ПОКАНА ЗА УЧЕСТВО ВО РАДОСТА НА НАШИОТ ОТЕЦ НЕБЕСЕН
Во ноќта кога темнината и тишината го покриваат светот, во ноќта кога се најдеш на место каде ги нема електричните светила а небото е ведро и кога ќе погледнеш нагоре, ќе го видиш небото украсено со мноштво светила, чуствуваш како мирот и радоста ти го обвиткуваат срцето, тишина но сепак слушаш пеење , темнина но сепак светлина , тогаш си спомнуваш за евангелските слова „ Светлината во темнината свети и мракот не ја опфати..“, почнуваш да ги разбираш овие зборови посакуваш да живееш постојано со нив , да се радуваш од посетеноста на Божествената светлина да тагуваш заради својата одалеченост од неа, да разбираш дека да се влезе во „радоста на својот Отец небесен,“ е најголема радост за која жеднее човековото битие. Радост која нема да ја опфати тенмнината на овој свет, радост која ќе ја разобличи темнината на светската суета, ќе ја обезличи и ќе ја обезвредни нејзината тежина, која сака притискајќи го човековото битие да му ја одземе светлината – радоста. Радост која знае јасно да каже за грижите на овој свет „-бегај од мене сатано!Ти си ми соблазна , оти мислиш не за она што е Божјо , а за она што е човечко“- суетно . Таја радост „преку Крстот дојде во овој свет , ете затоа секокаш благословуваќи го Господа да го воспееме Неговото воскресение, зашто Он откако распетие претрпе со смртта смртта ја разруши“.
За да ја почуствуваме оваа радост заедно ве покануваме на сеноќното бдение во манастирската црква св. Вмч. Георги во Криви Дол –Скопје. Таму во ноќта /во понеделник на 26-27 септември со почеток во 22.00ч/ спроти празникот на Чесниот и Животворен Крст Господов . Таму нема да ни требаат оние природни услови на ведрото небо и тивкото време , бидеќи во храмот Божји, ги имаме отворени Небесата а на нив светиите светат како светила Христос Седржител од најгоре на нив не осветлува сите , а Пресветата Владичица со милозливоста своја Поширока од небесата, ги раширува своите раце за да не прегрне сите. И види го највозвишеното чудо Седржителот пак ќе слезе да се жртвува за сите и да се даде на сите, за да ја имаат оваа радост полна и нека пребива таа во сите нас во век и вечно .Амин!
Со Божји благослов од свештенослужителот при храмот о. Горан Тасески