логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка



ВЕЛИГДЕНСКАТА ВЕРА


Во овие денови по Велигден несакано се се враќа кон истото прашање: ако во тоа нечуено тврдење - Христос Воскресе! - е целата суштина, целата длабочина, целата смисла на христијанската вера, ако, според зборовите на апостол Павле “верата наша е суетна”, ако Христос не воскресна, тогаш што значи тоа за нашите животи, за мојот живот сега, овде. Ете дошол уште еден Велигден. И повторно се случувала таа чудесна ноќ, тој пламен на свеќите, нараснување на бранувањето, повторно сме биле во лачезарната радост на оваа служба, која како целата да се состои од една ликувачка песна: “Сега се се исполни со светлина, небото, и земјата, и адот. Целиот свет да го празнува воскресението Христово, во него да се утврдува”. Какви радосни, какви победнички зборови! Се е соединето: небото, земјата, подземното царство на смртта. Целиот свет учествува во оваа победа, во воскресението на Христа ја наоѓа својата смисла, своето утврдување.
Но ете поминува, поминала таа ноќ, се завршил празникот, и од светлината ние се враќаме во светот, се спуштаме на земјата, повторно стапуваме во нашиот реален, секојдневен, трезвен живот. И како е сега? Се е исто како што било, ништо не се променило, и како ништо, апсолутно ништо на земјата да нема ни најмал однос кон она што се пеело во Црквата: “да го празнува целиот свет воскресението Христово, во него да се утврдува!” И во душата се поткраднува сомнежот. Овие зборови - толку прекрасни, толку возвишени - од кои нема попрекрасни и повозвишени и не може да има на земјата - не се ли тие илузија, не се ли мечта? Нив желно ги впива во себе срцето, душата, но ладниот и делничен разум говори: мечта, самоизмама. Поминале две илјади години - и каде е нивното дејство? Каде е нивната сила? Во што е нивната победоносност? И, Боже мој, колку често христијаните ја спуштаат главата и веќе не се обидуваат “да врзат крај со крај”. Оставете ни - како да му говорат тие на светот - тоа е нашата последна драгоценост, утеха, радост! Не пречете ни во нашите затворени храмови да тврдиме дека се радува и ликува целиот свет. Не пречете ни, а ние не ќе ви пречиме да го градите овој свет и да управувате со него и да живеете во него, како што ви е угодно...
Сепак, во последната длабочина на нашата совест ние знаеме, дека таа малодушност, тој минимализам, тоа внатрешно бегство во тајниот и скриен празник е - несовмесно со вистинската смисла и вистинската радост на Велигден. Или Христос воскресна, или не воскресна. Или - или! И ако воскресна - а на што друго се однесува нашето велигденско ликување, цела таа ноќ исполнета, проникната, со светлина, торжество и победа? - ако навистина во еден решавачки и единствен момент во историјата не само на човештвото, но и на целиот свет - се извршила таа нечуена победа над смртта, тогаш се навистина станало поинакво и ново во светот, го знаеле тоа луѓето или не. Но тогаш и на нас, кои веруваме, се радуваме, ликуваме, лежи одговорноста, другите да узнаат и да поверуваат, да увидат, да слушнат и да влезат во таа победа и во таа радост. Древните христијани својата вера не ја нарекувале религија, а Блага Вест, и своето назначување во светот го гледале во нејзиното возвестување и распространување. Древните христијани знаеле и верувале, дека воскресението Христово - не е едноставно причина за празнување секоја година, а извор на сила и преобразување на животот. И она што го слушаа на увото, го известуваа по покривите...
Но одговара мојот трезвен  или, како што говорат сега, реалистичен разум: но што можам јас? Како можам јас да возвестувам, да повикувам, да сведочам? Јас - бессилно зрнце, загубено во масата? Но тоа е противење на разумот и таканаречената здрава смисла - лага, можеби, најстрашната и ѓаволска лага на современиот свет. Овој современ свет на некој начин не убедил, дека сила и значење во светот има само бројот, количината, масата. Што може еден против сите? Сепак, токму тука, во однос на оваа лага и треба да се разоткрие, со сета своја сила, основното тврдење на христијанството, неговата логика која не е слична на ниедна друга. Христијанството тврди дека еден човек може да биде посилен од сите. И токму во ова тврдење е благата вест за Христа. Се сеќавате на оние необични стихови од “Гетсиманската градина” на Пастернак:

Тој се откажа без да се противи,
Како од работи, земени на заем,
Од семоќта и чудотворството
И беше сега, како смртните, како нас.

Бидејќи во ова е образот на Христа: човек без власт, без противење, без каква и да е земна сила. Сам! Оставен, предаден, отфрлен од сите. И Оној Кој победува. Пастернак продолжува:

Ти гледаш, одот на вековите е сличен на приказна
И може да пламнат при одот.
Во името на страшното негово величие
Јас во доброволни маки во гробот ќе слезам.
Јас в гроб ќе слезам
И во третиот ден ќе воскреснам,
И како што телата преминуваат низ реката,
Кон мене на суд, како баржи на караванот,
Столетијата ќе испливаат од темнината.

“И можат да пламнат при одот”... Во ова “може да пламнат” - се содржи одговорот на сомнежот на трезниот разум. О, кога секој од нас, кој знае за велигденската радост, кој слушнал за победата, кој поверувал во тоа што не му е познато на светот - но за него и во него - таа се извршила, ако секој од нас, заборавајќи на бројките, количествата и масите, оваа радост и вера ја пренесе макар на еден човек, допре макар една човечка душа! Ако таа вера и радост тајно присуствуваат во секој, нека е најнезначаен разговор, ако се со нас во нашите трезвени делнични денови - тие сега, овде, денес би ја започнале преобразбата на светот и животот. “Царството Божјо не ќе дојде на видлив начин” - рекол Христос. Царството Божјо доаѓа секој пат - во сила, светлина и победа - кога јас, кога секој верен го изнесува него од храмот и со него започнува да живее во својот живот. Тогаш се, целото време, во секоја минута, “може да пламне при одот...

НЕВЕРНИОТ ТОМА


“Ако не видам - не ќе поверувам...” - така рекол Тома, еден од дванаесете ученици на Христа како одговор на радосните раскази на оние кои го виделе својот распнат и мртов Учител - воскреснат. И по осум дена, според расказот во Евангелието, кога учениците повторно биле сите заедно, се јавил Христос и му рекол на Тома: “Допри ме, и увери се...” И Тома воскликнал: “Господ мој и Бог мој”. И тогаш Христос му рекол: “Ти поверува затоа што ме виде. Блажени се оние кои не ме видоа и поверуваа...”
Всушност, милиони луѓе мислат и говорат така, како што говорел Тома, и сметаат дека таквиот пристап е - единствениот правилен, единствен достоен за човек кој мисли. “Ако не видам - не ќе поверувам...” На нашиот современ јазик - не се нарекува ли тоа “научен” пристап?
А ете Христос говори: “Блажени се оние кои не виделе, а поверувале”. Значи постои, значи постоел друг пристап, друга вера, друга можност. Да, говорат на тоа, но овој пристап е наивен, нерационален, со еден збор - не е научен. Тоа е за заостанатите. Јас сум современ човек, и ете: “ако не видам - не ќе поверувам”.
 Ние живееме во свет на големи упростувања и затоа на големо осиромашување. “Научно”, “ненаучно”. Луѓето ги повторуваат овие зборови како самоочигледни, како сами по себе разбирливи, и ги повторуваат затоа што сите околу нив ги повторуваат, не се замислуваат и не размислуваат. Всушност, тие веруваат во овие определувања слепо и упростено. И затоа им се чини дека секој друг пристап е - несериозен и не заслужува внимание. Прашањето е решено. Но така ли е тоа?
Само што кажав дека живееме во свет на големо осиромашување. Навистина, ако како резултат на бесконечниот развиток човекот дошол до тоа тврдење - “не ќе поверувам, ако не видам” - ако тоа на него му се претставува како врв на мудрост и најголемо освојување на разумот, тогаш нашиот свет е - беден, површен, и главно - неизмерно досаден свет. Ако јас знам само за тоа што го гледам, што можам да го допрам, да го измерам, да го анализирам, тогаш колку малку знам! Пред се, во овој случај отпаѓа целиот свет на човечкиот дух, на оние умозренија /апстракции/ на тие длабоки знаења кои не произлегуваат од “јас видов” или “јас допрев”, а од “јас мислев” и, главно, јас созерцував. Отпаѓа она знаење кое со векови било вкоренето не во надворешниот, емпириски опит, а во некоја друга способност на човекот, зачудувачка и навистина необјаснива способност, која го разликува од се друго во светот, го прави суштество навистината единствено. Да се допре, да се измери, да се даваат точни податоци, дури и да предвиди може - ние тоа денес го знаеме - не само човек, но и робот, машина, компјутер. Повеќе од тоа, овој робот - ние и тоа го знаеме - ќе мери, ќе сопоставува и ќе дава точни податоци без грешка подобро од човекот, поточно, “понаучно”. Но ете што никогаш и при никакви услови ниеден робот не ќе биде способен да прави - тоа е да се восхитува, да се чуди, да осознава, да се трогне, да се израдува, да го увиди она што не може да се увиди со никакво мерење, со никаква анализа. Ниеден робот не ќе ги слушне тие нечуени звуци, од кои се раѓа музиката и поезијата, не ќе заплаче, не ќе поверува. Но без се тоа, зарем нашиот свет не ќе стане блед, досаден, јас би рекол, излишен? О да, авионите и вселенските ракети ќе летнат уште подалеку, уште побрзо. Но каде и зошто? О да, лабораториите ќе произведуваат уште поточни анализи. Но за што? Ќе ми кажат: “За доброто на човештвото”. Сфаќам и од своја страна одговарам: во светот ќе се весели здравиот, ситиот, самозадоволен човек, но тој ќе биде слеп, сосема глув, и тој дури не ќе ја спознава ни својата глувост и слепост.
“Ако не видам - не ќе поверувам”. Но ете емпирискиот опит - тоа е само еден, и при тоа најелементарен, и затоа најнизок вид на знаење. Емпирискиот опит е полезен и неопходен, но на него да се сведува целото човечко знаење - тоа е исто што и убавината на сликата да се сфаќа со помош на хемиска анализа на боите. И она што ние го нарекуваме вера, всушност е второ, повисоко ниво на човечко знаење, и може да се каже, дека без ова знаење, дека без верата човекот не може да преживее ни еден ден. Секој човек во нешто верува, на некого му верува, и прашањето се состои само во тоа која вера, кое видување, кое знаење за светот е поправилно, попотполно, и кое повеќе соодветствува на богатството и сложеноста на животот.
Говорат дека воскресението на Христа е - измислица, затоа што мртвите не воскреснуваат. Да, ако нема Бога. Но ако Бог постои, тогаш смртта треба да биде победена, бидејќи Бог не може да биде Бог на распадливоста и смртта. Тогаш ќе преиспитуваат: но Бог не постои, бидејќи никој не Го видел. Но што значи тогаш опитот на милиони луѓе, кои радосно тврдат дека го виделе - не со физички очи, а со внатрешен, длабок и несомнен вид? Две илјади години поминале, а секогаш, на како од небо паднатото, радосно тврдење Христос воскресе! - се слуша истиот полн ликување одговор: Навистина воскресе! Зарем не гледате, зарем не слушате? Зарем во длабочината на своето спознание, на страна од сите анализи и мерења и допирања не ја гледате ли, не ја чувствувате ли, бесмртната, лачезарна светлина, не го слушате ли гласот кој вечно прозвучува: “Јас сум - патот, и воскресението, и животот...”? Зарем не спознавате, како на Неверниот Тома во нас, во мене, кој живее во длабочината на нашите души, Христос му одговара: “Блажени се оние кои не виделе и поверувале”.

