25/12/2019
Потоа рече Бог: Нека се појават светила на сводот Небески, што ќе ја осветлуваат Земјата за да го делат денот од ноќта, и да бидат знаци, за времињата, за деновите и за годините. (1.Мојсеј. 14-19)
Ова укажува дека времето до создавањето на светот не постоело, односно времето настанало заедно со создадениот свет.
Феноменот време останува необјаснет од античката па и во современата философија, а философите кои се обидувале да го дефинираат овој секаде присутен феномен се откажувале признавајќи го својот интелектуален пораз.
Ипонискиот епископ, блажениот Августин, се обидувал да го осмисли времето, а неговата заслуга во тоа е што укажал на две димензии на времето: прво - објективни ориентири кои постојат надвор од нашата свест, и второ - субјективни ориентири -ритмови и доживувања на времето кои се вградени во самиот човек.
За мерење на времето може да послужи било која природна појава доколку рамномерно и периодично се повторува: движењето на земјата околу својата оска (ден и ноќ), смената на месечевите фази - лунарен месец, кружењето на земјата по орбитата околу сонцето - година. При создавање единствен систем на времето настануваат потешкотии, затоа што основните единици на времето - година, месец, ден и ноќ - не се сразмерни, во својот размислителен факт објаснува архимандрит Рафаил Карелин.
Календарот е еден од обидите да се откријат временските ритмови, да се создаде модел на времето, слика на времето, да се состави негов периодичен систем. Календарот не е само производ на науката, не е само таблица од математички формули, туку е и религиозно и философско осмислување на времето искажано со јазикот на математиката. Не може да се зборува за точност на времето, а ова што е главно, а воедно и единствено својство на времето е неговата неповторливост, неповратност. Не се повторува времето, туку само условните ориентири за одбројување на времето. Пример е картографското повторување на космичките тела низ одредени периоди кои ние условно ги земаме како патокази и етапи на времето. Но дури и просторните космички ориентири за времето се привидни и илузорни, зашто целиот космос се наоѓа во движење: - милијарди галаксии како бродови пливаат на својот непознат пат... кој знае каде. (Верхарн)
Одлики на календарот се ритмичност на структурата (периодичност и хармонија) и точност во однос на зададени ориентири (односно на нивното привидно просторно совпаѓање). Освен тоа, црковниот календар мора да одговара на библиското учење за времето, т.е. да ја зема во предвид седмодневната недела која одговара со етапите на создавањето; денот и ноќта - како најпрост временски циклус; космичките тела - Месечина, Сонце и ѕвезди како вкупност на временските ориентири.
Но задачата овде е да се разгледаат можностите и одликите на двата календари - јулијански и григоријански - главно во однос на литургискиот живот на Православната Црква.
Една од основните мерни единици на сите календарски системи е годината. Но, годината како временски период не се одредува еднотипично. Современата астрономија има неколку математички слики на години.
Прво, сидеричка, односно ѕвездена година е време за кое Сонцето еднаш се завртува во небеската сфера меѓу неподвижните ѕвезди. Таа содржи 365,2564 просечни сончеви денови. Оваа година во предвид како фактор ги зема ѕвездите (на пример, Сонцето во однос на некоја конкретна ѕвезда), заради тоа има најцврсти стални ориентири и одговара на библиското учење (1.Мојсеј. 14-19).
Второ, тропска година - период на поминување на Сонцето помеѓу точките на пролетната рамнодневица, таа е еднаква 365,2422 просечни сончеви денови. Нејзиниот фактор е Сонцето (положбата на Сонцето во однос на Земјата). Математичката слика на тропската сончева година е помалку постојана од ѕвездената.
Трето, аномалистичка година - период на поминување на сончевиот центар низ перихелиумот на својата видлива геоцентрична орбита - 365, 2596 денови.
Четврто, драгонска година - период на поминување на Сонцето низ еден месечев чвор на еклиптиката (кругот на небеската сфера по кој поминува видливото годишно патување на Сонцето) - 346, 6200 денови.
Петто, календарска година - 365 денови во проста година, 366 во престапна (денот и ноќта условно се земени како неделива Целина).
Шесто, лунарна година која се состои од 12 лунарни месеци - 354, 367 денови.
Јулијанскиот календар е ориентиран на сидеричката - ѕвездена година. Григоријанскиот на тропската, сончева година, и заради тоа невозможно е да се спореди нивната точност во однос еден спроти друг.
Точноста на јулијанскиот календар не може да се разгледува во мерите на тропската година. Во доблестите на јулијанскиот календар спаѓаат:
- строгата наизменичност на простите и престапни години во ритам 3:1;
-подеднаков број престапни години во календарот;
-врската и симетричноста на јулијанскиот со лунарниот календар: циклус од 28 години, кога во деновите од неделата се повторуваат истите броеви на деновите во месецот; циклус од 19 години кога се повторуваат истите фази на Месечината во однос на датумите од месецот.
Пасхалниот циклус или Големиот Индикт кој содржи 532 години (28 х 19) е циклус после кој се повторуваат месечевите фази, деновите, неделите и датумите, односно празникот Воскресение станува периодичен.
Во григоријанскиот календар четиристотинигодишниот период е три дена пократок од јулијанскиот зашто претвара три престапни години во обични, и оваа наизглед безначајна разлика ја нарушува хармонијата и ритамот на календарот.
Григоријанскиот календар е лишен од цикличност. Неговите периоди се толку големи што тој практично е праволиниски;
-во однос на лунарниот календар не е симетричен туку паралелен, зема во предвид помалку космички фактори од јулијанскиот (нема ѕвездени ориентири; неговите фактори се променливи -поминувањето на Сонцето низ геоцентричната оска).
Овој календар од сите библиски ориентири е концентриран само на движењето на Сонцето, кое се разгледува од геоцентричка позиција. Ја изгуби врската со лунарниот календар и заради тоа стана туѓ на библиското мерење на времето.
Григоријанскиот календар во споредба со јулијанскиот по својата структура е попримитивен, а неговите мерни таблици се потроми.
Григоријанскиот календар е приземјен, тој наместо ритмови фиксира климатски периоди на земјата;
-јулијанскиот календар е космоцентричен, тој се обидува да го фати пулсот на вселената. Космичките ритмови се логизација, и каде постои закон постои и ритам. Надвор од ритамот космосот ќе се претвори во хаос. Во јулијанскиот календар по сликовитиот израз на питагорејците и платоничарите - звучи музика на небесните сфери, а неговите мерни таблици се ноти од ѕвездената симфонија.
- Циклусот и кругот се символи на вечноста.
Григоријанскиот календар е како што рековме праволиниски. Правата линија е слика на – одвратна бесконечност - символ на овековечување на времето, односно неодухотворена материјалност.
Јулијанскиот календар е есхатологичен.
Григоријанскиот е утилитарен и технократичен. Тој е лишен од секој мистички подтекст.
Јулијанскиот календар е космичка поема.
Григоријанскиот е суво книговодство, и губејќи ја ритмичноста стана
деструктурализирачка сила.
Григоријанскиот календар во однос на космосот преставува провинцијализам (сончев систем наместо космос). Тој е врзан за земните појави, климатските годишни времиња.
Годината на јулијанскиот календар е врзана за ѕвездената година, но неговата формула не е поклопена со ѕвездената година, туку е за 9 минути и 1 секунда помала од неа, а од сончевата тропска година јулијанскиот календар е поголем за 11 минути и 14 секунди.
Созиген1 во рацете ги имал Хиперховите2 таблици, но не ги прифатил, заради ова може да се рече дека јулијанскиот календар по бројчаната карактеристика претставува некоја средна големина помеѓу сидеричката и тропската година, нивна хармонизација која е поблиска на ѕвездената година. Кога годината на јулијанскиот календар во потполност би се поклопувала со сидеричката година, празникот Велигден брзо би се оддалечил од земните координати; а кога би се поклопила со тропската, Велигден би бил исклучен од космичките фактори, од таканаречената – вистинска година - и врзан само за годишните времиња на земјата. Јулијанскиот календар ги зема во предвид и космичките фактори, годишните времиња на земјата и лунарните (синодички) месеци.
Времето е недофатлива супстанца, времето е тајна и како тајна тоа може да биде изразено и забележано низ символи. Јулијанскиот календар е иконографско изразување на времето, тој е свештена икона на времето.
Јулијанскиот календар е направен по налог на Јулије Цезар, од александрискиот познат астроном и математичар Созиген, но во соработка со останатите александриски астрономи во 46 година пред Раѓањето Христово, како еден од најсовршените календарски системи на светот. Созиген за основа на календарот ја зел ѕвездената година земајќи ја во предвид и тропската година создаде астрономска табела со таква убавина и хармонија, која би можела да го воодушеви и самиот Питагора. Постои мистика на броевите, па од таа традиција ќе ги издвоиме 1, 3 и 10 (1-точка, вонматеријален број; 3-прв реален број трокрак атом на огнот и основа на другите повеќекраки модели атоми; 10-полнота, плерома, содржи во себе цифри од кои се градат сите броеви).
Во христијанската символика единицата и тријадата се однесуваат на Божеството и Неговите Ипостаси, а десет означува совршенство, полнота и завршеност. Ќе ја прикажеме математичката слика на јулијанската година во нејзините елементарни циклуси - денови:
35 (243)+34 (81)+33 (27)+32 (9)+31 (3)+30 (1)+1 (1)+0,5 (0,25) 0365,25 – бројот на деновите од јулијанскиот календар.
Трите основни циклуси на јулијанскиот календар ни ја даваат следната слика - првиот циклус е смена на три прости и една престапна година (3 и 1), тријада и единица - свештениот символ на Божеството.
Вториот циклус е поклопување на броевите на месеците и деновите од неделата секои 28 години; збирот на овие броеви (2+8) дава 10 (плерома, совршеност и завршеност).
Третиот циклус е поклопување на Месечевите мени со броевите на месеците секои 19 години (1+9=10). Исто така плерома.
Свештениот циклус на христијанизираниот и воцрковен јулијански календар е Големиот Индикт - Пасхалниот круг, тоа се 532 години. Збирот на броевите 5+3+2 повторно дава плерома - 10.
Ова е мистички подтекст на календарско - астрономската таблица.
Трите циклуси на јулијанскиот календар имаат збир цифра 10, а по учењето на христијанската егзегетика 10 = 1000 - означува вечен живот, совршенство во Бога кое нема крај, и служи како символ на вечноста. Ритмовите и циклусите на јулијанскиот календар претставуваат вклучување на космосот во вечноста.
Јулијанскиот календар, како ѕвезден, го зема во предвид и вистинското годишно завртување на Земјата околу Сонцето.
Тропската година е движење точки од рамнодневницата кон замислено движење на Сонцето. Ова движење на точки од рамнодневницата прави разлика помеѓу ѕвездената година и сончевата за од прилика 21 минута годишно, а кај јулијанскиот календар за 1 минута, што за 128 години изнесува 24 часа.
Човековата свест, која се рационализирала и опредметила во –ново време - престанала да ги чувствува космичките ритмови, префрлувајќи се на периодичноста на земните појави, врзани за практичниот утилитарен човеков живот, и ѕвездената година ја потисна сончевата година. Најголемата доблест на јулијанскиот календар - ритмовите и цикличноста - материјалистичкиот прагматички ум почна да ги доживува како грешка во мерењето (иако уште Вавилонците во 11 век пред Христовото Раѓање и Сумерите во вториот милениум пред Христовото Раѓање знаеле за разликата помеѓу сончевата и ѕвездената година3).
Како согласници за календарски реформи настапиле папите Сикст IV и Климент VII, Гргур (Григорије) XIII – инспиратор на Вартоломејската ноќ4 , и во негово време реформата била остварена. Во работата на григоријанскиот календар најактивно учествувал језуитскиот ред. Комисијата ја предводел језуитот Клаудије. Работата е завршена 1582 година. Заради тоа во Рим е направен медал со ликот на папата Григорије и со натписот – „Григорије е најдобриот врховен жрец“. Но календарот предизвикал бурна полемика во самиот католички свет. Водечките научници од XVI век, а особено Вијет кој се нарекува татко на современата алгебра, тврделе дека григоријанскиот календар е астрономски неоснован.5 Во противниците на новиот календар спаѓа познатиот Скалигери - основач на научната хронологија.
Многу истакнати астрономи се противеле на реформата, но папата Григорије за да ги прекине опасните спорови издал декрет со кој се заканувал од црковно изопштување на оние кои одбиваат да го прифатат новиот календар.
Разликата помеѓу јулијанскиот календар и тропската година - 24 часа за 128 години - до воведувањето на григоријанскиот календар изнесувала 10 дена (поточно околу 11). Во новиот календар ова време било анулирано, календарот е ориентиран само на тропската година, бројот на престапните години во векот е изменет, заради што календарот практично ја изгуби периодичноста и ритмичноста.
Црквата заборавајќи на мерењето на своето време, на самата идеја за времето, се поттчини себе на опсерваторија, за која григоријанскиот календар ни од далеку не е совршен систем на тропската година. Постојат поточни мерења на сончевата година, создадени како пред, така и после григоријанскиот календар. Пред григоријанскиот календар тоа се календарите на древните Инки, Омар Хајами и Скалигери (лунарниот арапски календар астрономски е посовршен од григоријанскиот).
Поточни броеви и мерења на тропската година даваат календарите на XX век - Сике и Светскиот календар кој ООН го прифати 1954 година.
Заради тоа Црквата ако тргне по патот на календарското реформаторство и ако се ориентира на технократскиот свет ќе мора непрестано да менува астрономски календари, постојано да го крши и деформира уставот и формите на своите богослужења.
Црквата мора да ги сочува своите мистички знаења, своето духовно видување на времето и вечноста, своето Свето Предание. Секуларизацијата е посветовување и умртвување на Црквата. Таквата Црква нема да може да стои над светот туку ќе се најде позади него, светот ќе ја презира како тој да ја издржува, и таа ќе го изгуби своето богатство, па на крајот ќе биде непотребна за светот.
Замислете кога ќе треба да погледнеме во Непристапната Светлина, во онаа бескрајна Љубов, онаа Првобитна Убавина - О, Боже! Вечноста е тајна голема. Вечноста е безмолвие - не како отсуство, туку како полнота на нејзиното Совршенство. Комуникативните символи на вечноста се космичките ритмови. Јулијанскиот календар ги зема во предвид космичките ритмови, се допира со нив, ги одразува. Самиот јулијански календар е хармонична икона на вечноста. Црквата е икона на вечноста на Земјата, таа е појава на вечноста во времето, односно можност за преминување од времето во вечноста. Пулсот на Црквата-календарот-мора да биде ѕвезден, а не сончев, космоцентричен, а не хелиоцентричен.
Во вечноста како совршена форма (условно и метафорички кажано со немоќниот човечки говор) на совршено суштество претставува отсуство на енергетска збиеност, каде енергијата добива својства на неповратност и не се претвора во ѓубре на ентропија, каде суштеството не се остварува во молекуларно - атомски структури, туку во прости енергетски монади, како што слично постанува и со воскреснатото тело, и преобразениот космос.
Во Светото Писмо откриено ни е дека ќе биде ново небо и нова земја (2 Петр. 3,13; Откр. 21,1). Заради тоа полето за дејствување на Црквата не е гео или хелиопланетарно туку метакосмичко. Мисијата на Црквата е преобразување и одухотворување на вселената низ спасението и преобразувањето на нејзината ипостас - човекот.
Јулијанскиот календар има големо значење за Црквата. Со него Црквата има единствено мерење на времето, единствен календар за богослужење во храмот и може синхронизирано да ги обележува празниците, постовите и другите црковни датуми. Почитувањето на јулијанскиот календар ги поврзува минатото со сегашноста и иднината во исти временски ритмови. Ѕвездената година ја зема во предвид реалната положба на Сонцето во однос на оддалечените ѕвезди, така што практично оваа година е стална. Сончевата година во предвид го зема движењето на точките од рамнодневницата во средба на Сонцето која се одвива со постепено забрзување; од поминувањето на Сонцето низ точка на пролетната рамнодневница зависат климатските периоди. Ѕвездениот календар во астрономијата се нарекува вистински, тој е математички поточен и попостојан. Разликата меѓу ѕвездената и тропската година изнесува отприлика 20 минути, но оваа разлика постојано се зголемува.
Кога Христос се роди, значи датумот на Неговото Раѓање и сите главни настани од Неговиот земен живот, Црквата ги обележува по јулијанскиот календар. Историјата на Црквата истотака е забележана во знаковниот систем на јулијанскиот календар. Да се промени календарот значи да се оттргнеме од овие броеви. Може да се приговори дека ние славиме настани, а не броеви, но броевите остваруваат ритам, постапност и редослед. Библиските настани дадени се во космичка хармонија, чиј ритам го претставува календарот. Замената на календарскиот систем ја нарушува или менува оваа хармонија.
Во XI век католичката црква (изразот Црква во овој случај е по инерција и врежан обичај, зашто јасно е дека таа –“црква” - отпаднала од Едната Света, Соборна и Апостолска Црква заради што не може да се смета за Црква) ја прекинала врската со Вселенската Црква. Пред се било изгубено мистичкото единство. Католичката “црква” била ориентирана на светската култура и цивилизација. Црквата својата паства ја припрема за Царството Божјо, кое се раѓа во длабочините на човековите срца, низ страдањата, непостојаноста на земското постоење и се открива во вечноста. А Запад сака, за разлика од вистинската Црква, да изгради Царство Божјо овде, на Земјата: црква со институции и државни прерогативи на чие чело стои монах и теург - папата со власт на самодржител.
Православната Црква е соборна. Вистината може да ја чува само заедничката црковна свест. Исток гледа на Црквата како на една и единствена духовна жива средина, каде се одвива општење на душата со Бога . Запад на Црквата гледа како на војска која се бори со пеколните сили, каде на сите им припаѓаат победнички трофеи. Исток за субјект на богоопштење ја смета личноста, Запад смета дека тоа е Црквата на чело со папата. Затоа во Западната црква личноста е потчинета на колективот со тенденција за нивелирање на личностите. На Запад материјалниот свет е апсолутизиран. Небото - стеснато во категоријата на материјалното вештествено постоење. Главно овде созревала потребата за нов календар како ново дишење на времето.
Римската црква со новиот календар кој е сончево - планетарен систем издвоен и исклучен од космосот, и самата се издвои од Вселенската Црква. Во самата католичка црква центар стана Рим и папата. А во нивниот нов календар единствен ориентир Сонцето. Римската црква, ориентирајќи се на светската цивилизација еволуира и се менува. Во григоријанскиот календар вистинската година, космичкото време е заменето со променливото земно време, кое зависи од движењето на точките на рамнодневницата и од забрзувањето на ова движење. На црквата - држава потребен и е земен календар. Од симфонијата на јулијанскиот календар во григоријанскиот календар останале два циклуси: ден и година, останатата хармонија е нарушена. На многу луѓе им изгледа дека е сочувана смената на прости и престапни години, но не е така. Од четири века испаднале три престапни години. Пулсот на календарот стана аритмичен. Григоријанскиот календар го игнорира космосот. Струните на космосот кај него се скинати, остана само една струна на времето, затегната меѓу Земјата и Сонцето.
Во прашањето за црковниот календар се судираат два погледи на светот: мистички и рационалистички. За мистичкиот времето е тајна на постоењето, на која човекот може да и се приближи преку символи, споредувања, асоцијативни доживувања; за рационалистичкиот поглед времето е само фактичност, објективен услов на постоењето, надворешна даденост. Овие две сфаќања на светот не можат да се усогласат, зашто нивните корени одат во онаа длабочина на срцето каде се одредува самата човекова личност. Рационалистичкото мислење ги ограничува средствата за спознание со разумната анализа игнорирајќи ги останатите спознајни сили и способности на душата. Мистичкото мислење има други антрополошки основи: тоа е завртено кон скриените знаења на душата и кон нејзините потенцијални можности како - честички небо, кон знаењата кои древните мислители ги нарекувале вродени идеи, присетувања, а христијанските мистици - сеќавање на срцето, на внатрешниот логос. Умот за древните бил поголем од разумот како што целината е поголема од својот дел.
Јулијанскиот календар е мистичка философија и генијално дело на науката и уметноста. Тој има космички ориентири, наведени во Библијата, и неговата парадигма излегува надвор од границите на сончевиот систем. Јулијанскиот календар ги одразува во себе проекциите на трите сфери: ѕвезди, Сонце и Месечина доследно по Првата Книга Мојсеева-Битие:
-ПОТОА РЕЧЕ БОГ - НЕКА СЕ ПОЈАВАТ СВЕТИЛАТА НА СВОДОТ НЕБЕСКИ, ШТО ЌЕ ЈА ОСВЕТЛУВААТ ЗЕМЈАТА ЗА ДА ГО ДЕЛАТ ДЕНОТ ОД НОЌТА, И ДА БИДАТ ЗНАЦИ И ЗА ВРЕМИЊАТА, И ЗА ДЕНОВИТЕ И ЗА ГОДИНИТЕ.- (1:14)
Во григоријанскиот календар периодите, ритмовите и циклусите се нарушени, деформирани и Пасхалниот циклус (Големиот Индикт) - венецот на православната литургика потполно е уништен.
Христовото Воскресение не е само непоколеблив темел на нашата вера, туку тоа не потсетува истотака и на трагичната поделеност на христијанскиот свет. Екуменистичкиот меѓухристијански дијалог за цел го има отклонувањето токму на таа поделеност (тука спаѓа и желбата за поклопување и на неподвижните празници). Но, не треба да се заборават непроменливите историско-богословски основи, кои прецизно ја одредуваат смислата на христијанските празници и нивната литургиска вистина.
Со причина многу православни подвлекуваат дека неможноста за совпаѓање на нашите празници со празниците на неправославните, не произлегува само од календарот, но најповеќе и од догматските и теолошки разминувања, со други зборови од нездруживост и несовпадливост во верата. Ова дотолку повеќе што верата во непрекинатото христијанско предание, кое се одржува во Православието, не е празно конвенционално или схоластичко усвојување на извесни разовоплотени –вистини - , но учествување во начинот на живот, примен од Апостолското и Светоотечко Предание, кое води кон искуствено познание за духовно осветување, кое изразено со зборови, ја прави верата на Црквата Тело Господово.
Така се објаснува црквеното и канонско правило од Првиот Вселенски Собор кое го разрешило прашањето за празнувањето на Пасхата (Воскресение), почнувајќи од 325 година до денес, наложувајќи – овој празник да не се празнува со инославни. Оваа заповед никако не е плод на омраза кон верите на другите, но израз на здрава и делотворна црковна самосвест.
Православниот Исток уште во 1582 година го отфрли – новиот календар- кој го избрале и воцрковиле Оците на Црквата Православна. На него, на јулијанскиот календар е изградена Пасхалијата и нејзините канони се утврдени на Соборите; неговите периоди и циклуси органски се слеале со православната литургика; во неговиот ритам Црквата живее цели 2000 години; тој самиот влезе во црковното предание; заради тоа јулијанскиот календар е златна карика која нас не спојува со целата историја на Црквата.
А неопходен услов за – заедничко празнување на христијанските празници - не е постигнување согласност во правни и дипломатски договори, туку - единство во верата и заедницата на Светиот Дух. Единството подразбира – усогласеност и еднодушност - во верата и целиот живот во Христа.
Енцикликата која е жестоко оспорувана зашто предлага –усвојување единствен календар - наголемо го трасира патот на ереста на екуменизмот.
Цикличноста на јулијанскиот календар, а особено Големиот Пасхален круг (кој на секои 532 години се повторува) е символ на вечноста, каде нема крај, и каде тоа Воскресение не воведува - ВО ВЕЧНОСТА!
И ВИДОВ НОВО НЕБО И НОВА ЗЕМЈА, ЗАШТО ПОРАНЕШНАТА ЗЕМЈА ПОМИНА…- (Откр. 21,1)
1 Александриски астроном, еден од главните создавачи на јулијанскиот календар, I век п.н.е.
2 Астроном и математичар од ΙΙ п.н.е. Хипарх ја одреди сончевата година со отстапување од 6 минути ( по други податоци 4 минути) од денес прифатено временско пресметување, а звездената година со отстапување од само 20 секунди. Разликата помеѓу звездената и сончевата година која изнесува околу 20 минути он е ја одредил со отстапување од 5 минути.
3 В.Бикерман, „Хронологија на древниот свет“
41572.- Во ноќта, токму на празникот Свети Вартоломеј, во Париз и во цела Франција почна невидениот колеж на хугенотите, оној дел од населението кој го прифати протестантизмот. Се смета дека до септември се убиени повеќе од 25.000 луѓе. Иницијатор на „крвавиот пир“ - „Вартоломејска ноќ“ - беше Катерина Медичи, мајка на францускиот крал Шарл IX. Папата Гргур XIII по повод колежот во Франција даде налог да се искова медал, прогласувајќи ја одмаздата над хугенотите за „света војна на една вера“.
5В. Гордон Мајер „Григоријански календар“
Извор: https://www.manastirslepche.mk/novost/za-sushtestvenata-opravdanost-na-julijanskiot-kalendar/
26ти декември 2019 лето Господово
Друго :
https://www.manastirslepche.mk/pouka/50-pouki-na-svetiot-teofan-zatvornik-ii-del/
28ти ноември 2019 лето Господово
Друго:
50 поуки на светиот Теофан Затворник I дел
- Зошто има сѐ помалку време - Архимандрит Рафаил Карелин, II дел
- Зошто има сѐ помалку време - Архимандрит Рафаил Карелин, I дел
Од книгата Тајната на Спасението - Архимандрит Рафаил Карелин
https://www.manastirslepche.mk/novost/zoshto-ima-s-pomalku-vreme-arhimandrit-rafail-karelin/
“Во почетокот беше Словото,
и Словото беше во Бога
и Бог беше Словото.” – Јован 1,1
Друго: