Свештената Атоно-Зографска Обител „Св. вмч. Георгиј Победоносец“, поттикната од големото братољубие што со векови го негувала кон Бигорскиот Манастир, на бигорската книгохранителница ѝ подари околу 200 книги од најновите зографски изданија. Монашкото Зографско братство, знаејќи за нашите заложби за возобновување на нашата библиотека, со благослов на нивниот старец, архимандрит Амвросиј, благоволи да ни го испрати овој значаен книжен фонд со светоотечки содржини. Комплетниот творечки опус на големите учители и светители на нашата света Православна Црква, светите Јован Златоуст, Василиј Велики, Ефрем Сирин, Симеон Нов Богослов и др., е само дел од подарените зографски книги. Понатаму, помеѓу нив изобилуваат и дела од догматски, аскетски, апологетски, хагиографски, дидактички характер. Многубројни се и творенијата за поновите подвижници, старци и светии на нашата Црква од сите страни на светот, а не изостануваат ни дела за наши црковни дејци и учители од преродбенскиот период.
Голема радост ни причини овој прекрасен подарок од Зограф, но уште поголема е нашата радост што и понатаму продолжуваат вековните братски односи помеѓу Бигорската и Зографската Обител. Неизмерно Му благодариме на предобриот Бог што ни подари братољубие – нешто што е најголемо пред Неговите очи, и смирено Го молиме и понатаму во љубов да ги утврдува овие два светилника за словенскиот народ низ историјата, па сѐ до денес.
Извор: Бигорски манастир