Монаштво...
Несоздадената Светлина не ја гледаме сите. Меѓутоа тие што ја гледаат не утешуваат.
Свети Симеон Нов Богослов, свети Григориј Палама и целиот хор на исихастите, блаженоупокоениот Старец Софрониј Сахаров, за да се ограничам само на тие што богословствувале од личен опит за тоа. Тие се врвот. Но врвот не може да постои без основата, која е Православното Монаштво.
Монасите имајќи го опитот на Живиот и Вистински Христос биле и се особено чувствителни при секој обид за искривување на верата.
Секако, учители на верата се Епископите и пастирите во светот. Монасите се истакнуваат како исповедници на верата, секогаш кога верата е во опасност. Господ ги повикува сите верници да ја исповедаат верата:
"Секој кој ќе Ме исповеда пред луѓето, и Јас ќе го исповедам него пред Мојот Отец Небесен" (Мат. 10, 32).
Заветот на големите пустински отци кон монасите најпрво ги содржи чувањето и исповедањето на Православната вера.
Црковната Историја ни предава многу начини на кои монасите ја пројавиле својата грижа за неповреденоста на Православната Вера.
Прво. Пустинските монаси привремено го напуштале тихувањето и доаѓале во светот за да го исповедаат Православието и да ги утврдат Православните во вистинската вера. Така свети Антониј Велики дојде во Александрија за да ја објави својата спротивставеност кон догмите на Аријанците.
Второ. Монасите одбивале да се причестат со декларираните еретици. Преподобните отци наши Сава Осветен и Теодосиј Општежителник изјавиле дека претпочитаат да ги видат светите места како се предаваат на оган отколку да прифатат црковно општење со северијанците монофизити.
Трето. Кога тоа го барал случајот монасите ја исповедале Православната вера пред цареви, со последица да трпат сурови казни и да се истакнат како исповедници и маченици. На сите им е познат преподобниот Максим Исповедник, кој заради неговите борби против монотелитите и заради неговото непоколебливо исповедање два пати бил прогонет и му го отсекле јазикот. Меѓутоа мноштво монаси претрпеле слични страдања, како што се, на пример, учениците на преподобниот Антониј, кои биле затворени, прогонети, работеле во рудници, бидејќи не потклекнале под притисоците на Аријанците да ги прифатат нивните еретички догми. Секако попознати се прогоните на монасите во годините на Иконоборството. Но и потоа мачеништвото на Светогорските преподобномаченици заради нивното спротивставување на лажната Лионска унија во времето на Век, како и мачеништвото на преподобните Мелетиј и Галактион Галијски.
Четврто. Игумените на манастирите, заради Православната вера го претпочитале разурнувањето на нивните манастири наместо да им се потчинат на царевите еретици. Класични примери се преподобниот Теодор Студит, светиот преподобномаченик Стефан Нови и преподобните Григориј, Прокопиј и Василиј Декаполити.
Петто. Монасите се ставаат на страната на Православните епископи за да ја поткрепат нивната борба против ересите. Така преподобниот Сава и Палестинските монаси го засилиле Православниот архиепископ Ерусалимски Илија во неговата борба против монофизитот Севир. Исто така саможртвено се спротивставиле на намерата на императорот Анастасиј (приврзаник на монофизитите) да интронизира епископ монофизит на Ерусалимскиот престол. Во периодот на Иконоборството преподобниот Јоаникиј го поддржувал светиот Методиј.
Шесто. Активно учествувале во свикувањето Собори, како на пример преподобниот Максим Исповедник за составувањето на соборите на Запад против монотелитите. Понекогаш нивното лично мислење играло одлучувачка улога во одлуката на императорите и на епископите за време на Вселенските Собори. Така, преподобниот Авксентиј, со тоа што го слушнал и се согласил со одредбата на Четвртиот Вселенски Собор, најмногу придонел за одлуката на императорот Маркијан да ги потврди одлуките на Соборот. Понекогаш се барала нивната интервенција за да бидат осудени мислењата на различни еретици. Во одлуките на Соборите постојат осврти од страна на десетици игумени на манастири преку кои се докажувало дека дотичниот еретик е навистина таков.
Седмо. На одредени Собори зеле учество и монасите. На соборот за време на Мартин учествувале 35 игумени и монаси од Исток. Исто така учествувале и на Шестиот Вселенски Собор и на подоцнежните собори на Црквата. На Седмиот Вселенски Собор земаат учество и во дискусиите , како на пример игуменот на Студискиот манастир Сава. Секако, на соборите од 14. век монасите учествуваат и ја имаат главната улога.
Осмо. Многубројни се антиеретичките списи на монасите, што најчесто преставувале основа за осудата на ересите. Ги наведувам списите на преподобниот Максим Исповедник, на преподобниот Теодор Студит, на преподобниот Јован Дамаскин и подоцна на светиот Григориј Палама, на Јосиф Вриениј, на Генадиј Схолариј, а во годините на турското владеење антилатинските списи на светите Атанасиј Пароски и Никодим Светогорец.
Православниот монах Го исповеда Христа не само поддржувајќи ги Православните догми кога тие се напаѓани, туку и со целиот негов живот. Монахот кој живее во покајание станува пример за покајание. Според 23. Канон на Шестиот Вселенски Собор, го врежува во целата Црква животот на покајанието.
Без длабоко покајание монахот не би го имал духот на покајанието. Добродетелни монаси по долгогодишни подвизи чувствуваат дека ништо добро не направиле.
Духот на покајанието монасите им го предаваат на посетителите на манастирите. Затоа мнозина посетители бараат да се исповедаат и тоа за прв пат во својот живот. Јеромонаси духовници биваат повикувани од страна на епископите да исповедаат во светот, како помош на добрите духовници кои во светот се служители на светата тајна на Покајанието.
...
Архимандрит Георгиј Игумен на манастирот на Преподобен Григориј Света Гора
Извор: фејсбук страна на Весна Смилкова