Најстарата икона во галериската збирка датира од 1267 година
Најстариот музеј во земјава Д-р „Никола Незлобински“ од Струга, на крајот на 2008 година, својата 80 - годишнина од постоењето ја одбележа и со три нови изданија, со монографија за Музејот, каталог за галеријата „Вангел Коџоман“ и каталог на икони од галеријата во црквата „Св.Ѓорѓија“. Во значајната поствизантиска збирка која брои 39 икони, доминираат икони од XVI и XVII век, помал е бројот на примероците од XVIII век, а има и по некоја икона од XIX век. Оформувањето на галеријата, преадаптацијата и приспособувањето на црковниот внатрешен простор на егзонартексот за соодветно презентирање на богатата збирка, се реализира во рамките на проект во кој учествуваат Локалната агенција за развој УНДП, во соработка со Македонската православна црква, Дебарско-кичевската епархија и Архирејското намесништво - Струга.
Галеријата сеуште чека да биде отворена за јавноста, а историчарот на уметност Сашо Цветковски, директор на музејот „Д-р Никола Незлобински“ посочува дека лани изминаа и 740 години од сликањето на најстарата икона од збирката, на патронот „Св Ѓорѓија“ од 1267 година. „Иконата е дело на зографот Јован, сликана во најубавите традиции на доцнокомненскиот стилски израз кој во втората половина на XIII век, сеуште ќе преовладува во уметноста настаната во диецезата на Охридската архиепископија. Освен оваа антологиска икона од византискиот период , други иконописни дела од XIII и XIV век, во збирката не се зачувани, иако, ова е период кога во Охрид и пределите околу него се бележи интензивна и уметничка активност поддржувана од самиот архиепископски врв и угледните велможи“.
Денешната црква „Св Ѓорѓија“ во Струга е изградена на местото на постара и помала средновековна црква од 1835 година. Резбаниот иконостас датира од 1847 година, а престолните и празничните икони од 1849/50 година. Живописана е во 1847 година од тајфата на браќата Макариеви од Галичник. Интересот за богатото културно и уметничко наследство на Струга и струшко се интензивира кон средината на минатиот век, кога во црквата се откриени и неколку вредни икони од кои две (иконата на „Св. Ѓорѓија“ од 1267 и иконата на „Св. Ѓорѓија“ со сцени од неговото житие), биле претставени на голема изложба на икони од Југославија, во рамките на XII Меѓународен конгрес на византолозите, одржан во Охрид, во 1961 година.
„Набргу по изложбата во 1961 година, за иконата на „Св. Ѓорѓија“ од 1267 година, интерес пројавија не само историчарите на уметноста туку и историчарите и филолозите. Во годините кои следеа се исчита натписот од задната страна на иконата испишан на висок стил и во духот на најубавите традиции на византиската реторика . Натписот го откри името на нарачателот, референдарот на пресветата архиепископија, ѓаконот Јован, кој со зборови го осмислил ликот на светецот, а зографот Јован со боја и четка го насликал. Иконата е влезена во сите значајни прегледи на византискиот иконопис од втората половина на XIII век, и во каталозите на најубавите дела на средновековниот иконопис од Македонија.
Во шеесеттите години од минатиот век започна децениската работа на евидентирање и валоризирање на иконите од Македонија, во рамките на овој проект се евидентираа и иконите од црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга. Тогаш неколку икони од црквата се однесени во Скопје, и денес се наоѓаат во збирката на Музеј на Македонија.
Во летото 1990 година, при препокривање на покривот на црквата, на големо изненадување на културната и научната јавност, се открија над педесеттина икони кои хронолошки датираат од XVI до XIX век. Овие икони низ вековите и припаѓале на црквата,биле нарачувани или подарувани на црквата, а дел од нив во несигурните времиња на османлиската власт, биле носени од други цркви од Струшко“ - вели Цветковски, според кого иконите се целосно заштитени и конзервирани, подготвени за презентирање на изложбената поставка на галеријата. (К.Б.)