Скопје 14/15.2012- Светата и најголема празнична ноќ
Денес, нека се веселат небесата, нека се радува земјата;
нека празнуваат видливите и невидливите светови,
зашто Христос, нашата вечна радост – воскресна од мртвите!
(Пасхална песна)
Најголемиот христијански празник, Воскресението Христово, масовно беше прославен во Република Македонија. Во храмот на св.вмч. Димитриј во Скопје, со Воскресенската богослужба, која започна во 23,00 часот, чиноначалствуваше свештенство на храмот. По опходот околу храмот и објавата на Христовото Воскресение, со читањето на Воскреснио канон продолжи воскресна богослужба со Литургија на св. Јован Златоуст.
Ако не си ја смириме помислата, ако не ја приклониме главата и не поверуваме цврсто дека сме ништо, и ако секој од нас не мисли за себе дека е последниот, најгрешниот човек, оној, кој ќе отиде во адот, нема да можеме да ја искусиме онаа особена радост на светото Воскресние и да ја празнуваме таинствено и неискажливо во нашите срца Христовата Пасха. „Секој горделив по срце е одвратен пред Господа“ (Изрек. 16, 5), „а на смирените им дава благодат“ (Јак. 4, 6). Бог ја слуша молитвата на смирениот. Особено срцето се очистува единствено преку смирение. Секоја добродетел, подвиг, присилување го имаат за цел очистувањето на срцето. А смирението е најефикасниот лек. Христос „ги приклони небесата и слезе“ (сп. Пс. 143, 5); слезе, се приклони, се смири, дојде кај нас како човек, а беше Богочовек – Бог и човек. Христос „ги приклони небесата и слезе”. Ние луѓето, и јас прв, не го веднеме својот врат пред Господ, не ја смируваме својата помисла. Жива е сè уште во нас гордоста. Се подвизуваме, за да му одолееме на тоа страшно расположение, и сепак, тогаш кога ќе помислиме дека имаме смирение, за кратко време чувствуваме дека гордоста пак ни се развива, бидејќи нешто сме почувствувале во молитвата, сме кажале нешто добро, нешто сме направиле – и ете, осилото на гордоста и славољубието нè боцка и нè тера да се дуеме дека нешто сме постигнале.
Некој брат бил нападнат од горделиви помисли. Отишол кај еден голем старец и му рекол: „Оче, чувствувам, дека во мене се развива горделивиот дух; се борам со него, но не можам да го победам. Што да сторам?“ Старецот му одговрил: „Чедо, ти ли си ги создал небото и земјата?“ – „Не, оче, чувај Боже!“ – „Оној, Кој ги создал небото и земјата, го создал духовниот свет на ангелите и небесното царство, Тој, Кој со Своето слово ја приведе сета Вселена, кажал дека е кроток и смирен, а ти, глината, земјата, грешниот, острастениот, се возгордуваш и си мислиш дека нешто правиш? Христос се наведна и ги изми нозете на Своите ученици, претрпе подбивање, хули и исмевање од толку народ и гол на крстот умре поради Својата љубов кон нас – Оној, Којшто можел со едно движење да врати сè во небитие; толку се смирил што не прозборел ниту збор, устата Своја не ја отворил, а ние луѓето креваме глава и веруваме дека сме нешто?“ Кога братот го чул ова мудро расудување, се смирил и се вратил во ќелијата, добивајќи голема полза. ( Ден е на Воскресението, да се просветлиме, луѓе, Пасха, Господова Пасха!)
На свечена богослужба, по повод најголемиот христијански празник, Воскресението Христово, пред храмот на св.вмч. Димитриј , во Скопје, се собра многуброен народ. Со свеќи во рацете, симболот на светлината на Христовиот гроб, традиционално присуствуваа на Божјото Воскресение, кршејќи ги црвените јајца, симболот на кршење на портите на пеколот, тие си го честитаа Велигден.
Preminportal
Лето Господово 2012