Тетово, 10.04.2012
Почитувани,
Кога во перцепцијата на луѓето ќе сака некој да создаде слика за себе како чувар и горешт поборник за правата и достоинството, за различните убедувања и чувства, истиот ќе биде прифатен како доследен и вистински, само доколку опстои на своето дело. Но, за жал, денес сме сведоци, пред сѐ во некои електронски медиуми, на едно крајно лицемерие на веќе „познатите и надалеку прочуени заштитници на човековите права во Македонија“. Анализирајќи го чудото со фреските што сами се обновуваат во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје, овие луѓе почнаа да си поигруваат со верските чувства на православните верници, пишувајќи недолични шеги и коментари. И сега, повеќе од јасно е дека пред нашите очи експертизата, стручноста и љубовта преминуваат во нивните спротивности. Па, затоа, не можеме, а да не се запрашаме дали тие навистина некогаш биле искрени, или се искрени само кога работат за нечии интереси и кога тераат туѓи агенди заради сопствена корист, злоупотребувајќи нечија мака и нечија радост?
Ги повикуваме православните верници да не потпаѓаат на вакви провокации, кои, евидентно, имаат само цел да ја исмејат православната вера, а да прокламираат нечие неверие, а уште пострашно, сакаат чудото Божјо да го стават во контекст на политиката. Нема да дозволиме на неискрени луѓе да говорат и да ги исмеваат нашите чувства и да си поигруваат и со свештената историја на Црквата, каде што вакви чуда се случувале во секави контексти, и тоа или да опоменат и да насочат кон покајание и поправање, или да прослават и да ја докажат вистината. Па зар Господа ќе го условуваме кога и каде да ни ја објави Својата волја? Зар Господа ќе Го ставаме во контекст на своите (не)дела, ќе го злоупотребуваме во својата или туѓа политичка ориентација?
Господ нѐ удостои со чудо во пресрет на големиот празник на Воскресението Христово. Затоа, гледајќи со скрушеност и радост на оваа пројава на неизмерна љубов на Бога кон нас, да се преиспитуваме, да погледнеме на себе и во себе, да се поправаме и покајуваме, зашто надеж имаме – а тоа е во Господа, Кој никогаш не го остава Своето создание. Да потсетиме дека ако се решиме свесно и неповратно да станеме борци против Бога, да дејствуваме како негова опозиција, тогаш ќе ја доживееме судбината на Јулијан Отпадникот, кој целиот свој живот беше богоборец, но војната ја заврши со зборовите: Галилејче, ти победи! Но, Господ ги рашири прегратките за сите, пострада и воскресна за спасение на секој човек. Затоа, им порачуваме и на оние што за секого и за сѐ имаат нешто да кажат, а себеси не можат да се видат, дека Господ трпеливо го чека нашето покајание, чека секој Савле да постане Павле.
Ова нѐ потсетува на едно место од Библијата, каде што се вели: Рече безумниот во срцето свое дека нема Бог (Пс 52,1). Но нѐ потсетува и на евангелската парабола за богатиот и сиромавиот Лазар. Првиот го потроши својот живот на светските задоволства, се осуди на вечна пропаст, па барајќи можност за свое и поправање на своите блиски, се обрати до Авраам. Но Авраам му рече: Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да се уверат (Лука 16,31).
Со почит,
Здружение за негување на православни вредности