(Обновено)
13- ти август, лето Господово 2016
✥ .✥
Утре
Утре ќе почне постот Богородичен.
Пост во чест на онаа
Која го Роди Бога,
На онаа која е поширока и од небесата,
На онаа чија што душа меч ја распара
Кога го виде Сина си на крстот
Како рацете ги рашири
За да нè прегрне сите нас
Кои што мана му најдовме
Што во саботи лечеше,
Што со грешници јадеше и пиеше,
Што бескрајно нè сакаше,
Што мани не ни забележуваше,
Што гревови не ни наоѓаше
Бидејќи знаеше дека сепак сме луѓе
Од гревот ранети,
Од страсти водени,
Од љубов повредени...
Мајката на Оној што сè ни прости,
Што прво неа ја научи на простување
За сè она што на Синот нејзин и го сториа,
Што ја научи на пост и молитва
Та преку тоа да собере сила за простување,
За љубов кон грешникот,
За мразење на гревот,
А не на грешникот,
За благодарење на Бога за искушенијата...
А преку неа
Нè научи и нас
Дека кога постиме
Треба да не јадеме месо,
Но и братот да не го јадеме....
И ете денес е денот
Кога треба секој со секого да се измири,
А утре
И следните две недели
Денови кога ќе се трудиме
Она што сме грешеле да не го повториме
Туку на злото со добро да вратиме,
Многу добри дела да направиме,
На оние што камен фрлиле на нас
Барем корка леб да им подадеме.
Кога на дело ќе ги покажеме зборовите
Дека лицемерно е да кажуваме
Дека Бога го љубиме
Кого не сме го виделе,
А братот кој секојдневно го гледаме
Го мразиме и повредуваме.
И ете,
Од утре
Нека дава сила
Синот на Пресветата
Да истраеме во подвигот
На постот и љубовта,
Та преку молитвите на онаа која Го роди,
Стократни плодови на покајанието да принесеме,
Та преку тој наш подвиг
Се прослави името
На Отецот,
Синот и
Светиот Дух.
Амин!
✥ .✥
Митрополит Европски Пимен