МАЧЕНИЧКАТА МАРИЈА ГАЧИНСКА – НЕПОДВИЖНА СВЕТИТЕЛКА, КОЈАШТО ЛЕЧИ ДЕПРЕСИЈА
Руска монахиња и новомаченичка Марија Гачинска, исцелителка од депресии, се празнува на 26 јануари (+1930). Неподвижна монахиња којашто комунистите ја затворија, зашто се молела за другите и ги утешувала.
Маченичка Марија Гачинска (родена како Лидија Лелианова) родена е во Сент Петерсбург во 1874 година. Во шеснаесетата година , како девојка, заболела од тешка болест – Паркинсонова болест, како последица на прележан енцефалитис.
На дипломскиот испит во женското училиште, кое го посетувала и го завршила, Лидија е доведена во инвалидска количка. Не ѝ помогнале многубројните третмани на кои била подвргната, вклучувајќи го и одењето во странство. Болеста продолжила неуморно да ѝ го одзема телесното здравје на девојката: почнале да ѝ се сушат рацете и нозете, а целото тело почнало да се собира по големина.
Според современиците, во тој период немало третман кој би ѝ помогнал. Таа најпрвин престанала да ги чувствува нозете и секогаш морала да лежи, зашто не можела да седи заради константните и ужасни болки во сите ткива.
Постепено и рацете ѝ се парализирале и целото тело почнало да ѝ се суши. Само главата и лицето останале без промена. Лицето ѝ било благообразно и светло.
По тоа што болеста на мајка Марија продолжила да напредува по необичен образец го гледаме дејството на Божественото Провидение. Сериозната болест не ги попримила обрасците кои обично се неизбежни и кои преку телесните повреди, исто така, доведуваат и до уништување на личноста.
Како што е наведено од страна на писателите на првите житија и биографиите на многу руски маченици и исповедници, вклучувајќи ја и Мајка Марија, така и свештеникот Михаил Полски наведува:
„Доживувајќи потполн физички инвалидитет (мајка Марија), не само што не даградирала ментално, туку прилично невообичаено за такви пациенти, се пројавила чудна особина на личноста и карактерот; таа станала многу кротка, понизна, покорна, скромна, концентрирана во себе, задлабочена во постојана молитва, без ниту најмалку жал за својата тешка состојба“.
Во 1913 година, семејството на Лидија се преселило во местото Гачин. Тука, по благословот на Свештеномаченикот Венијамин Петроградски во 1922 година, Лидија се замонашила со името Марија.
Заради подвигот на непрестајната молитва, трпењето на тагата и духовната помош на болните и страдалниците на кои им пружала помош во Гачин, наречена е Мајка Марија Гачинска..
Рамно десет години, по Божји благослов, Мајка Марија Гачинска им служела на луѓето.
Прикована за креветот, таа на десетици луѓе примала и се молела за нив, меѓу кои биле и селани, занаетчии, свештеници, дури и епископи. Нејзината слава и светоста кои ја опкружувале во текот на животот се прошириле далеку надвор од Гачин и Петроград.
Маченицата Марија, Бог ја благословил со дарот на љубов, прозорливост и чуда. Во истражниот предмет од 1932 година на комунистичката руска полиција за Мајка Марија, од извештајот на полицијата која што водела постапка против свештениците и монасите, постојат многу докази за овие нејзини благодатни дарови.
А оние полициски истражители, кои собирале фабрикувани обвиненија и вистински случувања против руските свештеници и монаси, така и против Мајка Марија Гачинска, всушност и незнаејќи, пишувале материјал за житието на светителката...
При крајот на животот, Марија Гачинска била во толку лоша здравствена состојба, што секој допир ѝ предизвикувал неснослива болка. И покрај тоа, таа и понатаму им пружала помош на сите кои ѝ доаѓале, вознесувајќи му молитва на Господа за нив и давајќи им духовни поуки и совети.
На 19. февруари 1930 година, Мајка Марија Гачинска и нејзината сестра се уапсени во текот на кампањата „Конфискација на монасите “, која се случила низ целата Руска земја. Мајка Марија Гачинска е обвинета со стандардно обвинение за руските верници, вклучувајќи го и проповедањето на Евангелието.
Руските комунисти и чекисти биле сурови спрема неподвижната монахиња. Според изјавите на современиците, неа при апсењето ја влечеле за раце од вториот спрат двајца чекисти, игнорирајќи ги нејзините крици од болка и фрлена во камион, била одведена во Петроград.
Маченичката била оставена во болничките затворски куќи каде што и умрела на 17. април 1930 година, кога веќе била осудена три години да ги мине во егзил. Телото на маченичката било закопано, според тогашните закони, без публицитет и без присуство на верници.
Веднаш по страдањето на Мајка Марија, нејзината гробница во близина на капелата на Блажена Ксенија Петроградска, станала ходочастие за верниците. На нејзиниот гроб имало комеморација, молебен, се земало земја од гробот...
Моштите на Света Марија Гачинска на 26 март 2007 година од Смоленскиот гроб во Петроград свечено се пренесени во Гачинско Павловската Црква, кадешто сега почиваат во убавината на кивотот и достапни се за почитување од страна на верниците, кои од неа бараат утеха во жалост и болест и плачат со вера и љубов, призивајќи ја нејзината помош.
Мајка Марија, маченичке, моли се за нас!
Извор: http://www.bastabalkana.com/2014/03/mucenica-marija-gacinska-nepokretna-svetiteljka-koja-leci-depresiju/
Подготви: Мина Даниловска