– Постои идеја која го издигнува монашкиот живот над мирјанскиот, дека вистинска духовност има само кај монасите, а на мирјаните како максимум им е достапно нешто помало. Јас имам многу пријатели што не сакаат да стапат во брак, но истовремено не сакаат ниту да примат постриг. Честопати се чини дека постои изборот: „или ова, или она.“ Сум слушала како еден духовник има кажано дека, ако не планираш да стапиш во брак, тогаш треба да заминеш во манастир. Ме интересира, што мислите околу идејата на повик кон осамен живот или за повторно откривање на живот вон манастирска традиција, притоа без особени намери да се стапи во брак.
– Ова е многу добро прашање. Всушност, реалноста е таква (без оглед на тоа, кој како се однесува кон овој факт), дека во нашите храмови има многу безбрачни луѓе.
Во моите видеа, често се обраќам токму на таквите самци. Нормално, во мојот универзитет има студенти, така што честопати сум во контакт со безбрачни луѓе. Во суштина, ние треба да се научиме да говориме на одреден јазик и да ја признаеме реалноста на оние конкретни луѓе што се во Црквата, од коишто многумина се безбрачни. Ова е нешто што очигледно Господ го испраќа на многу луѓе во наше време, тоа едноставно е факт на нашиот живот. И ние треба да пораснеме и да сфатиме дека човекот не секогаш се вклопува во некоја одредена категорија.
На пример, јас никогаш не мислев дека ќе живеам во град вон манастирските ѕидини, воопшто не се стремев кон тоа. Напротив, помнам кога имав дваесет и неколку години, разговарав со мојот духовник и му кажав дека знам дека ќе бидам затворничка. Сè имав промислено и испланирано, каде ќе ми бие прозорчето итн. Така си замислував… А тој само велеше: „Ќе видиме што ќе ни испрати Господ.“
Затоа постојано за животот велам „сега“ и имено онаму каде што Господ ме поставил. Ти си му потребен на Господа токму таму каде што си. Секогаш може да ни се чини дека некаде на друго место тревата е позелена. Честопати луѓето се сами, затоа што сè уште не го сретнале својот човек. И што да се прави тука? Да се оди ли на оние сајтови за запознавање?
Луѓето можат силно да очајуваат, но животот е сега, прифаќањето на реалноста и подготвеноста за тоа бара големо смирение. Ти не си херој, ниту τύπος (на грчки „тип“). Ти не си тип, вид, ти не си ова ниту она, не се вклопуваш во определени рамки и тоа многу смирува, бидејќи можеби луѓето ќе помислат: „Зошто не е оженет?“ или „Бог знае колку години има, а сè уште не е во брак. Нема смисла“. Тоа е тешко и понекогаш е потребно да се прифати.
Во едно од своите видеа говорев за тоа – тоа е „амбивалентна ситуација“. Понекогаш Бог ни испраќа амбивалентност, т.е. неодреденост, и таа нè избезумува, затоа што ние сакаме да ги контролираме работите. Всушност, ние не ја сакаме Божјата волја за нас, сакаме да контролираме, сакаме да кажеме: „Се гледам себеси како некаков византиски херој од 8 век, ќе го правам ова и ова, за да се спасам.“ Не. Едноставно живеј со она што Бог ти го праќа. Еве што ти пратил Он. Он ти ги испратил токму овие луѓе и овие ситуации, а не други. Погрижи се да го прифатиш тоа и тогаш ќе видиш што Он ќе ти прати понатаму. Ова сознание може да ни го промени животот.
А кон тоа може да нè приведе секојдневната молитва. Но тоа е постојан труд, бидејќи не секој ден сме подготвени да прифаќаме такви нешта. Понекогаш сме вознемирени, понекогаш во нас се појавува благодат која не исходи од нас самите и ни дозволува сосема поинаку да ги восприемаме тие нешта. И сето тоа го прави животот една многу интересна и поучна авантура!
сестра Васа Ларин
Подготвил: Георгиј Глигоров