логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


СЛОВО 1

За чувањето на срцето.

monah.sveka.jpg
ГЛАВА 1

Како може кој и да било да рече: Постам, живеам како туѓинец, го раздавам својот имот, значи, свет сум? Зар е можно некој да биде свет без да го очисти внатрешниот човек? Зашто очистувањето не е само воздржување од лошите дела, туку стекнување на совршена (потполна) чистота, чистота на совеста. Напрегни ги, човеку, мислите и појди кај оној заробеник и роб на гревот - твојот ум, и види ја змијата што ползи и се гнезди таму, на самото дно од твојот ум, во длабочините на помислите, во така наречените тајни одаи на твојата душа, којашто те убила и ги поразила главните членови на твојата душа; затоа што срцето е една неопфатна бездна. И ако ја убиеш оваа змија, тогаш фали се со чистотата пред Бога. А ако не ја убиеш, тогаш смири се, како оној што има потреба од помош и како грешник, и моли Го Бога за твоите најтајни места.

ГЛАВА 2

Вистинската смрт се крие внатре во срцето - и човекот е умртвен внатрешно. Според тоа, ако некој тајно преминал „од смрт во живот” (Јован 5, 24), навистина живее во вековите и не умира. Дури и ако телата на таквите се распаѓаат на некое време, тие сепак, бидејќи се осветени, ќе станат со слава. Затоа успението (смртта) на светите го нарекуваме сон.

ГЛАВА 3

Целата усилба на противникот е во тоа да успее да го одвлече нашиот ум од сеќавањето на Бога и од Божјата љубов. За таа цел тој употребува земни мамки и нè одвраќа од она што е вистински прекрасно кон она што е само навидум, но не и вистински прекрасно. Зашто лукавиот е подготвен секое добро дело што ќе го направи човекот да го оцрни и оскверни, обидувајќи се заповедта да ја помеша со сопственото семе на суетата и вообразеноста, па доброто што некој го прави да биде направено не заради Бога и не само преку добра усрдност.

ГЛАВА 4

Значи, што сега? И како да отпочнеме ние, кои никогаш порано не сме влегувале во срцето?-  Стоејќи надвор, да тропаме преку постот и молитвата, како што заповедил Господ, велејќи: „На оној што чука, ќе му се отвори” (Мат. 7, 8). Зашто ако останеме во словото Господово, во бедност, во смиреномудреност, во сите добродетели што ги бараат заповедите, дење и ноќе тропајќи на духовната врата Господова, тогаш ќе успееме да го стекнеме она што го бараме, затоа што низ оваа врата може да се ослободи секој што сака да ñ избега на темнината. Таму тој ја пронаоѓа слободата на душата, ги восприема нејзините помисли и можноста да го придобие Небесниот цар Христос.

ГЛАВА 5

Кога умот ја заборава духовната и побожна мака, тогаш ги заборава и заповедите. Поради тоа, иако мисли да оди напред, го губи израмнетиот пат и оди по кривулести патеки, па така се среќава со диви ѕверови. Кога ние не би го прекинувале трудот да престојуваме во молитва и надеж, тогаш не би се подлагале на заблуди. Зашто за оние кои имаат мака на душата, Писмото вели: „Верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша” (1. Кор. 10, 13); а оние што не се вразумуваат ќе ги „снајдат незгоди” (5. Мој. 31, 29).

ГЛАВА 6

Како што надворешните очи оддалеку го гледаат трњето и провалиите, така и проѕирливиот ум, бидејќи е бистар, однапред ги виѓава поставените стапици од страна на спротивната сила и ја опоменува душата, служејќи ñ како некакво око.

