
ИГРА НА СРЕЌА ИЛИ БЛАГОСЛОВ?
Лепчето со паричка, согласно светото Предание на Црквата Божја и согласно теолошката основа за тоа, се дели или крши на Свети Василиј Велики (Василица) во чест и спомен на чудото што светиот Отец го направил со делењето на лебовите и накитот и златниците во нив.
Ние во црквите делиме повеќе мали лепчиња − соодветно на бројот на верниците, со сребрена паричка во секое едно од нив, а во помалите заедници, како манастирите и домовите, една пита со повеќе разновидни парички во неа, која се прекршува согласно бројот на членовите и уште за кого друг сакаме.
Сѐ во Црквата е соборно-лично (љубовно и слободно) и може да се организира само во заедница. Така и благословот на Свети Василиј не може да биде само за еден човек – тој на кого му се паднала паричката, туку е за сите што учествуваат во она што се организира во негова чест и во негов спомен. Секој благослов и секоја благодат во Црквата ги добиваме заради покајание. Нема поголема среќа, или срешта, или средба во Црквата од покајанието на еден грешник (види Лука 15, 7 и 10).
Сега, лепче со паричка на Бадник или на Свети Василиј Велики (Василица)? Лото (игра на среќа) или благослов? Световна (празна) среќа или благодат? Индивидуа или личност? Маса или заедница? Суеверие или вера? Самораководење или духовно раководство? Своеволие или послушност кон Црквата? Дали номиналниот верник (верникот само по име) воопшто знае дека е поставен пред ваква дилема кога сам од себе прави нешто што мисли дека е побожно и што мисли дека му носи среќа или просто со него се случува она: во тек сум, ме носи речната струја?

И нешто поопшто − што важи за сите црковни празници како и за случувањата што ги пратат. Ако Богочовекот Христос можеше да се обреза само и само да го исполни Законот (Заветот), иако Неговото обрезание нема така директна врска со нашето спасение – како што, на пример, има Неговото Крштение, тогаш кои сме ние да го превидуваме светото Предание на Црквата - кое е совршен Закон, Нов Завет, како и Типикот за богослужби, и да измислуваме свои човечки преданија и да организираме паралелни празнувања? Сигурни сте дека Бог сака така да биде прославуван? Не сте помислиле дека - ако не Нему, кому се посветени тие? Не е возможно на два господара да служиме.
Митрополит Струмички Наум
13.01.2026