Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, на својата редовна седница одржана на 24 ноември 2011 г., разгледа повеќе прашања од животот на Црквата, а особено внимание се посвети на состојбата со воспитно-образовните институции на МПЦ и нивното нормално материјално-финансиско работење.
Надлежните епархиски архиереи го известија Синодот за актуелните случувања со кои се соочуваат во нивните епархии при секојдневните активности, а поврзани со животот и дејноста на Црквата. Надлежниот митрополит на Американско-канадската епархија г. Методиј ги демантираа информациите во некои медиуми дека ја напушта својата архиерејска служба и црковна мисија во епархијата во Америка и Канада, во замена за епархија во Република Македонија. Адиминистраторот на Австралиско-новозеландската епархија г. Петар, исто така, ги демантира сличните дезинформации кои се појавиле во австралиските медиуми за негово, наводно, напуштање на Австралиско-новозеландската епархија на МПЦ.
На оваа седница, Синодот ја прошири и листата со кандидати кои се достојни за избор за архиереи во Македонската православна црква.
Подготвувајќи се за одбележување на 45-годишнината од прогласување на автокефалноста на Македонската православна црква, Синодот го определи и Одборот којшто треба да ја подготви програмата за одбележување на овој значаен јубилеј.
Синодот го искажува и своето незадоволство кон Управата за заштита на културното наследство на Р. Македонија, заради несоодветната заштита на црковното и културно благо кое сè почесто е предмет на сквернавење, оштетување и кражби. Притоа, Синодот потсетува дека најголем дел од тоа наследство е црковно и Македонската православна црква како легитимен сопственик на истото, има право и обврска да го чува, собира и презентира во своите црковни и манастирски ризници.
КАНЦЕЛАРИЈА НА САС НА МПЦ