ГЛАВА 7

Потребни се многу борби и таен невидлив труд за да можат да се испитуваат помислите и изнемоштените чувства на нашата душа, преку долго учење да се обучат „да разликуваат добро и зло” (Евр. 5, 14). Изнемоштените членови во душата треба да се оживуваат преку непрестајно поттикнување на умот кон Бога, затоа што нашиот ум е повикан да биде, според искажувањето на Павле, постојано „еден дух” со Господа (1. Кор. 6, 17). Оваа, пак, тајна борба и размислување за Господа, и овој труд, треба да ги имаме дење и ноќе, при секое исполнување на заповедта, без разлика дали се молиме, јадеме, служиме, пиеме или правиме нешто друго, па секој добар потфат што ќе го направиме да биде направен во слава Божја. Зашто сите наши дела, согласни со заповедите, се осветуваат и ги извршуваме во чистота преку тоа што непрестајно се сеќаваме на Бога, преку стравот и љубовта кон Него. И тогаш веќе она што се прави, според заповедите Божји, е надвор од влијанието на осквернителот.

ГЛАВА 8

И патријархот Авраам како дар на свештеникот Божји Мелхиседек му го принел најдоброто од добитокот и на тој начин добил благослов од него. А што друго и таинствено ни дава Духот да сфатиме преку тоа? Зар не укажува на повисокото умствено согледување дека она што ги надминува и самите коски од целиот состав на нашата природа, т. е. умот, совеста, расположението, мислата, самата сила на љубовта во душата, првината на целиот наш човек, којашто во секое време се посветува на паметењето и размислувањето за Бога, ние треба пред сè и постојано да го принесуваме на Бога како свештена жртва на срцето, како најскапоцен и најдобар дел од добрите помисли? Во тој случај, помогнати од Божјата благодат, ќе можеме секојдневно да растеме и напредуваме и товарот на праведноста, којашто ја бараат заповедите, за нас ќе се покаже лесен, затоа што сите заповеди, во содејство со самиот Господ, ќе ги исполнуваме чисто и беспрекорно, преку нашата вера во Него. А што се однесува на видливото подвижништво и тоа кој добар потфат е поголем и прв, знајте, возљубени, дека сите добродетели се крепат една на друга и взаемно се поврзани меѓу себе и, како дел од некаков духовен свештен ланец, зависат една од друга: молитвата од љубовта, љубовта од радоста, радоста од кротоста, кротоста од смирението, смирението од служењето, служењето од надежта, надежта од верата, верата од послушноста, послушноста од едноставноста. Исто како што од спротивната страна и пороците произлегуваат еден од друг: омразата од раздразливоста, раздразливоста од гордоста, гордоста од суетата, суетата од неверието, неверието од жестокосрдноста, жестокосрдноста од неработењето, неработењето од мрзоволноста, мрзоволноста од немањето грижа за ништо, немањето грижа за ништо од очајноста (унинието), очајноста од малодушноста, малодушноста од сластољубието, а и останатите пороци се меѓусебно поврзани и зависат еден од друг. Така и на добрата страна добродетелите се наоѓаат во меѓусебна зависност. А глава на секоја добродетел и врвот на добрите дела е постојаното престојување во молитвата. Преку неа, испросувајќи од Бога, секојдневно можеме да стекнуваме и други добродетели.

ГЛАВА 9

Ако не нè украсува смиреномудрието, едноставноста и благоста; тогаш тоа што однадвор се молиме нема да ни донесе никаква полза. Тоа не го велам само за молитвата, туку и за секој подвиг или труд, или за девството, или за молитвата, или за каков и да било подвиг и дело, што се извршува заради добродетелта. Ако не наоѓаме во себе изобилни плодови на љубовта, мирот, радоста, кротоста, смирението, едноставноста, искреноста, верата и долготрпението: тогаш сите наши подвизи биле празни и залудни, затоа што секое такво дело и сите подвизи треба да се извршуваат заради плодовите. А ако во нас не се покажуваат плодовите на љубовта и мирот, сето делување е залудно и напразно. Оние кои делуваат, а немаат плодови, во денот на судот ќе се покажат слични на петте неразумни девојки, кои во садовите на срцата не налеале преку делувањето духовен елеј, т. е. не го наполниле садот со погоре наброените добродетели, па поради тоа се наречени неразумни и не биле примени во духовната брачна одаја на царството. Поради недостаток на добродетели, затоа што во нив не било јасно видливо престојувањето на Духот, и самиот нивни подвиг на девство немал никакво значење. Како што целата наша грижа кога обработуваме лозје е ориентирана кон тоа лозјето да роди плодови, а ако нема плодови ‡ сиот труд во обработувањето е залуден и оди во празно, исто и ако, кога Духот ќе подејствува, не ги распознаеме со несомненост преку духовното чувство во себе плодовите на љубовта, мирот, радоста, смирението и останатите добродетели, што ги набројува апостолот (Гал. 5, 22), во празно ни оди подвигот на девството и излегува дека трудот во молитвата, псалмопеењето, постот, бдеењето, ништо не ни користи, затоа што овие душевни и телесни напори треба да се извршуваат со надеж на духовни плодови. А плод на Духот во добродетелите е кога срцата на верните, во коишто дејствува Духот, духовно се насладуваат од нив со чисто задоволство. Со голема деликатност на расудувањето да се оценуваат делувањето, трудот и сите природни подвизи, кои се прават преку верата и надежта, со помош на Духот Свет, во оние што се достојни. Прекрасна работа се постот, бдеењето, оддалеченоста од сè. Тоа е дури цветот на добриот живот. Меѓутоа, постои една повнатрешна состојба на христијаните и никој не треба да се надева само на овие дела. Зашто се случува порокот да залаже некои кои заедничарат со благодатта. Имено, тој е сè уште жив во нив, но доброволно се повлекува и не дејствува, и го наведува човекот да мисли дека неговиот ум станал чист, за да го доведе да си вообрази и да си рече: јас сум совршен христијанин. А тогаш, кога човекот ќе си рече: веќе сум се ослободил, и ќе се оддаде на неработење, прикриениот порок го напаѓа човекот како разбојник, го искушува и го фрла во подземјето. Ако луѓе кои не еднаш направиле разбојништво или биле војници умеат да ги залажат непријателите, да направат заседа, да се сокријат, да им дојдат зад грб на непријателите и одненадеж да ги опколат и убијат, колку повеќе злобата, којашто толку илјадници години се занимава со ова дело и погубува толку души, умее да се скрие во срцето, да се притаи до одреденото време, за да ја доведе душата до тоа да си вообрази дека е совршена.

ГЛАВА 10

Темел на христијанството е човекот, ако и изврши некои дела на правдата, да не се потпира на нив и да не мисли за себе дека е голем, туку да биде сиромашен по дух. И ако стане заедничар на благодатта, да не мисли дека стекнал нешто, да не се прави важен и да не почнува да поучува, туку иако туѓинува, води добар живот, многу пости, се осамува, се моли, иако заедничари со благодатта, да не ја цени високо својата душа. Особено тогаш, кога во него ќе почне да дејствува благодатта, треба да продолжи да се труди, да жеднее, да не мисли за себе дека доволно се наситил, станал праведен или се збогатил со благодатта, туку да плаче и да пролева солзи. И како што, ако на некоја мајка ñ се случи да ñ умре синот единец, когошто го воспитала и пораснала, колку и да ја тешат луѓето, сите тие само ќе ја побудуваат повеќе да плаче, и мајката ќе остане без утеха, така и христијанинот треба да го оплакува својот пад и непрестајно да пролева солзи, а, најмногу од сè, да има скрушено срце.

ГЛАВА 11

Ако некој влезе во надворешните дворови на некоја царска палата, која има многу простории, дворови, тремови и внатрешни згради, каде што престојува самиот цар и каде што се чува неговата порфира и неговите ризници, тој нема да помисли дека влегол во внатрешните згради, каде што е славата на царот, порфирата и ризниците. Така е и во духовното. Оние што постат, бдеат, пеат, се молат, да не мислат дека веќе влегле во спокојството, затоа што дошле само до тремовите и дворовите и не влегле таму каде што е порфирата и каде што се ризниците. Според тоа, браќата не треба многу да се потпираат на надворешниот начин на живот и да си велат: јас значам нешто. Па и ако некој стане заедничар на благодатта, не треба да мисли дека веќе стигнал до целта или Му станал многу близок на Царот, затоа што тој сè уште се наоѓа во надворешните згради. Човек не треба да испитува дали го нашол богатството во кревкиот сад, дали се облекол во порфирата на Духот, дали Го пронашол Царот и мирот, затоа што душата е многу длабока и има многу елементи. Гревот, кој влегол во неа, веќе господари со сите нејзини елементи и помисли на срцето. А кога човекот ќе ја побара благодатта, таа доаѓа кај него и завладува со пар елементи на душата. Кога ќе се случи тоа, неопитниот, поттикнат од благодатта, мисли дека таа завладеала со сите елементи на душата и дека гревот е искоренет. Меѓутоа, гревот сè уште владее со најголем дел од душата, а само еден малечок дел е под власта на благодатта. Така човекот се мами и попаѓа во незнаење. Не е редок случај благодатта да дејствува во човекот непрестајно, слично на очите во телото. Но во исто време во човекот престојува и гревот и го залажува умот. И оној кој нема расудување, почнува многу да мечтае за себе и да се дуе, како божем да ја достигнал веќе целта и да се ослободил. А вистината не е таа. Затоа што, како што реков, сатаната се притајува, одредено време не дејствува, за да го наведе човекот да помисли за себе: чист сум и совршен. Оној што сади лозје не почнува веднаш да ги бере гроздовите од него и да прави вино. Оној што посева семе во земјата не жнее и не ги собира зрната во истиот час. И новороденчето не може веднаш да порасне во зрел човек. Или, новиот војник не станува веднаш командант, тој треба првин да се потруди, да земе учество во некоја битка и да победи, па да добие венец.

ГЛАВА 12

Откажувањето од стекнување имот, пеењето псалми, постот, бдеењето, се прекрасна работа. Прекрасно е човекот да се удостои за Божјата благодат. Но ако некој уште не ни почнал да копа и не го поставил темелот како што треба (а умот и кога се прави тоа треба да биде беспрекорен и да општи со благодатта), тој многу мечтае за себе и високо ја цени својата душа. Погледни на Исуса: од каква слава дошол, Тој, Божјиот Син и Бог, а слегол до такви страдања и до распнување! И за таквото смиреномудрие е издигнат и седнат од десната страна на Отецот. Змијата во почетокот ја посеала во Адама горделивата мисла: ќе бидеш како Бог, а знаеш до каков срам дошол родот Адамов преку тоа горделиво мудрување. Барам човек сиромашен по дух и не наоѓам. Како што човек богат, кој во својот дом има ризници, се претставува дека е беден и сиромашен, па оди и проси од сите, така и христијаните имаат благодат, се богатат во Бога, ама сиромашни се по дух, како да немаат ништо. На пример, некој човек треба да заработи сто либри злато. И заработил пет либри, и задоволен е со тоа. А некои, ако може така да се каже, имаат десет унци благодат, а во мислите од тие десет прават сто и се фалат со нив. Некои, пак, во себе имаат пет унци грев, а од нив прават половина унца. А ова се случува со нив или од незнаење ‡ затоа што се мамат кога расудуваат за благодатта и не ги знаат работите, или од суета ‡ зашто се срамат да кажат дека злото дејствува во нив; затоа што веќе се прогласиле себе си за совршени. Човекот треба да ја прави и да ја зборува вистината, да ги признава (исповеда) во себе и даровите на благодатта и дејството на гревот. Лаже оној што зборува дека има чисто срце. Во реалноста не се случува веднаш штом благодатта ќе го посети човекот тој да стане чист. Тој се предава на непријателите и на искушенијата заради вежбање и обука (воспитување), како што и Јов бил во искушение, затоа што и она што е зло, иако недраговолно, му содејствува на доброто. А христијанинот, кој има пет унци грев, треба да вели: имам дваесет и преполнет сум со зло. И оној кој во себе има, на пример, дваесет унци добро, теба да вели: имам само половина унца. А ако се срами да го каже тоа поради суетата, тогаш нека ја зборува вистината, нека ја исповеда дејственоста на благодатта, но, од друга страна, исто така нека го исповеда и гревот. Како што кажав погоре, душата е длабока. Па сега, со помош на споредување, да ги опишеме нејзините елементи. Како што постои сонцето, и од него излегуваат многу зраци, или како што постојат високи дрвја, и имаат многу гранки, или како што постојат големи градови, кои се опколени со многу земјиште што граничи со нив, така и умната суштина, бесмртната душа, е една убавина достојна за чест повеќе од сите созданија, образ и подобие Божјо. Ќе дојде благодатта и со пар зраци ќе ја осветли душата, или од целото дрво ќе озари две гранки, или од целиот град ‡ дел од земјиштето околу него, но повеќето делови од душата сè уште ги владее гревот, а душата мисли дека сета и целосно се наоѓа во добриот дел, дека сета е во благодатта и светлината. Или некој, кој, на пример, заработил пет либри злато, си замислува дека заработил сто либри. Па зар ембрионот во утробата на мајката веќе станал зрел човек? Или оној што го поставил темелот веќе ја завршил целата зграда? Или семето, насадено во земјата, веќе станало клас? Зар трговецот, штом почнал да тргува, го наполнил својот магацин? Зар оној кој зел учество во еден малечок дел од благодатта веќе станал христијанин? Дури и првите и големите, во споредба со совршенството, се исто што и нижиот чиновник во споредба со главниот началник, или поточето во споредба со реката Еуфрат. Оној кој тргнал да оди во некој град, што се наоѓа на растојание од триесет денови одење, кога ќе помине два или три дена одење, нема да помисли дека веќе стигнал во градот. Со оглед на тоа што противничката сила само побудува, а не принудува, и благодатта Божја побудува, поради тоа што природата е слободна и трезвена. Значи, ако некој човек, побудуван од сатаната, прави зло, не се осудува сатаната наместо него, туку маките и казната ги понесува самиот човек, бидејќи по своја сопствена волја му се потчинил на порокот. Слично на тоа, и ако човекот се сврти кон доброто и надвладее Божјата благодат, благодатта не си го припишува доброто на себе, туку за тоа го наградува човекот и го прославува, затоа што човекот сам за себе е причинител на доброто (таква е неговата природа) и благодатта, којашто доаѓа кај него, ни најмалку не ја ограничува неговата волја преку силата на принудата и не го прави неизменлив во доброто, без разлика дали тој го сака тоа или не. Напротив, и Божјата сила, којашто е во човекот, ñ остава место на слободата, за да се изрази волјата на човекот, дали ја почитува или не ја почитува душата, дали се согласува или не со благодатта. Многумина покажале почит и согласност, а други се тргнале настрана, зашто апостолот вели: „Откако почнавте со Духот, со телото ли сега завршувате” (Гал. 3, 3). Законот не ñ е даден на природата, туку на слободната волја, којашто може да се согласи со доброто или со лошото. Затоа Господ вели: „Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел” (Лука 12, 49). Господ сака да е веќе разгорен небесниот оган во срцата на луѓето. И едни го сакаат ова, а други не го сакаат. Слично на ова, вели уште и: „Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како кокошка што ги собира пилињата свои под крилја, а вие нејќевте” (Мат. 23, 37). Гледаш ли, Господ сака, ама луѓето не сакаат да Му се приближат на Господа и да најдат милост.

ГЛАВА 13

Оној што сака да Му пријде на Господа, да се удостои за вечниот живот, да стане Божјо живеалиште и да се удостои за Светиот Дух, за да може беспрекорно и чисто да раѓа плодови според Господовите заповеди, треба вака да почне. Најпрвин треба црвсто да поверува во Господа, целосно да се посвети на зборовите на Неговите заповеди, во сите работи да се откаже од светот, со цел неговиот ум воопшто да не се занимава со ништо што е видливо. Тој треба постојано да престојува во молитвата и да не очајува, непрестајно да очекува Господ да го посети и да му помогне и секогаш во својот ум да го има тоа како цел. Потоа, треба постојано да се принудува на секое добро, на запазување на сите Господови заповеди, макар срцето негово и да не го сака тоа, што се случува поради гревот што се наоѓа во него. На пример, да се принудува да биде смиреномудар пред сите луѓе, да се смета за понизок и полош од сите, да не бара од никого чест, пофалба или слава, како што е напишано во Евангелието (Јован 5, 44), туку пред своите очи постојано да Го има само Господа и Неговите заповеди и да сака само Нему да Му угодува. Исто така, макар срцето и да не го сака тоа, нека се принудува на кротост, како што вели Господ: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши” (Мат. 11, 29). Исто така, по мерата на силите, принудувајќи се, нека се учи да биде милостив, снисходлив, човекољубив, добар, како што вели Господ: Бидете добри и снисходливи, „како што е мислостив вашиот Отец” (Лука 6, 36), и уште вели: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди” (Јован 14, 15), и уште: Принудувајте се себе си; затоа што „царството небесно насила се зема и силните го грабаат” (Мат. 11, 12), и: „Потрудете се да влезете низ тесната врата” (Лука 13, 24). Човекот, пак, пред своите очи постојано нека го има, како образец отпечатен во сеќавањето, Господовото смирение и живот и Неговото однесување со луѓето. И, колку што има сили, да се принудува постојано да престојува во молитви, во секое време со вера да проси Господ да дојде и да се всели во него, да го усоврши и зацврсти во сите Свои заповеди и неговата душа да стане живеалиште на Исуса Христа. И така, ако сега прави нешто со принуда и против желбата на срцето, трудејќи се да се обучува во секој час во доброто, постојано да се сеќава на Господа и секој час да Го очекува со добрина и љубов, тогаш Господ, гледајќи ја таквата негова волност и добрата желба, гледајќи како тој непрестајно се принудува да се сеќава на Него, се принудува на секое добро, на смиреномудрие, на кротост, на љубов, а и како го ограничува неволното срце и, колку што има сили, се присилува да оди нанапред, тогаш, велам, Господ ќе ја оствари милоста Своја во него, ќе го избави од непријателите негови и од гревот што живее во него, и ќе го исполни со Дух Свет. На тој начин, тој, сега веќе без принуда и без никаков напор, постојано и вистински ќе ги исполнува Господовите заповеди или, подобро кажано, штом човекот ќе почне да принесува плодови во чистота, сам Господ ќе ги оствари во него Своите заповеди и плодовите на Духот. Но потребно е оној кој пристапува кон Господа, отпрвин, и против желбата на срцето, да се принудува на добро и постојано, со несомнена вера, да ја очекува Господовата милост. Да се принудува да биде милосрден, да има сострадателно срце, да се принудува да поднесува потценување, да биде великодушен, кога го потценуваат или навредуваат да не се гневи, според кажаното: „Не одмаздувајте се, возљубени, за себе” (Рим. 12, 19), иако сè уште нема духовна молитва, да се принудува на молитва. И тогаш Бог, гледајќи дека тој толку многу се подвизува и со толкава усилба, дури и против волјата на срцето, ќе му ја даде вистинската Христова молитва, ќе му го даде внатрешното изобилство, вистинската добрина, со еден збор, ќе го запази во него духовниот плод. А ако некој нема молитва и се принудува само на молитва, со цел да ја стекне благодатната молитва, а не се принудува на смиреномудрие, на љубов и запазување на останатите Господови заповеди, тогаш понекогаш, според неговата прозба, му се дава благодатната молитва, дури делумно и нејзиниот мир и веселост, но според наравта тој останува таков каков што бил и претходно. Зашто нема кротост, зашто не ја ни барал со напор, и не се вежбал да биде кроток. Нема смиреномудрие, зашто не го ни просел тоа и не се принудувал на тоа. Нема љубов кон сите, зашто не се ни грижел за тоа и не го ни просел и барал тоа преку молитвата. Зашто секој, кој се присилува и принудува, дури и против желбата на срцето, на молитва, исто така треба да се принудува и на љубов, кротост, секое трпение, великодушност, според напишаното, со радост. А исто така треба да се принудува и на понижување, на тоа да се смета за полош и помалечок од сите, да не разговара за бескорисни работи, туку секогаш да се поучува од Господовите зборови и истите да ги искажува со устата и со срцето. И уште, потребно е да се принудува да не се раздразнува, според кажаното: „секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба” (Ефес. 4, 31), па на тој начин Господ, гледајќи ја волноста на човекот, да му даде без труд и принуда да го извршува сето тоа што претходно едвај успевал да го запази со помош на принуда, а поради гревот што живее во него. И сите овие потфати во добродетелите за него ќе се претворат како во природа, затоа што, најпосле, кај него доаѓа Господ, доаѓа и останува во него и Самиот во него ги прави заповедите Свои без труд, исполнувајќи го човекот со духовни плодови.

ГЛАВА 14

Ако некој се принудува на молитва, сè додека не прими дарови од Бога, а во исто време не се присилува и не се принудува во истата таа мера и на смиреномудрие, љубов, кротост, и на останатите добродетели, тогаш понекогаш Божјата благодат доаѓа врз него, според неговата молитва и прозба, затоа што Бог е добар и милостив и го дава она што некој го проси од Него. Ама бидејќи човеков не се вежбал и не се научил на добродетелите што ги наброивме, тој или ќе ја загуби благодатта, или ќе ја прими, па ќе падне, или пак не може да напредува поради вообразеноста, затоа што не им се предава на заповедите Господови со целата своја драговолност. Духот престојува или почива во смиреномудреноста, љубовта, кротоста и останатите Господови заповеди. Затоа, оние кои имаат намера вистински да Му благоугодуваат на Бога, да ја примат од Него небесната благодат, да растат и да се усовршуваат во Духот Свет, треба претходно да се принудуваат себе си, дури и против волјата на срцето, да ги запазуваат сите добродетели, според кажаното: „Затоа се управував според сите Твои заповеди” (Псал. 118, 128). Како што некој ќе се присилува и принудува постојано да престојува во молитва, сè додека не напредне во тоа, така нека се присилува и принудува да започне со сите добродетели, да се учи на добри навики. Па така, ако постојано проси од Господа и Го моли, и го добива она што го бара, во него расте и цвета духовниот дар. И овој дар што му е даден, а кој почива во неговата смиреномудреност и во останатите добродетели, го научува на вистинското смиреномудрие, на вистинската љубов, на вистинската кротост, на што претходно се принудувал и што претходно упорно го барал. А кога ќе порасне и ќе се усоврши во Бога, ќе се удостои да биде наследник на небесното царство. Зашто смирениот никогаш не паѓа. Па и каде да падне, кога е подолу од сите? Голема височина е смирението и голема почест и наследство е смиреномудреноста. Значи, и ние, дури и против желбата на срцето, да се вежбаме и принудуваме на смиреномудрие, просејќи од Бога и молејќи Го со вера, надеж и љубов, во непрестајно очекување, Духот Свет да ни го испрати истото во нашите срца. И да се молиме и да Му се поклонуваме на Отецот преку Духот, зашто самиот Дух ќе се моли во нас, самиот Дух ќе нè научи на вистинската молитва, смиреномудреноста, кротоста, љубовта, како и на сè она што сега не можеме да го извршуваме дури ни ако се принудуваме себе си, ќе нè научи на милосрдноста, благоста, ќе нè научи вистински да ги исполнуваме сите Господови заповеди без труд и без принудување ‡ ќе нè научи и ќе нè исполни, на начин што го знае само Духот, со Своите плодови. Па така, кога Господовите заповеди ќе ги исполни во нас самиот Дух, Кој е единствен што ја знае Христовата волја и нè очистува од гревовната нечистота, тогаш Тој ќе нè претстави пред Христа како прекрасни, чисти и непорочни невести, и ние ќе почиваме во Бога и Христос ќе почива во нас во бесконечните векови.
Слава на Неговата штедрост, милост и љубов, зашто го удостоил човечкиот род за таква чест, нарекувајќи нè и правејќи нè Свои браќа и синови на небесниот Отец! Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух во вековите на вековите! Амин.

Превод: отец Игор Калпаковски


 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная