логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Preobrazenie.Nerezi.jpg

 

ПРЕОБРАЖЕНИЕТО  ХРИСТОВО


Преображението Христово на гората Тавор се случи малку време пред Неговите Страдања, односно поконкретно жетириесет дена пред да пострада и пред да биде распнат. Впрочем, целта на Преображението беше да се утврдат Учениците во верата дека Он е Синот Божји и да не се поколебаат од тоа што ќе го видат во тие денови. Во тропарите на Црквата се гледа оваа вистина. Во еден тропар пееме: “Пред Твојот чесен крст и страдање, земајќи ги од светите ученици оние за коишто процени, Си се искачил на гората”.

Според тоа, правилно Преображението Христово би требало да се празнува во месец Март, аналогно со тоа кога се празнува Велигден секоја година. Но бидејќи тоа време совпаѓа со периодот на Четириесетницата и не би можело да се празнува торжествено, затоа празникот бил пренесен на 6. Август. Овој датум не е случаен, бидејќи е четириесет дена пред Воздигањето на Чесниот Крст (14. Септември), кој што е како Велики Петок.

Настаните на празникот се запишани и од тројцата т.н. Евангелисти синоптичари, затоа што Преображението претставува централен настан во животот Христов и содржи многу теолошки пораки (Мат. 17, 1 - 8; Марко 9, 2 - 8; Лука 9, 28 - 36).

А

Preobrazenie2.jpg


 Преображението Христово претставува еден врховен настан во животот на Учениците, кој што има врска со Педесетницата, бидејќи се работи за голем опит на Бога. Секако, постои разлика помеѓу Преображението и Педесетницата, од аспект дека Учениците при Преображението сеуште не беа членови на обоженото Тело Христово, какви што станаа на денот на Педесетницата.

 Инаку, постојат и други настани во Христовиот живот коишто сожинуваат едно преображение, бидејќи Учениците се удостоија да видат неколку зраци од Христовото Божество. Ќе прикажеме два од тие настани.

 Прв е повикот на двајцата Ученици, на кои што св. Јован Крстител им Го покажа Христа. Учениците штом го слушнаа Чесниот Претеча како вели: “еве Го јагнето Божјо”, тргнаа по Него. И тогаш “Исус кога се заврте и ги виде како одат по Него” ги праша што бараат. На нивното прашање каде живее, Он ги повика да дојдат кај Него. А светиот Евангелист забележува: “отидоа и видоа каде живее, и останаа при Него тој ден” (Јован 1, 35 - 39). Тоа дека Христос го заврте Своето лице и ги виде значи дека ја откри славата на Својата личност во еден мал степен. Тоа нив ги поттикна да сакаат да останат со Него. Домот Христов е светлината, а тоа што Учениците тој ден останале во домот значи дека цел ден пребивале во созерцание на несоздадената Светлина.

 Така разбираме дека повикот на Учениците не била една обична покана на која што се отповикале затоа што имале голема ревност, туку е плод на созерцание и откровение. А, како што вели блажени Теофилакт, покажува дека на тие кои што Го следат Христа, Он им го покажува Своето лице, славата на Својата личност, затоа што ако некој него следи Христа преку праксата, тогаш не може да достигне до созерцанието.

 Втор случај е повикот на Учениците помеѓу коишто се вброи и Апостолот Петар. Ги сретна Христос по неуспешниот риболов и им заповеда повторно да ги фрлат мрежите во езерото. Кога без да очекуваат уловија многу риби, Симон Петар падна пред нозете Христови и рече: “оди си од мене, Господи, зашто сум човек грешен”. А Евангелистот оправдува: “зашто беше влегол страв во него и во сите што беа со него, и од тој улов на риби што ги уловија' (Лука 5, 1 - 11). Чувството на Апостолот Петар дека е грешен беше плод и резултат на стравот и на екстазата во која што дојде со чудото. Се работи за опитот на славата Божја, за чувството на присуството на Синот и Логосот Божји, но и за неговата сопствена нечистота, на гревовноста. Овој настан ако се спореди со паралелни откровенски собитија од Стариот и Новиот Завет покажува дека не е страв што произлегува од надворешни фактори, туку од откровение на славата Божја.

Preobrazenie2.jpg

Б

 Зборот преображение означува менување на формата. Значи во еден конкретен момент Христос го откри тоа што го криеше, ја објави славата на Божеството, со коешто беше соединета човечката природа од моментот на зачнувањето во утробата на Богородица. Христос со Своето големо човекољубие го сокри тоа што го имаше отсекогаш, за да не “изгорат” Учениците поради нивната неподготвеност, бидејќи сеуште се немаа подготвено.
 Христос во тој час се преобрази, но при тоа не прими нешто што не го имаше, ниту се претвори во нешто што не беше, туку на Своите Ученици им го објави тоа што Он е. Всушност, кога зборуваме за Преображение мислиме на тоа дека ја покажа славата на Своето Божество, кое што го држеше невидливо во видливото тело, бидејќи луѓето не можеа да се соочат со тоа.

 Св. Јован Златоуст ќе рече дека Христос не го покажа целокупното Божество, туку едно мало негово дејство. А тоа го направи, од една страна за да извести за тоа која е Божествената слава на Царството, а од друга страна од човекољубие за да не го изгубат и својот живот гледајќи ја сета слава на Божеството. Затоа, тајната на Преображението е и откровение на Царството, но и израз на љубовта и на човекољубието Божјо.

 Во литургиските текстови се зборува ека при Преображението Христос ја обоготвори човечката природа што ја примил. Но, тоа се вели со една одредена смисла и не значи дека само тогаш се обожи човечката природа. Според св. Јован Дамаскин човечката природа се обожи од ипостасното соединување со Бога Логосот, кое што се случи од моментот на Неговото зачнување во утробата на Богородица, на денот на Благовештението. Тогаш, Божеството ја обожи човечката природа, а човечката природа се обожи (св. Григориј Богослов). При Христовото Преображение на Учениците им се објави таа обожена човечка природа од нејзиното примање од страна на ога Логосот. Претходно беше непозната, а сега стана позната. Во таа смисла се зборува во некои тропари за обожување на човечката природа при Преображението.

 Токму тој факт не води кон гледиштето дека на Тавор немаме само Преображение, откривање на Христа (бидејќи тогаш навистина покажа некои зраци од Своето Божество), туку и преображение на Учениците. Учениците се удостоија да го видат обожувањето на Христовата човечка природа, токму затоа што самите тие се преобразија. Светите Отци зборуваат за промна н Учениците. “Се изменија и така го видоа изменувањето” (св. Григориј Палама). Тоа значи дека постои промена, Преображение на Христа, но тоа стана познато затоа то имаше и промена, преобразување на Учениците.

 Преобразувањето на Учениците се случи во целото нивно психосоматско битие. Учениците не ја видоа Божествената светлина само со нивниот ум, кој што е око на душата, туку и со самите телесни сетила, но кои што претходно беа укрепени со несоздадената енергија Божја и се преобразија за да ја видат. Телесните очи се слепи за Божјата светлина, бидејќи очите на човекот се создадени и не можат да ја видат несоздадената Светлина. Затоа и беа преобразени од енергијата Божја и се удостоија да ја видат славата Божја (св. Григориј Палама).

 Preobrazenie.vodno.jpg

В

 За да ја покаже Христос славата на Своето Божество се искачи на гората Тавор. Тоа би можело да се случи и во некоја долина, на некое широко место. Но зошто се претпочита гората?
 Во старата епоха било обичај сите големи настани да се случуваат на повисоко место, на високи планини, како што правеле и идолопоклониците коишто над планините ги принесувале своите жртви. Христос го покажува величието на Својата слава на гората Тавор, бидејќи објавувањето на обожувањето на човечката природа е најголемиот настан во историјата на човештвото.

 Потоа, како што рече Христос, дојде за да ја побара заблудената овца која што се загуби во планините. Според тоа, Христос се искачи на гората за да покаже дека Он ја најде загубената овца и ја ослободи од гревот и од ѓаволот, дека Он е вистинскиот пастир на луѓето. (св. Григориј Богослов).

 Искачувањето на гората покажува и дека оние кои што сакаат да ја видат славата на Божеството во човечката природа на Логосот, ќе треба да излезат од пониското и да се искачат повисоко, т.е. да се очистат од се земно што ги држи врзани за земјата.

 Преображението Христово се случи дење, така што Учениците видоа две сонца, сетилното и духовното. Во еден свој тропар св. Јован Дамаскин вели: “Од зраците на Божеството се сокри сетилното сонце кога на гората Тавор Те виде Преобразен, Исусе мој”. Значи, сетилното сонце се сокри и исчезна од зраците на Христовото Божество. Можеби во почетокот гледаа две светлини, создадената и несоздадената, како што велат светителите кои што имаат такви искуства, но кога видоа поголемо дејство на Божеството, тогаш потполно се изгуби сетилното сонце. Св. Исак Сирин вели дека Учениците на Тавор гледаа две сонца “едно на небото, вообичаеното, и едно невообичаено”.

 Св. Никодим Агиорит вели дека на гората Тавор, при Христовото Преображение се случи голем и страшен призор. Прво, затоа што изгреаја две сонца, нешто што никогаш не и било познато на тварта. Не се работи за сонцето што се гледа пред изгрејсонцето, за идолот на сонцето, туку за две сонца, и тоа на пладне. Второ, страшен призор е, затоа то едното е сетилно сонце и изгреа од небото, а другото е духовно кое што изгреа од земјата. Тоа второ сонце беше неспоредливо повисоко од сетилното што изгреа од небото. И како што со изгревот на сетилното сонце исчезнуваат сите ѕвезди на небото, така и со изгревот на сонцето на правдата исжезнаа и зраците на сетилното сонце.

 Секако, славата на сетилното сонце не ја видоа сите луѓе на земјата во тој момент, освен тројцата ченици и Пророците кои што се јавија. Св. Григориј Палама вели дека сетилното сонце кое што изгрева го гледаат сите кои што живеат на земјата, освен ако некој е слеп, додека духовното сонце на правдата го гледаат оние кои што се подготвени. А анализирајќи ја оваа своја мисла вели дека сетилното сонце, бидејќи е без душа, нелогосно и нема волја, го гледаат сите луѓе, додека духовното сонце нема само природа и природна блескавост и слава, туку и соодветна волја, и затоа се јавува на оние на кои што сака и колку што сака време. Според тоа, духовната и несоздадена светлина ја гледаат оние кои што се удостојуваат од Бога за тој опит, бидејќи Бог се открива Себеси на оние на кои што сака, а тоа откровение е аналогно со духовната состојба на луѓето кои што се удостојуваат со откровенскиот опит.
Г

 Preobrazenie.s.Nagoricane.jpgПретходно нагласивме дека таа светлина што ја видоа учениците на гората Тавор не беше некоја создадена стварност, туку тоа беше светлината на Божеството. Тоа не беше ниту некоја сокриена трета Христова природа, туку тоа беше Божеството кое што ја обожи човечката природа. Значи, Христос имаше две природи, Божјата и човечката, соединети во Неговата Личност непроменливо, неслиено, неодделно, неразделно. Учениците се удостоија да ја видат таа слава на Божеството во човечката природа на Логосот.

 Основно учење на Црквата е дека секоја суштина има и свое дејство. Доколку суштината е несоздадена и нејзиното дејство е несоздадено, а ако суштината е создадена тогаш и нејзиното дејство е создадено. Исто така, како што вели св. Јован Дамаскин, едно е суштина или природа, друго е дејство, друго е тоа што дејствува, и друго е резултатот на дејството. Дејството е славата на суштината, но тоа што дејствува е личноста. Тоа значи дека Личностите на Света Троица имаат заедничка природа и дејство. Ние луѓето, како што учат светите отци, не ја гледаме, ниту учествуваме во Божјата природа, туку во Неговата енергија (дејство). Според тоа, Учениците на Тавор не ја видоа Божјата природа, туку Неговото дејство во човечката природа на Логосот.

 Светлината на гората Тавор беше славата на Божеството. Според св. Јован Дамаскин, зборот Божество ја означува Божјата природа и Неговото дејство, додека зборот Бог ја означува личноста. Не можеме да Го наречеме Божество само Отецот или само Синот или само Светиот Дух. Можеме да велиме Бог Отец, Бог Логос, Божествен Дух, но никогаш Божество на Отецот, како да е нешто одделно од Божеството на Синот и од Божеството на Светиот Дух.

 Зборот Божество () има многу значења и покажува различни Теолошки вистини. Св. Григориј Палама дава неколку ерминевтички анализи што ја означуваат етимологијата и происходот на овој збор. Се вели Божество -  од “”, и ја означува секадеприсутноста Божја. Уште, зборот произлегува од “” и ја означува Божјата блескавост, Неговата енергија која што го гори секој грешник. Овој збор може да произлегува и од “”, и означува дека Бог ги гледа и ги познава сите и пред нивното раѓање. Уште ја означува и Божјата промисла, затоа што се поврзува со “”. Се нарекува Божество и од обожителното дејство. Сите овие етимолошки толкувања ги покажуваат различните Божји енергии, а исто така ја означуваат и непричесноста божја, кога зборот Божество се однесува на суштината, односно природата.
 Завршната теолошка фраза околу оваа тема е дека Учениците на Тавор не ја видоа природата, туку несоздадената енергија на Триедниот Бог во човечката природа на Логосот.

Preobrazenie2.jpg

Д

 Преображението Христово на Таворската гора се случи по една Христова прокламација. “Вистина ви велам дека овде стојат некои кои што нема да вкусат смрт дури не го видат Царството Божјо дојдено во сила” (Марко 9, 1). И веднаш Евангелистот го опишува настанот на Преображението кој што се случил по шест дена, откако, како што гледаме во Евангелијата, не се вметна во меѓувреме ниту еден друг настан, ниту учење, ниту чудо. Тоа значи дека тие денови помеѓу Христовите зборови и Неговото Преображение ги поминаа со молчење.

 Многу нешта се зборуваат за тоа што е Царството Божјо. Некои го поистоветуваат Царството Божјо сон едно глобално завладејување на Божјата волја, некои со идното блаженство на праведниците. Меѓутоа, поврзувањето на Царството Божјо со Христовото Преображение означува дека Царството Божјо е гледањето на несоздадената благодат и слава на Триедниот Бог во човечката природа на Логосот, и секако тоа е обожувањето на човекот.

 Во оваа точка извонредни забелешки дава св. Григориј Палама. Тој учи дека Царството Божјо тесно се поврзува со Царот, Кој што е Бог, Христос. Во Христа се соедини Божјата со човечката природа. Славата на Божеството ја обожи и ја озари човечката природа. Затоа, каде што се наоѓаше Христос, таму беше и Царството. Не може да се замисли цар без царство, ниту царство без цар. Така, царство Божјо без Царот Христос не може да се замисли.

 Христос во своите зборови го поврзува Царството со гледањето: “дури не го видат царството Божјо”. Се работи за гледањето на несоздадената светлина. Зборот “дојдено” не значи дека Царството доаѓа од некаде, туку значи дека “се пројавува”, бидејќи каде што е Христос, таму е Царството, затоа што не се работи за просторно доаѓање, туку за пројавување. А тоа пројавување - откровение се случува со дејството на Пресветиот Дух. Тоа го означуваат зборовите “во сила”. Човекот е немоќен да ја види славата Божја, ако неговите психосоматски сетила не бидат зајакнати од несоздадената енергија Божја.

 Црквата и Евхаристијата можат да се наречат Царство Божјо, ако оние кои што живеат во неа достигнуваат до гледањето на несоздадената слава Божја, што е вистинското Царство. Доколку зборуваме за Црквата и за Царството Божјо, а не ги поврзуваме со гледањето на Бога, со гледањето на несоздадената светлина, тогаш теолошки грешиме. Впрочем, светите Тајни на Црквата му го пројавуваат и го водат човекот во Царството Божјо, токму затоа што многу тесно се поврзуваат со очистителната, просветителната и обожителната енергија Божја.

Preobrazenie2.jpg

Ѓ

 Учење на светите Отци е дека Христос на Тавор им ја покажа на луѓето архетипската убавина на нивниот образ. Значи, Христос е архетипот на создавањето на човекот, бидејќи човекот беше создаден според образот на Логосот. Со тоа се гледа славата на образот (иконата) и големата чест да бидеме според образот Божја. Нашето потекло не е ниско, туку е воисоко, бидејќи прославениот ристос е прототипот на наШето создавање, но и Самиот наш уметник и создател.

 Во Светото Писмо честопати се вели дека Христос е новиот Адам, Кој што се вожовечи за да ја исправи грешката на прататкото Адам. Првиот Адам во Рајот, иако сеуште беше неискусен, се наоѓаше во состојба на просветлување на умот, затоа што образот во него беше чист и ги примаше зраците на Божјата светлина. Но по гревот се помрачи, го загуби подобието, меѓутоа без во целост да го загуби образот. Во светоотечкото предание се вели дека образот на Адама се помрачи, без целосно да се изгуби. Со Христовото вочовечување и со обожувањето на човечката природа Адам пак се враќа во претходната слава, и дури се издигнува уште повисоко.

 Така, Христос на Тавор покажа кој е прототипот на создавањето на човекот и во каква состојба се наоѓаше Адам во Рајот пред падот.

 Секако, тоа се вели со снисходење, затоа што како што учи св. Никодим Агиорит, озарувањето на Преобразениот Христос беше побожествено и поблескаво од озарувањето што го имаше Адам во Рајот. А тоа од две причини. Прво, затоа што Бог Кој што го создаде Адама беше Бог по суштина, додека Адам беше Бог по учество. Светлината на Бога е по природа, додека светлината што Адам ја имаше беше по учество и по благодат. Второ, затоа што Христос ја прими човечката природа и ја обожи ипостасно, додека Адам имаше заедница со Божјата благодат по енергија. Тоа значи дека, додека во Христа Божјата со човечката природа се соединија ипостасно, во Адама и во секој обожен човек неговата природа се соединува по благодат со ога, а не ипостасно. Затоа што ипостасното соединување на Божјата и човечката природа се случи само во Христа.

 За да стане ова сфатливо треба да кажеме дека според св. Јован Дамаскин постојат три начини на соединување. Првиот е по суштина, како што се случува со Личностите на Света Троица; вториот начин на соединување се случи во Христа со вожовечувањето и тоа е ипостасно соединување, бидејќи Христос е единствениот Богочовек; и третиот начин на соединување е по благодат, а се случува со обожените луѓе, кои што не се соединуваат со Бога по суштина (зато тоа се случува само со Личностите на Света Троица), ниту се соединуваат со Бога ипостасно зашто еден е Богочовекот), туку се соединуваат со учество во благодатта. Затоа светителите не се нарекуваат, макар и по благодат, Боголуѓе, туку богови по благодат, односно обожени.

 Во секој случај, преобразениот Христос ја покажа славата на архетипот на нашето создавање. И како што кај грнчарите најголема вредност има моделот а потоа копијата, што може секој да ја направи, така и овде најголема вредност има прототипот. Христовото Преображение го покажува, и происходот на човекот, но и целта кон која што треба да стреми.

Е

 Сетилната светлина, иако е создадена, е единствената реалност од земјата што може да ја покаже славата и блесокот на Божеството. Личноста Христова блесна како сонцето и Неговите алишта станаа бели како светлината, затоа што така човекот може да ја разбере славата на Божеството. Не постои никаква друга земна реалност за да го покаже тоа.

 Факт е дека Бог е и се нарекува светлина, затоа што од една страна тоа е откровение на Самиот Христос Кој што рече: “Јас Сум светлината на светот” (Јован 8, 12), а од друга страна затоа што оние кои што се удостоиле да Го видат Го виделе како блескава светлина. Св. Јован Златоуст забележува дека Евангелистот вели оти лицето Христово блесна како сонцето, затоа што не постои никаков друг образ за да ја прикаже блескавоста на Христовото лице во тој момент.

 Образот на сонцето покажува и една друга теолошка вистина, како што ја прикажува св. Григориј Палама. Тој вели дека постои разлика помеѓу светлината и сонцето. Бог, како што знаеме од Стариот Завет, во првиот ден од создавањето ја создаде светлината, а во четвртиот ден го создаде сонцето и му ја даде светлината. Така светлината беше прво создадена, додека светлината во дискот на сонцето настана во четвртиот ден. Тоа по аналогија го гледаме и кај Христа. Светлината Божја беше и е беспочетна, т.е. немаше време кога не постоеше таа светлина. Меѓутоа подоцна, при вочовечувањето блесна и применото - човечката природа која што ја прими сета полнота на Божеството. Така, додека Бог беше секогаш светлина, при Неговото вочовечување и телото што го прими стана извор на несоздадената Светлина.

 Меѓутоа постои огромна разлика помеѓу светлината на Божеството и светлината на сонцето. Разликата е толкава колку што е помеѓу несоздадено и создадено. Создаденото има почеток на создавањето и би требало да има крај, но Бог сака да нема крај. Создаденото е и променливо, односно се менува. Меѓутоа, несоздаденото нема ниту почеток ниту крај и, секако, нема никаква промена. Затоа секогаш по снисходење треба да ги употребуваме овие стварности. Светиот Евангелист напиша: “и блесна лицето Негово како сонцето” (Мат. 17, 2). Не стана Неговото лице сонце, туку како сонце.

 Св. Никодим Агиорит ја означува разликата помеѓу блесокот на сетилното сонце и блесокот на Сонцето на правдата. Светлината на сетилното сонце, бидејќи е хронична, доаѓа во очите на човекот повремено, т.е. малку по малку, а не целата заедно, т.е. одеднаш. Така, наутро оди кон исток, од исток на пладне и од таму кон запад. Има промена на блесокот на светлината и се дава во соодветни времиња. Меѓутоа, не се случи истото со Учениците на гората Тавор. Бидејќи светлината на правдата е несоздадена и надвремена, затоа не ги озари апостолите “малку по малку, туку веднаш и одеднаш”.

 Таа Божја светлина дејствува на два начина, т.е. просветлува и изгорува, според степенот на духовната состојба на човекот. Според св. Никодим Агиорит, јагленот има и земен и материјален елемент, бидејќи станува прав, но има и светлечки и горечки. Атоа во некои случаи гори, а во некои осветлува. Тоа се случува и со светлината божја во човечката природа на Логосот. Христос наликува со запалениот јаглен, бидејќи ја има човечката природа (материјалниот елемент), но ја има и светлината на Божеството. Меѓутоа не се случува истото што и со јагленот, кој што не ги осветлва оние кои се далеку и го гори оние кои се близу, туку се случува нешто различно. Станува светлина за оние кои се чисти од гревот и оган за оние кои се нечисти.

 Во оваа прилика треба да ја видиме преубавата забелешка на св. Василиј Велики во врска со Христовото вочовечување. Употребувајќи го како пример разгореното железо, вели дека огнот во железото не доаѓа со преместување, туку со предавање. Тоа значи дека огнот не трча кон железото, туку останувајќи на своето место му ги предава своите сили и дејства, така што од една страна огнот не се намалува од пренесувањето, а од друга страна го исполнува целото железо. Истото, по аналогија, се служи со вочовечувањето на Синот и Логосот Божји. Бог не се помрдна од Себеси, т.е. не се премести просторно, туку слезе кон човечкиот род и се всели во нас, без да престане да се наоѓа на Небесата.


Ж

 Светиот Евангелист Матеј потврдува: “и Неговото лице блесна како сонцето” (Мат. 17, 2). Освен тоа што претходно го нагласивме треба уште малку да прошириме и да потцртаме некои теолошки вистини, во врска со блесокот на Христовото лице.

 Светлината Божја е предвечна, невремена, но на Тавор, според крајното Божјо човекољубие, се опиша во човечко тело, “како на сончев диск”. И покрај блесокот и описот на Христовото лице, сепак “останува неопислива и при опишувањето” (св. Никодим Агиорит). Тоа е големата тајна на вожовечувањето на Логосот Божји, на Неговото Преображение, но и на обожувањето на човекот.

 За да не настане никакво мешање помеѓу создадената светлина на сонцето и на несоздадената Светлина на Божеството, светите Отци честопати го употребуваат и терминот “надсветлосен мрак”. Навистина, Бог е светлина, и така Го виделе светителите, но за да не се прави корелација со други создадени светлини се нарекува надсветлосен мрак. Во овие рамки треба да ја видиме и т.н. катафатичка и апофатичка Теологија. Првата (катафатичка) Теологија, која што Го иманува Бога од Неговите дејства и од последиците на Неговите дејства, Го нарекува Бога светлина вистинска, непристапна и чиста. Втората (апофатичка) Теологија Го нарекува Бога “над светлина”, како и надимен и надсуштествен. Така, значи, постоењето на апофатичката Теологија не води во агностицизам, не завршува во неипостасен мистицизам, туку ги избегнува опасностите на рационализмот и на сензуализмот (св. Никодим Агиорит).

 Тоа значи дека лицето Господово блесна како сонцето, но истовремено блесна и над сонцето, што значи блесна надумно и надпоимливо, на неискажлив начин. Изразите на светите Отци ја покажуваат оваа реалност. Зборуваат за тоа дека Учениците и обожените луѓе низ вековите Го гледаат невидливо, Го слушаат нечујно, учествуваат во Бога неучестливо, Го поимаат непоимливо.

 Според тоа, блеснувањето Христово на Тавор, откровението на еговата слава на обожените луѓе од секоја епоха, не е некој сетилен настан, туку е тајна, пројавување на славата Божја на неискажлив начин.
З

 Како што во моментот на Христовото Крштевање има јавување и откривање на Света Троица, така и во моментот на Неговото Преображение на Тавор се открива Триедниот Бог. Втората Личност на Света Троица, Којашто се вочовечи, блесна пред Учениците и ја пројави славата на Своето Божество. Отецот потврди дека Он е Неговиот возљубен Син, а Светиот Дух беше светлиот облак што ги засени Учениците.

 Триедниот Бог е светлина, бидејќи светлината е блесокот на Божеството, гледањето на благодатта на Триедниот Бог. Во тропарите на Црквата се пее: “Светлина е Отецот, светлина е Логосот, светлина е и Светиот Дух”. Лицето Христово блесна како сонцето, гласот на Отецот бее многу силно созерцание на светлина, затоа, како што вели св. Григориј Палама, токму тогаш не можеа да издржат Учениците и паднаа на земја. Облакот, пак, кој што беше присуството на Светиот Дух, беше светол. Се ја изразува славата на Божеството.

 Во најголемиот степен на Боговидение се слушна гласот на Отецот: “Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение” (Мат. 17, 5). Кога го анализиравме Христовото Крштевање, видовме таму што значи таа потврда на Отецот. Овде треба да го ставиме гледиштето на св. Јован Златоуст дека Отецот ја покажува Својата голема љубов кон Неговиот Единороден Син по природа. Љубовта на Отецот е тројна, прв, бидејќи е Син и секој татко го сака своето дете, второ, затоа што е возљубен, и трето, затоа што Неговото благоволение е во Него.

 Гласот на Отецот покажува уште и дека на гората Тавор има и гледање и слушање. Всушност, како што вели св. Симеон Нов Богослов, при созерцанието на Бога и при Неговото откровение, сите сетила на човекот стануваат едно сетило, се соединуваат. Затоа и гледањето е слушање, и слушањето е гледање, и гледањето и слушањето се вкус и осет итн. Во часот на Боговидението човекот не е расцепкан, бидејќи расцепканоста е карактеристичен белег на паднатиот човек. Меѓутоа, кога човекот ќе достигне до созерцание на Бога, тогаш Го гледа Бога преку своето обожување.

 Според св. Никодим Агиорит обично гледањето е поверодостојно од слушањето. Прво слушаме нешто а потоа следи и гледањето на нештото. Но овде се случи спротивното. Учениците ја видоа славата Божја, а потоа следеше и потврдата преку слушањето.

 Св. Никодим објаснувајќи го ова, вели дека овде се гледа разликата помеѓу Стариот и Новиот Завет. Обично во Стариот Завет повеќе се дејствуваше преку слушањето, бидејќи Пророците ги објавуваа идните настани преку предскажувањата и преку пророштвата. А обично, прво слушаа за Бога, а потоа гледаа, како што исповеда праведниот Јов: “Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, окото мое Те гледа” (Јов. 42, 5). Меѓутоа, во Новиот Завет се случува спротивното. Обично гледањето му претходи на слушањето. И тоа е нормално, затоа што во тариот Завет го проповедаа доаѓањето на Месијата, но кога дојде воплотениот Син Божји, тогаш претходи гледањето, затоа што Го гледаа и потоа следеше потврдата.

 Тоа се случува во црковниот и во духовниот живот. Кога се наоѓаме на степенот на очистување, што всушност потсетува на начинот на живот што го сочинува Старозаветниот закон, ние слушаме за Бога. Но кога достигнуваме во просветлување на умот и до обожување, со светотаинскиот живот и со учеството во просветителната и обожителната енергија Божја, тогаш Го гледаме Бога.
 Сето ова треба да се кажува во рамките дека, кога обожениот човек ќе достигне до обожување, тогаш се соединуваат сите психосоматски сили.

 Гласот на отецот излегува од светлиот облак, а тоа ја покажува едносуштноста на Отецот со Светиот Дух, и секако едносуштноста на трите Божествени ипостаси. Јавувањето на светлиот облак се поврзува уште и со откриената вистина дека Христос е Тој што го водеше народот Божји во Стариот Завет.

 Во книгата Исход се вели дека Бог го водеше израиилскиот народ во неговиот пат од Египетската земја кон ветената земја, осветлувајќи го ноќе со огнот и покривајќи ги дење со облакот, “а Бог ги водеше по патот: дење во столб од облак, а ноќе во столб од облак, светејќи им” (Исход. 13, 21).

 На Тавор ги имаме и светлината и облакот. Светлина е Христос, бидејќи Неговото лице блесна како сонцето, а облак е присуството на Пресветиот Дух. Со оваа вистина не треба некој да помисли дека едно е делото на инот, а друго е делото на Пресветиот Дух, дека домостројот на Синот се случува независно од домостројот на Светиот Дух. Впрочем, познато е дека создавањето и пресоздавањето на човекот и на светот е заедничко дејство на Триедниот Бог.

 Во секој случај, она што треба да се потцрта е дека на Тавор имаме јавување и откровение на Триедниот Бог. Црковниот и духовен живот е учество во несоздадената благодат Божја во човечката природа на Логосот. Кога се причестуваме со пречистите тајни, се причестуваме со Теолото и Крвта Христови и ужествуваме во енергиите на Триедниот Бог.
 
Ѕ

 На гората Тавор освен Триедниот Бог има пет личности. Близу до Христа се двете особени Старозаветни личности, Пророкот Мојсеј и Пророкот Илија, како и тројцата Ученици, Петар, Јаков и Јован. Првите се претставници на Стариот Завает, а конкретно на Законот (Мојсеј) и на Пророците (Илија), и Апостолите се претставници на Новиот Завет.
 Учениците познаа дека линостите што се јавија од Стариот Завет се Мојсеј и Илија главно од две причини.

 Прво, од Божјата благодат. Значи ги препознаа Боговидците од Стариот Завет затоа што се наоѓаа во светлината Божја. Како што вели св. Григориј Палама, светлината Божја ги открива сите идни настани, а многу повеќе ги открива сегашните и минатите.

 Второ, Старозаветните Боговидци беа познаени од Апостолите по разговорот што го имаа со Христа. Ветиот Евангелист пишува: “и ете им се јавија Мојсеј и Илија, кои што разговараа со Него” (Мат. 17, 3). Карактеристични се зборовите на Евангелистот Лука, коишто ни ја прикажува и содржината на разговорот: “И ете, два човека разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија. Па, кога се јавија во слава, тие зборуваа за Неговата смрт, со која требаше да заврши во Ерусалим” (Лука 9, 30 - 31). Старозаветните мажи кои се јавија во тој час зборуваа за Христовите Страдања. Со оглед на тоа што Христовото Преображение се случи за време на молитва, бидејќи Евангелистот Лука вели “и кога се молеше, видот на лицето Негово се измени...” (Лука 9, 29), и дека разговорот на двајцата мажи со Христа се однесуваше на Страдањето, излегува дека овој настан тесно се поврзува со Господовата молитва во Гетсиманија, кога бараше да Го одмине горката чаша на смртта.

 Блажени Теофилакт вели дека Учениците ги разбраа овие Пророци по зборовите што Му ги кажале на Христа, а кои што би биле во врска со она што тие го пророкувале додека живееле. Можеби Мојсеј рекол: “Ти Си, Чиешто страдање јас го предобразив, колејќи го јагнето и вршејќи ја пасхата”. А Илија би рекол: “Ти Си, Чиешто воскресение го предобразив со воскреснувањето на синот на вдовицата”. Мојсеј зборувал за предобразувањето на Христовото Страдање, т.е. на христијанската пасха, а Илија зборувал за Христовото Воскресение.

И

 Познато е од светоотечкото предание дека во обожителната енергија Божја учествуваат оние кои што се наоѓаат во состојба на Боговидение, затоа што откровението Божјо на неочистени луѓе е пекол и осуда. Така, и при настанот на Христовото Преображение, се јавуваат Мојсеј и Илија, не само затоа што се претставници на Законот и на Пророците од Стариот Завет, туку затоа што и двајцата беа Боговидци за време на нивниот живот.
 На Синајската гора Мојсеј ја виде славата на невоплотениот Логос, Кој што му го предаде Законот, т.е. Стариот Завет. Но и пред тоа го виде другото запрепастувачко созерцание што укажуваше на воплотувањето на Логосот, т.е. видението на капината која гореше но не согоруваше. Другпат во еден тежок момент од животот на Мојсеј побара од Бога да му се открие и објави Себеси. И кога Бог му објави дека ќе му се открие, му рече да застане на една карпа, и кога помина го сокри во пукнатината на карпата, за да не го види лицето Негово, туку позадината (Исход 33, 12 - 23). И ова откровение укажува на вочовечувањето на Синот и Логосот Божји.

 Но и пророкот Илија се удостои да Го види невоплотениот Логос, во вид на тивкиот ветар. Откровението Божјо не се случи со видот на воздухот, на потресот и на огнот, туку со тивкиот глас  на тивкото ветре. “И по огнот здив од тих ветар, и таму е Господ.” Кога го слушна Пророкот Илија гласот на тивкиот ветар, го покри своето лице со кожувот, и откако излезе од пештерата, застана пред неа (3. Цар. 19, 12 - 13). И ова Боговидение имаше врска со вожовечувањето на Логосот Божји, затоа што со Своето вочовечување Бог ги покажа Својата љубов и човекољубие.

 Меѓутоа постои огромна разлика помеѓу Боговидението што го имаа двајцата Пророци за време на нивниот живот, и Боговидението што го имаа на гората Тавор. Тогаш беше созерцание на невоплотениот Логос, затоа и се сокрија во карпата и во пештерата, додека сега Го гледаат воплотениот Логос. Тогаш Синај гореше до небото, а имаше мрак и бура, и голем глас, што го изразуваат Стариот Завет, додека на Тавор се беше светло и блескаво, се блескаше од непристапната светлина на Божеството. Тоа е показ дека таа светлина беше повозвишена од Старозаветниот закон.

 Блажени Теофилакт многу изразно ги прикажува причините поради кои што се јавија Боговидците од Стариот Завет. Прво, за да се докаже дека Христос е Господ на Законот и на Пророците. Второ, за да се објави дека Он владее над живите и мртвите, бидејќи Мојсеј беше законодавец и умре, а Илија беше Пророк и уште живееше, затоа што беше грабнат со кочија на небото. Трето, за да се објави дека Христос не само што не беше спротивставен со законот, но и ниту беше противбожен, зашто инаку овие големи Боговидци не би разговарале со Него. Четврто, за да го разреши сомнението на некои дека Он е Илија кого што го чекаат или некој друг Пророк. И петто, за да ги научи Своите Ученици да ги подражаваат овие големи луѓе, т.е. да бидат кротки, како Мојсеј, и ревносни, непоколебливи и да се подложат и на опасности кога ќе биде потребно за вистината, како Пророкот Илија.

 Старозаветните Пророци Мојсеј и Илија стоеја со побожност и со почит до Христа. Пророците на гората Тавор Го гледаа воплотениот Логос Божји и во созерцанието познаа дека Он е Единородниот Син Божји, Кој што го имаше карактерот на личноста на Отецот, т.е. славата на Бога Отецот. Поради таа причина тие стоеја свештенодолично и како слуги.

 Според св. Никодим Агиорит, Мојсеј во Стариот Завет стоеше како архиереј помеѓу Ор и Арон за да победи Израилскиот народ, а Илија како архиереј Божји ги умртви свештениците на Ваал и ја направи жртвата сепаленица. Значи, тие двајца архиереи Божји стојат сега на Тавор како свештеници и слуги, имајќи Го во средина Големиот архиереј Христа, Кој што се подготвува за големата жртва.
 Тоа “светенодолично” и “како слуги” потсетува и на големата разлика што постоеше и што постои помеѓу Христа и Пророците. Христос го твори обожувањето, како што вели св. Максим Исповедник, бидејќи е Син Божји по природа и ги обожува луѓето, додека Пророците се пасивни во обожувањето, т.е. стануваат богови по благодат и по учество. Со други зборови Христос е самосветлечко сонце, а тие се ѕвезди кои примаат светлина од друго место (од сонцето).

 Треба да забележиме и еден друг детал, кој што покажува нешто подлабоко и посуштинско. Евангелистот Лука наведува дека “кога се чу тој глас (на Отецот), Исус беше останал Сам” (Лука 9, 36). Значи, со слушањето на гласот исчезнаа двајцата Пророци од Стариот Завет и Христос остана Сам. Според блажени Теофилакт, тоа се случи за да не помисли некој дека тој глас беше за Мојсеј и за Илија, туку тој беше само за Христа. Не требаше да се случи никакво мешање помеѓу овие личности. Христос е центарот на небесното и на земното.

Ј

 На големиот настан на Христовото Преображение беа присутни само тројцата Ученици Петар, Јаков и Јован. Овие три личности ги зема Христос и во други моменти, како што е воскреснувањето на Јаировата ќерка и молитвата во Гетсиманија.

 Овој избор не може да се окарактеризира како пристрасност. Не можеме да Му придадеме на Христа човечки склоности и острастени чувства. Постои една најдлабока теолошка етиологија. Многу добро знаеме дека откровението и објавувањето Божјо може да биде Рај за подготвените за тоа созерцание и Пекол за неочистените или барем за оние кои не се подготвуваат. Затоа и треба некој да се наоѓа во соодветна духовна состојба за да го прими божјото откровение Боговидно, а не пеколно. Изгледа, значи, дека тројцата Ученици беа најподготвените за да го примат ова откровение Божјо. За другите требаше да остане сокриено и да им се открие по Неговото Воскресение.

 Тројцата Ученици имаа некои квалитети кои што ги направија соодветни за нивното учество во ова созерцание. И тројцата имаа превасходство над другите Ученици (св. Јован Златоуст). А нивното превасходство се гледа во тоа што Петар многу Го љубеше Христа со топлината на верата, Јован беше многу возљубен од Христа поради премногуте добродетели, а Јаков затоа што имаше многу тежина кај Јудејците, бидејќи и Ирод го уби. (Зигабен).

 Двајца од тројцата Ученици кои што се најдоа на Тавор во тој страшен час го дадоа своето сведоштво за настанот. Апостолот Петар во своето послание пишува: “зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени параболи, туку откако станавме очевидци на Неговото величие”. И откако се осврнува на гласот на Отецот пишува: “и тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме Него на светата гора” (2. Пет. 1, 16 - 20). Но и Евангелистот Јован во своето соборно послание пишува: “Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот; и животот се јави, и видовме, и сведочиме, и ве известуваме за вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави” (1. Јов. 1, 1 - 2). Освен овие две места можеме да забележиме дека сите текстови што ги напишаа светите Апостоли се доказ на Божественото видение и се отсјај на опитот што го имаа на гората Тавор и на Педесетницата.

 Тројцата Ученици гледајќи Го Христа преобразен, додека се радуваа и велеа “добро ни е да бидеме овде; ако сакаш, ајде да направиме три сеници, една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија”, во продолжение, кога ги засени светлиот облак и кога се чу гласот на Отецот, “паднаа ничкум и многу се исплашија” (Мат. 17, 6). Отците на Црквата (св. Василиј Велики, св. Јован Златоуст и св. Григориј Палама) велат дека паднаа на земја од прејаката светлина. Впрочем, гласот на Отецот беше созерцание на Бога, и тоа во поголем степен од претходното што го имаа Учениците.

 Во литургиските текстови кои што се однесуваат на овој настан понекогаш се вели дека Учениците почувствувале страв, а понекогаш дека почувствувале радост. Но, како што објаснуваат Отците, тој страв бил тесно поврзан со радоста, бидејќи не бил ропски, туку синовски и својствен на совршените страв. Затоа што, постои воведен страв и страв на совршените. Овде се работи за радост, почит, поклонување на големата тајна чијшто созерцатели се удостоија да станат.

К

 Веќе нагласивме дека двајцата Пророци беа претставници на Стариот Завет, а тројцата Апостоли беа претставници на Новиот Завет. И така јасно се гледа дека Христос е центарот на Светото Писмо. Стариот Завет ги опишува откровенијата на невоплотениот Логос и го пророкува Неговото вочовечување, а Новиот Завет го опишува воплотувањето на Синот и Логосот Божји. Не само што го прикажува, туку го дава сведоштвото дека и луѓето можат да учествуваат во воплотувањето, во смисла дека можат да станат членови на Телото Христово.

 Така, централната точка на Светото Писмо е Христос, и тоа прославениот Христос. Затоа и не треба да стоиме при некои приказни и да изведуваме етички заклучоци, кои што, секако, се неопходни и потребни, а да ја превидуваме основната порака на Светото Писмо. А бидејќи Христос е центарот на Светото Писмо, невоплотениот и воплотениот Логос, а Црквата е Телото Христово, затоа светото Писмо непогрешно се толкува само од Црквата и од оние кои што живеат во Богосозерцателната атмосфера на Црквата. Обожените луѓе, кои што се живите членови Христови можат да го протолкуваат Светото Писмо.

 При настанот на Преображението, како што вели Евангелистот Матеј “блесна лицето Негово како сонцето, а Неговите алишта станаа бели како светлина” (Мат. 17, 2). Евангелистот Марко ни дава повеќе детали, велејќи: “и се преобрази пред нив и Неговите алишта станаа светли, многу бели, како снег, какви што белилка на земјата не може да избели” (Марко 9, 2 - 3). Додека лицето Христово блесна како сонцето, Неговите алишта блеснаа и се покажаа како снег. Беа толку бели, какви што не може ниеден бојаџија да ги избели.

 Св. Григориј Палама учи дека блескавите алишта се буквата на словото Божјо, но која што им се гледа блескава на оние кои во духот ги гледаат духовните нешта. Спротивно, другите кои што се рационалисти, не можат да ги објаснат, но ниту да ги разберат, а ги објануваат Боговидците. Тоа значи дека само обожените луѓе можат да го разберат словото Божјо и словото на обожените.
 Истото го учи и св. Максим Исповедник. Вели дека духот на законот е душата, а буквата на законот е телото и алиштата. Без никој да ги презира алиштата и телото, треба да врви во духот, во душата.
 Според тоа, потребно е големо внимание кога го проучуваме Светото Писмо, та од една страна да не ги презираме неговите алишта, а од друга страна алиштата да не станат повод да не го знаеме неговото блескаво лице.

Л

 Значајно е да се нагласи и дека Телото Христово на гората Тавор, како и воопшто во целиот Негов живот, постана извор на несоздадената Божја благодат, по силата на ипостасното соединување на Божјата и човечката природа. Пред вочовечувањето извор на несоздадената благодат беа Божјите ипостаси (личности), а сега извор станува и човечката природа во Личноста на Логосот. Така и лицето Христово “блесна како сонцето”.

 Светите Отци го нарекуваат телото кое што беше примено од Христа и кое што се обожи Богоподобно, токму затоа што постана извор на несоздадената Благодат. Еден пример по аналогија е сетилното сонце. Светлината постоеше од првиот ден на создавањето, додека сонцето постана извор на светлината во четвртиот ден на создавањето, кога се соедини со светлината. Така, телото Христово е Богоподобно. Тоа се кажува и во синодални и во литургиски текстови.

 Освен тоа што телото е и се нарекува Богоподобно, освен тоа што се обожи, сепак не излезе од границите на човечката природа за да се претвори во Божество. Тоа го велат Моноизитите, кои што тврдат дека Божјата природа ја апсорбираше човечката природа. Меѓутоа, иако телото се обожи, сепак остана непроменливо и не ги отфрли ниту своите природни особености, ниту и т.н. непорочни страсти кои што Христос ги прими доброволно. Така, Христос и по обожувањето на човечката природа, ги задржа страстноста, трулежноста и смртноста. Секако, тоа се вели за времето пред Воскресението, затоа што по Воскресението ристос ги отфрли трулженоста и смртноста, сите т.н. непорочни страсти. За ова прашање ќе се каже неопходното кога ќе стане збор за Христовото Воскресение.

 Тоа дека телото Христово постана извор на несоздадената благодат има последици во црковниот живот. Ние можеме да се причестиме со Телото и со Крвта Христови токму поради таа причина. Со Светата Причест човекот не ја прима Божјата благодат апстрактно, туку го прима Богоподобното тело Христово, кое што е извор на несоздадената благодат. Секако, тоа се вели од аспект дека не се осветува секој христијанин што се причестува, туку само оној кој што се има подготвено, кога е вистински и жив член на Црквата, т.е. на Телото Христово. Светата Причест делува аналогно со духовната состојба на човекот.

Љ

 Толкувајќи го настанот на Преображението ја гледаме разликата во учеството во славата Божја. Телото што го прими Христос, по силата на ипостасното соединување на Божјата и човечката природа, стана извор на несоздадената Божја благодат. Затоа Неговото лице блесна како сонцето. Неговите Ученици, и воопшто сите луѓе кои што се достојни да учествуваат во Неговата обожителна енергија ги обожи и ги обожува, и така тие учествуваат по благодат и по благоволение во Божјата обожителна енергија. Алиштата блеснуваат од славата Божја. Но и сето создание блеска од радост. Свети Козма во еден тропар вели дека незалезната светлина Божја која што се јави на Тавор “ја зарадува тварта и луѓето ги обожи”. Значи созданието заблеснува, се радува, но само луѓето се обожуваат.

 Тоа покажува дека целокупното создание на различни начини учествува во славата Божја. Не е можно да зборуваме за обожување на тварта, туку за осветување на тварта и за обожување на човечката природа. Не можеме да ги ставиме во иста перспектива тварта и човекот, бидејќи човекот е разумен, а тварта е неразумна, и бидејќи човекот е резиме на сета твар и е мал свет во големиот свет.

М

 Христовото Преображение покажува точно што е и која е Црквата, но и која е нејзината цел. Во Црквата припаѓаат Пророците и Апостолите и оние кои што ја примаат нејзината откровенска Теологија и кои што се борат да се наоѓаат во истата перспектива. Секако, постојат многу степени на учество, но човекот барем треба да се наоѓа на степенот на очистување.

 И уште се гледа и која е најдлабоката и најсуштинската цел на Црквата. А таа цел е да го одведе човекот во обожување, кое што е гледањето на несоздадената светлина. Целото дело на пастирите стреми кон таа возвишена цел. Значи, обожувањето не е луксуз за христијанскиот живот, туку е неговата најдлабока цел. Како светите Тајни така и аскезата стремат кон таа состојба. Кога ќе се оддалечат од неа, тогаш се идолатризираат.
 Несоздадената светлина е доживување на Царството Божјо. Меѓутоа, паралелно е претвкус на идните блага. Преображението покажува што е Царството Божјо и што е идната состојба. Богочовекот ќе се наоѓа во средина на обожените луѓе, кои што ќе се веселат од присуството и од славата Божја, според различни степени и според разновидно учество во несоздадената благодат. На тој начин ќе се примени Давидовиот псалм: “Бог застана во собранието на боговите; меѓу боговите изрече суд” (Псалм 81, 1). Христос, и воопшто Триедниот Бог, ќе биде Бог по природа, а светителите ќе бидат богови по учество и по благодат. Според тоа, идното Царство, како и нашето присуство во Црквата, не е еден збир на побожни луѓе, туку е едно собрание, едно црквување на богови по благодат, “на обожени луѓе од Оној Кој по природа е Бог” (св. Симеон Солунски).

Н

 Како то сите Господови празници не се само апсолутно Христолошки, туку се антрополошки и сотириолошки, така истото важи и за христовото Преображение. Христос со Своето Преображение го покажа обожувањето на човечката природа, но и славата н оние кои што ќе се соединат со Него. Затоа, впрочем, настанот на Преображението е централна точка на сотириолошкото учење на Црквата, бидејќи покажува која е целта на постоењето на човекот.

 Меѓутоа за да стаса некој до доживување на славата на своето обожување, т.е. во учество на обожителната енергија Божја, треба да мине низ очистувањето на срцето. А тое така затоа што Христос го просветлува човекот аналогно на чистотата на неговото срце. Со духовната светлина се случува истото што и со сетилната светлина. Како што сетилната светлина ги осветлува здравите очи на телото, така и несоздадената светлина го просветлува чистиот ум и заблесканото срце (св. Никодим Агиорит).

 Светите Отци, говорејќи за Христовото Преображение и за учеството во Божествената слава, кажуваат за лично искачување на гората на Боговидението. Непрестан е викот на Црквата: “нека ни засветли и нам грешните Твојата беспочетна светлина”. А во една молитва на Првиот Час ја чувствуваме потребата да Го молиме Христа: “Христе, вистинска светлино, што го просветлуваш и осветуваш секој човек што доаѓа во светот да се покаже и на нас светлината на Твоето лице, та во неа да ја видиме непристапната светлина”. Потребно е непрестано искачување и еволуција. Во Црквата зборуваме за еволуција на човекот не од мајмун во човек, туку од човекот кон Бога. А оваа црковна теорија за еволуцијата дава смисла за живот и ги задоволува сите внатрешни проблеми и егзистенцијалните немири на човекот.

 Св. Максим Исповедник учи дека Христос не им се јавува на сите на ист начин, туку на почетниците им се јавува во обличје на слуга, а на оние кои што се искачуваат на гората на Боговидението “во обличје на Бог”.
 Тројцата Ученици на Тавор, штом ја видоа славата на Христовото лице, исповедаа: “Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш, да направиме овде три сеници, една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија” (Мат. 17, 4). Толкувајќи ја оваа желба на Учениците, св. Максим Исповедник вели дека трите сеници се сениците на праксата, на созерцанието и на Богословието. На првата сеница (на праксата) образец беше Илија како храбар и разумен, на втората (на созерцанието) беше Мојсеј како законоположител и правдодавец, на третата (на Богословието) образец беше Владиката Христос, бидејќи беше совршен во се.

 Во оваа ерминевтичка анализа се гледаат трите степени на духовниот живот, кои што го сочинуваат духовното издигнување на човекот на гората Тавор, а тоа се очистувањето, просветлувањето и обожувањето. Така, не се работи за некое просторно искачување, туку за една еволуција на начинот. Ако го видиме внимателно целиот црковен живот и сотириолошкото учење на светите Отци ќе се увериме дека постојано станува збор за овие три степени на духовниот живот, кои што претставуваат различно учество на човекот во Божјата благодат. Ако духовниот живот ги нема оваа насоченост и еволуција, тогаш или се идолатризира или се морализира.
 Христовото Преображение ни покажува што точно е православната Теологија. Од учењето на Црквата знаеме дека Теологијата не е рационализам и интелектуални знаења, туку е учество во обожителната енергија, созерцание на несоздадената Светлина и секако, обожување на човекот. Кога зборуваме за Теологија подразбираме опит и боговидение.

 Како заклучок треба да кажеме дека Христовото Преображение претставува централен настан во Христовиот живот, но и основен момент во животот на човекот. Затоа не може да се проанализира со етички мисли и сентиментални возбудувања, туку во рамките на православната Теологија. Впрочем, живееме во Црквата и не се стремиме само да бидеме добри луѓе, туку да бидеме богови по благодат. На таа висина не кани црковниот живот и православната Теологија.

 

Извор:

Скопска православна епархија

 

Јеротеј Влахос: ГОСПОДОВИТЕ ПРАЗНИЦИ

Превод од грчки:

јеромонах Атанасиј Арсоски


 Вовед

 Христос е единствената глава на нашето спасение од многу причини. Он е Синот Божји, “икона на невидливиот Бог” (Кол. 1, 15), прототипот на човекот, Создателот на светот и Глава на Црквата. Според тоа, ние и како созданија и како луѓе и како членови на Црквата многу сме поврзани со Христа и многу сме Му должни.

 Во светоотечките текстови може да се сретнат многу изрази коишто ги прикажуваат Личноста и делото Христово, а секој од тие изрази покажува еден од белезите Христови, додека, пак, и сите заедно не можат да го искажат тое што е Христос. Он е животот на сите, патот, вистината и животот”, како што објави Самиот (Јован, 14, 6).

 Помеѓу изразите коишто ги употребуват светите отци за Христа се и следните: Он е “тајната на надспознатливото молчание”, “резиме на се сетилно и умно”, “Украсител на сите твари”, “славно скончание на законските установи”, “почеток на средината и на крајот” на човекот, “висина и длабочина, должина и ширина на познанието”.

 Еден значаен дел во православното учење зазема и Христологијата, т.е. словото за Христа. Овој дел од православната вера е премногу важен, затоа што Христос е толкувањето на сите нешта, бидејќи преку Него разбравме за Троичноста на Бога, преку Него беше создаден и пресоздаден светот. Он е главата на Црквата, преку светите Тајни ние стануваме Негови членови, членови на Неговото прославено Тело. Поради тоа Христологијата е клучот на православната вера и на вистинскиот живот.

 Светите Отци му дале големо значение на учењето за Христа, затоа што ако се искриви тоа учење, тогаш се менува и Тријадологијата, бидејќи Христос е “Еден од Троица”. Тогаш немаме ниту правилна нтрополгија, бидејќи Он е прототипот на создавањето на човекот. Тогаш не ја живееме ниту вистинската еклисиологија, бидејќи Христос е главта на Црквата и Црквата е Неговото славно воскреснато Тело. И тогаш, се разбира, не можеме да го постигнеме спасението, бидејќи надвор од Него е невозможно спасението на човекот.

 Затоа што врз тајната на Богочовекот Христос “се сопна” целата јудејска и елинско - философска мисла која што ја употребуваа нагласено еретиците, затоа светите отци широко го развиле Христолошкото учење. Ако внимателно забележиме, ќе се увериме дека сите Вселенски Собори се занимавале со тајнта на Богочовекот Христос. Само Вториот Вселенски Собор повеќе проникна во Личноста на Светиот Дух, но и тоа е најтесно поврзано со Христологијата на другите Вселенски Собори, од една страна затоа што учењето на Вториот Вселенски Собор е продолжение на Првиот, од друга страна, пак, затоа што Христос Го испраќа Светиот Дух.
 Целото учење на Црквата за Христа на убав и индуктивен начин е распоредено во Господовите празници, коишто се празници на божјиот домострој. Кога зборуваме за Божјиот Домострој мислиме на вочовечувањето на Синот и Логосот Божји за спасението на човечкиот род. Божјиот Домострој, којшто е единствената надеж за живот, се поставува наспроти човечкиот домострој, или подобро Богочовекоцентричноста се поставува наспроти современата, еретичка и погрешна човекоцентричност. Навистина, денес денес центарот е некако преместен. Од Божјата Икономија (Домострој) одиме кон економски системи, а од Богочовекот Христос одиме кон човекобогот, што е најголемиот проблем на нашево време.

 На Семинарот на Катихетите којшто се одржа во Атинската Архиепископија во 1994 - 1995 година ја развивме Христологијата на Господовите празници, коишто се празници на Богојавлението и на Божјата љубов, но и на обожувањео на човекот. Се обидовме да ја видиме целата оваа тајна на Божјото вочовечување и на обожувањето на човекот. И верувам дека беше посебен Божји благослов колку за мене што ги изложив овие реферати, толку и за слушателите, затоа што ни се даде можност, но и прилика повеѓе да Го возљубиме Христа, Којшто е “непотрошлива ризница на сите блага”, “веселие на срцето”, и “сладост на јазикот”.

 Оваа книга е поделена на два основни дела. Во првиот дел се објавени рефератите за Господовите празници коишто беа искажани на Семинарот за којшто спомнавме претходно, и коишто празници ги сочинуваат Дванаесетте празници. Во нив се прикажани, главно, Христолошките теми на тие големи Господови празници. Како што ќе се увери читателот, употребувам цитати од многу свети отци на Црквата, но најмногу ми послужија во развивањето на овие теми св. Јован Дамаскин, св. Григориј Палама и св. Никодим Агиорит, и се разбира, ми послужија и беседи од други светители коишто ги изговориле за овие Господови празници. Во вториот дел се вметнати некои текстови коишто порано беа објавено во разни списанија, и повеѓе анализираат некои Христолошки страни, коишто се прикажани во првиот дел. Мислам дека имаше потреба да се вметнат и овие текстови во ова издание.

 Признавам, се разбира, дека теолошките теми, а пред се Христолошките се многу суптилни и бараат особена работа и особено внимание. Оној којшто се занимава со такви сериозни прашања нагласено ги увствува зборовите на свети Григориј Богослов дека “да се богословствува е исто како да се оди на јаже”. Треба секој постојано да оди по јаже, да внимава, да не падне во погрешни теории. Впрочем, формулацијата на догматските термини барала многу време и го барала присуството на големите отци на Црквата, коишто имале опит - Откровение, но и познание на претпоставките, врз основа на коишто богословствувале еретиците. Токму поради тоа, ако и покрај мојата волја и покрај мојата лична вера, во некои моменти формулацијата не е прецизна, молам да ми се укаже за да ја исправам, затоа што и покрај моето лично несовршенство, сакам да останам во вистината, во учењето и во животот на Црквата.

 За појаснување треба да се нгласио дека тајната Христова, тајната на Божјиот Домострој е единтвена и не може а се дели, т.е. не може апсолутно да се подели во различни празници. На пример, ког некој зборува за тајнта на Божјото вочовечување, секако треба да се осврне на Христовото смирение (с). Но тоа Божјо смирение најизразно се гледа за време на Христовите Страдања. Исто така не може целосно да се оддели Крстот од Христовото Воскресение. Така, поделбата на Господовите празници е спогодбена, но и нужна, поради човечката слабост. Црквата ги празнува одделно тие Господови собитија, а востановила да им претходи пост и молитва, за да му се даде можност на човекот да ги доживее стадиумите на Божјиот Домострој во својот личен живот. Покрај ова значение, Црквата со распределувањето на Господовите празници во целата црковна година го осветува времето, го преобразува и го возведува во вечноста. Всушност го преобразува човекот којшто живее во времето и го води во вечноста.

 Сите собитија и сите т. н. стадиуми на Божјиот Домострој се доживуваат на секоја Литургија, каде што го живееме Христовото воплотување, она што го кажа и што го направи Христос, Неговите страдања и Крст, Воскресението, Вознесението и Педесетницата. Затоа и светите Отци велат дека “секогаш е Божиќ” и “секогаш е Педесетница”. Со други зборови, во Литургијата на денот на Христовото раѓање го доживуваме и Христовото Воскресение, и во Литургијата на празникот на Воскресението или на Вознесението го доживуваме и настанот на Божјото воплотување.

 Уште треба да се забележи дека стадиумите на Божјиот Домострој тесно се поврзани со стадиумите на духовниот живот. Христијаните аналогно на степенот на својата духовна состојба ги доживуваат Господовите собитија. Според тоа, не се работи за едно надворешно сообразување, т.е. не се работи за еден формален празник, туку за духовно доживување, и за да бидеме попрецизни, за светотаинско и аскетско подражавање на Христа.

 Секако, терминот “подражавање на Христа” има попримено едно еретичко фалсификување, затоа што од другите конфесии на овој термин му е дадено етичко значение и поимање. Но сепак терминот “подражавање на Христа” е библиски и светоотечки и го содржи целиот двиг на човекот кон обожувањето, што е неговата најдлабока цел.

 Свети Григориј Палама учи дека оние коишто живеат според Христа го подражаваат Христовото живеење во тело. Како што објаснува карактеристично св. Григориј Палама, “пожеток” на подражавањето е светото Крштение коешто е образ на Гробот и на Воскресението Христови, “средина” е добродетелниот живот и живеењето согласно со Евангелието, а “крај” е победата над страстите преку духовната борба. Таа победа го предизвикува безболезниот и небесен живот. И св. Григориј Палама продолжува велејќи дека и светителите коишто се поврзани со Христа, ќе умрат кога ќе дојде нивното време, како што впрочем се случи и со Христа, но ќе воскреснат со Него, прославени и нетрулежни, и ќе се вознесат за да го пресретнат Христа кога ќе дојде при Второто Пришествие.

 Св. Максим Исповедник, осврнувајќи се на подражавањето на собитијата од Божјиот Домострој и на нивното лично доживување, јасно вели дека Христос се зачнува во душата на човекот со вистинската и неосквернета во дух вера, се воплотува со вршење на заповедите, се распнува со трудот на практичната философија којшто труд е борба за преобазувањето на страстите, и воскреснува во срцето на човекот со духовните созерцанија. Така, аналогно со степените на духовниот живот, ги доживуваме Господовите празници, ги живееме воплотувањето, Богојавлението, Преображението, Крстот, Воскресението и Вознеснието на Христа. Според тоа, степените на духовниот живот, како што ги анализира св. Максим Исповедник, и коишто се практичната философија, природното созерцание и мистичната Теологија, најтесно се поврзани со личното учество во собитијата на Божјото вочовечување.

 Според светите отци Христос им се случува и принесува на луѓето аналогно на нивнта духовна состојба. Он е очистувањето на оние коишто се очистуваат, Он е просветелението на просветлените и Он е созерцанието на обожените (св. Максим Исповедник). Он им станува на луѓето постојана и бесмртна храна и пиење. На оние коишто се младенци и цицаат им станува светлосна дојка, на тие коишто се оддоени им се нуди како грижлив татко којшто ги воспитува, а на тие коишто пораснале им се нуди како најсладок леб (св. Симеон Нов Богослов). Аналогно со духовната состојба на човекот Христос се принесува како брат, пријател, татко, мајка и младоженец (св. Григориј Палама). На оној којшто му студи му станува облека, на тој на којшто е гладен му станува леб, на тој кој што е жеден му станува пиење. Затоа и Отците на Црквата ни советуватда врвиме неосудено преку сите “возрасти и сили Христови” (св. Григориј Богослов).

 На ова степенување на духовниот живот се осврнува и Апостолот Павле кога зборува за разликата помеѓу животот на духовниот младенец и на духовно зрелиот маж. “Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското” (1. Кор. 13, 11). Токму за таа цел даде Бог пастири и учители во Црквата, та да пораснеме “во маж совршен, во мерата на возраста на полнотата Христова, за да не бидеме веќе мали деца” (Еф. 4, 11 - 13).

 Според тоа, Господовите празници од Црквата ни се принесуваат за нашето духовно усовршување и созревање, за духовното растење. Тие не се прости “фолклорни” пројави, туку извори на живот и спасение. Според степенот на учеството во тие празници изразуваме дали сме младенци или зрели духовно. И, се разбира, на тој начин го изразуваме и нашиот црковен начин на мислење.
 Христос, според пророштвото на праведниот Симеон Богопримец, “лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот и е знак против Кого ќе се зборува” (Лука 2, 34). Он е “владетел на сите, судија на сите, цар на сите, творец на светлината и на животот Господ” (св. Симеон Нов Богослов). Он “е спокој на сета твар” (Исихиј Ерусалимски), но истовремено е големиот камен “и кој ќе падне врз тој камен ќе се разбие, а тој врз кого падне, ќе го здроби” (Мат. 21, 44).


Го напишав овој вовед во Атина на 25 Март 1995 година, на празникот на Благовештението на Богородица, коешто е објавување на тајната од вековите


  Архимандрит Јеротеј С. Влахос

 

Друго:

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3212
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Тропар на светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици 28 ноември / 11 декември 2024

Тропар на светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици 28 ноември / 11 декември 2024

Голема пофалба и крепост има градот Тивериски,ерарсите, свештениците и левитите: зашто откако идолската прелест ја разобличија, победници над нечестивите се...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная