логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

vozdvizenie.jpg

НОВА ГОДИНА


Стариот обичај: за Нова Година, кога на полноќ бие часовникот - си замислуваат желби, се обраќаат кон неизвесната иднина со мечта, чекаат од неа нешто неопходно, заветно.
И ете ја, повторно Новата Година. Што ќе си посакаме на себе, на другите, на секого, на сите? Каде е усмерена нашата надеж?
Таа е усмерена на еден збор кој никогаш не умира - среќа. Со Новата година, со нова среќа! Кај секого од нас таа среќа е свртена на свој начин, се однесува на нешто лично. Но верата во тоа што таа може да биде, што може од неа да се очекува, човек на неа да се надева - тоа е заедничка вера. Кога вистински човекот е среќен?
Денес, по векови на опит, по се она што сме го узнале за човекот, веќе оваа среќа не треба да ја поистоветуваме само со надворешното: пари, здравје, успех, за што знаеме дека тие не се совпаѓаат со она секогаш таинствено, секогаш неуловливо сфаќање - среќа.
Да, јасно е, дека физичката благосостојба е - среќа. Но не потполна. Дека парите се - среќа, но и мачење. Дека успехот е - среќа, но и страв. И необично е тоа што колку поголема е таа надворешна среќа, толку е покршливо, толку е посилен стравот - таа да не се загуби, да се сочува, да не се испушти. Можеби и затоа на полноќ на Нова Година говориме за нова среќа, дека “старото” никогаш вистински не се здава, дека секогаш нешто недостасува. И ете повторно напред, со молба, со мечта и надеж, погледнуваме ние...
Боже мој, колку одамна се искажани евангелските зборови за човекот кој се збогатил и изградил нови амбари за својот род и сметал дека се има, се тоа е гаранција за среќа. И се успокоил. А во истата ноќ му било речено: “Безумнику! Ноќва душата твоја ќе ја земат од тебе; на кого ќе му го оставиш она што си го подготвил?
И се разбира, овде во ова скриено знаење, дека сеедно е, ништо не ќе се одржи, дека сеедно е, во иднина следува распаѓање и крај - тоа е отровот кој ја труе нашата малечка и ограничена среќа. Веројатно, затоа и се јавил обичајот - спроти Нова Година, кога часовникот ќе започне да бие на полноќ - вреват, викаат, исполнувајќи го светот со татнеж и врева. Тоа е од страв - во тишина и во осама да се слушне отчукувањето на часови, оној неумолив глас на судбината. Еден удар, втор, трет, и толку е неумоливо, рамно, страшно - до крајот. И ништо не може да се промени, ништо не може да се запре.
Така, ете ги тие два вистински длабоки, неискоренливи полови на човечкото сознание: стравот и среќата, ужасот и мечтата. Таа нова среќа, за која мечтаеме спроти Новата Година тоа е - среќа, која до крај би го смирила, растворила и победила стравот. Среќа, во која не би постоел овој ужас, кој е вгнезден некаде во длабочината на сознанието, и од кого ние цело време се оградуваме - со вина, грижи, врева - но чија тишина ја победува секоја врева.
“Безумец!” Да, во суштина, безумна е мечтата за среќа која не умира во светот совладан од стравот и смртта. И на врвот на својата култура човекот тоа го знае. Со каква жална искреност и тага прозвучуваат зборовите на љубителот на животот, Пушкин: “во светот среќа нема”. Со каква возвишена тага е проникната секоја вистинска уметност. Само таму, долу, вреви и вика толпата и мисли дека од вревата и поматената веселба ќе дојде среќата.
Не, таа доаѓа само тогаш кога искрено, мажествено и длабоко човекот се загледува во животот, кога ги симнува покривалата на лага и самоизмама од него, кога се соочува со стравот лице во лице, кога, најпосле, узнава дека среќата, вистинска, цврста, среќата која не умира е - во средбата со Вистината, Љубовта, со тоа бесконечно возвишено и чисто, што човекот го нарекувал и го нарекува Бог.
“Во Него беше животот, и животот им беше светлина на луѓето. И во овој живот е - светлината, и темнината не ќе ја обземе”. И ова значи: да не се биде проголтан од стравот и ужасот, човек да не се раствори во тагата и очајот.
О, кога луѓето во својата суетна жед за моментална среќа би нашле во себе сила да се запрат, да се замислат, да се загледаат во длабочината на животот! Кога би слушнале тие, какви зборови, каков глас вечно им се обрнува во оваа длабочина. Кога би знаеле што е - вистинска среќа.
“И радоста ваша никој не ќе ви ја одземе!... Но зарем, кога бие часовникот, ние не мечтаеме за среќа која веќе нема да ни се одземе?... Но ете - колку ретко доаѓаме до оваа длабочина. Како да се плашиме од неа поради нешто, и се ја одложуваме: не денес, а утре, прекутре ќе размислувам за главното и вечното. Не денес. Уште има време. Но време има толку малку! Уште малку - и стрелката ќе дојде до судбинската цртка. Зошто да одложуваме?
Бидејќи ете тука, близу, стои Некој: “Стојам пред вратата и чукам”. И ако не се плашиме да погледнеме во Него, ние би виделе таква светлина, таква радост, таква полнотија, што без сомневање би сфатиле што значи тој неуловлив, таинствен збор среќа.


