Многупати во срцата на луѓето се јавува страв, дека можеби низ бурата на животот ќе останат незаштитени и сиромашни, па затоа честопати нивниот ум и помисла се насочени кон тоа, како да соберат пари или да стекнат имот и други богатства, за да имаат кога ќе им затреба.И не е за чудење, ако станува збор за оние кои не веруваат во Бога, и својата надеж ја полагаат во парите и во другите богатства. Но, што да речеме за оние кои се нарекуваат христијани, одат во црква и Го молат Бога да им помага во животот, и кои велат дека нивната надеж им е во Христа, во Богородица и во Светителите, а спротивно на тоа се среброљубци, не давајќи им ништо на своите сиромашни браќа, и постојано собираат пари и богатства. Во животот видов дека многумина се токму такви - само наречени христијани и е навистина зачудувачки, како може живот втемелен на интереси да се усогласи со зборовите Христови: „Не грижете се што ќе јадете и што ќе пиете, нити во што ќе се облечете. Погледнете ги птиците небесни: тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбар собираат, но вашиот Отец небесен ги храни. Погледнете како се облечени полските кринови! Па дури ни Соломон не се облече така како овие ништожни цветови. И ако полската трева, што денес ја има, а утре во печка се фрла, Бог така ја облекува, а колку ли повеќе вас, маловерни!?“Ова се јасни зборови, едноставни, и покажуваат каков е темелот на Христовото учење. Зашто, како е можно човек да има вера, а истовремено да е заробен од парите и лукавите интереси, дури и многу повеќе отколку безбожниците? Можеби мисли дека ќе го залаже Бога. Но со Бога не можеме да си играме.Меѓутоа, според лукавите помисли на човекот, сè може да се уреди, па дури и тоа, да се биде добро завиткан во парите, односно во ѓаволот, кого Христос го нарекува Мамон – бог на среброљубието, а истовремено да се претставува како христијанин, да се оди во црква, да се моли и да прави метании, дури и многупати да се плаче од љубов кон Христа, но, сепак, да не може да се ослободи од љубовта кон парите. Тука навистина не се вклопува ниедна логика. „Држи ги цврсто парите“, ти вели лукавата помисла, „а запали и по некоја свеќа и направи некоја метанија, за да имаш добри врски и со Христа“. Ако, пак, размислуваме за рајот или пеколот, и тука наоѓаме некое оправдување: „Што и да се случи, барем нешто сме добиле“.Апостолот Павле вели: „Ако се надеваме на Христа само во овој живот, тогаш сме најбедните луѓе на светот“. Токму псевдохристијаните го молат Христа пред сè за потребите од овој свет: за својата работа, за телесно здравје, за своите деца, а штом нешто не оди како што сакаат, почнуваат со жалбите и негодувањата дека Христос и Богородица не побрзале да им помогнат за остварување на нивните намери, со кои, честопати, им нанесуваат штета на своите браќа.Апостолот Павле на друго место вели: „Добро е надежта на вашето срце да ја утврдите врз благодатта Божја, а не на јадења (односно на телесни работи), од кои немаат корист, оние кои ним им го посветиле животот, односно се посветиле на собирање пари, лажејќи се себе си дека на тој начин ќе бидат во сигурност“. Зашто „кога ќе дојде смртта сето тоа ќе исчезне“.Во светот не постои ништо поизразено од славољубието. „Целата историја на човештвото го потврдува ова безизлезно славољубие. И колкумина во светот барем еднаш седнале да подразмислат за овој добро познат феномен на славољубието, кој постојано треба да го имаме пред нас и со кој треба непрестајно да се бориме? Ние постапуваме како нојот, кој ја закопува својата глава во песокот, за да не го гледа својот непријател и мисли дека така се сокрил од него.Судејќи според тоа, зарем не се за жалење важните и силните луѓе на земјата? Иако јасно гледаат дека низ историјата бездната ги проголтала сите силни и важни во овој минлив свет, и дека нејзината отворена уста чека и нив да ги голтне, тие не престануваат да се занимаваат со „лажната слава“, со лукавства, со војни, со своето високо образование, и секакви безумства, со кои се фалат пред целиот свет. О, колкава е лудоста на оние кои светот ги смета за сериозни, многу разумни, генијални! Вистинска беда од расудување и знаење! И токму таквите го водат светот. Некои пак се зафатени со славните философии и раните вештини, па дури и ги обожуваат, иако добро знаат дека, не по долго време, сите ќе исчезнат од лицето на земјата!
Извадок од книгата „Неподвижен темел“ на Фотиј Кондоглу
Извор: Бигорски манастир