логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

ВИЕ СТЕ – СВЕТЛИНАТА НА СВЕТОТ 
 

Епископ Иларион Алфеев

ilarion.alfeev.jpgДенес би сакал да ви кажам неколку збора за спасението во светот: не за спасението „од светот“, туку за тоа како, живеејќи во светот, да ги ползуваме нештата, коишто ги предлага светот, за духовна полза. Односно, да кажам како можеме и како треба да го прифаќаме светото што нè опкружува.
Ќе започнам со цитатот од еден анонимен ранохристијански текст, познат како „Послание до Диогнет“, кој датира приближно од II век.

„Христијаните не се разликуваат о другите луѓе ниту по земјата во која живеат, ниту по јазикот, ниту по обичаите. Тие не се населуваат во посебни градови, не користат некој особен јазик и водат живот кој не се разликува од животот на другите луѓе. Единствено нивното учење не е плод на мисли и на изуми на луѓе коишто бараат нешто ново, тие не се приклонуваат кон какво-годе човечко учење, како другите, туку, живеејќи по елинските и по варварските градови, каде кој се затекнал, и следејќи ги обичаите на тамошните жители во облекувањето, исхраната и во сè друго, тие претпочитаат еден зачудувачки и навистина неверојатен начин на живеење. Тие живеат во татковината, но како да се туѓинци. Учествуваат во сите работи во кои учествуваат и другите граѓани, но ги претрпуваат сите непријатности на кои се изложени дојденците. За нив секоја друга земја е татковина, и секоја татковина е – туѓа земја... Со еден зброр, тоа што во телото е душата, тоа е христијанинот во светот. Тие сите ги сакаат, а од сите се прогонувани. Нив не ги познаваат, но ги осудуваат. Тие од сè се лишени, но изобилуваат со сè. Нив ги срамотат, но тие со тоа се прославуваат. Ги клеветаат, но тие излегуваат праведни. Ги злоставуваат, а тие благословуваат. Кога ги казнуваат, тие се радуваат, како да им даваат живот!“

И така, „тоа што во телото е душата, тоа се христијаните во светот“, Секој од нас, христијаните, е поставен од Бога во одреден историски и локален контекст. Ние живееме во конкретен град, во конкретна епоха, нас не опкружуваат конкретни луѓе, на нашиот живот влијаат конкретни околности. И зборовите на Христос, „вие сте сол на земјата“ и „вие сте светлина на светот“, се однесуваат на нашиот живот во овој конкретен свет. Ние не сме повикани да се откажеме од светот, да го отфрлиме светот, да се гнасиме од светот: ние сме повикани, живеејќи во светот, да бидеме „сол на земјата“ и „светлина на светот“, односно, како и душата во телото, да го оживотворуваме светот, да го преобразуваме. Но за да можеме да пројавуваме позитивно влијание врз светот, треба да се научиме правилно да го ползуваме сето она што ни го предлага тој свет. Треба да научиме творечки да му пристапуваме кон светот.

Говорејќи за животот во светот, јас нема да ги изнесувам само моите мисли, туку ќе ги цитирам и кажувањата на еден значаен пастир од XX-от век – свештеникот Александар Јељчањинов. Еве една од неговите мисли за тоа како христијанинот треба да го восприема светот во кој живее:
Условите со кои нè опкружил Господ се првиот степен во Царството Небесно, и тоа е единствениот пат за нашето спасение. Тие услови се менуваат истиот оној час во кој ги користиме, претворајќи ја горчината на навредите, на грижите, на болестите и на тешкотиите во злато на трпението, на безгневието, на кротоста... Постојано, секојдневно, во секој час Бог ни испраќа луѓе, ситуации, дела со кои треба да почне нашата преродба, а ние ги пропуштаме невнимателно, и со тоа секој миг се противиме на Божјата волја која што се однесува на нас. Во текот на сиот наш живот Господ ни помага, праќајќи ни едни или други луѓе, едни или други ситуации. Ако ние во секој миг ги примаме како Божја волја за нас, како решавачки, најважен, единствен миг од нашиот живот – какви (дотогаш сокриени) извори на радост, љубов и сила би се откриле во нашата душа! 

Тоа е клучот на христијанското прифаќање на реалноста што нè опкружува: во сето она што се случува со нас и сето она што нè следи – секогаш треба да го гледаме Божјиот прст, Божјата промисла. Зашто, ништо во нашиот живот не се случува случајно. Доколку сме поставени во сплет на одредени околности, ако се наоѓаме во тешки ситуации, значи дека на Бога така Му е угодно. Испраќајќи ни помош или искушение, Бог секогаш пред нас поставува одредена задача којашто треба да ја решиме. Радост и жалост, здравје и болест, пријатели и непријатели – сето тоа Бог го испраќа заради учење и усовршување, и ние сме должни од сето тоа да извлекуваме полза, да го користиме сето тоа за духовен раст.

Друг клуч кон духовниот живот е секогаш да се наоѓаме на онаа длабочина на која се остварува таинствената средба на душата со Бога. Ако не ја знаеме таа длабочина, не можеме да станеме вистински христијанин. Надворешните животни прилики може да се менуваат, на надворешното ниво може да се одвиваат различни нешта, но главното во животот е она што се случува внатре во човекот. Ако не се научиме на она што отците на Црквата го нарекле „внатрешно пребивање“, ризикуваме да останеме на површината на христијанскиот живот без да разбереме во што се состои суштината на патот на кој сме повикани.

Во животот секогаш има многу нешта коишто нè плашат или предизвикуваат неспокојство, раздразнетост, негодување. Ако човек не умее да се ослободи од сето тоа, ако дозволи околностите да го „совладаат“, нему никогаш нема да му успее да го достигне она длабоко внатрешно спокојство во кое се содржи тајната на христијанскиот живот и тајната на средбата меѓу човек и Бог. Кога надворешните околности ќе го затскријат она што се случува во длабочината, тогаш на човекот не му остануваат сили да работи на самиот себе, да ја обработува почвата на своето срце.

Огромен број луѓе се преокупирани со толку многу надворешни, понекогаш безначајни околности, што сиот нивен живот се претвора во постојано барање на нешто што, очигледно, е недостижно. Тие за сето време очекуваат „подобри времиња“: наместо да се насладуваат со сегашниот ден и со сегашниот час – со часот кога се со Господ, зашто Господ секогаш е со нас – тие луѓе живеат во илузорна надеж за подобра иднина. Но животот минува, и иднината не успева да настапи, а минатото си заминува... А човекот лази по површината на животот, не успева да се симне во оние длабочини во кои единствено заслужува да се живее животот, длабочини во кои животот ја добива својата првобитна вредност.

Како е можно во наше време, кога темпото на животот е забрзан до крајната граница, кога времето до крајност е компримирано и, како што се чини, лета побрзо одошто во изминатите епохи – како е можно да се зачува духовната рамнотежа, внатрешниот мир? Единствен начин е: спуштање во длабочините – во длабочините на сопствениот внатрешен живот, таму каде што душата го допира Бога.

Протекувањето на времето не плаши кога стоиме во место – пишува Јељчањинов. – Треба да се нурнеме во длабочината, во која времето стои.
Уште еден клуч за духовниот живот: правилна распределба на приоритетите. Мошне важно е во животот на човекот сè да биде поставено на свое место, да се воспостави хиерархија на вредностите. Често пати човекот се нервира, се раздразнува, пројавува незадоволство само затоа што на првото место го става она што треба да стои, можеби, на десетото, заборавајќи на главното – на стоењето пред Бога. Ако човековата душа стои пред Бога, тој ќе нема причини за нервози, за неспокојства, за раздразнетост, зашто неговата душа веќе ја добила „единствената потреба“ и се успокоила во стоењето пред Бога.

Стоењето пред Бога треба да биде не толку заднина, фон, колку главна потпора, главен столб во животот. Кога во човекот постои цврст внатрешен столб, тогаш за него не се страшни никакви незгоди коишто можат да го снајдат.
Нашиот живот на земјата – вели Јељчањинов – е подобие на повисок живот.
И нашата задача тука, на земјата, е сè повеќе и повеќе да се приближуваме до тој образ и до тоа подобие, според кои сме создадени од Самиот Бог. Ние сме должни секојдневно, така да се каже, да го чистиме во себе образот Божји, осквернет со гревовите и со сета онаа суета којашто нè опкружува.

Ставајќи го главното на прво место, а второстепеното – на второ, ние можеме, живеејќи среде суетата на светот, од сите нешта да извлекуваме духовна полза. Во овој свет нема толку многу нешта коишто, според својот квалитет, би биле безусловно негативни, или безусловно позитивни. По правило, сето она што нè опкружува може да ни донесе како полза, така и штета. Ако научиме да извлекуваме полза од сето она што нè опкружува, сиот свет околу нас ќе се преобрази. Ќе видиме дека и без да заминеме, како Марија Египетска, во пустина, без да живееме во манастир, без да преземаме какви-годе посебни аскетски усилби, туку едноствавно живеејќи во овој свет – дека можеме да ги достигнеме духовните височини. 

