благодарствена песна. А ѓаволот, пак, се врати при Кипријан со лошата вест за потполн неуспех. Тогаш Кипријан го запраша: Зошто не можеше да ја победиш девојката? Тој, пак, и не сакајќи ја кажа вистината, велејќи: Затоа што кај неа видов еден знак, од кого се исплашив, и не можев да ја победам.
Тогаш Кипријан го повика најбесниот демон и го испрати да ја искуша Јустина. Одејќи при неа, овој бес се нафрли врз неа уште пострашно од првиот, бидејќи нападна со сета сила. Но девојката се вооружа со сесрдечна молитва и покажа голем подвиг: се облече во кострет и своето тело го смируваше со молитва и пост, земајќи само леб и вода. И така скротувајќи ги страстите на своето тело, таа го прогони засрамен ѓаволот, кој, пак, како и првиот, се врати при Кипријан без никаков успех.
Тогаш Кипријан го повика еден од демонските кнезови и му раскажа за неуспехот на бесовите, кои не беа во состојба да победат една девојка, и молеше помош од него. Тој, пак, сурово ги укори бесовите затоа што не беа доволно запознаени со таа работа и затоа што не знаеја на каков начин да му направат на срцето на девојката да и биде мил блудот. Притоа тој го бодреше Кипријан со надеж, ветувајќи му дека самиот тој на поинаков начин ќе ја соблазни девојката. И заминувајќи од Кипријан, овој демонски кнез се претвори во жена, и така влезе кај Јустина. Откако седнаа, тој започна да зборува со неа за Светото Писмо, како божем да сака да го следи нејзиниот живот и чистота, распрашувајќи ја каква е наградата за таквиот строг живот и чистота. Јустина му одговори: Голема и неискажлива е наградата за оние што живеат во чистота, и големо чудо е тоа што луѓето воопшто не обраќаат внимание на оваа голема ризница како што е чистотата ангелска. Тогаш ѓаволот, обелоденувајќи ја својата бесрамност, започна вешто да ја искушува, велејќи: Тогаш на каков начин светот ќе постои? И како ќе се раѓаат луѓето? Ако Ева ја запазеше чистотата, девственоста, тогаш како ќе се намножеше човечкиот род? Без сомнеж, сопружништвото е добро, тоа го востанови Бог. И Светото Писмо го пофалува, велејќи: - Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло - чисто" (Евр. 13, 4). И мнозина светители Божји, зар не беа во брак, кој Бог на човека му го даде како утеха, та човекот, гледајќи ги своите деца, да се весели и да Го слави Бога?
Слушајќи ги ваквите вистинити, но со лукавство кажани зборови, Јустина го позна селукавиот заведувач ѓаволот, и го победи подобро од Ева: бидејќи не навлегувајќи со него во голем разговор, таа брзо прибегна кон пристаништето на крстот Христов: го стави на своето лице чесниот знак на крстот на кој Христос го победи непријателот на доброто, и своето срце го воздигна кон Бога, својот Женик, и ѓаволот веднаш исчезна уште повеќе посрамен отколку двата претходни демони. И тој, горд демонски кнез, дојде при Кипријан посрамен. И Кипријан, познавајќи дека и тој ништо не успеал, му рече на ѓаволот: Зар и ти не можеше да ја победиш девојката, ти моќен кнезу, поискусен од другите во ваквите вештини? Тогаш кој од вас може нешто да направи на она непобедливо девојчинско срце? Впрочем, кажи ми со какво оружје таа ви се спротивставува? И на каков начин вашата огромна сила ја претвора во немоќ? Тогаш ѓаволот, принуден од силата Божја, и наспроти својата волја призна и рече: Ние не можеме да гледаме во крсниот знак, туку бегаме од него, бидејќи како оган не запалува и далеку не прогонува. (крсниот знак изобразен со вера и во силата на Духот Свети им сведочи на демоните дека Христос на крстот, преку својата љубовна жртва, засекогаш го победи нивното зло, а на целото човештво му даде сила против нив)
Тогаш Кипријан многу се разлути на ѓаволот, затоа што му нанесе срам и се препираше со него, велејќи: Таква ли е вашата сила, една слаба девојка да ве победува? Тогаш ѓаволот, сакајќи да го утеши Кипријан, реши да го направи следното: се претвори во ликот на Јустина и отиде кај Аглаид, та тој мислејќи дека таа е Јустина, да ја исполни својата желба, та на таков начин не ќе биде обелоденета нивната ѓаволска немоќ, ниту, пак, Кипријан ќе биде посрамен. И кога ѓаволот во ликот на Јустина влезе кај Аглаид, тој скокна од неискажлива радост, и доближувајќи се ја прегрна и ја бакнуваше, велејќи: Добро ми дојде, прекрасна Јустина! Но штом Аглаид го изговори името Јустина, ѓаволот веднаш исчезна, не можејќи ниту името на Јустина да го слушне.
Аглаид многу се исплаши, па отрча кај Кипријан и го извести за се. Тогаш Кипријан преку своето магесништво му даде птичји облик и, давајќи му сила да лета во воздухот, го испрати во Јустинината куќа преку прозорецот да влета во нејзината одаја. И тој, во облик на птица летајќи во воздухот, носен од ѓаволот долета над Јустината куќа и сакаше да се спушти на неа. Но во тој миг се случи токму тогаш Јустина да погледне низ прозорецот, и ѓаволот штом ја виде, го остави Аглаид и побегна. Во тој миг исчезна и птичјиот привид во кој се наоѓаше Аглаид, та за малку тој не се искрши паѓајќи надолу, туку со рацете се фати за стреата на Јустината куќа и така висеше. И ако молитвата на света Јустина не го симна оттаму, тој сиромашкиот сигурно ќе паднеше и ќе се искршеше.
И така, доживувајќи потполн неуспех, Аглаид се врати кај Кипријан, и му ја раскажа својата мака. Кипријан многу се разочара, гледајќи се себе си посрамен. И надевајќи се во својата волшебничка сила, нему му се присака самиот да отиде кај Јустина. Затоа најнапред се претвори во жена, па потоа во птица. Но, тој се уште не се беше приближил до вратата на Јустинината куќа, а од него побегнаа привидот и лажниот лик на жена и птица, и тој се врати победен.
После тоа, за да го одмази својот срамен пораз, Кипријан со своето магесништво наведе маки на Јустината куќа и на куќите на сите нејзини роднини, соседи и пријатели, како некогаш ѓаволот на праведниот Јов: им умираше стоката, им правеше зло на слугите, а нив, пак, ги ставаше во неизмерна грижа. Јустина, пак, ја удри со болест, и таа легна во постела, и нејзината мајка плачеше околу неа. А таа ја утешуваше својата мајка, говорејќи и како Давид: - Нема да умрам, но ќе живеам и ќе ги разгласувам делата Господови" (Псал. 117, 17). Но, многу посрамениот Кипријан, во својот нексротлив бес, по допуштање Божјо заради покајание на народот, наведе неволји не само на Јустина и на нејзините роднини, туку и на целиот град. И настана помор меѓу стоката и големи болести меѓу луѓето. И по дејство на ѓаволот, низ целиот град се пронесе глас дека великиот мајстор Кипријан го казнува градот поради Јустина, бидејќи таа му се противи. И не мал број на угледни граѓани се собраа и отидоа при Јустина, и со гнев ја советуваа да не го огорчува повеќе Кипријан, туку да се омажи за Аглаид. А таа ги тешеше, уверувајќи ги дека наскоро ќе исчезнат сите неволји, кои Кипријан ги нанесува преку демоните. И така се случи. Бидејќи кога света Јустина срдечно се помоли на Бога, веднаш ја снема сета сила демонска и сите се исцелија од раните и од болестите оздравија. Тогаш луѓето, изменувајќи се, започнаа да Го прославуваат Христа и да го исмејуваат Кипријан и неговата волшебничка вештина, така што Кипријан од голем срам ниту меѓу луѓето се појавуваше, ниту со пријателите се среќаваше.
Јасно убедувајќи се дека на крсниот победоносен знак и на Христовото име ништо не може да им одолее, Кипријан си дојде при себе и му рече на ѓаволот: Погубнику и измамнику на сите, ризницо на секоја нечистотија и гадост, сега се уверив во твојата немоќ. Бидејќи кога од сенката на крстот се плашиш и од името Христово трепериш, што ли ќе направиш кога Христос ќе дојде против тебе? Кога не си во состојба да ги победиш оние што само го изобразуваат крстот на себе, тогаш  како барем некого ќе грабнеш од рацете Христови? Сега разбирам кој си ти, ништо, и ништо не можеш, бидејќи немаш сила за одмазда. Се прелажав, пак, јас, бедникот, што те послушав и што се доверив на твојата измама. Затоа, отстапи од мене, проклетнику! Отстапи! Оти треба да ги молам христијаните да се смилуват на мене. Треба да прибегнам кон благочестивите, да ме избават и да се погрижат за моето спасение. Заминувај, заминувај, беззаконику, непријателу на вистината, противнику и мразителу на секое добро!
Слушајќи го тоа, ѓаволот се фрлил врз Кипријан за да го убие. И зграбувајќи го, започна да го удира и дави. А Кипријан, немајќи од никоја страна помош,  не знаејќи како да си помогне, и веќе одвај жив, се сети на крсниот знак, со кој Јустина се противеше на сета сила на ѓаволот, и рече: Боже на Јустина, помогни ми! И кревајќи ја раката се прекрсти, и ѓаволот веднаш отскокна од него како напната стрела. И Кипријан земјаќи воздух, се исполни со смелост и повикувајќи го името Христово го ставаше на себе крсниот знак и машки се противеше на ѓаволот, проколнувајќи и карајќи го. А ѓаволот, стоејќи далеку од него и не смеејќи да му се приближи поради крсниот знак и поради името Господово, грозно му се закануваше, велејќи: Не ќе те грабне Христос од моите раце! И многу бесен на Кипријан, ѓаволот рикна како лав и замина.
Тогаш Кипријан ги собра сите книги за своето магесништво, па поита кај христијанскиот епископ Антим, и паѓајќи пред неговите нозе го молеше да се смилува на него и да го подготви за свето крштевање. Епископот, пак, знаејќи дека тој е голем и страшен магесник, сметаше дека тој дошол кај него за да го измами, па затоа го одбиваше велејќи: Многу зла правиш меѓу паганите, немој уште повеќе да правиш кај христијаните, за набрзо да не загинеш. Тогаш Кипријан се по ред му раскажа и му ги даде во раце своите книги за да ги запали (види Дела. 19, 19). Гледајќи го неговото смирение, епископот го посоветува и го научи на светата вера и му наложи да се подготви за крштевање. Неговите книги, пак, тој ги запали пред сите  христијани во градот.
Заминувајќи, Кипријан со скрушено срце ги оплакуваше своите гревови и посипувајќи ја со пепел својата глава тој чинеше покајание и повикуваше кон вистинскиот Бог за очистување на своите беззаконија. Утредента наутро тој отиде во молитвениот дом, во кој се собираше Црквата Христова од тој град, и со радосна утеха го слушаше словото Божјо стоејќи меѓу верниците. Тогаш ѓаконот им наредил на огласените (катихумени, оние кои се подготвувале за крштевање) да излезат надвор, велејќи: Вие кои сте огласени, излезете! И додека другите излегувале, Кипријан не сакаше да излезе, туку му рекол на ѓаконот: Јас сум слуга Христов, немој да ме гониш оттука. А ѓаконот му одговорил: Бидејќи не си сеуште крстен, и како таков неможеш заедно со верните да се причестуваш со Телото и Крвта Христови од Неговата трпеза, ти мораш да излезеш. Кипријан му одговорил: Жив е Христос, мојот Бог, Кој ме сочува од ѓаволите и ме помилува, Кој и девојката Јустина ја запази чиста, не ќе ме истераш од Црквата се дури не станам целосен христијанин. Тогаш ѓаконот го известил епископот за тоа. А епископот, гледајќи ја Кипријановата срдечност и загреаност на срцето за верата Христова, го повика кај себе и веднаш го крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Дознавајќи за тоа, света Јустина вознесе голема благодарност кон Бога, и многу милостиња им подели на сиромашните, и дарови на Црквата подари. А епископот во осмиот ден го произведе Кипријан за чтец, во дваесетиот за ипоѓакон, а во трисетиот за ѓакон. По истекот, пак, на една година го ракоположи за презвитер . Променувајќи го начинот на својот живот Кипријан од ден на ден го поминуваше тесниот пат на својот живот, постојано плачејќи поради своите поранешни зли дела, и напредувајќи од сила во сила и од добродетел во добродетел. Наскоро потоа тој беше поставен за епископ. И во тој чин тој покажа таков живот, така што се изедначи со мнозина велики светители, мудро пасејќи го стадото Христово. Светата Јустина епископот ја постави за ѓакониса и ја произведе за игуманија над другите христијански девственички. И игуманијата Јустина со својот живот и поуки обрати мнозина незнабошци од идолослужењето и ги приведе и присоедини со Христовата Црква. И така исчезнуваше служењето на идолите, а славата Христова се умножуваше.
Гледајќи го таквиот живот на свети Кипријан и неговата грижа за верата Христова и за спасението на човечките души, ѓаволот чкрташе со забите кон него, и ги поттикнуваше незнабошците да го оптужат пред владетелите на источните покраини дека тој не ги почитува нивните богови и мнозина луѓе ги одвраќа од нив, а затоа, пак, Го слави Христа, Кој е противник на боговите. И се собрале незнабошците, и дошле при тамошниот владетел на источните покраини Евтолмиј, и ги наклеветија Кипријан и Јустина, оптужувајќи ги за многу нешта, како биле против боговите и против царот и против сите власти, и како го измамуваат народот приведувајќи го во верата во Христа Распнатиот. И го молеа владетелот двајцата да ги казни со смрт, и Кипријан и Јустина.
Штом го слушна тоа, владетелот Евтолмиј нареди да бидат фатени Кипријан и Јустина и да ги затворат во зандана. И кога тргна за Дамаск, Евтолмиј нареди да ги поведат со нив, бидејќи сакаше таму да им суди. Стигнувајќи во Дамаск, Евтолмиј седна во судницата и пред него ги изведоа Христовите затвореници, Кипријан и Јустина. И тој го запраша Кипријан: Зошто ја промени својата поранешна слава, бидејќи најнапред беше познат служител на старите богови на кои мнозина луѓе им приведуваше? Тогаш свети Кирпијан му раскажа се по ред: како ја увиде немоќта и лагата на демоните и ја позна силата на Христа Бога, од Кого сите демони се плашат и се тресат, и за тоа дека демоните исчезнуваат од победоносниот крсен знак, и за тоа како тој беше обратен кон Христа, за Кого е подготвен веднаш да умре. Мачителот не ги зема сериозно зборовите на свети Кипријан. И бидејќи не беше во состојба да одговори на Кипријановите зборови, тој нареди светителот да го обесат и да го стругаат неговото тело, а светата Јустина да ја удираат по устата и очите. Долго мачени на таков начин, тие постојано го исповедаа Христа и со благодарност се истрпуваа. Потоа мачителот ги врза во затворот и се обиде со слатки зборови да ги придобие во идолопоклонството. А кога не успеа во тоа, тој нареди да ги фрлат во еден врел казан, но казанот што вриеше воопшто не им наштети, и тие како во ладовина Го славеа Бога. Гледајќи го тоа, еден идолски свештеник по името Атанасиј изјави: И јас исто така во името на богот Асклипиј ќе влезам во овој оган и ќе ги посрамам овие магесници. Но штом се допре до огнот, тој веднаш умре. Гледајќи го тоа, мачителот се исплаши, та не сакајќи повеќе да им суди, тој ги испрати при царот Клаудиј во Никодимија, со целосен писмен извештај за нив. Царот ги осуди да бидат пресечени со меч. И кога ги доведоа на губилиштето, Кипријан замоли за себе време за молитва. Но тоа го направи за да биде Јустина погубена пред него, бидејќи стравуваше да не се исплаши Јустина гледајќи ја неговата смрт. А Јустина весело ја наведна под мечот својата глава и замина при својот Женик - Христос. Еден, пак, човек, по име Теоктист, кој стоеше таму и ја гледаше смртта на овие невини човечки суштества, се нажали за нив, па разгорувајќи во духот кон Бога, тој пријде до свети Кипријан, целивајќи го и изјавувајќи дека и тој е христијанин. И веднаш Теоктист беше осуден да биде пресечен со меч заедно со Кипријан. И така погубени, тие ја предадоа својата душа во рацете Божји за време на царот Диоклецијан ( владее од 284  до 305 година по Христос). Нивните тела лежеа шест дена несохранети. Некои, пак, странци, кои беа таму, тајно ги зедоа нивните тела и ги однесоа во Рим. Во Рим ги предадоа на една чесна и света жена Руфина, роднина на цезарот Клаудиј. Таа чесно ги сохрани телата на светите маченици Христови: Кипријан, Јустина и Теоктист. На нивниот гроб се случуваа многу исцеленија на оние кои доаѓаа. Пофално слово во спомен на свештеномаченикот Кипријан и светата маченица Јустина кажа и големиот учител на Црквата Христова светиот  Григориј Богослов (329 - 390) .
Преку молитвите на овие свети маченици Господ, нашиот Отец Небесен преку Неговиот Син во Светиот Дух и во светата Црква, да ги исцели нашите телесни и душевни болести и да не извлече и ослободи од сите душоубиствени мрежи демонски што тие ги фрлаат врз нас преку суеверието, идолопоклонството, магијата и окултизмот. Амин.

 

Подготвил: Ивица Тодоров

Посети:{moshits}

          

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3210
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7694
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

21/12/2024 - сабота

Божикен пост (на риба)

Преп. Патапиј; Св. апостоли Состен, Аполос, Тихик, Епафродит, Онисифор, Кифа и Кесар; Св. маченици во Африка;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Тропар на светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици 28 ноември / 11 декември 2024

Тропар на светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици 28 ноември / 11 декември 2024

Голема пофалба и крепост има градот Тивериски,ерарсите, свештениците и левитите: зашто откако идолската прелест ја разобличија, победници над нечестивите се...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная