Во Црквата Св. Петка Крштение примија близнаците Јован и Стефан. Со првата и најбитната од Светите тајни – Крштевање, ние повторно се раѓаме, односно влегуваме во Црквата, а со тоа домот Христов ни ги отвора портите и нè прави подобни за примање на благодатта и преку другите свети Тајни во Црквата Христова. Па така, веднаш по крштевањето се извршува уште една света Тајна – Миропомазанието, или помазувањето со свето Миро, преку која ни се дава благодатта и силите на Светиот Дух, за да можеме да напредуваме во нашиот нов, христијански живот.
Светата Тајна Крштение има есенцијално и сотириолошко (спасоносно) значење за човекот, бидејќи преку оваа света Тајна според зборовите Христови: „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Царството Божјо“ (Јован 3,5) и уште „кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен“ (Марко 16,16).
Следејќи ги и живеејќи според зборовите на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Црквата се грижи да не изгуби и да не остане некрстен ниту еден човек на овој свет.
Нека им е честито името на новокрстените Јован и Стефан и достојно нека го носат името Христово. „Вие што во Христа се Крстивте, во Христа се облековте“! Амин!
Подготви: Наташа Деспотовска Димитриевска
Лето Господово 2011