Hic et nunc
Можноста да живееме hic et nunc (овде и сега), во овоземни услови, се остварува единствено во непрестајната умносрдечна молитва. Тоа би го нарекле живот во вечно присутна сегашност, проземање на нашето времено битисување од вечноста. Ова може да се сфати и како начин на живот и како Божјо делување, но најдобро е да се оствари како Богочовечка реалност. Благодатното грабнување на умот (или екстаза или истапување) не знам дали би можел да го наречам живот овде и сега во овоземни услови, иако се случува во овоземни услови.
Но, да почнеме отпочеток, по ред.
Еден од најголемите проблеми на модерниот човек, а кој истовремено е и најмалку освестен, е животот таму и некогаш, наместо животот овде и сега. Многу е важно и тоа таму и некогаш, кое припаѓа на она што обично го нарекуваме план, визија, цел, мотив, но тоа е неостварливо, па дури и повод за очајание и виртуелен живот, ако не го оствариме она што се нарекува живот овде и сега. Најлоша варијанта е кога некој тоа таму и некогаш го посакува веднаш овде и сега.
Животот може да се одвива во два правца: прво, во правец на остварување на идеалот овде и сега, со перспектива за таму и некогаш; и второ, во правец на отстапување од идеалот овде и сега и живеење само, или најчесто, во виртуелниот свет на таму и некогаш. Добро е да ги разгледаме и двата правца поодделно.
Како се отстапува од идеалот овде и сега?
Верувам се сеќавате на текстот за трите вируса и една антивирус програма. Првиот вирус беше неприфаќање на постоењето на Бог; вториот беше прифаќање на модел на живот кој се заснова на неконтролирано и неетичко задоволување на сите страсти; и третиот беше влез во par exсellеnce виртуелниот свет на духовите на злобата од поднебесјето. Прифаќањето на првиот вирус, кој скоро сигурно со себе ги носи и останатите два, всушност е постепено навлегување во виртуелниот свет на таму и некогаш и постепено отстапување од реалниот свет на овде и сега.
Како се достигнува идеалот овде и сега?
Верувам дека добро памтите сѐ што сум ви зборувал за степените на духовното растење во православниот духовен живот и подвиг. Првиот степен е очистување на срцето од страстите, вториот е просветлување на умот и третиот степен е обожение на целиот човек. Восогласувањето на начинот на нашиот живот и подвиг со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме е постепено одрекување од виртуелниот свет на таму и некогаш и постепено влегување и освестување на реалниот свет на овде и сега. Ова го нарековме антивирус програма. Само восогласениот начин на живот и подвиг, овде и сега, што никогаш не ми е тешко уште еднаш да ви го нагласам, претставува она што го нарекуваме православен духовен живот, и ниту еден друг начин на живеење.
Деца, сигурно сте го чуле она: во тек сум, ме носи струјата (матицата). Тоа не значи ништо друго освен широкиот пат, за кој говори Евангелието, а по кој мнозинството тргнало; што е исто со моделот на живот што ни се наметнува, зашто мнозинството (масата) така живее; што е исто со виртуелниот свет, на кој сè повеќе и повеќе луѓе се навлекуваат; што е исто со животот таму и некогаш.
Повеќе пати ми се случува кога им зборувам на некои луѓе (а понекогаш и на вас) да забележам дека со она што им го кажувам како за момент да ги извлекувам од таа матица на прелеста; како за момент да ги осветлувам и просветлувам во темнината на незнаењето; како за момент да ги отрезнувам од опијанетоста со овоземното; како за момент да ги враќам овде и сега И повеќе пати потоа излегува дека се лажам и напразно се радувам дека конечно сум ги извлекол некои луѓе од канџите на демонот, кога ќе видам дека тоа траело само кратко или извесен период и потоа повторно матицата ги вратила назад. Навистина тоа го доживувам болно и самиот се обвинувам за тоа (заради недоволното сведоштво во сила), иако знам дека подвигот е секогаш личен и дека никој наместо никого не може да се подвизува.
