Драга м. В!
Колку што човекот навистина, а не привидно е поблиску до Бога, толку повеќе се чувствува недостоен и грешен, погрешен од сите луѓе. Така се чувствувале светите отци. Примери има многу, сетете се сами.
Цариникот од друга причина се чувствувал себе за грешен. Но, станувајќи свесен за својата грешност, не се оправдувал, туку се молел за прошка од Господа и – ја добил. Сите луѓе имаат неисплатлив долг пред Бога. Никакви подвизи не можат да го исплатат неговиот долг, а како што Господ вели па дури и да се исполни сè што ви е наредено (т.е. сите заповеди), или да се сметате себе за непотребен слуга. Значи сите ние, кои секогаш ги нарушуваме Божјите заповеди, обврзани сме да го имаме цариниковото душевно настроение. Во себе не треба да се бараат никакви заслуги, дури и при вршењето на подвизите. Ние сме. секогаш бескорисни слуги. Само милоста Божја им простува на оние кои се каат и ги води во Царството Божјо.
Ете зошто светите отци и Господ ни забрануваат да тежнееме кон возвишена состојба на духот. Целиот наш внатрешен подвиг треба да се сосредоточи на покајание и на сè што води кон покајание, а Божјото ќе си дојде само од себе кога местото во нас ќе биде – чисто и ако сака Господ. Ако подвижникот нема искрено чувство на грев и нема смирено срце, тој сигурно паднал во прелест, Особено тој што се наоѓа во молитвен подвиг, должен е да ја има молитвата на цариникот и неговата понизност, инаку ќе го излажат бесовите (злите духови), и ќе западне во високомислење, суета и прелест. Господ нека нè избави од тоа.
Ова е одговорот на Вашата желба да знаете, што значи да се има расположението на цариникот. Господ во приказната за фарисејот и цариникот ни покажал како треба да се молиме и со какво душевно настроение, а како не треба (преку фарисејскиот пример).
По доаѓањето на Спасителот и Неговото страдање, молитвата на цариникот светите отци ја замениле со Исусовата молитва. Смислата им е разбирлива.
Извадок од книгата: Игумен Никон Воробјов, Со трпение спасувајте ги своите души, Скопје 2011, стр. 12
Извор : Бигорски манастир