Во врска со ова, би сакал да допрам неколку сосема конкретни теми. Повеќето од нас живееме во градови, и ретко ни се пружа прилика да излеземе во природа. Па сепак, има денови – празници, годишен одмор – кога можеме, ослободувајќи се од сè и заборавајќи на сè, да заминеме некаде на ден-два, на неколку дена или недели, за да бидеме сами со природата. Тоа е мошне важно искуство, коешто не треба да се пренебрегнува, затоа што, живеејќи во услови што владеат во голем, многумилионски град, ние несвесно сме вовлечени во неговиот вештачки ритам – ритамот на трката по материјални богатства. Кога макар на неколку дена ќе ни успее да се извлечеме од тој круг, ќе го почувствуваме дишењето на вечноста, ќе се допреме до природата во која е присутен и во која дише Самиот Бог. Наоѓајќи се во шума, на планина, на речен или на морски брег, можеме да се задлабочиме во слушањето на тоа дишење на Светиот Дух, Кој во мигот на создавањето на земјата, на небото и на морето „лебдел над водата“, и Кој и денес сите нешта ги пронижува и ги оживотворува.

Уште една тема – образование, наука, ученост. Секој од нас има ваква или онаква „специјалност“: во една или во друга област ние знаеме по нешто. Секоја наука и секоја специјализација може да имаат утилитарно, применето значење: во таа смисла тие се неутрални во однос на духовниот живот. Но науката – во онаа мера во која ги открива длабочините на Универзумот, законите што дејствуваат меѓу луѓето, во природата, во Космосот – може да добие религиозна смисла, може да ни го открие Бога. И колку подлабоко се нурнуваме во оваа или онаа наука, толку повеќе таа може да ни послужи за богопознание. Како што рекол еден мислител: „малото знаење нè оддалечува од Бога, а големото нè враќа кон Него“. Човек со тесен светоглед, со ограничено знаење, најчесто има и примитивни религиозни претстави. 

Голем број на отците на Црквата, како што се св. Григориј Богослов, св. Василиј Велики, св. Григориј Ниски, св. Јован Златоуст, минале години и децении во совладувањето на науките и на знаењата од различни области – философија, реторика, медицина, астрономија, математика, геометрија. Тие биле едни од најобразованите луѓе на нивното време. Потоа, откако станале свештенослужители, сите свои знаења ги ставиле во служба на Бога, на Црквата и на луѓето.

Постои гледиштре според кое верата и науката се неспоиви: образованоста и ученоста како да ì се туѓи на христијанската Црква, во која сè се стекнува во простота и со смирение. Постои страв од дијалог, од размена на мислења, од самиот разум како таков. Некои дури и кон богословската наука се однесуваат со недоверба. На таа тема може многу да се зборува, но сметам дека е доволно ако во врска со тоа ги цитирам зборовите на отецот Александар Јељчањинов:
Вообичаениот во наше време страв од мислата, од философијата, од богословењето, не може да се оправда ниту со повикување на Евангелието, ниту на светите отци, коишто мошне многу размислувале и расудувале. Јас не можам да си спомнам за ниту еден од светите отци кој пројавувал страв пред човековиот разум, пред расудувањето, пред разликата во мненијата...

Една важна тема е темата за – материјалните богатства. Макар што Христос рекол дека богатиот тешко ќе влезе во Царството Небесно, тоа не значи дека богатството само по себе претставува пречка во духовниот живот: пречка претставува робувањето на материјалните богатства. Човек може да биде сиромашен, но целиот живот да го мине во трката по пари, може постојано да го измачува жедта за пари. А може, обратно, да биде мошне богат, а да го користи своето богатство за полза на ближните, да го дели со нив. Богатиот човек од приказната на Христос за богатиот и за Лазар, не се нашол во адот затоа што бил богат, туку затоа што, минувајќи покрај сиромавиот којшто лежел пред неговата порта, не го забележувал.

Постојат различни видови богатство, коишто се и пречка, но и начин за достигнување на Царството Небесно. Отецот Јељчањинов вели:
Не треба да се мисли дека постои само еден вид богатство – пари. Може да се биде богат со богатството на младоста, може да се има ризница на таленти, дарби, да се има капитал на здравје. Сите тие богатства можат да бидат пречка за спасението. Материјалното богатство нè поробува, го зајакнува нашиот егоизам, го поматува нашето срце, нè исполнува со грижи, со стравови, бара да се жртвуваме за него, како ненаситен демон. Обично тоа не ни служи нам, туку ние нему му служиме. Но, нели е така и со богатството со здравје, со сила, со младост, со убавина, со таленти? Нели и тие ја засилуваат нашата гордост, го заробуваа нашето срце, го оддалечуваат од Бога? Но, што ако Бог ни испратил некое од земните богатства? Дали нема да се спасиме, додека не се ослободиме од него? Можеме да го задржиме нашето богатсво кај себе, но не за себе, и да се спасиме, само треба внатрешно да се ослободиме од него, да го оттргнеме срцето од него, да владееме со нашето богатство како да не владееме со него, да го имаме, но да не дозволиме тоа нас да нè има, да го принесеме пред нозете Христови и со него да Му служиме.  

Телесното здравје отец Јељчањинов го нарекува богатство. Не се во право оние коишто сметаат дека христијанинот не треба да се грижи за своето здравје, дека не треба да се занимава со спорт... Уште во III век Климент Александриски говорел: „За младите се полезни гимнастичките натпреварувања, а исто така и игрите со топка: сето тоа го зајакнува телото.“ Телесното здравје придонесува за хармоничен раст и созревање на човекот. Древните грчки системи на воспитување му посветувале исто толку внимание на телесниот, како и на духовниот развој. Затоа христијанинот може и треба да се грижи за своето здравје, за своето тело. И ако нè снајде некоја болест, ние не треба да ја оставаме „на Божја волја“: треба да одиме на лекар и да се придржуваме на неговите совети. Тоа, би се рекло, е толку очигледна работа што за неа и не треба да се зборува, но во Црквата постојат „ревнители“ коишто лечењето кај лекар го сметаат за грев и повикуваат во случај на болест човек само да се моли и да се надева на Божјата милост. 

Што се однесува до духовното значење на болеста, често се случува таа да ни биде испратена за духовно оздравување. Како по правило, ние живееме во ритмот кој не дозволува паузи потребни за да се сосредоточиме, да ги собереме мислите, да го осмислиме нашето минато, да се обидеме да го слушнеме Божјиот глас. Отецот Александар Јељчањинов многу боледувал и умрел не доживувајќи ни педесет години. Кратко пред смртта, кога веќе бил тешко болен, ги напишал овие редови:
Болеста е најблагопријатното време за враќање во нашето срце, враќање кон Бога, но со оздравувањето оваа можност повторно се оддалечува во бескрај. Болеста – тоа е школа за смирување, тоа е состојба во која гледаш дека си беден, гол и слеп.

Не само болеста, туку и староста може да се смета за извор на духовна полза. Луѓето што се наоѓаат на прагот на староста или веќе го преминале трој праг, треба да Му благодарат на Бога за тоа дека ги достигнале годините на староста, за тоа дека го проживеале животот којшто нешто ги научил. А годините во староста треба да се искористат за исправање на грешките од младоста, за приближување кон Бога, што на постар човек од многу аспекти му е полесно одошто на млад човек – ако ништо друго, барем затоа што тогаш има помалку соблазни, помалку искушенија, но и повеќе време, повеќе спокојство.

Ќе преминеме на наредното прашање. Како да се однесуваме спрема светските задоволства – театарот, киното, телевизијата? Се разбира, невозможно е тука да се дадат рецепти за сите можни случаи во животот. Но треба да се има на ум дека Црквата, во принцип, не ги отфра ниту театарот, ниту киното, ниту телевизијата. Во делата на светите отци, на пр., кај св. Јован Златоуст, може да се сретнат многу горчливи и остри зборови против театарот. Но, треба да се знае дека театарот во времето на св. Јован Златоуст било место во кое се прикажувале пагански претстави. Во тетрите се воделе гладијаторски борби: сцената станувала место за убиство – не глума на убиство, туку реално убиство на реален човек, коешто се извршувало пред очите на публиката. Затоа е непримерно да се идентификува денешниот театар, киното и телевизијата со театарот од времето на св. Јован Златоуст. Но, и во современите кино претстави и телевизиски емисии има многу нешта коишто еден христијанин не треба да ги гледа. Хорор филмови, филмови во кои се пропагира насилство и убивање, филмови во кои се прикажува разврат – сето тоа му противречи на христијанскиот морал.

Општо земено, спрема телевизиските програми треба да се однесуваме со големо внимание, и да ги избираме само оние програми коишто не му штетат на духовното здравје: емисии од областа на науката, филмови со уметничка и морална содржина. На децата не треба да им се забранува да гледаат телевизија, но треба да ги научиме како самите да избираат што е добро, а што не е добро да гледаат. 

За голем број луѓе телевизијата станала средство со помош на кое можат да се оттргнат од реалноста, да се префрлат во илузорен свет или, едноставно, да го „отепаат“ времето. Сметам дека гревот не е во тоа што човекот гледа телевизија, туку во тоа што напразно го троши своето скапоцено време. На никого од нас не ни е познато колку време ни преостанува во животот. Дали човек, којшто знае дека утре ќе умре, ќе седне и ќе гледа некој хорор филм? Да се троши, да се „отепува“ времето е голем грев. Но да се погледне вреден уметнички филм, кој ќе нè научи на нешто, кој ќе ни открие нешто за животот, за љубовта, за пријателството, за верноста – тоа, секако, не е грев, како што не е грев ниту читањето уметничка литература, читањето световна поезија, или слушањето соодветна световна музика, зашто од сето тоа  може да се извлече полза.

Во врска со музиката, прекрасно се произнел митрополитот Антониј Сурожски:
Ние можеме да гледаме во нотите на некоја партитура, но ако не сме музички образовани, ништо нема да разбереме. Можеме да ги читаме нотите, но само да ги читаме, без да ги репродуцираме во соодветна мелодија. Можеме и да се научиме, и со очите да ги читаме нотите, а со нашиот внатрешен слух да ја слушаме мелодијата. Ако истата партитура ја слушаме на концерт, можеме да се задлабочиме во звуците, тие можат да нè однесат некаде, и преку нив можеме да влеземе во некој друг свет. Зад тие звуци стои композитор со неговото музичко искуство, со искуството на самиот себеси, со искуството и на убавината и на безобразието,и на радоста и на тагата, и на надежта и на очајот, со искуството на сета длабочина на човековиот живот – и свој, и туѓ. А зад тоа лежи сиот простор на животот... цело едно море... 

Очигледно е дека можеме да се научиме да слушаме музика, да читаме стихови, па дури и да гледаме телевизија, за сето тоа да не води кон едни нови граници, да ни открива нови хоризонти, духовно да нè обогатува и да ни помага да ги видиме богатството и длабочината на светот што се одразува преку уметноста. Но, и тука треба да се биде крајно внимателен и да се разбере кои видови уметност придонесуваат, а кои попречуваат на духовниот раст на човекот. Постои современа музика, како што е тешкиот рок, која разурнувачки дејствува на душата, на психата и на сознанието: вовлекувајќи го човекот во противприроден ритам, тој го лишува од можноста да живее природно и едноставно, во хармониија со самиот себеси и со природата.

Следното прашање: како да се однесуваме кон она што ни го предлага светот на компјутерите? Без сомнение, компјутерот е крајно полезен за човек што размислува, што пишува, што се занимава со научни истражувања. Компјутерот го олеснува и го упростува човековиот труд. Во таа смисла, појавата на комјутерите при крајот а XX век е голем подарок на оние луѓе кошто пред тоа пишувале со рака или на машина за пишување. Компјутерот го поедноставува и го поефтинува пристапот до информациите. Денес веќе не е потребно да се купуваат скапи прирачници и речници: тие може да се најдат на компакт-диск или на Интернет.

Но, во светот на компјутерите се кријат и големи опасности за еден христијанин. Делумно, Интернетот претставува царство на секакви задоволства, царство во кое на секого му е дадено право да се искаже, без оглед на неговите морални гледишта. Во Интернетот вооптшо земено, нема никакви ограничувања, освен комерцијални. Влегувајќи во Интернет, човекот станува целосно отворен за секаков вид соблазни: тој може да наиде на такви нешта од кои лесно може да се оскверни. Затоа, влегувајќи во тоа царство, христијанинот треба да биде крајно внимателен, особено трезвен, за да на време ги затвори очите пред она што не треба да го види.

Денес многумина се занимаваат со компјутерски игри, но тоа е мошне погубна појава. Кон крајот на XX век во човештвото се насобрале премногу проблеми со кои тоа не успеало да се справи: за да се оттргне од тие решенија, човештвото ја измислило „виртуелната реалност“, во која човек може да се затвори. И на секој човек, кој не може да се справи со проблемите на реалниот живот, му се нуди можност да се нурне во еден виртуелен, илузорен, измислен живот. Компјутерските игри, по својата суштина, малку се разликуваат од алкохолот и од наркотиците – тие исто така нудат чувство на излегување од реалноста. Човек може да биде длабоко несреќен во „реалната реалност“. Истиот тој човек во „виртуелната реалност“ се претвора во успешен борец, кој ги победува своите соперници, во играч кој, една по друга, ги уништува сите цели.

Компјутерските игри се особено опасни за детската психа: тие во детето развиваат животински инстинкти, страст кон насилство и кон убивање. Во повеќето од компјутерските игри човекот, кој седи пред компјутерскиот екран, за сето време убива замислени противници. За разлика од шахот, кој ја развива способноста за логичко размислување, од спортските игри коишто придонесуваат за развојот на телото, компјутерските игри не само што со ништо не го збогатуваат детето, не го развиваат, туку обратно, на одреден степен од неговиот развој го извлекуваат од реалниот живот, го вовлекуваат во мошне привлечен, но и во исто толку погибелен и духовно опасен свет на илузии.

Би требало да се кажат и неколку зборови за алкохолот и за пушењето. „Виното го весели срцето на човекот“, се вели во 103-от псалм. За разлика од исламот, во православното христијанство не постои забрана за употреба на вино: апостол Павле дури му советува на својот ученик Тимотеј да пие вино, поради стомакот (1 Тимотеј 5:23). Но истиот тој апостол вели: „Не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд (Ефесјаните 5:18). Гревот не се состои во употребата на вино, туку во злоупотребата, во пијанството, во губењето на човечкиот лик под влијание на алкохолот. Гревот е присутен и ако во виното бараме излез од животните проблеми. Грев, конечно, претставува и страста кон алкохолот, робување на алкохолот. Алкохолниот напиток, кој може да ја украси празничната трпеза, не ретко, кога се зема во неразумни количини, доведува да разрушување на човековата личност, до разрушуваење на семејтсвото, па дури и до насилство и до убиство.

Што се однесува до пушењето, оваа навика не претставува пречка за влегување и за пребивање во Црквата. Но, според мене, пушењето е категорички недозволиво за свештеници и за монаси. Сепак, во врска со ова постојат различни мислења. Во Грчката црква голем број свештеници и епископи пушат, а во минатиот век и некои руски клирици гледале низ прсти кога е во прашање оваа навика. (Светителот Игњатиј Брјанчањинов сметал дека пушењето не е пречка за примање на монаштвото; тој, дури, им советувал на монасите коишто не можеле да се откажат од пушењето, да преминат на мирисање на тутунот.) Како и да е, доколку човекот може да се откаже од тутунот, подобро е да го направи тоа. Оној, пак, кој сè уште не го пробал тутунот, подобро и да не се навикнува на него: многу потешко е да се остави пушењето, одошто воопшто да не се проба. Меѓу младите на возраст од десет-петнаесет години пушењето е модерно и престижно: младите сметаат дека со цигара во устата изгледаат повозрасни. Тие можеби и не знаат дека за возрасните е модерно да се откажат од пушењето. Младите не се свесни ниту за тоа дека пушењето е причина за голем број заболувања, дури и смртоносни.

За пушењето постои убав расказ од преподобниот Силуан Атонски. Додека бил уште млад и живеел во светот, еднаш патувал со воз со некој трговец, кој тврдел дека пушењето не е грев и затоа не треба да се забранува. Силуан му одговорил: „А вие, пред секоја цигара помолете Му се на Бога, па дури потоа запалете ја.“ „Но, некако не иде молењето пред пушењето...“ одговорил трговецот. „Секоја работа, пред која човек не може да се помоли, подобро е и да не се прави“ му возвратил Силуан. 

Како заклучок, би сакал да го кажам следново. Христијанинот треба во сите нешта да се држи до правилото на „златна средина“, да чекори по „царскиот пат“. Не треба да го отфрламе сето она што ни го предлага светот, туку треба да се научиме од сето тоа да го избереме полезното, а штетното да го отфрлиме. Како што рекол апостол Павле: „Сè испитувајте, за доброто држете се“ (1 Солунјаните 5:20). Ако се научиме да го прифаќаме светот на ваков начин, тој пред нас ќе се покаже сосема поинаков, ќе видиме колку многу нешта во него се наш помошник и сојузник во духовниот живот. Секој настан, секоја ствар, секоја животна ситуација, секоја средба може да стане за нас духовна лекција која ни помага во изодувањето на патот кон Бога.
 
 
(www.ORTHODOXIA)

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети: {moshits}



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2023

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2023

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная