ОГРАБЕНИОТ РАЈ ВО НАС
Многу е лесно и погодно да се обвинуваат другите. И да ја омаловажувате нивната работа и нивниот придонес или да ги толкувате нивните движења и постапки како сакате. Лесно е затоа што не ве чини ништо. Удобно е затоа што ги правите другите нечесни, ги правите злобни и зли, а во исто време се ослободувате себеси и многупати го издигнувате вашиот „авторитет“ на маченик (бидејќи чувствувате дека секогаш сте онеправдани и прогонувани од другите).
Обвинувањето на другите зборува за страшни комплекси. Мораме конечно да разбереме дека обвинувајќи ги другите, ја покажуваме нашата тврдоглавост и злоба. Особено кога јавно осудуваме, скандализираме и внесуваме помисли во душите на другите. Ова ја покажува не само нашата злоба и подлост, туку и отсуството на Бога во нашите животи.
Да го додадам и ова: многу пати осудата не е само осуда, таа се граничи со клевета. Умот на оној што клевети други е толку помрачен што мисли дека ги кажува работите онакви какви што се. Тоа е демоноподобна состојба.
Наместо да го подражаваме ѓаволот, кој исто така секогаш се чувствува онеправедно и затоа клевети и обвинува, амнестирајќи се себеси, да ја погледнеме гредата во сопственото око и да ја оставиме раската што веројатно е во окото на нашиот брат. Ако го имаме Бог во нашите животи, нема да обвинуваме, нема да осудуваме, нема да клеветиме.
Човекот кој нема добри мисли за другите е човек на темнината, на омразата, на ѓаволот; дури и да носи расо, дури и постојано да се осенува со крсниот знаци , дури и да има “ светогорци “ за ближни, да е ревносен и верен на светите отци.
Прашањето, на крајот на краиштата, не е како изгледаме во очите на луѓето, туку кои сме навистина. Врз основа на ова ќе ни суди Господ. И ќе ни се суди со мерата и тежината со кои ги судиме другите.
Кога Бог е отсутен во нашите животи, а ние сме го “обожиле” нашето дело, нашите „добродетели “, нашето надворешно сведоштво, тогаш можеме да се подигруваме со мнозина, но осудувањето и злобата што ќе ги покажеме кон нив, порано или подоцна ќе не предадат. Тие ќе покажат дека на крајот нема рамнотежа во нашето срце. Ќе покажат дека на крајот нема радост, светлина и мир во нашата душа, туку само неостварена опсесија за моќ, за признание, за пофалба, за слава. И токму затоа што ги немаме овие работи до степен каков што би сакале, се бунтуваме против оние кои мислиме дека ги имаат и ни ги „украле“.
Таквиот не само што паѓа во грев на осуда, не само што клевети во името на својата „правда“, туку пред сè, завидува како што ѓаволот му завидува на Бога.
И оваа завист е најбесрамната што може да ја роди човечкото срце. Зависта ја разгорува нашата злоба, но во исто време ни го одзема рајот што го носиме во себе.
Автор: архим. Павел Пападопулос / Богоносци.бг
За Преминпортал подготвил: Симеон Стефковски
20ти декември 2022лето Господово