Во втората недела после славното Христово Воскресение - ВЕЛИГДЕН, Светата Православна Црква определила да се празнува споменот на светиот апостол Тома (неверен Тома) и затоа таа недела се нарекува ТОМИНА НЕДЕЛА.
Во МПЦ „Свети Климент Охридски“ од Авон, Охајо, овој светителски празник беше скромно одбележен и молитвено прославен со света Божествена Литургија во присуство на своите парохијани. На Божествената Литургија учество зедоа и учениците при Неделното црковно училиште. По завршувањето на богослужбата парохискиот свештеник прочита пригодна проповед во која појасни за празникот и воедно им подели нафора на сите присутни.
Честит да ни биде денешниот празник (ТОМИНА НЕДЕЛА) и за многу години.
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!!!
_________________________________________________
ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД ЈОВАН 20,19-31
ЗАЧАЛО 65
Вечерта на истиот ден, во првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа собрани учениците Негови, беше затворена, поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: - Мир вам!
20. И откако го рече ова, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Тогаш се зарадуваа учениците, штом Го видоа Господа.
21. А Исус повторно им рече: - Мир вам! Како што Ме испрати Отецот, така и Јас ве праќам.
22. И кога им го кажа ова, дувна и им рече: - Примете Дух Свети!
23. На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.
24. А Тома, еден од дванаесетте, наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус.
25. Другите ученици му рекоа: - Го видовме Господа. А тој им рече: - Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам.
26. А по осум дни, учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана помеѓу нив и рече: - Мир вам!
27. Потоа Му рече на Тома: - Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверен, туку верен!
28. Одговори Тома и Му рече: - Господ мој и Бог мој!
29. Исус им рече: - Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале.
30. И многу други чуда направи Исус пред учениците Свои, кои не се запишани во оваа книга.
31. А овие се запишани, за да поверувате дека Исус е Христос, Синот Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име.
ИЗВЕСТУВА: о. Васил Манасиев, парохиски свештеник