13/30/декември Лето Господово
Син на Јона и брат на Петар, родум од Витсаида, рибар по занимање. Најпрво му беше ученик на Св. Јован Крстител, но кога Св. Јован покажа со прст на Господ Исус велејќи: „Еве го Јагнето Божјо!“ (Јован 1, 36), тогаш Св. Андреј го остави својот прв учител и тргна по Исуса. Потоа го приведе кон Господа и својот брат Петар. По слегувањето на Светиот Дух на овој прв апостол Христов му падна во дел да го проповеда Евангелието во Византија и Тракија, потоа во земјите Дунавски, па во Русија и околу Црното Море и најпосле во Епир, Грција и Пелопонез, каде што и пострада.
Во Византија постави прв епископ во лицето на Св. Стахиј; во Киев забоди крст на високо и прорече блескава христијанска иднина за рускиот народ; во Тракија, Епир, Грција и Пелопонез преведе во верата мноштво народ и им постави епископи и свештеници. Во градот Патрас изврши многу чуда со името на Христа и придоби многумина за Господ, меѓу кои беа братот и жената на царскиот намесник Егеат. Разјарен заради ова Егеат го подложи Свети Андреј на маки, а потоа го распна на крст.
Додека беше жив на крстот, апостолот им кажуваше на христијаните што се беа собрале околу неговиот крст корисни поуки. Народот сакаше да го симне од крстот, но тој се спротивстави на тоа. Најпосле апостолот почна да Му се моли на Бога и притоа некоја необична светлина го заблесна целиот. Тоа светло озарување траеше околу половина час, а кога исчезна апостолот Му ја предаде својата душа на Господ. Така го заврши својот земен век првоповиканиот апостол, којшто прв од Дванаесетте големи апостоли Го позна Господа и тргна по Него. Пострада за својот Господ во 62 година. Неговите мошти беа пренесени во Цариград. Подоцна главата му ја пренесоа во Рим, а едната рака во Москва. (од Верскиот календар на МПЦ)
Мала Света Гора
Во регионот на Матка, од ранохристијанскиот период, па преку средновековието до денес, изградени се повеќе црковни храмови и манастири.
Една од нив е манастирската црква Свети Андреј (изградена во 1389 г.).Ктитор на манастирот е вториот син на кралот Волкашин и брат на Крале Марко, Андрејаш. Ова го дознаваме од натписот над надвратникот на западната влезна врата во наосот на црквата.
Текстот на ктиторскиот натпис гласи:
" ПО ВОЉАТА НА БОГ ОТЕЦ СЕДРЖИТЕЛ И СО ПОМОШТА НА СИНОТ ЕДИНОРОДЕН И СО СОДЕЈСТВИЕТО НА СЕПРЕСВЕТИОТ ДУХ СЕ СОЗДАДЕ И СЕ ИСПИСА ОВОЈ СВЕТ И БОЖЕСТВЕН ХРАМ, ВО ИМЕ НА СВЕТИОТ СЛАВЕН ВРВЕН АПОСТОЛ ХРИСТОВ ПРВОЗВАНИ АНДРЕЈ. СО TРУДОТ И ПОДВИГОТ НА ХРИСТОЉУБИВИОТ РАБ БОЖЈИ АНДРЕАШ, СИН ВТОРИ НА БЛАГОВЕРНИОТ КРАЛ ВОЛКАШИН И КРАЛИЦА ЕЛЕНА, МОНАХИЊА ЕЛИСАВЕТА. И КОЛКУ ШТО БЕШЕ ВОЗМОЖНО, И ДАДОВМЕ И ПРИЛОЖИВМЕ НА СВЕТАТА ЦРКВА СЕЛА ВО ПОЛЕТО И ВО ЗАБРДИЕТО СО МЕТОХОТ. СО ПРАВАТА КОИ СЕ НАПИШАНИ И ПОЗНАТИ НА СИТЕ, ЗА КОИ СЕ ВЕЛИ ВО ХРИСОВУЛОТ, И ОВИЕ ДВЕ СЕЛА СЕ ТАМУ, БУКУРЦИ И ПОВИЛНО. [КОИ] ВО ЗАМЕНА СО ЦРКВАТА СУШИЧКА СО ДОГОВОР И [ГИ] ДАДОВМЕ ЗА МОМКОВО И ИВАНЕ. БИДЕЈЌИ ТАКА ПРИГОДНО БЕШЕ НА ОБЕТЕ ЦРКВИ. 3А ДА ГИ ИМААТ ТАКА СИТЕ СЕЛА БЕЗ ЗАБУНА ВО УТВРДЕНАТА ГОДИНА 1389, СПОРЕД ВОЉАТА И МИЛОСТА НА МОЈОТ ГОСПОДАР АНДРИЈАШ [КОЈ] ОСТАНУВА ПРВ ОД ПОЧЕТОК ДА БИДЕ НА ТРУДОТ ПРВОПОЛОЖНИК А НА ОБНОВИТЕЛОТ НА МИЛОСРДНИОТ И УСРДЕН ХРАМ СВЕТИ МОНАХОТ КАЛЕСТ КИРИЛ, ВЕЧНА МУ ПАМЕТ.“
Црквата била живописана од страна на зографите митрополитот Јован и монахот Григорие, кои во тоа време важеле за најдобри мајстори.
Кон главната црква, во средината на XVI век била доѕидана припрата која била живописана во 1559/60 година. Денес, црквата Св.Андреја во Матка е една од ретките зачувани цркви во форма на слободен крст во Македонија.
друго:Теракотна иконата посветена на свети Андреј
{moshits}