Зошто е тоа така? Од многу причини, но Отците најчесто го посочуваат немањето волја како клучен фактор за начин на живот без конкретен и континуиран подвиг овде и сега. Јас би го предочил уште само тоа дека и отсуството на духовно знаење заради непостоење на континуиран опит многу придонесува за таквата колеблива и лабава духовна состојба на луѓето. Оној што има знаење произлезено од континуиран и долготраен духовен подвиг и опит не може да се најде во состојба на недоумица и колебање по прашањата на верата и духовниот живот. Но, време е да прејдам од философија на конкретни примери заради јасноста на словото.
На пример, што би значело за вас деца, како монаси, тоа овде и сега? Знаеме дека монах без умносрдечна молитва, без да може да се осами во своето срце – не е монах, во вистинска смисла на зборот. Сакаш умносрдечна молитва? Земи и моли се непрестајно целото време додека си буден. Тоа значи да живееш овде и сега. Тоа значи да му покажеш и докажеш на Бог дека се смируваш и дека ја сакаш умносрдечната молитва (т.е. Него), која е дар Божји и која со свои, само човечки сили, никогаш не можеш да ја добиеш. Ако чекаш некое друго место и некое друго време во кое ќе имаш подобри услови за молитвен подвиг, знај дека тоа таму и некогаш – никогаш нема да дојде. Затоа што и тоа овде и сега и тоа таму и некогаш се наоѓаат во твоето срце. Царството Небесно е внатре во вас, Regnum Caelorum – hic et nunc (Царството Небесно – овде и сега)!
Што би значело за денешните млади луѓе тоа овде и сега? На пример, знаеме дека повеќето млади луѓе денес се стремат кон обичниот модел на живот: брак и семејство, за кои сакааат да обезбедат богат, или барем пристоен, живот. Сакаш да имаш богат или барем пристоен живот и да не зависиш од никого? Седи и учи, сега кога ти е определено време за учење, и восовршувај се во секој поглед. Во светот, посебно на бизнисот, денеска се цени реалното знаење, а не само стекнатата диплома. Го имаш ли тоа, од сите ќе бидеш почитуван и сите ќе те бараат како стручен и полесно ќе ги оствариш своите визии и планови. Да учиш во времето определено за учење, тоа е да живееш овде и сега. Ако времето првенствено определено за учење го трошиш повеќе на забава и на детски игри, фантазирајќи за некакви подобри услови за да се снајдеш во животот, знај дека тоа таму и некогаш – никогаш нема да дојде. Притоа не го запоставувај духовниот живот, затоа што Бог го создаде човекот таков што само Он и може да го исполни, а не бракот и семејството како и богатиот живот, во кој било поглед.
Што би значело за оние што го промашиле својот живот тоа овде и сега? Односно, што би значело тоа за оние кои живееле во општата борба и трка за задоволување на страстите и еден ден уморни и потрошени сфатиле дека сето тоа нема никаква смисла; или пак за оние кои успеале да ги остварат сите свои страсти и на крај сфатиле дека сето тоа не ги исполнува? Евангелски кажано, би значело: „Покајте се зашто се приближи Царството Небесно“ (Матеј 3, 2). Со други зборови, верувајте во Богочовекот Исус Христос, пронајдете си духовен отец кој ќе ве води, совладувајте ги етапно степените на духовниот развој и извршувајте ги совесно и смирено своите секојдневни обврски. И ќе го најдете толку посакуваниот Мир на вашите души.
Можноста да живееме hic et nunc (овде и сега), во овоземни услови, се остварува единствено во непрестајната умносрдечна молитва. Тоа би го нарекле живот во вечно присутна сегашност, проземање на нашето времено битисување од вечноста. Ова може да се сфати и како начин на живот и како Божјо делување, но најдобро е да се оствари како Богочовечка реалност. Благодатното грабнување на умот (или екстаза или истапување) не знам дали би можел да го наречам живот овде и сега во овоземни услови, иако се случува во овоземни услови. Сигурно го знам само тоа дека Бог е единствен Кој во апсолутна смисла го живее тоа овде и сега и истовремено тоа таму и некогаш, односно тој осми или невечерен ден, но исто така и ние во Воскреснатиот Богочовек Христос, по благодатта на Светиот Дух Господ, во мерата на нашиот духовен раст.
Христос воскресна!
Митрополит Струмички Наум