МАЛОВЕРИЕ - (Од „Покајанието – Патот кон царството Божјо“ – Старец Филотеј Зервахос)
Св. Григорије Двојеслов, нарекувајќи го човекот- дрво кое што по плодовите негови се препознава, вели:
„Покајанието може да се препознае по плодовите, а не по лисјето или по коренот, зашто и Господ го проколна дрвото кое што имаше лисја, но беше јалово.“
Тој не прифаќа исповед само на зборови, без плодови, зашто тогаш тоа е само измачување на телото.
За да се покаеме, мораме да знаеме за што треба да се каеме.
Гревот на маловерието е најраспространетиот. Неретко маловерието преоѓа во потполно безверие, иако човекот што боледува од него честопати и понатаму ги посетува службите Божји и прибегнува кон исповедта.
Во таква состојба маловерниот не се откажува од постоењето на Бога свесно, но, сепак, се сомнева во Неговата Семоќ, милоста или Промислата.
Со своите постапки, навики, со целокупниот начин на својот живот тој и` противречи на верата која што ја исповеда со зборови. Таквиот човек никогаш не се вдлабочува, дури, ни по наједноставните догматски прашања, плашејќи се да не ги изгуби наивните и честопати неточни и примитивни претстави за христијанството, кои што уште од порано ги стекнал.
Претворајќи го православието во домашна традиција, во збир на надворешни обреди и гестови, или сведувајќи го во уживање во прекрасните црковни поења, светкањето на свеќите, односно, надворешната убавина, маловерните го губат она што е највредно во црквата – Господ нашиот Исус Христос.
Кај маловерните, побожноста е тесно поврзана со естетските, страсните, сентименталните емоции: Таа лесно се прилагодува на егоизмот, суетата и сентименталноста.
Луѓето од овој тип бараат пофалби и добро мислење на духовникот за нив. Таквите луѓе многу често на исповедта се жалат на другите, сакаат да ја покажат својата „праведност“. Од сладуњаво – лицемерна „побожност“ тие лесно паѓаат во раздразливост и гнев и спрема ближните.
Таквите „праведници“ кои што не гледаат во себе никаков грев, честопати спрема оние што ги опкружуваат манифестираат бездушност, егоистични се и лицемерни, тие живеат само за себеси, сметајќи дека воздржувањето од гревот е доволно за спасение.
Воопшто, религиското самозадоволство и самоспокојство се главните показатели за оддалеченоста од Бога и од црквата.
Подготвил: Мина Даниловска