КРDicho.izlozba20.jpgШТЕВАЊЕТО НА ГОСПОДА

1

...Што е за нас, сега, водата? Една од неопходните удобности на животот, достапно, механизирано, ефтино. Ја откриле славината, и ете таа лизга... Но за да сфатиме зошто со векови водата била една од главните религиозни символи, треба во себе да го воспоставиме, речиси без остаток, изгубеното чувство за космосот. Бидејќи водата за древниот човек била нешто друго, еден вид на символ на самиот живот, и светот - како живот... И навистина: водата е услов за живот. Човек може долго да не јаде, но без вода човекот умира и, според тоа, тој е жедно суштество. Без водата не е можна чистотата - и според, таа е символ на чистота и очистување. Животот, чистотата, но исто така и убавината, силата и моќта на водната стихија, го одразува во себе, како да го впива длабокото синило на небото. Ете ова е тоа чувство или преживување на водата, што ја поставило во центарот на религиозните претстави на човекот.
Влезете во храмот спроти Крштевањето, кога се извршува “големиот водосвет”, задлабочете се во зборовите на молитвите и песнопеењата, загледајте се во обредите, и ќе почувствувате дека овде не се случува некој древен чин, а нешто што и денес ни говори, како илјада години претходно, за нашиот живот, за нашата жед, за нашата вечна и постојана тага по очистување, повторно раѓање, обновување... Водата е - како во првиот ден на творбата, за кој е кажано во Библијата: “Земјата беше безоблична и празна, и темнина беше над бездната, и Духот Божји лебдеше над водата”. И ете се разлеваат зборови на слава и благодарност: “Велик си, Господи, чудни се делата Твои, и ни едно слово не ќе биде доволно да ги опее чудеста Твои...” Повторно почеток. Повторно човекот стои пред тајната на битието, повторно радосно го чувствува светот и неговата убавина и среденост - како Божји подарок и повторно благодари. И во ова благодарење, слава и радост - вистински станува човек.
Радоста на празникот Крштевање - во космичкото преживување на светот, во верата, дека се и секогаш може да се измие, очисти, обнови, повторно да се роди, дека колку и да ни бил извалкан и заматен животот, во каква и кал да го претвараме, можен е овој очистувачки поток на вода жива, бидејќи не умрела и не може да умре во човекот жедта по небо, добро, совршенство, убавина, жед, која единствено вистински и го прави човекот да биде човек. “Велик си Господи, и чудни се делата Твои и ни едно слово не ќе биде доволно да ги опее чудесата Твои...”
Кој рекол дека христијанството е мрачно, задгробно, печално, дека тоа го одбива човекот од животот и го понижува? Погледнете со каква светлина и радост светлат лицата на луѓето кога грми ликувачкиот псалм “Гласот Господов е над водите”, кога свештеникот го попрскува со осветена вода храмот, и како да летаат по целиот свет тие светли капки, и светот повторно станува возможност, ветување, материја на таинственото чудо на претворање и преобразување.
Самиот Бог во образ на човек влегол во оваа вода, не се соединил себе само со човекот, но и со целата материја, целата ја направил светла и светоносна, целата - усмерена кон животот и радоста. Се ова не може ни да се преживее, ни да се почувствува без покајание, без она што на грчки се нарекува “метаноја”, без длабока промена на сознанието, без обраќање на умот и срцето, без способноста наеднаш се да согледа во нова светлина. Такво покајание проповедал Јован, и тоа направило да биде возможно да се види и со љубов да се прими во образот на Исус Кој одел кон Јордан - самиот Бог Кој од вечност го возљубил човекот и целиот свет кој го создал за него како образ на својата љубов, вечност, радост.

2

“Се јави Јован, крштевајќи во пустината и проповедајќи го крштевањето на покајанието за опростување на гревовите. И одела кај него целата земја Јудејска и Ерусалимска, и сите се крштевале од него во реката Јордан, исповедајќи ги гревовите свои. Јован носел облека од камилски влакна и кожен појас на бедрата свои и јадел акриди и див мед. И проповедал, говорејќи: по мене оди посилен од мене, на Кого јас не сум достоен да му ги одврзам ремењата од обувките Негови. Јас ве крштевам со вода, а Тој ќе ве крсти со Свет Дух. И во тие денови дошол Исус од Назарет Галилејски и се крстил од Јован во Јордан. И кога излегол од водата, веднаш Јован видел како се отвориле небесата и како Духот во облик на гулаб, слегол врз Него. И се слушнал глас од небесата: “Ова е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение” - пишува евангелистот Марко.
На тој начин, Јован не само што повикувал на покајание, но уште и тврдел дека неговата проповед е еден вид на подготовка за доаѓањето на некој друг, посилен, Оној Кој не ќе крштева едноставно со вода, а тајно, со Свет Дух. И ете овој најсилниот, како што него го нарекувал Јован, доаѓа и самиот се крштева од Јован, и во тоа има некое таинствено јавување, за да се потврди вистината на пророштвото на Јован: да ете, тоа е Тој, за чие доаѓање ви возвестував...
Како што гледаме, во овој краток евангелски расказ се соединети и сплетени многу теми, многу нишки. Пред се, Јован и неговата проповед за покајание и крштевање. Јован припаѓа на бројот на оние духовни луѓе, чие назначение е - на дадената заедница во определен момент да им ја објави неправдата, лагата и злото, со кое оваа заедница се храни и се труе. Да се предизвика, говорено со современиот јазик, духовна и морална криза, да се натераат луѓето да го видат злото и да се ужаснат од него, и да посакаат ослободување од него. Тоа ослободување, коренито изменување на животот го означува крштевањето, нурнувањето во водата, која истовремено е и символ, и извор на животот, а исто така и сила на очистување и повторно раѓање. На тој начин, од Евангелието следува, дека во моментот на доаѓање на Христа, на почетокот на неговата проповед, заедницата, во која започнува Неговото служење, преживувала ете ваква духовна и морална криза, криза на покајание и жед за обновување. Второ, на што е неопходно да се укаже во евангелскиот расказ - тоа е очекувањето, кое се содржи во моралната криза, на некој решавачки настан, доаѓање на некој, кој ќе го исполни, ќе го заврши делото на Јован, неговото крштевање ќе го претвори во тајно крштевање со Светиот Дух. Од другите евангелисти ние знаеме дека ова очекување било очекување на Христа, то ест на Спасителот ветен од Бога, за Кого возвестувале старозаветните пророци. За ова директно говори друг евангелист, Лука: “...Народот беше во очекување, и сите помислуваа во срцата свои за Јован - дали е тој Христос...” На тој начин, доаѓањето на Христа кај Јован на Јордан е пројавување на Ветениот и Возвестениот, или, со други зборови, завршување и исполнување на сите пророштва за Спасителот. За ова сведочи третиот евангелист Матеј: “Јован - пишува тој - Го задржуваше и говореше: јас треба да се крстам од Тебе, а Ти доаѓаш кај мене. Но Исус му кажал: остави сега, зашто така треба да ја исполниме секоја правда /вистина/...”
Трето: крштевањето на Исус, Неговото нурнување во водата на реката Јордан со раката на Јован. Бидејќи, ако Тој е - Спасител, зошто Му е крштевање? Овој символ на каење и жед за очистување? И се разбира, на сомневањата на Јован, Исус одговорил со цврсто барање за крштевање, и Јован да Го крсти. И ете Црквата со векови се загледува во снисходењето на Оној во Кого таа верува како во Спасител и Бог, во смислата на ова снисходење за светот, за човекот, за секој од нас.
И најпосле, четвртото и последно: она што брзо следувало по нурнувањето во водата, во сокриените, сообразни зборови на опишаното тајно јавување на гулабот, кој се спуштил на Исус кој излегувал од водата, гласот од небото, тие зборови на Евангелието: “И ете, Му се отворија небесата!” Како што гледаме, не една, а барем четири се темите, четири се “димензиите” на овој евангелски настан соединети во радосниот празник на Крштевањето на Господа.

3

Зошто сакал, зошто имал потреба Исус да биде крстен од Јован? Синот Божји, кој дошол во светот да го исцели гревот со својата безгрешност, да го присоедини човекот на божествениот живот! Ова прашање, како што ние знаеме од Евангелието, било и во срцето на Јован: “Ти треба мене да ме крстиш, а Ти ли доаѓаш кај мене?”
Ете го одговорот на Црквата: примајќи го Јовановото крштевање, Христос се поистоветува со сите луѓе, сите - без ниеден исклучок - со грешниците, со оние кои имаат потреба од простување, спасение, повторно раѓање. Се поистоветува со сите и со секој од нас. Со своето крштевање Тој сведочи дека не дошол да суди и осудува, надворешно, од височината на Своето совршенство и Божество да ни даде закон и правила, а да се соедини со нас, станувајќи еден од нас, да не направи учесници во својот совршен и безгрешен живот. “Ете го Јагнето Божјо, кое ги носи гревовите на светот” - говори за Него Јован Крстител. Во нашиот свет Христос дошол како младенец, и со своето раѓање Тој на Себе ја прима, ја прави Своја нашата човечка природа. Синот Божји станува Син Човечки. Но не за праведниците, а за грешниците и оние кои гинат дошол Тој на земјата, нив ги возљубил со Својата жртвена љубов, на нив им се предава Себе и целиот свој живот. И ете во Крштевањето Јованово Тој, безгрешниот е - со нас, грешните. Тој, Спасителот е - со оние кои гинат, бидејќи никаков грев не може да ја надвладее љубовта на Бога кон човекот. Тој се соединува со грешното човештво, како што подоцна, на крајот, Тој, Бесмртниот, по своја волја ќе се соедини со човекот и во смртта.
Се тоа сведочи дека Христос сака да не спаси со љубов и само со љубов, а љубовта - таа секогаш и пред се е соединување со оној кого го љубиш. Како што е кажано кај пророк Исаија: “Он ги зеде на себе нашите немоќи, ги понесе нашите болести, со раната Негова ние се исцеливме...”
Но има и втора смисла, уште подлабока, уште порадосна во крштевањето на нашиот Господ и Спасител во реките на Јордан. Ете, по службата за крштевањето, ние, верните, одиме на водоосветување. Прозвучуваат торжествените, ликувачки зборови на псалмот: “Гласот Господов е над водите...”, и ни се разоткрива смислата и значењето на водата како образ на живот, како образ на светот и целата творба. И ете, во оваа вода се спушта, во неа се нурнува, со неа се соединува Бог, Кој дошол во светот - за да го спаси и повторно да го роди. Светот се одвоил од Бога, Го заборавил, престанал да Го гледа и се нурнал во гревот, темнината и смртта. Но Бог не го заборавил светот, и ете, ни го враќа, светлејќи со ѕвездена слава и првосоздадена убавина. “Кој е жеден, нека дојде кај Мене и нека пие. Кој верува во Мене, како што е кажано во Писмото, од неговата утроба ќе потечат реки на жива вода”. Во овој свет се, вклучувајќи ја самата материја, повторно станува пат кон Бога, општење со Него, растење во овој жив и вечен живот. Доаѓањето на Бога при својата творба, ние го празнуваме во радосниот и светол ден на Богојавление. “И ете, Му се отворија небесата...”
Ние знаеме дека точно почувствувал Јован, кога со растреперена рака се допрел до Спасителот, кога го видел отвореното небо, кога го слушнал гласот. Но без сомнеж, постоел оној момент на заслепувачка светлина кога се се разгорело со радоста на првосоздадената убавина, кога светот се открил како свет Божји, очистен, измиен, повторно роден, исполнет со слава и благодарност. “Христос доаѓа да ја обнови целата творба”. Обновување славиме ние, кога ќе го видиме свештеникот, кој го прска храмот со нова, света и божествена вода, потоа не прска нас, нашите домови, целата природа и целиот свет. Кога ќе ги видиме луѓето, устремени кон оваа жива вода, кон животот вечен.
Значи, секој жеден да дојде кај Него и ќе добие дар на вода жива, дар на нов, чист и повторно роден живот.

СРЕТЕНИЕ

Sretenie.Gospodovo.jpgЧетириесет дена по Рождество, во нашите храмови се празнува празникот на Сретение, празникот на Средбата. Овој празник како да е полузаборавен, бидејќи често паѓа во работен ден. Меѓутоа, на овој ден Црквата го завршува “времето на Рождеството”, ни го пројавува во целата полнотија, и шири чиста и длабока радост.
Празникот е посветен на споменот и духовното созерцување, кое го наоѓаме во Евангелието според Лука. Во него се раскажува дека четириесетиот ден по раѓањето во Витлеем на Исуса Христа, според религиозниот обичај на тоа време, Јосиф и Марија го “донеле Младенецот во Ерусалим, за да го претстават пред Господа, како што е пропишано во законот Господов”.
“Тука во Ерусалим - продолжува Евангелието - бил човекот по име Симеон. Тој бил праведен и благочестив... и Светиот Дух бил на него. Преку Светиот Дух на него му било претскажано дека тој не ќе ја види смртта, додека не го види Христа. И по вдаховение, тој дошол во храмот. А кога родителите го принеле Младенецот Исус, за над него да се изврши законскиот обред, тој Го зел во рацете, Го благословил Бога и рекол: 'Сега го отпушташ слугата Твој, Владико, според словото Твое, со мир, зашто го видоа очите мои спасението Твое, кое Ти си го подготвил пред лицето на сите народи, светлина за откровение на незнабожците и слава на народот Твој Израилот'“.
“Јосиф и Мајката Негова се зачудиле на реченото за Него. И ги благословил Симеон и и рекол на Марија, Мајката Негова: еве Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина и е знак против Кого ќе се говори. Тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца...”
Колку е необичен, колку е прекрасен овој старец со детето на рацете, колку се необични неговите зборови: “Ете, го видоа очите мои спасението Твое...” Се задлабочуваме во овие зборови и постепено започнуваме да ја достигнуваме длабоката смисла на настанот, неговиот однос кон нас, кон мене, кон нашата вера.
Што на светот е порадосно од средбата, “сретението” со оној кого го љубиш? Навистина, животот е очекување. Но тогаш, не е ли символ ова на едно возвишено и прекрасно очекување, не е ли символ ова на еден долг човечки живот? Овој старец, целиот живот ја очекува оваа свеетлина, која се ќе озари, таква радост, која се ќе исполни со себе?
И колку е восхитувачки, колку е неискажливо добро тоа што светлина и радост, одговор, му биле дадени на старец Симеон низ Младенецот.
Кога ќе си ги претставиш тие раце на старецот кои го држеле Младенецот, кои љубовно и внимателно го примиле четириесетдневниот Младенец, неговите очи устремени на ова малечко суштество, и славата која се преплавува: “...сега можеш да ме отпуштиш со мир. Јас Го видов, во своите раце Го држев. Тој чекал. Тој чекал целиот свој долг живот. И не значи ли тоа дека тој го мислел, се молел, го продлабочувал ова очекување, така што на крајот целиот негов живот станал едно наспроти радосната средба.
И не е ли време да се прашаме: Што чекам јас? За што се посилно ми напомнува срцето? Се преобразува ли постепено овој мој живот во очекување на средба со главното? Ете го прашањето на Сретението. Овде животот човечки е пројавен како прекрасно созревање на душата, се повеќе и повеќе слободна, се подлабока, се поочистена од се малечкаво, суетно, случајно. Тука стареењето и овенувањето, земниот удел на секој од нас, е покажано толку едноставно и убедливо - како раст и подем до тој последен миг, кога од цела душа, во полнотата на благодарноста, човек говори: “Сега ме отпушташ”. Ја видов светлината, која го проникнува светот. Го видов Младенецот, кој во светот носи само Божествена љубов и ми се дава Себе. Нема страв, нема неизвесност. Постои само мир, благодарност и љубов.
Ете што носи со себе празникот на Сретение Господово. Празникот на средба на душата со Љубовта, средба со Оној Кој ми го дал животот и силата да го преобразам во очекување.

 ЗАКХЕЈ


Еден цел месец до почетокот на Великиот Пост православната Црква започнува да известува за него, да не подготвува. И колку му е тешко на човека да сфати дека напоредно со безбројните грижи на животот постои ете таа грижа за душата, за нашиот внатрешен мир. Кога би биле малку посериозни - би сфатиле колку е важна, насушна, првостепена таа грижа. Ние тогаш би ја сфатиле таа бавност, овој таинствен ритам на црковниот живот.
Се разбира, знаеме какво значење за нашиот живот има храната. Ова е полезно, а она е штетно, ова е тешко, а она е опасно. Додаваме усилби за да ги примениме тие знаења, да ја направиме храната полезна. Но тоа не е едноставно поповска реторика - да се каже дека на душата и е потребна храна, дека “не живее човекот само од леб”. Тоа го знае секој од нас: тоа човек треба и да го почитува, и над него да се замисли, и да позборува за тоа, и да се забави со тоа. Но колку во тој поглед човекот покажува малку грижа, малку внимание, малку елементарна хигиена. Бараме нешто полесно за читање, дрдорења, а не разговор, забави, а не храна. Ние не знаеме дека душата може многу полесно да се извалка отколку желудникот, и дека последиците од валкањето на душата се многу поопасни. И многу време губиме на “надворешното”, малку - на внатрешното.
Но доаѓа тоа време на годината кога Црквата не повикува да си спомнеме, дека тоа постои, она “внатрешното”, дека постои “внатрешен човек”, кога не повикува да се ужаснеме како сме заборавиле на него, во каква бесмислена дреболија сме се нурнале, како го убиваме драгоценото време, толку скапо платено за нас, во каква несмасна и малечкава збрканост живееме.
Пост - тоа е време за покајание, а покајанието - тоа е преразгледување, повторно оценување, задлабочување, потрес, “свртување кон себе”. Покајанието - тоа е тажно откривање на својот запуштен, заборавен и извалкан “внатрешен” човек.
Првата вест за Постот, првото напомнување - тоа е малечкиот расказ од Евангелието. Расказот за безначајниот човек, при тоа уште со малечок раст и полупочитувана професија. Името на овој човек е Закхеј. Професијата - даночник, занимање кое во таа епоха и во таа средина, за која раскажува Евангелието, било поврзано со подмитување, со жестокост и нечесност. Расказот е многу краток. “Исус влегол во Ерихон и минувал низ него. И ете некој, по име Закхеј, началник на митарите и богат човек, сакал да го види Исуса, кој е Тој? Но не можел поради народот, затоа што бил мал по раст. И забележувајќи го, се качил на смоквата, за да Го види, затоа што Тој требало да помине од таму. Исус, кога поминал покрај тоа место, погледнувајќи, го видел и му рекол: 'Закхеј, слези побрзо, зашто денес треба да бидам во твојот дом'. И тој брзо слегол и Го примил со радост. И сите, гледајќи го тоа, започнале да мрморат и говореле дека Тој отишол кај грешен човек. Закхеј пак, станувајќи, Му рекол на Господа: 'Господи! Половина од мојот имот ќе им го дадам на сиромашните, а ако некого сум навредил ќе му вратам четворократно'. Исус му рекол: 'денес дојде спасение на овој дом, зашто и тој е син Авраамов. Бидејќи Синот Човечки дојде да ги побара и спаси загубените'“.
Закхеј посакал да го види Христа, и посакал толку силно, што со оваа желба го привлекол кон себе вниманието на Исуса. Ете тоа посакување и е почеток на се. Евангелието говори: “Каде е ризницата ваша, таму ќе биде и срцето ваше”. Се во нашиот живот започнува со посакувањето, со желбата. Бидејќи она што го сакаме, значи, тоа и го љубиме - тоа одвнатре не влече кон себе и не потчинува на себе. Знаеме, Закхеј ги љубел парите и, по сопствено признание, не водел грижа дали ќе ги навреди другите. Закхеј бил богат - и го љубел богатството. Но внатре во себе нашол и друга желба, тој посакал и нешто друго - и ова посакување станало судбински момент на неговиот живот.
Овој расказ од Евангелието на секој од нас му го упатува прашањето: што љубиш ти, што сакаш? Не на површина, но во длабочина. Низ твојот град и по твојата улица не поминува таинствениот учител, и толпа со народ не го опкружува. Но така ли е? Не поминува ли околу твојот живот цело време некој таинствен повик, не чувствуваш ли ти понекогаш, некаде на самото дно на душата тага по нешто друго, не кон она со што, од утро до вечер, е исполнет твојот живот? Запри се, задлабочи се во себе, влези во срцето свое, слушни го својот внатрешен човек. И ќе ја најдеш таму - внатре во себе -  истата таа непозната и чудесна желба, без која не живее ни еден човек, но која речиси секој човек, како да се плаши од неа, ја задушува со вревата и суетата на “надворешното”. “Стојам пред вратата и чукам” - речено е во Новиот Завет. Ќе го слушнеш ли ти ова тивко чукање? Ете го првиот повик на Црквата, Евангелието, Христа: посакај нешто друго, воздивни за нешто друго, спомни си за нешто друго. И само за еден миг да се задлабочиме во тој повик, небаре ветар - чист и радосен - влегува во задушливиот воздух на нашиот безрадосен живот и започнува ова брзо враќање. Желбата. Здив на душата. И се станува - веќе станало - друго, ново, бесконечно значајно. Малечкиот човек, свиткан кон земјата и кон нејзините желби престанува да биде малечок, започнува неговата победа над самиот себе. Ете го почетокот, ете го првиот чекор - од надворешното кон внатрешното, во насока на онаа таинствена татковина, по која, толку често самиот не знаејќи го тоа, тагува и која ја сака секој човек.


МИТАРОТ И ФАРИСЕЈОТ


Една од главните, единствени од својот вид, особености на Евангелието - тоа се кратките раскази-приказни, со кои Христос се ползува во своето учење, во своето заедничарење со народот. Необичното во овие приказни е тоа што, иако кажани речиси пред две илјади години, во потполно различни услови од нашите, во друга цивилизација, на апсолутно друг јазик, сепак остануваат актуелни, и денес бијат во истата цел. А тоа значи - во нашето срце.
Бидејќи ете, застареле, заборавени се, исчезнале во небитие книги и зборови, создадени сосема неодамна, вчера, завчера. Тие веќе ништо не ни говорат, тие се мртви. А овие, толку едноставни по облик, простосрдечни раскази живеат со полн живот. Ние ги слушаме - и како нешто да се случува со нас, како некој да се загледал во длабочината на нашиот живот и ни кажал нешто - само на нас, нешто што се однесува само на мене.
Во оваа приказна - за митарот и фарисејот - се раскажува за двајца луѓе. Митар - тоа е словенски збор за означување на даночник, професија која, во древниот свет, била изложена на сеопшт презир. Фарисеј - тоа е назив за владеачката партија, врвот на тогашното општество и држава. На нашиот денешен јазик, ние би рекле дека приказната за митарот и фарисејот - тоа е символичен расказ за важен преставник на водечкиот слој, од една страна, за безначајниот и малку почитуван “апаратчик” - од друга страна. Христос говори: “Два човека влегоа во храмот да се помолат, едниот фарисеј, а другиот митар. Фарисејот, застанувајќи, се молеше во себе вака: 'Боже! Ти благодарам што не сум како другите луѓе, крадци, навредувачи, прељубодејци или како овој митар. Постам два пати во неделата, давам десетина од се што примам'. Митарот пак, стоејќи подалеку, не смееше дури ни очите да ги подигне кон небото, но удирајќи се себе во градите, говореше: 'Боже! Милостив биди кон мене грешниот!' Ви велам - ја завршува Христос оваа приказна - дека митарот си замина пооправдан во својот дом, отколку другиот: зашто секој кој се воздига себе, ќе биде понизен, а оној кој се понизува, ќе се возвиши”. Се на се, три реда во Евангелието, а во нив е кажано нешто вечно, нешто што навистина се однесува на сите времиња и ситуации.
Но да го земеме само нашето време, да ги земеме сами по себе. Ако нешто лежи во основата на нашиот државен, општествен, да, најпосле, и поединечен живот, тогаш - не е ли тоа вистина? - тоа е незапирливото самовоздигнување, самоутврдување, или говорејќи со подревен, но повторно вечен јазик - надменоста. Загледајте се во пулсот на нашата епоха. Зарем нема да се изненадиме од онаа чудовишна самореклама, самофалење, бесрамно самовоздигнување, кои толку влегле во нашиот живот, што ние веќе и не ги забележуваме.
Секоја критика, преразгледување, преоценување, секое пројавување на смирение - не станале ли тие веќе не само недостаток, порок, а и полошо од тоа - општествен и дури државен престап. Се покажува дека да се љуби татковината - тоа значи цело време бесрамно таа да се фали, унижувајќи ги туѓите татковини. Се покажува дека да се биде лојален - тоа значи цело време да се објавува безгрешноста на власта. Се покажува дека да се биде човек - тоа значи да се понижуваат, да се гмечат другите луѓе, тоа значи да се воздигнуваш себе по пат на нивното понижување. Проанализирајте го својот живот, животот на своето општество, основите на неговото устројство, и ќе мора да признаете дека тоа е така. Овој свет во кој живееме, толку е проникнат со заглушувачко и грубо фалбаџиство, што повеќе ни самиот не забележува дека тоа станало негова природа. Ова го искажал и еден од најдобрите и најпрефинети поети на нашето време - Пастернак - во својата знаменита строфа: “...се тоне во фарисејство”.
Сепак, најстрашното е тоа што фарисејството се признава како добродетел. Нас толку долго, толку упорно не задушувале со слава, достигнувања, елан и полет, толку долго не држеле во атмосферата на оваа призрачна псевдовеличина, што се тоа навистина започнало да ни се чини добро и благо, што во душата на цели поколенија се појавил образот на светот во кој само силата, само гордоста, само бесрамната самопофалба се покажува како норма.
Време е да се ужаснеме од тоа, да си спомнеме на зборовите од Евангелието: “секој кој се воздигнува, ќе биде понижен”. Денес, оние малкумина кои постепено, со шепот говорат за ова, напомнуваат за ова - ги влечат по судовите или ги затвораат во психијатриски болници. И на нив подбуцнуваат други: погледнете на овие предавници! Тие се против величината и силата на својата татковина! Против нејзините достигнувања! Тие се сомневаат дека најдобрата, најсилната, најслободната, најсреќната земја... и.т.н. И благодарете што вие не сте како нив, како овие несреќни отпадници.
Но да сфатиме дека оваа битка, овој спор, кој денес го води ништожното малцинство, оваа битка и спор е за духовните извори на животот. Бидејќи фарисејската надменост - тоа не се само зборови. Таа порано или подоцна се свртува во омраза кон оној кој не се согласува да ја признае мојата величина, моето совршенство. Таа води кон смрт. Приказната на Христос како нож се зарива во страшниот тумор на современиот свет, во туморот на фарисејската надменост. Бидејќи, додека овој тумор расте, во светот ќе царува омразата, стравот и крвта. И ова е така денес. Само ако се вратиме кон онаа заборавена, презрена, отфрлена сила - кон смирението - можеме да го очистиме светот. Бидејќи смирението - тоа е признавањето на другиот, тоа е уважување на другиот и тоа е умешност мажествено да се признаеш себе за несовршен, да се раскаеш, и со самото тоа да застанеш на патот на исправувањето. Од фалбаџиството, лагата и темнината на фарисејството - кон светлината и целосноста на вистинската човечност: кон вистината, кон смирението и кон љубовта. Ете го повикот на оваа приказна Христова, ете го повикот, првиот повик на великопосната пролет...

 

ПРИКАЗНА ЗА БЛУДНИОТ СИН


Ете уште една приказна Христова, запишана во Евангелието според Лука: “Некој човек имаше два сина; и помладиот од нив му рече на татка си: 'Оче! Дај ми го делот од имотот кој ми следува'. И таткото им го раздели имотот. Поминаа неколку денови и помладиот син, собирајќи се, појде во далечна земја и таму го потроши имотот свој, живеејќи распуштено. Кога потроши се, настана глад во таа земја, и тој започна да живее во беда. И тој пошол, се запрел кај еден од жителите на оваа земја, а овој го испратил да пасе свињи; и тој радо би го наполнил стомакот свој со рокчиња, кои ги јаделе свињите, но никој не му ги давал. Доаѓајќи при себе, рекол: колку наемници има кај мојот татко кои имаат леб во изобилие, а јас умирам од глад. Ќе станам, ќе појдам кај татко ми и ќе му речам: Оче! Згрешив против небото и пред тебе, и веќе не сум достоен да се нарекувам твој син; прими ме како еден од наемниците твои. Станал и пошол кај татка си. И кога тој бил се уште далеку, татко му го видел и се сожалил; и затрчувајќи се, го прегрнал и го бакнал... Синот му кажал: Оче! Згрешив против небото и пред тебе, и веќе не сум достоен да се наречам твој син. А таткото им кажал на своите слуги: донесете најубава облека и облечете го, и ставете му прстен на раката и обувки на нозете. И доведете едно угоено теле и заколете го: да пиеме и да се веселиме, зашто овој син мој беше мртов и оживеа, беше загубен и се најде. И започнаа да се веселат. Неговиот постар син беше во полето; и враќајќи се, кога се приближи кон домот, слушна пеење и ликување; и повика еден од слугите, прашувајќи го: твојот брат дојде, и татко ти закла угоено теле, затоа што се врати здрав. Тој се расрди и не сакаше да влезе. Татко му излезе и го викна. Но тој му кажа на татка си: Ете колку години ти служам, и никогаш не ја престапив заповедта твоја, но ти никогаш не ми даде ни коза, за да се повеселам со моите пријатели; а кога овој син твој, кој целиот имот го потроши со блудници, дојде, ти заколи за него угоено теле. Тој му рече: Сине мој! Ти секогаш си со мене, и се мое е - твое; а за ова требаше да се радуваме и веселиме, бидејќи овој брат твој беше мртов и оживеа, беше загубен и се најде”. Оваа приказна се чита во Црквата, кога започнува подготовката на верните за Великиот пост, то ест времето на покајание. И можеби никаде подобро во Евангелието не ни се разоткрива, во што е суштината на покајанието. Блудниот син заминал во далечна земја, во “земја далека”. И ете таа “далечна земја”, таа туѓина и ни ја покажува длабоката суштина на нашиот живот, нашата состојба. Само сфаќајќи го тоа, ние можеме да започнеме да се враќаме на вистинскиот живот. Оној кој макар еднаш во животот не го почувствувал ова, оној кој никогаш не се спознал себе духовно во туѓина, одвоен, прогонет, тој не сфаќа во што е суштината на христијанството. И оној кој до крај е “дома” во овој свет, оној кој не ја вкусил тагата по друга реалност, не ќе разбере што е покајанието и раскајувањето. Бидејќи тоа не е во формалното набројување на своите недостатоци, грешки и дури престапи. Не, раскајанието и покајанието се раѓа од опитот на отуѓување од Бога, од радоста на општење со Него. Релативно лесно е да се признаат своите грешки и недостатоци. Но колку е потешко да се узнае дека јас сум ја уништил, предал, загубил духовната убавина, дека јас сум далеку од мојот вистински дом, од мојот вистински живот; дека нешто што нема цена, чисто и прекрасно е уништено, разбиено во ткивото на мојот живот. Се разбира, тоа и е раскајувањето, и затоа тоа треба да ја вклучи во себе длабоката желба човек да се врати, повторно да го најде загубениот дом. Одеднаш започнувам да сфаќам дека мојот небесен Отец ми дарил бесценети ризници: пред се, со животот и можноста да се насладувам со него, и тоа значи: да го претворам во смисла, во љубов, во знаење. Во Синот Свој Исус Христос - Тој ми дарувал живот нов, ми го открил своето вечно Царство, радоста и мирот во Светиот Дух.
Јас сум примил знаење за Бога, и во ова знаење - сила да бидам син - слободен и љубен - на Бога. Се тоа јас сум го загубил, од се сум се одрекол, не само со поединечни “гревови” и “прегрешенија”, но со гревот над сите гревови: со заминувањето во “земја далечна”, во тој избор на туѓината, одделувањето, заминувањето...
Но ете, си спомнал блудниот син. Си спомнал за Таткото и татковиот дом и загубената радост на животот. И станал и се вратил. И Татко му го примил и му простил. Во овие недели кои му претходат на постот, ние во црквата пееме: “На реките вавилонски седевме и плачевме, спомнувајќи си за Ерусалим...” Го пееме псалмот на прогонството и отуѓувањето, но и на раскајувањето, љубовта и враќањето. О, кога би можеле да се пробиеме низ суетата на животот кон она сеќавање на срцето и душата, знаејќи дека во тоа не е нашиот живот, така ние не живееме. Низ тајното сеќавање знаејќи, помнејќи го загубениот дом на Отецот и радоста на животот.
“Ќе станам и ќе одам...” Колку едноставно и колку тешко. Но само од овие едноставни зборови зависи се. Во мојот живот и во животот на светот кој ме опкружува. Само од вистинското раскајување, од ова просветлување на умот, срцето и душата, кои истовремено ја познаваат и темнината, и тагата, и маката на нашиот паднат живот, и светлината на Божествената љубов, подготвена во секој миг да го исполни.

 

 Продолжува)

Подготви: А. И.

Друго:

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3211
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7696
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

21/12/2024 - сабота

Божикен пост (на риба)

Преп. Патапиј; Св. апостоли Состен, Аполос, Тихик, Епафродит, Онисифор, Кифа и Кесар; Св. маченици во Африка;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Тропар на светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици 28 ноември / 11 декември 2024

Тропар на светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици 28 ноември / 11 декември 2024

Голема пофалба и крепост има градот Тивериски,ерарсите, свештениците и левитите: зашто откако идолската прелест ја разобличија, победници над нечестивите се...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная