По осум години поминати во македонските манастири, Отец Јосиф, како втор најмлад Владика го презема митрополитскиот жезол на новата Кумановско-осоговска епархија. Како и сите владици од помладата генерација во Синодот на МПЦ предсебе го има предизвикот да стои во одбрана и зачувување а историските придобивки на Македонската православна црква, но и предизвикот на новото време. Во саботното интервјуото за Прес24, отец Јосиф вели дека во Синодот на МПЦ постојат различни ставови и мислења за одредени прашања, но за суштинските елементи од животот на црквата постои единство.
-Мораме да одиме во чекор со она што значи продобивка на новото време. Мораме да го менуваме и пристапот и комуникацијата, ако сакаме да бидеме слушнати, вели за Прес24, новоизбраниот Митрополит г. Јосиф.
- За некакви отстапки од она што значи автокефален статус на МПЦ, не станува збор, дури и по цена да нѐ нема, дециден е Кумановско-осоговскиот Митрополит, потенцирајќи дека автокефалноста на МПЦ-ОА не е идеја, туку реалност, која ќе мора да ја прифати православниот свет.
Митрополитот г. Јосиф вели дека МПЦ мора да биде отворена за младите и многу повеќе да работи на нивното придобивање, бидејќи на младиот човек во Македонија му е потребно враќање на моралот во врвот на изградбата на една личност
- Промашувајќи ја целта на своето постоење, а тоа е заедница со Бога и ближниот, човекот (а особено младиот човек) се дави во својот сон за создавање на општество без Бога, претпоставувајќи си ги своите страсти за богови: и така се раѓаат сите девијации, авантури во глупоста, како што ги нарекува еден современ светител, или таа ерозија на моралот, како што Вие ја нарековте, вели за Прес24, Митрополитот г. Јосиф, потенцирајќи дека “Наместо да се надминеме себеси и следејќи го учењето што го проповедаме, на нашиот ближен да гледаме како на наш брат, ние сме робови на средината што нѐ окружува”.
- Би рекле дека државата како да не ја разбира состојбата во која се наоѓа младината, состојба од која првиот чекор кон подобрување е веронауката. Моралните и етичките постулати кои произлегуваат од живата вера во Живиот Бог, значително можат да го подобрат поведението на младиот човек. Еве влегуваме во третата деценија градејќи ново општество - демократско, во кое, спротивно на претходното, се промовира апсолутна слобода во однесувањето. И повторно, сме сведоци на обидите да се изгради општество без Бога. Се чини како нашето општество повторно да ја промашува целта, вели во саботното интервју за Прес24, Г. Јосиф
За критиките од јавноста дека Црквата малку прави за општествените потреби на младите и дека Владиците всушност стануваат една елита во државата, г. Јосиф во интервјуто анализира дека “на верниот народ во Македонија му е јасно дека владиците не се никаква елита, ниту пак претендираат да бидат некаква елита”.
- Свесни сме за континуираните обиди да се дискредитираат повеќето архиереи, и ваквите претенциозни конструкции не се ништо ново кај нас. Ако во минатото битката се водеше да се дискредитира Црквата во целина, со пропагирањето на атеизмот - а таа битка ја изгубија, денес постои обид преку владиците да се дискредитира Црквата - и таа битка ќе ја изгубат., вели за Прес24, Кумановско-осоговскиот митрополит.
Г.Јосиф во Синодот на МПЦ доаѓа од монашките редови на црквата. За обновата на монаштвото во Македонија вели дека го положило тестот на времето.
-Самиот историски факт дека монаштвото во МПЦ не постои од пред петнаесетина години, туку е составен дел на Црквата на овие простори, јасно кажува дека тоа е желба на поединци својот живот, во слобода, целосно да Му го посветат на Бога. Уверен сум дека денес тоа го разбраа сите, вели во саботното интервју за Прес24, г. Јосиф Митрополит Кумановско-Осоговски.
ПРЕС24: Доаѓате како прв Владика на тронот на новоформираната Кумановско-Осоговска епархија, која беше дел од поранешната Полошко-кумановска Митрополија. Кои се приоритетите на кои ќе се фокусирате?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Ако знаеме дека во животот на секој архиереј нема ништо лично или приватно, туку сиот негов живот е живот за Црквата, едно надвремено и мистично сораспнување со Христа, јасно е дека тој треба да се грижи за доверената епархија во целост, за секој еден верник поодделно. Иако физички не може да биде присутен на секое место од доверената епархија, тој сепак будно бдее над секој сегмент од она што значи вистински живот на една литургиска заедница во Христа, остварена на еден конкретен простор.
Динамиката на современието е таква, што од Црквата се очекува да даде насока, ако не и одговор, за вечноактуелните прашања и предизвици со коишто се соочува човекот. Одговорот, пак, на Црквата е Еден и Ист: Христос, кој е ист вчера, денес и утре.
Имајќи го ова на ум, би рекол дека единствен приоритет, единствена платформа, или пак, кажано со јазикот на Црквата, камен аголен врз којшто би можеле да градеме и придонесеме за животот и доброто на народот и епархијата што ни се доверени е токму Тој, Христос, нашиот Господ.
ПРЕС24: Ако добро сум информиран оваа епархија е една од ретките во МПЦ без живи манастири. Под живи подразбираме со монашко братство или сестринство. Влегува ли во Вашите приоритети создавање монаси во оваа епархија, бидејќи манастирите се за тоа, а впрочем така и најдобро се одржуваат?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Главната делатност на монаштвото е молитвата, а смислата на монашкиот живот се открива во љубовта кон Бога и заедницата со Него. Впрочем, монаштвото е тајна, тоа е плод на покајанието на еден народ, а покајанието е можно само со вистински духовен живот. Приближувајќи ја евангелската вера до секоја верна душа во Кумановско-осоговската епархија, сеејќи го семето Христово, нешто што е приоритет уште од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ, веруваме дека ќе се разбуди желбата за монашки живот кај некои христијани.
Искрено, се надеваме и веруваме дека набрзо ќе успееме да создадеме услови за возобновување на неколку древни монашки источници во оваа епархија. Но, при тоа на ум треба да ни биде суштината и целта на монаштвото, односно, мораме да знаеме дека целта на монаштвото не се состои во одржување и сервисирање на градбите во манастирите.
Би сакале уште и да нагласиме дека изминатите години токму од ова поднебје се родиле повеќе монаси и монахињи, дури и тројца архиереи на МПЦ - Митрополитот Тимотеј и митрополитот Иларион, како и поранешниот европски митрополит Горазд.
ПРЕС24: Последните петнаесетина години, со интензивирањето на монаштвото, МПЦ заокружува уште еден многу значаен елемент во својот живот, што ја зацврстува нејзината самобитност. На почетокот заминувањето в манастир многупати беше проследен со негодување, па разни приказни за тоа што се случува и како се случува во манастирите. Каква е денеска перцепцијата за македонското монаштво?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Секоја промена е тешка и на почетокот предизвикува отпор и страв. Тоа е така, зашто човечкото срце е навикнато на тоа што му е секојдневно и на тоа што му познато, и како да не сака да размислува за промени и новини. Луѓето стануваат инертни, а таа интертност се пресликува и во нивното поимање за духовниот живот. Така беше и кога една поголема група млади луѓе, ранети од љубовта Христова, се одлучи во еден момент да замине во манастир. Би можеле да речеме дека тогаш сите ние искусивме што значат Христовите зборови: „Блажени сте вие кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно, заради Mене. Радувајте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата.“
Но, со текот на времето сите оние кои што беа вчудовидени од таквата „појава”, разбраа дека тука нема ништо чудно или необично, уште помалку лошо, па денес таа тема е симната од листата на сензации. Обновата на монаштвото во Македонија го положи тестот на времето. Самиот историски факт дека монаштвото во МПЦ не постои од пред петнаесетина години, туку е составен дел на Црквата на овие простори, јасно кажува дека тоа е желба на поединци својот живот, во слобода, целосно да Му го посветат на Бога. Уверен сум дека денес тоа го разбраа сите.
ПРЕС24: Што е она што е пресудно за една личност да го напупшти секојдневието и да се приклони кон Бога, да постане негов свидетел, служител? Ве прашувам, затоа што многумина сметаат дека заминувањето в манастир на една млада личност е всушност бегање од земските проблеми?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Според отците на Црквата, монахот е човек кој оди од темнина во светлина, од робување кон восинување, од времето кон вечноста. Стекнувајќи го мирот, спасувајќи се, околу него се спасуваат уште илјадници други.
Една личност се одлучува да замине во манастир тогаш кога ќе одговори на повикот, на животот да му се посвети од еден поинаков аспект. Да бидеш монах значи да го разбереш светот преку Христа и да посакаш целиот свет да се спаси, да се посветиш на молитва за сите, да ги љубиш сите, да си подготвен да се одречеш од себеси, за да можеш целосно да се предадеш на Христа за другите. Само тие што можат да ја разберат оваа љубов, можат да го разберат монаштвото, кое не значи бегање од проблемите, туку напротив, фаќање во костец со нив.
ПРЕС24: Ваше Високопресовештенство, честопати насловните страници на медиумите ги полнат настани во кои се почесто главни актери во тие настани се млади, неретко малолетници. Сето тоа зборува за еден вид ерозија на моралот кај младите во ова општество. Каде Вие ги лоцирате причините за се поголемиот набој на негативна, отколку позитивна енергија, кај младиот човек?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Живееме во свет којшто се оддалечува од Бога и упорно бега од Него. Во таквиот свет владеат искривени морални вредности, ако воопшто можеме да ги наречеме вредности. Денес, на сѐ она што ги храни нашите извитоперени страсти се гледа како на доблест. На добродетелите пак, а особено на покајанието, се гледа единствено во контекст на каење по испуштените прилики за задоволување на горенаведените страсти.
Литургиската димензија на човекот, пак, е презрена, и речиси никој не се сеќава дека човекот е homo liturgicus. Токму тука би ги лоцирале причините за овие предизвици пред кои е исправен нашиот млад современик. Промашувајќи ја целта на своето постоење, а тоа е заедница со Бога и ближниот, човекот (а особено младиот човек) се дави во својот сон за создавање на општество без Бога, претпоставувајќи си ги своите страсти за богови: и така се раѓаат сите девијации, авантури во глупоста, како што ги нарекува еден современ светител, или таа ерозија на моралот, како што Вие ја нарековте.
ПРЕС24: Ако општеството, државата не успева да најде начин како да го врати моралот, етиката како карактеристика на една млада личност, тогаш може ли Црквата и на кој начин да помогне во овој домен?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Ние како генерација бевме сведоци на распадот на едно политичко уредување кое се обиде да опстои во светот потпираќи се само на сопствената идеја за моралност и етичност. Но, исто така еве влегуваме во третата деценија градејќи ново општество - демократско, во кое, спротивно на претходното, се промовира апсолутна слобода во однесувањето. И повторно, сме сведоци на обидите да се изгради општество без Бога. Се чини како нашето општество повторно да ја промашува целта.
Од друга страна, Црквата ниту била, ниту е, ниту пак ќе биде немоќен набљудувач на борбата што се води во животите на оние што ѝ се доверени. Таа Му следува на Христа Кој упорно тропа на вратата на човечките срца, чекајќи нивните души да се разбудат. Нејзиниот одговор е над унифицираните модели на моралност и етичност кои ни се нудат, а кои не можат да ја задоволат метафизичката жед за смисол и љубов. А тој одговор ги чека сите оние кои ќе одговорат на апостолскиот повик: „Дојди и види“.
ПРЕС24: Зошто верските заедници, пред се МПЦ и ИВЗ, како најголеми многу малку прават за соживотот? Како да недостасува заедништво. Не мислите ли дека е потребен еден поширок поттик меѓу двете верски заедници за подобро запознавање на различниот?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: За жал, предрасудите коишто владеат во секојдневниот живот се пресликуваат и меѓу нас. Наместо да се надминеме себеси и следејќи го учењето што го проповедаме, на нашиот ближен да гледаме како на наш брат, ние сме робови на средината што нѐ окружува.
Можеби многумина нема да се согласат со мене, но јас секогаш проблемот го барам прво во себе и мислам дека само тогаш кога ќе започнеме да се менуваме прво ние самите, како што вели свети Климент Охридски, да работиме на нивата на своето срце, тогаш можеме да бараме и другите да се променат. За таквата промена, не ни е потребна помош и поттик од надвор, самите треба да ѝ погледнеме на реалноста во очи и да се соочиме со неа.
ПРЕС24: Ќе беше ли денес младиот човек во Македонија многу поплн со толеранција, со љубов, со морал, ако изминативе дваесет години во образовниот систем постоеше вероучението како предмет? Ве прашувам, бидејќи многу анализи покажуваат дека на македонскиот образовен систем му недостасува, еве веќе трета децени воспитната компонента во оформувањето на младата личност?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Ниедно знаење не е штетно. Па и вероучението, ако беше присутно во нашиот образовен систем, сигурно ќе придонесеше во образованието на младите. Парадоксално е системот што се стреми да ги образува младите, да не им дозволи на истите тие млади луѓе да осознаат нешто повеќе за Првообразот, или Архетипот, ако сакате.
Би рекле дека државата како да не ја разбира состојбата во која се наоѓа младината, состојба од која првиот чекор кон подобрување е веронауката. Моралните и етичките постулати кои произлегуваат од живата вера во Живиот Бог, значително можат да го подобрат поведението на младиот човек.
ПРЕС24: Доаѓаат ли младите в Црква?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Постепено, но сигурно, младите започнуваат да ги следат примерите на своите претци, да ја откриваат верата на своите татковци. Храмовите сѐ повеќе стануваат место каде што младите ја откриваат тајната на животот. Нам ни претстои огромна и сериозна задача, да ги пречекаме во храмовите, но и да им пристапиме пред да дојдат во храмот. Тоа ќе можеме да го направиме само ако нѐ препознаат како дел од нив, како свои, како луѓе кои сме од нивната средина.
ПРЕС24: Имам чувство како понекогаш, особено Владиците, еве да бидеме попрецизни, оние од постарата генерација, некако со свои постапки како да ги туркаат малдите од црквата. Дали е тоа до неможноста да се разбере потребата на младите, дали е тоа од цврстото наметнување на црковните канони? Например еве псоледната е онаа, условно речена смешна одлука за забрана за користење на фејсбук, или пак една изјава на еден владика околу улогата на жената во семесјтвото?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Не би се согласил дека повозрасните Владици ги туркаат младите од Црквата. Нормално е секоја генерација полесно да може да комуницира со луѓето од својата генерација. Знаејќи го тоа, Црквата во своите редови вклучува архиереи и свештеници од различни генерации, за секој да може да придонесе со своите две лепти. Со ова не сакам никого да го оправдам и никого не сакам да го осудам, едноставно можам да ги разберам ставовите на секого. Инаку, одлуката за фејсбукот ја сметам како корисна доколку се разбере како предупредување да не отстапиме од она што претставува наша примарна задача, она едно потребно. Со таа одлука, ние само забранивме одредени дејства, а не забранивме средство.
Во врска со улогата на жената во семејството, сакам само да потенцирам дека жената никогаш не може да биде рамноправна со мажот, исто како што мажот не може да биде рамноправен со жената. И мажот и жената, од Бога се создадени како различни, секој со свои посебни дарови. Но, пред Бога и двајцата се еднакви, никој од никого не е поголем.
ПРЕС24: Кога зборуваме за модернизација на црквата,секако дека не станува збор за напуштање на традицијата и учењата, меѓутоа многумина се свесни дека нешто мора да се менува. На пример комуниакацијата со верниците, со младите, со различните од себе?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Секое време си носи свои предизвици. Јас на интронизацијата истакнав дека мораме да ги користиме сите техничко-технолошки придобивки на науката, и останувам на ставот дека мораме да одиме во чекор со она што значи продобивка на новото време. Мораме да го менуваме и пристапот и комуникацијата, ако сакаме да бидеме слушнати.
Црквата во минатото била главен двигател на науката, и младите се обраќале кон неа за да бидат во тек со современиот начин на живот. Конечно, Црквата го ослободила човекот од робувањето на природата, и истата ја направила предмет на научно истражување, а не обоготворување, како што било до тогаш. Но, денес работите значително се променети. Денес ние од Црквата мораме да ги следиме придобивките на науката и технологијата ако сакаме да сме близу до младите и мислам дека засега успеваме во тоа.
ПРЕС24: Знаете, пред... чинам осум години, кога МПЦ за прв пат во редовите на Синодот ги избра првите тројца владици на новата генерација, ние медиумите тоа го оценивме како “Воскреснување на Синодот”. Пред се поради тоа што, и Пимен и Методиј и Климент, до владичкиот чин стасаа по еден пат кој значеше изградени црковни личности. Еве подоцна на таа група се приклучувате и Вие, Јосиф, Иларион. Денес во САС на МПЦ има повеќе “свежа крв”, а некако како повторно да недостасуваат идеи.
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Синодот на нашата Црква не го сочинуваат неслободни робови, туку слободни личности, архиереи. Како такви, ние може да имаме не секогаш исти идеи или согледувања на работите, и на тоа гледаме како на можност за конструктивен дијалог во заедница на љубовта. Сепак, таа слобода во ниту еден случај не ја загрозува еднодушноста кога се работи за прашања на вероисповедањето на учењето на Црквата. Единството во Синодот е наша обврска и должност. Мислам дека сите ние сме свесни за сериозноста на позицијата на која се наоѓаме.
Затоа не би рекол дека недоставуваат идеи, туку дека секоја идеја внимателно се разгледува пред да се пласира во јавноста, која пак, од своја страна, е во постојана потрага за сензационални наслови и скандали.
ПРЕС24: Како Синодот, а преку тоа и Црквата да ја симне од себе перцепцијата дека Владиците се всушност една елита, наспроти потребата да бидат духовна поткрепа на верниците?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Свесни сме за континуираните обиди да се дискредитираат повеќето архиереи, и ваквите претенциозни конструкции не се ништо ново кај нас. Ако во минатото битката се водеше да се дискредитира Црквата во целина, со пропагирањето на атеизмот - а таа битка ја изгубија, денес постои обид преку владиците да се дискредитира Црквата - и таа битка ќе ја изгубат.
На верниот народ во Македонија му е јасно дека владиците не се никаква елита, ниту пак претендираат да бидат некаква елита. Тие едноставно се избрани од народот да управуваат со одредена епархија, која што претставува дел од Едната Света Соборна и Апостолска Црква. Нашите контакти со верниците се директни и непосредни, и во ништо не се разликуваме и не отскокнуваме од обичниот верник, освен во она што од нас го бара специфичноста на службата.
ПРЕС24: Може ли МПЦ да биде една поинаква верска организација? Со повеќе грижа за бездомните, за сиромашните. Не дека нема такви позитивни примери, ги има, но некако тие се сведени на индивидуални, све на пример, позитивното искуство во лечење на зависности, што го практикуваат во Бигроскиот манастир и во Струмичката епархија. Јас зборувам за една стратегија на ниво на Црква, на пример зошто да не се размислува за изграба на болници, домови за деца без родители?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Согласен сум дека ова прашање навистина заслужува големо внимание. Но, дозволете ми најпрво да направам една кратка дигресија. Се работи за една вистинска случка од средината на минатиот век. Имено, кога еден православен руски Епископ, кој прв пат излегол од Советска Русија, западните христијани го прашале што прави Црквата во Русија на социјално поле, тој смирено им одговорил: „Ние служиме Литургија“.
Во тој краток, но длабок одговор може да ја согледаме суштината на харитативната мисија на Црквата. Иако сме сведоци на многу брзи и големи промени во општеството кај нас, кои пак за последица ја имаат денешната поразителна материјално-социјална состојба, мислам дека нашата вистинска борба и победа треба да се случи во рамките на литургискиот аспект на црковниот живот. Односно, наша цел треба да биде Литургијата, за преку неа да ја оствариме „литургијата по литургија“, односно, сите членови на Црквата, и лаиците, и клириците, да се вклучиме во оделотворување на верата, во помагањето на ближните. На тој начин би било избегнато искушението на „институционализација“ на Црквата.
На ист начин, аспектите кои ги посочувате се повеќе од потребни, и мислам дека во реализацијата на таквите активности како пример можат да ни послужат Руската Православна Црква и Романската Православна Црква, кои имаат многу големо искуство во социјалната дејност на Црквата.
ПРЕС24: Пред Вас, пред малдата генерација Владици кои ќе ја водат црквата има еден суштински предизвик. Ако на претходните генерации предизвик им беше да ја сочуваат самостојносат на МПЦ, Ваш предизвик е да ја внесете сочувана во рамноправноста на православието?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Навистина било многу тешко да се возобнови Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Тоа барало многу напор, самоодрекување и истрајност. Но, денес, да се сочуваат сите придобивки од автокефалноста, не е ни малку полесно. За некакви отстапки од она што значи автокефален статус на МПЦ, не станува збор, дури и по цена да нѐ нема.
Никој од нас нема право да одлучува по тоа прашање, во наше или во името на нашите претци, и во името на генерациите што доаѓаат. Тоа прашање е затворено. Единствено што сакаме е сами да одлучуваме за себе, судбината да си ја носиме во свои раце, а на тој пат се надеваме само на помошта Божја, која до сега во историјата никогаш не нѐ напуштила. Автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија не е идеја, таа е реалност.
ПРЕС24: Што мислите, каде е главниот проблем во името на Црквата или во сатусот?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Ниту името, ниту статусот не се проблем, проблемот е во сите нас, православните, зашто не можеме да го сфатиме призивот за кој што сме повикани да сведочиме. Во светот сите ние треба да Го сведочиме Христа. Ако така му пристапиме не само на овој проблем, туку на сите проблеми што нѐ измачуваат, лесно ќе најдеме решение.
Етнофилетизмот, кој е многу присутен кај сите соседни народи, па и кај нас, се заканува да нѐ држи, и нѐ држи разделени едни од други, на штета на сите нас. Се надевам дека постепено се освестуваме од таа духовна болест.
ПРЕС24: Многумина аналитичари оценуваат дека на МПЦ и недостасува една поагресина црковна дипломатија. Како да се наметне македонското црковно прашање во православните центри?
МИТРОПОЛИТ ЈОСИФ: Не би рекол дека не сме активни во православните центри во светот. Нашите контакти со сите помесни православни цркви можеби не ги експлоатираме медиумски, затоа што не сакаме со сила да се наметнуваме кај оние со кои што имаме недоразбирање. Секогаш кога има недоразбирање, треба да надвладее разумот, зашто со сила не може да има љубов.
Интервју
23.11.2013 -
http://press24.mk/gjosif-morame-da-odime-vo-chekor-so-ona-shto-znachi-prodobivka-na-novoto-vreme