Вистинската смрт настанува кога душата се одделува од божествената благодат и се соединува со гревот. Оние што имаат ум треба да ја одбегнуваат смртта и да се плашат од неа. За оние што размислуваат добро, оваа смрт е пострашна и од самите пеколни маки.
Да се трудиме и ние, со сите наши сили, да бегаме од неа. Да отфрлиме сѐ, да оставиме сѐ, да се откажеме од сѐ и во нашите взаемни односи, и во нашите работи, и во нашите желби и од сѐ што нѐ одвлекува и оддалечува од Бога и што ни ја причинува оваа смрт. Оној што ќе се плаши од оваа смрт и што ќе се пази од неа, тој нема да се пази од приближувањето на телесната смрт, затоа што го има во себе живеалиштето на вистинскиот живот, зашто преку смртта - навлегува во придобивање на вечниот живот. Зашто, како што смртта на душата е вистинската смрт, така и животот на душата е вистински живот. Животот на душата е соединување со Бога, како што е животот на телото - соединувањето со душата.
Зашто, како што преку престапувањето на заповедта, откако се одделила од Бога, душата умрела, така и преку послушноста на Бога, откако ќе се соедини со Бога, душата оживува. Затоа Господ говори во Евангелието: „Зборовите што ви ги кажав се дух и живот“ (Јован 6, 63).
Откако го испитал ова лично, светиот апостол Петар Му рекол на Господа: „Ти имаш зборови за живот вечен“ (Јован 6, 68), но тие стануваат зборови на живот и за оние што ги слушаат, а за оние што не ги слушаат, заповедта на животот станува причина за смртта. Така и апостолите, бидејќи „Христов мирис пред Бога“, за едни биле „смртоносен мирис за смрт“, а за други „животворен мирис за живот“ (2. Кор. 2, 15 16).
Свети Григориј Палама
Православен Источник - Pravoslaven Istocnik
Risto Tanev ·
2023