Не, не заборавив дека вчера се честиташе нова година на православните кои користат јулијански календар.
Како би заборавил на толку поучувања од пред две недели кога и како треба да се честита.
Нека е честита и вековита!
Еве честитам со задоцнување, ама ако денот по утрото се познава, честита тешко дека ќе е, зашто честитоста човечка ја снема и некако изгубив желба за честитки кога видов вчера уште од рани зори, како самонаречени турбо православни верници ликуваат дека “нивниот бог” им услишал молитви и се одмаздил некому кога веќе тие не можеле да ја спроведат правдата и одмаздата.
Па би прашал:
Мислат ли на истиот Оној Господ Бог Кој Го испрати Својот Единороден Син да пострада на 33 години за нас луѓето и за нашето спасение?
Мислат ли на Оној Господ што не им се одмазди на народот Израилев што Синот Негов го предадоа на Пилата за да биде распнат?
Мислат ли на Оној Бог Наш во кој нема веќе ни Евреин, ни Елин, ни Македонец, нит било кој избран народ?
Мислат ли тие луѓе дека да се биде Македонец е посвета работа од тоа да се биде човек?
Не, бидејќи нашиот Господ Бог не е тиранин кој одговара на колнења, наместо на молитви за ближниот.
Нашиот Господ е Бог кој го создал човекот според Неговиот образ и подобие од љубов за да живее вечно покрај Него.
Е да, ама затоа тешко е денес да се биде човек тука. Зашто човекот треба да се владее согласно заповедите дадени од Бога Создателот. Така веруваме, така исповедаме, бидејќи така нѐ учи Библијата. И Библијата, се чита за да се спроведат поуките од неа во нашите животи, а не за да се брои колку пати сме биле спомнати во неа.
Кога веќе не го исполнуваме ни она едноставното:
Љуби го ближниот како себеси, и кога не се молиме еден за друг, дај барам да не се мразиме, дај барем да не се колнеме, дај барем на туѓа смрт да не се радуваме…
Белким така честитоста во годината нова православна ќе ја зачуваме.
фб Otec Pimen