Скриена убавина
Ако некогаш посакате да се осведочите во Божјото сеприсуство, во спокојот бескрајно длабок и тивко радосен, тогаш упатите се кон Согленскиот манастир “Рождеството на Пресвета Богородица“, просто чудесно вметнат (на само три километри од селото Согле), небаре сраснат, во пазувите на областа Азот, во централна Македонија, оивичена со високите планини на Јакупичкиот планински масив (најголем во Македонија). Независно дали човек ќе се одлучи да тргне со воз или со возило, важно е да се стигне до Согле. А од таму, пред вас ќе се простре еден (макадамски) планински пат кој, како да исчезнува низ дабовите шуми во кои се криви и извива, и завршува токму пред портите на манастирот. Значи, просто, треба само да се следи патот и промашување нема да има.
И на тој пат, иако некаде таму далеку, како скриен бисер во заветрините на модро – зелената Голешница, над Согле, погледот веднаш ви го крадат трите “мали” куполи на согленскиот манастир “Рождество на Пресвета Богородица“. Всушност оставаат впечаток на светилници, сигурни патокази кои, кога макар и за миг ќе ви се пристори дека патот исчезнува во шумите, сепак се исправени пред вашиот видокруг. Навистина чудесата е тука присутна: трите куполи на манастирот заштитен од вековното дабово “море“.
Според едно од кажувањата на месното население, (а во нашите села наравоученија и раскази од секогаш имало многу – богата е таа духовна ризница) белината на бисерот е слиена токму таму каде што е - за да зрачи, скромно, но влевајќи бодрост во животот на народот низ тешките историски премрежја. И уште, тие велат, дека за време возобновувањето на манастирската црква, некаде во почетокот на 19 век, тогашниот оџа во Согле бил надмудрен од страна на христијаните од селото, но и од околните села, па и покрај забраната за градби повисоки од минарињата на џамиите (такви биле законите во тие времиња), храмот иако по висина понизок, бил издигнат токму во подножјето на планината, сепак за да надвишува, да чува, да заштитува... Впрочем она што јас само го пренесувам го потврдува претходно кажаното...
А таму, на патот кон манастирот место за рамнодушност нема. Околината, пејсажите на Азот, мирното Согле, чистиот воздухот кој ви ги полни градите, спокојните а ненаметливи звуци на селото и природата што се пружа насекаде по хоризонтот, сето тоа е увертирата која ве пречекува на патот кон манастирот. А патот, пак, (во изградба велат) макадамосан, веднаш ќе го забележите: над пругата што го граничи селото со природата која како да извира од подножјето на планината. Нема повеќе од три километри, што и не е некоја далечина, особено што цело време сетилата ви се насладуваат од една прекрасна, чиста музика, музика на негибната природа.
После првиот километар од видикот за кратко ќе ви исчезне манастирот – таков е теренот - угорнини, па малку удолнини, но бидете спокојни, едноставно сами следете го патот. Набрзо се менува и крајоликот, па нискостеблестата шума останува зад вас, а пред вас повторно се издигаат сјајните манастирски куполи и прекрасните дабови шуми што некако љубоморно ја кријат и чуваат таа убавина. И кога подалбоко патот ќе ве однесе во шумите, знајте многу блиску сте до конечната цел.
По половина час пешачење прво што ви доаѓа во пресрет е новоизградената купола на параклисот на св. Јоаким и Ана, кој пак е вграден во исто така новизградените конаци на манастирот. Иако е очигледно дека обновата на манастирот е во полн ек, времето тука како да запира. Величествениот Божји храм ве стаписува со својата огромна енергија. Како да ве обзема и запоседнува, и вас и времето. Такво е првото чувство и таквата чудесност ништо не ја променува: ниту мноштвото разновидни градежни материјали, ниту докрај недовршената манастирска порта, ни ѕидините што допрва растат благодарение на вештите неимари...
Штом зачекорите внатре во дворот, дури таму ја сфаќате големината на трите куполи над црковното здание централно поставено во просторот на манастирскиот комплекс. Црквата се издига сама, како светилник, топла, приемчлива, подготвена да прими секого и во секое време. На дното од пространиот двор се уште стојат старите зданија: малото еднособно куќарче од камен и стари црепови со широк трем под чија сенка е пријатно седењето. Особено што наспроти вас стои убавата црква. Подесно е и старата кујна и просторијата што се користи како времен магацин а над неа старите конаци, изградени (барем така велат) од Богомилчани. Патем, се зборува, дека порано секое од селата во Азот си имало посебна соба во манастирските конаци кои редовно биле преполни за време на чествувањето на Рождество на Пресвета Богородица.
И на крајот - во манастирот ќе ве пречека, со гостољубива и искрена насмевка отец Авакум. Задолжително како што е редот на добар домаќин ќе ве понуди кафе, или сокче или ладна планинска вода, ќе ве поседи до себе и ќе си поприкаже. Токму така, во пријатниот разговор со отец Авакум, (во моментов братството во манастирот го сочинуваат двајца монаси отец Авакум и отец Александар, но бездруго тие се убедени, дека братството со тек на времето ќе расте и ќе се зголемува), успеавме да “украдеме” уште по нешто за Согленскиот манастир, затоа што она што се нарекува официјални информации се прилично скудни, што се вели сиромашни.
Манастирот и црквата “Рождество на Пресвета Богородица“ биле изградени во 1836 година и се плод на трудот на месното население од Азот. Нема село кое на еден или друг начин недало свој придонес во неговата изградба. Дури во градењето помагале и учествувале жители од муслиманска вероисповест кои исто така знаат повремено да го посетат манастирот изразувајќи ја должната почит кон ова христијанско светилиште. Отец Авакум ни кажа и за старите темели од манастирското здание, западно од манастирот, а кои се верува дека се од 14 век, што пак од своја страна сугерира дека на овој простор имало и многу порано христијанско светилиште. Тој вели, според она што и тој го чул од луѓето, дека порано овој манастир имал огромна библиотека која по фондот, особено на стари книги и ракописи била за гордеење, но времињата, настаните, и луѓето си го направиле своето и денес, за жал, многу малку од тоа богатство е сочувано.
Манастирскиот живот допрва се возобновува исто како што се возобновува целиот манастирски комплекс со намера да му се врати некогашниот сјај и значение на ова свето место, но секако се со цел да ја поврати силната духовност и енергија што ја има туку и уште повеќе да блесне како непресушен вруток на верата, љубовта и надежта. Отец Авакум скромно ни се пофали дека благодарение на свети Елисеј после силни бушења успеале да најдат вода на некои седумдесетина метри длабочина, па во знак на благодарност, тие изградиле мал параклис посветен токму на светецот каде е сокриен бунарот за чистата планинска вода. Така што и овој проблем конечно е решен. Сега се надева дека манастирската економија ќе може допрва да се развива...
Во самата црква пак, штом зачекорите преку нејзината дрвена порта, пред вас го отовора прекрасниот од масивно дрво иконостас на кој што е поставена иконата на Пресвета Богородица која што е стара 150 години и која што ги има преживеано сите премрежија на манастирот. Оваа икона во народот е позната како икона на Мајката Божја-Согленска и до денес прави чуда. Самата внатрешност на храмот плени со својата широчина и смиреност, а светлото што пробива низ малите прозорчиња на куполите, го надополнува впечатокот на Божјата присутност, на светоста на тој простор. Ви се чини како сите непотребни мисли, сите стресови и дилеми, сами да исчезнуваат, и останувате да стоите лесни и спокојни, препуштајќи и на тишината, светлото и мирисот на тeмјанот да ја галат вашата душа која тука не може, а во целост да не се предаде на Божјата величина.
Навистина, се таму е празнување: глетката за очите, светоста за душата, мирот за телото... А токму тоа е она што засекогаш ќе го понесе кој било патник, поситетил, кој макар еднаш ќе зачекори во гостопримливиот Согленски манастир “Рожденство на Пресвета Богородица“.
За Премин Портал
Наташа Деспотовска Димитриевска