ЖЕНИТЕ - МИРОНОСИЦИ


Кога во Страсната седмица ние го слушаме расказот за страдањата Христови, за Неговото распетие и смрт, нас постојано не изненадува една подробност од тој расказ: верноста кон Него на малкумина, главно - на жени, за кои речиси ништо друго и не е кажано во Евангелието. За учениците на Христа е кажано дека сите тие, оставајќи го, се разбегале. Петар три пати се одрекол од Него. Јуда Го предал.
По Христа, за време на Неговата проповед, одела толпа на народ. И сите од Него очекувале нешто: очекувале помош, чуда, исцелувања, очекувале ослободување од омразеното римско иго, очекувале устројство на своите земни дела. Смислата пак, на Неговото учење е - потврда на самопрегор и љубов, проповед на целосно самопредавање - сите тие луѓе сфаќале лошо, одвај да се задлабочувале во него. Христос можел да им помогне, и кон Него и по Него оделе. Но ете започнала да расте омразата кон Него на народните водачи и на оние кои имале власт. Во Христовата проповед за љубовта прозвучува претскажувањето за тоа дека сега Тој Самиот Себе ќе ја принесе оваа љубов како жртва. И толпата започнала да се проретчува, да се губи. За последен пат земната слава, човечкиот успех на Христос пламнале со силен пламен во денот на торжеството на Неговото влегување во Ерусалим, кога, според зборовите на Евангелието, “се возбудил целиот град”. Но тоа било само еден миг. И не го пресретнале ли Христа толку радосно и восхитено, затоа што повторно и повторно очекувале од Него и сакале земно царство, земна победа, сила и слава?
И се тоа одеднаш се завршило. Светлината се изгаснала, и по Цветната недела настапила темнината, осаменоста и безизлезната тага на Страстната седмица. И не било ли најстрашното нешто во тие последни денови - предавството на блиските, на учениците, на оние на кои Христос навистина им се предал целиот? Во Гетсиманската градина дури тројца од најблиските не издржале и заспале, додека Христос со последен напор, во крвава пот се подготвувал за страшната смрт. Ние знаеме дека Петар кој, толку громко ветувал дека ќе умре со Христа, во последниот миг затреперил, се откажал, се одрекол, предал... “И тогаш - пишува евангелистот - сите оставајќи Го, се разбегаа”.
Но ете, се покажува, не биле тоа сите. Под Крстот настапува часот на земната верност и земната љубов. Оние кои за време на “успехот” биле, се чини, толку далеку, кои ние речиси и не ги сретнуваме на страниците на Евангелието, оние на кои, според зборовите на евангелистот, Христос не им говорел за Своето воскресение, и за кои, на тој начин, во оваа ноќ под Крстот, се се завршило, се загинало - тие се покажале верни, останале во цврстата земна љубов. Евангелистот Јован пишува: “Под Крстот на Исус стоеше Мајката Негова и сестрата на Мајката Негова, Марија Клеопова и Марија Магдалина”.
А потоа, по смртта на Исус, “кога настана ноќ, дошол еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој исто така, бил ученик на Исус. Тој дошол кај Пилат и го замолил за телото Исусово. Тогаш Пилат  наредил да му го дадат телото, и земајќи го телото, Јосиф го завиткал во чиста плаштаница и го положил во нов гроб, кој го исекол во карпата, и потпирајќи еден поголем камен, се оддалечил...” По еден ден, откако минала саботата, во зората на третиот ден, истите тие жени дошле на гробот, според обичајот од тоа време, да го помажат мртвото тело со мириси. И всушност, на нив прв им се јавил Христос воскреснат, тие први слушнале од него “Радувајте се”, нешто што за вечни времиња станало суштина на христијанската сила.
На овие луѓе, на овие жени, Христос не им ги откривал, како што им ги откривал на дванаесете апостоли, тајните на идното, тие не ја знаеле ни смислата на неговата смрт, ни тајната на идната победа, на идното воскресение. За нив смртта на учителот и пријателот била смрт, крај, и при тоа страшна и срамна смрт, страшен крај и прекинување. Тие стоеле под Крстот само затоа што Го љубеле Исуса, и љубејќи Го, Му сострадувале. Тие не го оставиле тоа бедно, измачено тело, но го направеле се она што од вечни времиња го прави љубовта при последната разделба. Оние кои Христос ги молел да бидат со Него во часот на страшната борба, кога, според зборовите на Евангелието, тој започнал “да се ужаснува и да тагува”, тие - Го отфрлиле, се разбегале, се одрекле. Оние пак, кои за ништо не ги молел, Му останале верни со својата едноставна човечка љубов. “А Марија стоеше крај гробот и плачеше”. Така низ сите векови плаче љубовта, како што Христос плачел крај гробот на својот пријател Лазар. И ете - оваа љубов прва узнала за победата; на оваа љубов, на оваа верност, прва и било дадено да узнае дека повеќе не треба да плаче, дека “смртта е проголтана од победата” и не постои и не ќе постои веќе никогаш онаа безнадежна разделба.
Таква ете, значи, е смислата на оваа недела на жените - мироносици. Таа ни напомнува за тоа дека само љубовта и верноста тогаш слегле во таа безнадежна темнина. Таа не повикува на тоа да не умрат и да не исчезнат ни верноста, ни љубовта во светот. Таа ја осудува нашата малодушност и страв, нашиот страв, нашето вечно и ропско самооправдување. Таинствените Јосиф и Никодим, или овие жени, кои во зората дошле на гробот - заземаат толку малку место во Евангелието. А сепак, овде се решава вечната судбина на секого од нас.
Ми се чини дека денес ние особено имаме потреба да си спомнеме за оваа љубов и за едноставната човечка верност. Бидејќи настапило времето, кога и нив ги развенчува злото учење за човекот и човечкиот живот кое царува во светот. Со векови, слабо, но светлел и треперел во светот одблесокот на верноста, љубовта, сострадувањето, кои молчејќи присуствувале при страдањето на Човекот отфрлен од сите. И ние како за сламка треба да се фаќаме за се тоа во нашиот свет, што се уште живее со топла, светла, едноставна, земна човечка љубов. Љубовта не го прашува човекот за теории и идеологии, таа се обрнува на срцето и на душата.
Татнела човечката историја, се раѓале и паѓале царства, се градела култура, беснееле крвави војни, но секогаш, неизменливо над земјата, над оваа сматна и трагична историја светлел образот на жените. Образот на грижата, самопредавањето, љубовта, сострадувањето. И ако не беше ова присуство, ако не беше оваа светлина, нашиот свет, без разлика на сите негови успеси и достигнувања, би бил само страшен свет. Може не е преувеличување да се каже дека човечноста на човекот ја спасила и ја спасува жената, и не ја спасува со зборови, со идеи, а ете, со ова свое молчеливо, грижливо, љубовно присуство. И ако, без разлика на целото зло кое царува во светот, не се прекинува тајната на празникот на животот, ако тој се празнува во бедна соба, со сиромашна трпеза толку радосно, како во дворец, тогаш радоста и светлината на овој празник се во неа, во жената, во нејзината љубов и верност кои се неисцрпни. “Вино им недовстасува...” И додека е таа тука - мајката, жената, невестата - ќе довстасува вино, ќе довстасува љубов, ќе довстасува светлина за сите...

 

ЗА РАСЛАБЕНИОТ


Во третата недела по Велигден во Црквата се чита извадок од Евангелието според Јован, во кое се раскажува за тоа како Христос го исцелил раслабениот.
“Беше празник - пишува евангелистот Јован - и дојде Исус во Ерусалим. Во Ерусалим при Овчата порта, постои бања, која на еврејски се нарекува Витезда, при која имало пет покриени тремови. Во нив лежеле многу болни, слепи, хроми, исушени, кои го чекале движењето на водата. Бидејќи ангел Господов повремено слегувал во бањата и ја мател водата, и оној кој прв ќе влезел во неа по матењето на водата, тој оздравувал, од каква и болест да боледувал. Тука имало еден човек, кој бил болен триесет и осум години. Исус, гледајќи го како лежи и дознавајќи дека тој лежи веќе долго време, му говори: сакаш ли да оздравиш? Болниот му одговорил: да, Господи, но немам човек кој ќе ме спушти во бањата кога ќе се замати водата; додека да стигнам, друг веќе влегол пред мене. Исус му вели: стани, земи си ја постелката своја и оди. И во истиот час тој оздравел, си ја зел постелката своја, и си отишол...”
Тоа е евангелскиот расказ. И многумина, откако ќе го послушаат, веројатно, ќе речат: повторно чуда, повторно неверојатни нешта, кои немаат и не можат да имаат ништо заедничко со нашиот живот, интересите, потребите, барањата... Но да се задлабочиме, да се замислиме: Евангелието е толку детски едноставно, и евангелските раскази се толку кратки, што современиот човек лесно се лаже со оваа краткост и едноставност. На него се му се чини, дека вистината за него и за неговиот живот треба да биде сложена и громорна, затоа што самиот тој е сложен. Но можеби, силата на Евангелието која не старее е во тоа што се сведува на она главното, првобитното, основното - добро и зло, темнина и светлина, човек и Бог, живот и смрт. А ако човек се замисли сосредоточено, длабоко, и не само со умот, а со целото суштество, тогаш, на крајот на краиштата, секогаш станува збор за главното. Бидејќи целата сложеност на животот се потпира на едноставноста на вечните прашања: за доброто и злото, животот и смртта, Бог и човекот.
Па така, што во овој расказ е вечно, неминливо? Во неговиот центар толку очигледно стојат зборовите кои раслабениот му ги кажал на Христа: “немам човек”. Тоа навистина е олелија на некој кој опитно ја спознал страшната сила на човечкиот егоизам. Секој за себе. Ете сите тие - цело тоа мноштво на слепи, болни, исушени - “го чекаат движењето на водата”, то ест чекаат помош, учество, исцеление, утеха. Но... секој чека помош само за себе. И кога водата се заматува, секој од нив се брза прв да стигне, заборавајќи на другите...
Во евангелска перспектива таа бања - се разбира, е образ на светот, образ на човечкото општество, символ на самото устројство на човечкото сознание. О, се разбира, во светот може да се најдат многу примери на превладување на егоизмот, примери на добрина и самопожртвуваност. Но дури кога привидно човекот го превладува својот егоизам, тој сеедно останува роб на себе и своето. Ако не на својата персона, тогаш на семејството: и за своето семејство, за своите - својата кошула ти е најблиску. Ако не на семејството, тогаш на својот народ. Ако не на својот народ, тогаш на својата класа, на својата партија. Своето, задолжително своето! И ова свое - се спротиставува на туѓото, а според тоа на туѓото и непријателското. Но така, ќе речат, е устроен светот, нема што да се стори. Зарем тоа е, ќе одговорам јас - последната, објективната, научна вистина за човекот и човештвото? Зарем, на крајот на краиштата, се во светот е устроено на личниот или колективен егоизам и се преку тоа живее? Капитализмот, ни говорат, е зло, затоа што тој е - егоизам. И ете тој треба да се уништи во име, да речеме, на комунизмот. Но комунизмот ништо друго и не прави освен што го објавува своето: свој поглед на свет, своја класа, партија, и.т.н., то ест, своето и себе против не-своето, другиот... И нема излез од овој порочен круг. И ете, незабележливо за себе, ние сме престанале да се задишуваме во овој свет, сосема нахранет со сепроголтувачкиот егоизам. Крв, омраза, страв, во најдобар случај - рамнодушност. Некогаш, во дваесетите години на овој век, еден млад човек, речиси момче, завршило со самоубиство, оставајќи ваква белешка: “Не сакам да живеам во свет во кој сите мамат...” Тој се задишал, не издржал. А нас постепено не совладува таа навика, и ужасот на егоизмот ние престануваме да го чувствуваме како ужас...
За ова е - евангелскиот расказ за раслабениот. И сите тие болни, немоќни, исушени - сите тие, најпрвин, се болни од неисцелив егоизам, кој и го доведува човекот до олелијата: “немам човек!” Немам човек! И тоа значи дека човекот започнува таму каде е превладан егоизмот, тоа значи дека човекот - тој, пред се, е - лице, обрнато кон другиот човек, тој е очи кои, со учество и љубов, гледаат во очите на другиот човек. Тоа е љубов, сострадување и помош.
Понатаму Евангелието говори: овој нов, вистински човек се јави, дојде кај нас во Христа. Во него кај осамениот и пострадан човек не доаѓа туѓинец, а свој; доаѓа, неговото страдање да го прими како свое, неговиот живот како свој, и да помогне и да исцели. “Сакаш ли да бидеш здрав?” Тоа не е прашање на некој кој сака да наметне нешто, да убеди некого во нешто или некого да потчини. Тоа е прашање на вистинска љубов, и затоа - на вистинско учество. Религијата, исто така, може да стане егоизам, да биде зафатена само со себе, со своите. Но важно е да се сфати дека таквата религија, колку и таа да се сокрива зад христијанството, вистински - не е христијанство... Бидејќи целото христијанство е - во пробивањето низ страшната тврдина на егоизмот, во пробивањето кон онаа љубов која, според зборовите на апостол Павле, “Бог ја излеал во срцата наши”. Тоа е неговата нова, вечна заповед. Тоа е она за што ни зборува целото наше Евангелие, целата наша вера...

 

РАЗГОВОРОТ НА ХРИСТА СО САМАРЈАНКАТА


Четири недели по Велигден во сите Цркви се чита онаа глава од Евангелието според Јован, во која е раскажано за необичниот разговор на Христа со жената-самарјанка. Христос, според расказот во Евангелието, се запрел крај изворот во околината на градот Сихар. Неговите ученици отишле во градот да купат храна. И ете, на изворот по вода доаѓа една жена. Христос и вели: “дај ми да се напијам”. Започнува беседа, за време на која жената прашува: “Нашите татковци се поклонуваа на оваа гора, а вие говорите дека местото каде што треба да се поклонуваме е во Ерусалим”.
Ова прашање се однесувало на многувековниот спор меѓу Евреите и Самарјаните кои се оддалечиле од ортодоксното јудејство. За Евреите центар на религијата бил Ерусалим, за Самарјаните - оваа гора во Самарија. Спорот, како што се гледа, се однесувал на надворешните, ритуалните, прописи на религијата. И како одговор на тоа Христос и говори на жената: “Ќе дојде време, и веќе дошло, кога вистинските поклоници ќе се поклонуваат на Отецот во дух и вистина, зашто такви поклоници Отецот сака за Себе. Бог е дух, и оние кои Му се поклонуваат треба да му се поклонуваат во дух и вистина”.
Не може да има сомнеж во тоа дека за сфаќањето на христијанството - овие редови од Евангелието според Јован имаат решавачко значење. Бидејќи во нив е содржана, изразена, и за вечност известена вистинската религиозна револуција, револуција во самото сфаќање на религијата; со нив навистина започнува христијанството. Во Духот и Вистината! До тогаш и во текот на вековите религијата, пред се, била пропис, закон, устав, при што целата нејзина стварност се состоела во слепото, беспоговорно потчинување на овој пропис. На оваа гора, во Ерусалим, не овде, а таму, не така, а вака - со илјадници такви прописи, кои воздигнувале кон Бога, човекот се оградувал себе од неспокојството, од стравот, од мачната потрага, самиот си градел кафез, во кој се било јасно и точно определено и немало потреба од ништо, освен од точно исполнување. И ете, со еден збор, се тоа е пречкртано и отфрлено. Не на оваа гора и не во Ерусалим, а во Духот и Вистината. А тоа значи - не во страв и слепост, не од страв и мачење, а во знаење и слобода, по слободен избор, во синовска љубов. Во центарот, во самото срце на религијата е поставена Вистината. Не законот, не потчинувањето, не прописот, а Вистината. “Спознајте ја Вистината - говори Христос - и Вистината ќе ве ослободи”. Во центарот на религијата, во нејзината срцевина, е поставена потрагата. “Барајте и ќе најдете”. Не спокојство, а жед: “Блажени се гладните и жедните за правда”. Не ропство, а слобода: “Не ве нарекувам веќе слуги, зашто слугата не знае што прави неговиот господар”. Не исполнување на правилата, а љубов: “Милост сакам, а не жртва”; “нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг”.
Да, се разбира, во историјата на христијанството луѓето често ги заборавале овие зборови на Христа за Духот и Вистината и се враќале на религијата на стравот и обредноста, на споровите за Гората и Ерусалим. И однадвор христијанството премногу често можело да изгледа како закон, само како пропис. Но не треба да се суди според надворешноста, не според падовите и искривоколчувањата, а според внатрешното вдаховение. Треба да се суди според оние кои сериозно и до крај ги примиле овие зборови на Христа за Духот и Вистината и целиот свој живот го направиле како еден непрекинат полет на љубовта и слободата, радоста и одухотвореноста. Колку и да имало падови во неговата историја, христијанството не ги пречкртало овие зборови од Евангелието, и според тоа, со нив си суди и на самото себе.
Многу е потрагично тоа што во својата слепа омраза кон религијата антирелигиозната пропаганда ги премолчува овие зборови, точно тие никогаш не биле произнесени, и лесно пресметувајќи се, ја поистоветува религијата со нешто надворешно, со суеверие, со страв. Сепак, да се говори за христијанството - тоа секогаш и во прв ред, значи да се говори за Христа, за Неговото учење, за Евангелието. Евангелието раскажува за тоа како луѓето му давале предност на своето - на своите убедувања, идеологија, закон - “во Духот и Вистината”, како да не го издржале тој повик за ослободување. Вистинската смисла на Евангелието - тоа е расказот за отфрлањето на луѓето на Оној Кој ги повикал да живеат во Духот и Вистината. И затоа - во Евангелието е објаснувањето на оваа омраза кон Христа, која се продолжува и до денес, и ги принудува луѓето да лажат, да клеветат, да премолчуваат. Бидејќи и денес христијанството е страшно за секоја идеологија само ете со ова “во Духот и Вистината”. Овие зборови се - вечен предизвик кон секој идол, религиозен или идеолошки. И се додека овие зборови не се изгонат од длабочината на сеќавањето на човекот, тој не ќе го прими до крај учењето кое го заробува во материјата, кое го прави шрафче во безличниот процес, службеник и работник во безличниот колектив. И затоа сите приврзаници на овие идеологии само се прават дека се борат со религијата како со суеверие. Не, како суеверие, како закон, како ропство - религијата на нив дури и им е потребна. Бидејќи таа служи како доказ за нивното учење. Повеќе од се на светот, тие се плашат дека некој ќе ја узнае вистинската смисла на религијата, на овие потресувачки, ослободувачки зборови на Христа: “во Дух и Вистина!”
Денес силата е на страната на воинствената безбожност. На религијата - ете веќе шеесет години - и е затворена устата. Но тоа и ја докажува силата на религијата. На неа затоа и и ја затвориле устата, за во длабочина таа да го чува учењето за Духот и Вистината, за тоа дека без Дух и Вистина човек не може да живее, за тоа дека Духот и Вистината се посилни од се на светот. Разговорот кој тогаш почнал, во жешкото пладне крај изворот, се продолжува - бидејќи човекот никогаш не престанува да се прашува, да трага, да жаднее, и повторно и повторно да узнава дека таа жед, тоа барање, таа духовна глад, не може да ја задоволи со ништо друго, освен со Бога, Кој и е Дух и Слобода, Љубов и Слобода. Живот вечен и полнотија на се.

ВОЗНЕСЕНИЕ ГОСПОДОВО


Во самиот збор “вознесение” трепери радост, тоа е како предизвик на таканаречените “закони на природата”, кои секогаш го влечат човека надолу, секогаш го спуштаат, го заробуваат со законот на тежата, на гравитацијата, падот. А тука е обратно - леснотија, полет, бесконечно воздигнување.
Вознесението Господово се празнува четириесет дена по Велигден, во четвртокот од шестата недела по Воскресението Христово. Во среда, наспроти празникот, според црковниот устав, се извршува така нареченото Оддание на Велигден, еден вид на простување со него. Во овој ден почетокот и крајот на службата се извршува исто како и на празникот на Воскресението. Се пејат радосните стихови: “Да воскресне Бог и да се разбегаат непријателите Негови...” “Овој ден, кого Господ го создаде, да се радуваме и да се веселиме за него...”
Возгласувајќи ги овие стихови, свештеникот го кади целиот храм со велигденскиот трисвеќник во рацете, и како одговор на секој стих се произнесува радосното - “Христос воскресе”. Се простуваме со Велигден, правиме “оддание” негово до следната година. И би требало да ни биде тажно на душата. Сепак, наместо тага ни се испраќа нова радост. Радоста на созерцанието, празнувањето на Вознесението Господово. За овој настан во Евангелието е раскажано вака. Давајќи им ги на учениците последните поуки, Господ “ги извел надвор од градот до Витанија, и кревајќи ги рацете, ги благословил. И откако ги благословил започнал да се оддалечува од нив и да се вознесува на небото. Тие Му се поклониле и се вратиле во Ерусалим со радост голема...”
“Со радост голема...” Во што се состои таа голема радост, која се продолжува и до денес и со толку зачудувачка светлина се разгорува на празникот на Вознесение? Бидејќи Христос заминал, ги оставил, и тоа бил ден на разделба. Пред нив бил - долгиот пат на проповед, гонење, мачење, соблазни; до крајот на земјата историјата на христијанството и Црквата е полна со нив. Како да се завршила радоста на земното секојдневно општење со Христа, покровот на Неговата сила, на Неговото божество.
Но колку добро еден проповедник и дал наслов на својата проповед на празникот на Вознесение, нарекувајќи го “радоста на разделбата!” Бидејќи, се разбира, Црквата не го празнува заминувањето на Христа. Христос рекол: “Јас сум со вас, до крајот на векот”, и целата радост на христијанската вера е - од сознанието на Неговото присуство, од Неговите зборови: “каде се двајца или тројца собрани во име Мое, таму сум Јас посреде нив”. Не заминувањето на Христа, а Неговото вознесение на небото.
Празникот на Вознесение - тоа е празник на небото, отворено за човекот, небото како нов и вечен дом, престојувалиште, небото како наша вистинска татковина. Гревот ја разделил земјата од небото и не направил земни, груби, свртени кон земјата и само на земја живеејќи. Гревот - тоа е предавство на небото во душата. Во овој ден, на празникот на Вознесение, ние не можеме да не се ужаснеме од ова одрекување. Целиот свет е проникнат со ова. Човекот со гордост и важност објавува дека тој е само материја, и дека целиот свет е материја, и дека нема ништо, освен материја. И тој дури, како да се радува на тоа, и со жалост и презир, како за будали и неуки, зборува за оние кои се уште веруваат во некое “небо”. Да, братчиња, небото - тоа е истата таа материја, и ништо друго нема, немало и не ќе има. Ќе умреме - ќе изгниеме, а засега ајде, да градиме земен рај, заборавајќи ги измислиците на поповите.
Ете го накратко, но апсолутно вистинито - врвот на нашата култура, на нашата наука, на нашите идеологии. Прогрес на гробишта, прогрес на црви, кои се хранат со трупови. Но што предлагате вие, ќе не прашаат, какво е тоа небо за кое вие говорите и на кое се вознесол Христос? Бидејќи “горе”, на небото - го нема она за што вие говорите. Но на ова прашање нека одговори христијанскиот проповедник Јован Златоуст, кој живеел пред 16 векови. Говорејќи за небото, за небесното, Јован Златоуст воскликнува: “Што ќе ми е небото, кога самиот станувам небо...”. Нека одговорат нашите претци, кои храмот го нарекувале небо на земјата. Бидејќи сите тие одговори, всушност, се сведуваат на еден: небото - тоа е името на нашиот вистински повик, небото - тоа е последната вистина за земјата.
Не, не станува збор за планетарниот простор или за непознатиот космос. А за небото, кое ни е вратено со Христа, за небото кое сме го загубиле во својот грев и надменост, во своите земни, само земни науки и идеологии, и кое ни го разоткрил, ни го дарувал, ни го вратил Христос. Небото - тоа е царство на вечниот живот, царство на вистината, доброто и убавината. Небото - тоа е потполно одухотворување на човекот, небото - тоа е царство Божјо, тоа е победа на смртта, тоа е торжество на љубовта, на познанието, тоа е - она што е апсолутно посакувано, за кое е речено вака: “Она што очите не го видоа, и ушите не го слушнаа, и кое во срце на човека не му дошло, тоа го приготвил Бог за оние кои Го љубат”.
Се тоа го разоткрил, се тоа ни го дарувал Христос. И затоа со небото го проникнува нашиот живот овде и сега, земјата ја прави одраз, отсјај на небесната убавина. Кој слегол од небото на земјата, за да ни го врати небото? Бог. Кој - од земјата се вознесол на Небото? Човекот Исус. “Бог - вели свети Атанасиј Велики - станал човек, за човекот да стане Бог”. Бог се спуштил на земјата, за ние да се вознесеме на небото! Ете ова е содржината на празникот Вознесение! Во ова е неговата светлина, неговата неискажлива радост. Ако е Христос на небото, и ако ние веруваме во Него и Го љубиме, тогаш и ние сме со Него таму. На Неговата трпеза, во Неговото царство. Ако во Него човекот се вознесува, а не паѓа, тогаш во Него - и мене ми е отворено вознесението, и кон него сум повикан, и во него ми се открива целта, смислата и последната радост на мојот живот. Се, се што не опкружува, не влече надолу. Но јас гледам на Божествената плот која се вознесува на небо, на Христа кој се воздигнува со “гласот на трубата”, и си велам себе и на светот: “Во тоа е вистината за светот и за човекот, тука е она за што од вечност не повикува Бог”.

Исполнувајќи се, замислено за нас,
Соединувајќи го земното со небесното,
Се вознесе во слава, Христе Боже,
Никако не разделувајќи се,
Но неотстапно пребивајќи,
И говорејќи им на оние кои Те љубат:
“Јас сум со вас, и никој на вас...

ПЕДЕСЕТНИЦА


“Празникот на слегувањето на Светиот Дух”. Ги изговараш тие навикнати од детството, познати зборови и одеднаш се изненадуваш: како да си ги слушнал прв пат. Да, од детството знам, дека десет дена по празникот на Вознесение, и значи - педесет дена по Велигден, отсекогаш христијаните го празнувале и го празнуваат слегувањето на Светиот Дух, на црковен јазик неговото име е - празник на Педесетница, а на народен, битов - Троица, Троичен ден. Во овој ден од дамнешни времиња ја суредувале и ја украсувале Црквата со зеленило, со гранки, а црковниот под го покривале со трева... На денот на празникот, на торжествената вечерна, луѓето стоеле со цветови во рацете.
Како таков празникот влегол и во народното сознание, и во родната литература - како некое сончево, светло торжество, како празник на цветањето, како некоја радосна средба на човекот со Божјиот свет во целата негова убавина и благодатност.
Сите религии - и меѓу нив најдревните, најпрвобитните - го знаеле празникот на летното цветање, празникот на младите посеви, плодови, растенија. Ако во старозаветната религија Пасхата била празник на пролетното воскресение на светот и природата, тогаш Педесетницата е - празник на премин на пролетта во лето, празник на победа на Сонцето и на светлината, празник на космичката полнотија. Но во Стариот Завет овој фактички општочовечки празник се здобива со ново значење: тој, секоја година, станува спомен на искачувањето на Мојсеј на гората Синај, каде во некоја неискажлива, мистична тајна, на Него Му се јавил Бог, и со него склучил Завет, и му дал Заповеди, и му ветил спасение. Религијата, со други зборови, престанала да биде само природа и станала почеток на историјата: Бог го открил својот закон, своите заповеди, Бог на човекот му ја открил својата замисла за него, Бог на човекот му го укажал патот. Пролетта, летото, вечниот природен круг - не станале знак и символ само на природата, но и на духовната судбина на човештвото и на него заповеданиот раст во полнотијата на знаењето, животот и совршенството... И најпосле, во најпоследниот период од Стариот Завет овој празник станал - во учењата и прозорливоста на пророците - празник свртен кон идното, кон последното торжество на Бога во својата творба. Ете како за тоа говори пророк Јоил: “И во последните денови - ќе излијам од Духот Мој на секоја плот, и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерќите ваши, вашите старци ќе сонуваат соништа, а младите ќе имаат виденија. И на слугите и слугинките ќе го излејам Духот Мој. И ќе покажам знаци на небото и на земјата... пред да настапи денот Господов, велик и страшен. И секој кој ќе го повика името Господово, ќе се спаси...”.
Значи - празник на природата и космосот, празник на историјата како разоткривање на волјата Божја за светот и за човекот, празник на идното торжество, победа на Бога над злото, настапување на великиот и последен “ден Господов”... Се тоа треба да се знае или човек да си спомнува за тоа, за да сфати како го преживувале, примале и празнувале празникот на Педесетницата првите христијани, зошто тој станал еден од главните христијански празници.
Со описот на тоа што се случило педесет дена по воскресението на Христа, десет дена - по Неговото вознесение на небото, започнува книгата на Делата Апостолски посветена на историјата на првите христијани, на првото распространување на христијанството. Таа започнува со зборовите на Христа, кои Тој ги искажал пред вознесението: “Не оддалечувајте се од Ерусалим - рекол Христос - но чекајте го ветениот Дух од Отецот, за Кого вие слушавте од Мене...”
И ете, по десет дена, според расказот на евангелистот Лука, “при настапувањето на денот на Педесетницата, сите тие биле еднодушно заедно. И одненадеж се слушнал шум од небото, како од силен ветар кој однесува, и се исполнил целиот дом, каде што тие се наоѓале. И им се јавиле разделените јазици, во вид на оган, и починале по еден на секој од нив. И сите се исполниле со Светиот Дух, и започнале да говорат на различни јазици, како што Духот им давал да говорат...”
Гледајќи го тоа и изненадувајќи се апостол Петар ја објаснил смислата на тоа што се извршило со зборовите на пророк Јоил, кои јас само што ги цитирав. “Ова е она што го претскажа пророкот Јоил - рекол тој - и што ќе се случи во последните денови, ќе го излијам Духот Мој на секоја плот...”
Значи, за христијаните празникот на Педесетница - тоа е исполнување на се што направил Христос. Христос учел за Царството Божјо - и ете тоа се разоткрило! Христос ветил дека Духот Божји ќе ја открие Вистината - и ете тоа се случило. Светот, историјата, времето, животот: се е осветено со последната светлина, се е исполнето со крајната смисла. Во светот започнал последниот и велик ден Господов!

 

РУСКИТЕ СВЕТИ


Две недели по празникот на Троица Црквата ги спомнува сите свети на Руската земја, или, како што се нарекува овој празник, “Сите свети кои засветлиле во Руската земја”. Овој празник бил установен во 1918 година на Серускиот Црковен Собор како одговор на отвореното гонење на религијата и Црквата во нашата земја кое тогаш започнало. Прашањето кое било поставено тогаш и, во страдање и насилство, се решава и до денешен ден - по суштина е прашање за душата на народот. Што е душата? Што е народот, неговото органско единство, неговото заедничко сеќавање, неговото самосознание?
Ете веќе многу години на овие прашања се даваат два апсолутно спротивни и взаемно-исклучувачки одговори. И доколку тие одговори - не се апстрактни, не се академски, а во себе навистина го определуваат целиот живот, тогаш тие ја предизвикуваат таа борба, која и ја сочинува основната, решавачка, тема на целата современа историја.
Се разбира, не случајно, војната со религијата го сочинува постојаниот, неразделив дел, подобро е да се каже, основата на таа идеологија, која на човекот кај нас му се наметнува буквално од пелени /рано детство/. Не случајно таа војна не престанува при сите надворешни промени и кривини на генералната линија. Колку и да говориме за “либерализација” на овие или оние аспекти на режимот, во однос на религијата малку нешта се менуваат. Така, за да не бидеме необосновани, можеме да укажеме на еден страшен факт: само од 1961 година се затворени 10.000 православни храмови, фактички околу половина од сите Цркви на територијата на Сојузот. Против религијата се применуваат се нови мерки и нови ограничувања. Ни лојалноста на верните за време на војната, која тогаш и самата држава ја призна, ни послушанието на епископите и ерархијата, ни монополот на сите средства на воспитување, најпосле, дури ни уставот - ништо не ја менува таа страстна желба - да се уништи религијата, да ја искоренат, ако можат, до крај, од народното сеќавање и сознание. Бидејќи никој повеќе не верува во тие површни испади против религијата, со кои се исполнети антирелигиозните брошури, и се потешко и потешко станува повикувањето на науката и на нејзината, божем, несовмесност со религиозните верувања. Па мнозина научници во сите делови на светот одлично ја соединуваат највисоката научност со најискрената вера. Затоа очигледно е, дека борбата со религијата се води во име на друго сфаќање на човекот, неговиот повик, неговата суштина, сфаќање, кое човекот никогош не ќе го прими, се додека во него блештука макар малку вера во своето божествено потекло, додека тој макар нешто знае за Исуса Христа, додека макар некаде прозвучуваат евангелските зборови, на кои им нема рамни во светот: “Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат”. Не случајно тоа прво сфаќање се нарекува материјалистичко. Од сите можни определувања на човекот е земено најмногу антидуховното, она кое наполно и за секогаш во човекот го одрекува дури и самиот стремеж кон вечното, апсолутно-совршеното, небесното, божественото. Колку и денес да говориме за моралот, за душата, за наравственоста, едноставното изучување на изворите на материјалистичкиот поглед на свет, со апсолутна очигледност, докажува дека, навистина, за нив нема место во овој поглед на свет, што тие за ништо не можат да се фатат и тие на ништо во материјализмот не соодветствуваат. И ако во последно време овие зборови започнале да ги употребуваат и, од време на време, да говорат за наравствената убавина, за душата и така натаму, се тоа е контрабанда. Бидејќи материјализмот започнува со одрекување од душата - и за неа може да говори само во условна смисла, така што зад овие зборови, всушност, не постои никаква реалност. И додека ова материјалистичко сфаќање на човекот ја сочинува задолжителната основа на идеологијата, погледот на свет - со религијата не може да има никакво помирување, и борбата која се води против неа, е логична, оправдана и самоочигледна. Само наивните луѓе можат да мислат дека овде се работи за недоразбирање, кое при добра волја може да се среди.
Во светлината на реченото се стекнуваме со особено значење на Празникот на Сите Свети кои засветлиле во Земјата Руска. Бидејќи тоа не е наивно пребројување на некои туѓи и древни луѓе, кои немаат никаков однос кон животот, а утврдување на душите, духовен центар на народот, неговата историја, неговото самоопределување и неговото самочувствување. Тоа потврдува дека секој народ има душа, то ест нешто највозвишено, најчисто и најдобро, во однос на што себе се определува. И ова највозвишено, најчисто и најдобро го изразуваат светите. Некогаш рускиот народ се нарекувал себе “Света Русија”. И тоа, се разбира, не значело, дека тој се признавал себе како таков кој се состои од светители. Тоа значело дека тој се мерел себе, својот живот, своите падови и достигнувања, со најдобрите од своите синови, и најдобри, пред се, во областа на наравственото совршенство. Во Евангелието е речено: “таму каде е ризницата ваша, таму е срцето ваше”. Така ете, со векови ризницата на рускиот човек не била во материјалните достигнувања, во надворешната сила која татни, а во необичната духовна убавина и префинета светост. Доказ и сведоштво за ова е - древниот руски иконопис, кој до ден денес ги восхитува и верните и неверните со длабочината и светлината на своето чувствување на светот... Доволно е човек да се загледа во потресувачките ликови на Андреј Рубљов, во Ангелите на неговата Троица, на пример, за да му стане јасно, како го сфаќал, како го чувствувал светот, животот и себе во светот човекот, кои ги создал овие образи или пак, кој се молел во согласност со нив. Тоа е друг човек, несовмесен, апсолутно несовмесен, со материјалистичкиот човек. Тој има друга ризница, други таги, други радости, други вредности во животот. Тој може да паѓа и да се менува, но тој дише со друг воздух и во неговото срце секогаш е светлата тага за светот кој не старее, за радоста и мирот во Светиот Дух. Празникот на Сите Свети кои засветлиле во Земјата Руска - тоа е спокојно и радосно утврдување на реалноста на друга Русија, онаа за која Тјутчев рекол некогаш, дека целата “во ропски облик Царот Небесен пошол да ја благословува”.
Руските светии. За нив не говорат и не пишуваат - како да не постоеле. Но ете, еднаш во годината Црквата не повикува сите, со духовен поглед да се загледаме во некоја огромна духовна икона на Русија, на целото тоа множество, големо множество на луѓе, население од најразлични класи и слоеви: кнезови, епископи, монаси, богати, сиромашни, јуродиви, мажи, жени, такви кои живееле со небесна убавина, такви кои оделе по тесниот пат на наравествениот подвиг, кои ја барале, по неа гладувале и жедувале, само небесната правда, само љубовта, само победата на духот. И можеби, и верните и неверните еднакво, во еднаква мера, се ужаснуваат од тоа што сите тие се пречкртани, ликвидирани од официјалната историја на народот, како што денес ја градат и ја наметнуваат. Страшно е за една земја да се одрече од својата душа, од најдоброто во себе. А токму ова го сакаат носителите и насадителите на материјалистичкото сфаќање на човекот. И затоа празникот на Сите Свети кои засветлеле во Руската Земја - го прераснува своето чисто црковно и богослужбено значење. Тој станува прашање, обратено кон секого, прашање за душата, за последната смисла, последната вредност на битието на народот.

 


ПРЕОБРАЖЕНИЕ


Исус, според расказот на евангелистот Матеј, ги зел “Петар, Јаков и Јован, братот негов, и ги однел на гора висока сами. И се преобразил пред нив: и засветлело лицето Негово, како сонце, Неговата облека станала бела како светлина. И ете, им се јавиле Мојсеј и Илија, кои беседеле со Него. Притоа Петар Му рекол на Исус: Господи! Добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да си направиме три сеници... Додека тој се уште говорел, светол облак ги засенил; и се слушна глагол од облакот: Ова е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение. Него слушајте го. И откако слушнале, учениците паднале на лицата свои и многу се исплашиле. Но Исус, пристапувајќи, се допрел до нив и им рекол: станете и не плашете се. Погледнувајќи, тие никого не виделе, освен Исус. И кога слегувале од гората Исус им забранил, говорејќи: на никого не кажувајте за ова што го видовте, се додека Синот Човечки не воскресне од мртвите”.
Што значи овој расказ во Евангелието, какво е местото на ова таинствено јавување на славата во земниот живот, во земното служење на Христа? Бидејќи тешко дека некој ќе спори за тоа, дека образот на Христа во Евангелието, пред се, е образ на смирение. За Неговото раѓање не се нашло место во дом, во град - тоа се случило во пештера. И таков - бездомен, “кој нема каде”, како што Тој говорел, “глава да приклони”, останал до крајот. Тој им забранувал на оние кои ги исцелувал, на кои им помагал, да раскажуваат за тоа. Тој ги избегнувал почестите, ги избегнувал прославите од секаков тип, и по своја волја од Галилеја, каде ништо не му се заканувало, отишол во Ерусалим - на мачење, срамен суд и осуда, на мачна и срамна казна. “Научете се од Мене - говорел Тој - зашто сум кроток и смирен по срце...”
И ете, во овој живот на смирение и самоунижување само неколку пати како да се пробиле зраците на Божствената сила и слава, и постојано само малкумина биле сведоци на овие “прославувања”. И обично дури и не ја разбирале нивната смисла. Така било во ноќта на Неговото раѓање - кога простите пастири го слушнале ангелското славословие, “известување”, како што говори Евангелието, “за радост голема”. Така било - веќе многу години потоа, на денот кога Исус дошол да го прими крштевањето во Јордан, и ете го, истиот тој глас од небото, и истите тие слова: “Ова е Синот Мој возљубен...” И најпосле, ете го тука, на гората, пред тројцата ученици. И секој пат тоа е некоја таинствена небесна слава, секој пат - тоа не е прославување од луѓето, а од горе, од небото...
На прашањето за смислата на ова прославување Црквата не одговара со објаснување, а со празнување, со онаа радост со која таа секоја година си спомнува за Преображението. Едно слово доминира во ова празнување, во сите негови молитви, песнопеења, читања. Тоа слово е - светлината. “Да ни засветли и на нас, грешните, светлината Твоја присносушна!” Во светот е темно, ладно, страшно. И таа темнина не ја расејува физичката светлина, сонцето, можеби дури и обратно - таа уште пострашно човечкиот живот, во страдањата и осаменоста, неумоливо, неповратно, го устремува кон смртта и кон небитието. Се е осудено, се страда, се е потчинето на несфатливиот, но безнадежен закон на злото и смртта. И ете, во светот се јавува човек смирен, бездомен, таков кој нема власт над луѓето, никаква земна моќ. И тој им говори на луѓето, дека тој свет е царство на темнината, злото и смртта - дека тоа не е вистинскиот живот, тоа не е оној свет кој бил создаден од Бога, дека злото, страдањето и смртта може и неопходно е да се победат и дека Тој е испратен од Бога, Отецот Свој, за да ги спаси луѓето од страшната поробеност од злото и смртта. Човекот заборавил на својата вистинска природа и повик, се одрекол од нив. Тие треба да се обрнат, да го видат она што се одвикнале да го гледаат, да го слушнат тоа што не се способни да го слушаат. Треба повторно да поверуваат дека доброто е - посилно од злото, љубовта - посилна од омразата, животот - посилен од смртта. 
Христос исцелува, помага, се дава целосно Себе. И повторно луѓето не сфаќаат, не слушаат, не веруваат. Тој можел да ја пројави Својата божествена сила и слава и да ги натера да поверуваат во Него. Но Тој од нив ја сака само слободната вера, слободната љубов, слободното примање. Тој знае дека во часот на Неговата последна жртва, последно самопредавање, сите во страв ќе Го остават, ќе Го отфрлат. Но подоцна, кога веќе се ќе се заврши, за во светот да остане сведоштво за тоа каде Тој ги повикува луѓето, што Тој ни предлага - како дар, како живот, како полнотија на смислата и радост, Тој, тајно од светот и од луѓето, на тројцата свои ученици им ја јавил онаа слава, онаа светлина, она торжество, кон кое вечно е повикан човекот. Божествената светлина, која го проникнува целиот свет. Божествената светлина, која го преобразува човекот. Божествената светлина - во која се стекнува своја последна и вечна смисла. “Добро ни е да бидеме овде” - воскликнал апостол Петар, увидувајќи ја оваа светлина и оваа слава. И оттогаш христијанството, Црквата, верата се постојано, радосно, повторување на ова “добро ни е да бидеме овде!” А исто така - молба за присносушен свет, жед за просветување и преобразување.
Низ темнината и злото, низ сивилото и секојдневието на светот, како лач низ облак - светли оваа светлина. Неа душата ја знае, со неа срцето се утешува, со неа постојано живее и тајно се преобразува нашиот живот. “Господи! Добро ни е да бидеме овде!” О, кога овие слова би станале наши, о, кога тие би можеле да станат одговор на нашата душа на дарот на Божествената светлина, о, кога нашата молитва би можела да стане молитва на преобразувањето, на победата на свелината!... “Да ни засветли и на нас, грешните, светлината Твоја присносушна!

 

 

Осветување на плодовите


На денот на празникот на Преображение, според древниот обичај, во православните храмови се извршува осветувањето на овошјето и зеленчукот. И тоа не побудува да се запрашаме: во што е смислата на овој древен обред, што воопшто значи осветувањето? Осветувањето на плодовите на Преображение е - само еден од сличните обреди на благословување и осветување. Ако ја отвориме богослужбената книга, која се нарекува “Требник”, книга во која се собрани сите овие служби, таму ќе најдеме посебни служби и обреди за осветување на нов дом, полиња, бавчи, бунари. Како кон цел свет да е свртена Црквата со благословувањето, осветувањето, како над се да е распространета раката Божја која благословува.
Зошто од дамнешни времиња луѓето ја чувствувале потребата за осветување? Веднаш ќе кажеме дека за безбожната пропаганда сите тие обреди беспоговорно се идентификуваат со суеверијата, во кои, како што говори таа е - целата суштина на религијата. А суеверието произлегува од стравот: човекот се плаши. Се плаши од труење, се плаши од неродна година, се плаши од пожар, се плаши од другите луѓе, и ете религијата, наводно, му предлага помош да се избави од овој страв. Попрскај го овошјето, или бавчата, или домот со света вода - и Бог ќе ги заштити, и со самото тоа - тебе. Како што гледате - грубо незнаење, суеверие и... лага.
Се разбира, претставувајќи ги работите така, безбожната пропаганда никогаш не ги наведува ни молитвите, ни обредите, поврзани со овие, божем, суеверија. Излегува дека некои лажи-свештеници, духовништво, го експлоатираат стравот и незнаењето, манипулираат со несфатливи, магични, вражања. Но ако ги слушнеме овие молитви, ако се загледаме во овие обреди, ако макар еднаш во животот ја доживееме радоста на ова светло, сончево, преображенско пладне, кога се извршува осветувањето, тогаш ќе ни стане јасно дека не лаже Црквата, а примитивната и злобна безбожна пропаганда. Дека оваа пропаганда, а не молитвата на Црквата е - проникната со страв, недоверба, потреба се да развенча, што повеќе, што попросто, што подлабоко, со нејзиниот упростен материјалистички, здодевен пристап кон светот и кон животот. Бидејќи првото што ние го гледаме, слушаме, преживуваме, во обредите и молитвите на осветувањето - тоа е радоста и благодарноста. А таму каде има страв, таму не може да има радост и благодарност. И обратно - таму каде има радост - таму веќе нема страв. “Во стравот - говори светиот апостол Јован Богослов - има мака”. Но ете, мака, недоверба, нема во светлината на Преображение.
Но за што е радоста? И за што е благодарноста? Во една песна на Осип Мандељштам, посветена на главната христијанска богослужба - литургијата, има еден необичен стих: “човек да го земе целиот свет, како јаболко едноставно...” Тука, можеби, подобро од каде и да е, бидејќи толку едноставно, толку детски, е укажан изворот на радоста и благодарноста кои ја проникнуваат христијанската вера. Во јаболкото, но се разбира, не само во јаболкото, но и во целиот свет верата гледа, узнава, го прима дарот Божји, исполнет со љубов, убавина, мудрост, таков кој говори за безмерната љубов која го создала светот и животот и ни ги дала како наш живот. Светот е еден вид на плод на Божествената љубов кон човекот, и само низ светот човекот го узнава Бога и Го љуби со возвратна љубов... И го љуби својот живот, а со самото тоа и животот на светот го претвора во Дар на Бога.
Нашиот пад, нашиот грев е во тоа што ние на се се навикнуваме, па затоа се во светот, па и ние самите, стануваме еднолични, ниски, празни. Јаболкото станува само јаболко. Лебот - само леб. Човекот - само човек. Ние ги знаеме целосно, надворешноста, функцијата, знаеме се за нив, но повеќе не ги знаеме, бидејќи не ја гледаме светлината, која светли низ се во светот. И вечното назначение на верата и Црквата е во тоа, оваа гревовна, мрачна, навика да ја надвладее. За повторно да ни даде да го видиме она што сме се одучиле да го гледаме и кое повеќе не го гледаме, да го почувствуваме она што не го чувствуваме, да го преживееме она што повеќе не сме во состојба да го преживееме.
Ете, свештеникот го осветува лебот и виното, и ги подигнува кон небото, и верата во нив го узнава лебот на животот, ја узнава жртвата и дарот, го узнава причестувањето со вечниот живот. Ете, на денот на Преображение ние во храмот принесуваме јаболка, круши, грозје, овошје - и за еден миг храмот повторно се претвора во таинствена градина, во оној блажен рај, во кој започнал животот на човекот и неговата средба со Бога. И како што тогаш оној прв човек ги отворил очите и го погледнал овој свет, за кого Бог рекол дека се во него е “многу добро”, и се израдувал, и Му заблагодарил на Бога, така и ние, како прв пат да го гледаме светот како одраз на Божјата мудрост и љубов, и се радуваме, и благодариме. И во оваа радост и благодарност се очистува, обновува и повторно се раѓа, нашиот живот.
Не, не ја одрекуваме ние материјата, како што тврди лажната безбожна пропаганда, и не ја отфрламе, а напротив - ја одухотворуваме, бидејќи во неа со радост и благодарност го чувствуваме дарот Божји. “Небото и земјата се исполнети со славата Твоја” - пееме ние секој ден во Црквата. Во ова е смислата на осветувањето, што во него оваа слава се пробива низ нашето заспано сознание и се очистува нашиот слух, се очистува нашиот вид, и животот станува слава, радост и благодарност.
А што е со злото - ќе ме прашаат? - Што е со страдањето, со смртта? На ова ќе одговориме: ако ние до крај се просветлиме со оваа светлина, ако вистински во себе го примиме ова осветување, во нас ќе започне победата над злото. И смртта ќе биде проголтана од победата. Бидејќи ние живееме во светот, во кој живеел и вечно пребива Христос. И ништо не ќе не раздели од Него, ако Го погледнеме, ако Го возљубиме, ако Му се предадеме - и во се во светот ќе ја увидиме светлината на Неговото присуство, Неговата љубов, Неговата победа.

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная