На 31.01.2011 година, денот кога го чествуваме великиот светител и поборник на православието Атанасиј, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен на Светинаумовиот манастир, игумен Јосиф, свештениците Игор Никовски и Димче Азески и ѓаконот Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата Митрополитот Тимотеј го прекрши празничниот колач и се обрати кон присутните верници со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме:
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Прекрасен е Бог во Своите светии! Овие зборови на старозаветниот псалмопевец Давид ни посведочуваат една непобитна вистина, а тоа е дека големината Божја и Неговата сила се гледаат јасно и гласно преку животот и делото на неговите угодници, подвижници и светители.
Нашиот Господ, како Милостив Отец, сака сите Негови деца, кои се создадени според ликот и подобието Негови, да дојдат до познавање на вистината и да го наследат ветеното Царство Небесно. Но, сите луѓе не можат да го постигнат спасението, а преку тоа и да постанат и наследници на Царството Небесно. А тоа не го постигнуваат, бидејќи не се придржуваат сите до Законот Божји и не ја исполнуваат волјата Божја. Во оваа прилика можат да се употребат зборовите Христови: „Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во Царството Небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец Небесен. Мнозина ќе Ми речат во оној ден: Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име? И зар не изгонувавме бесови во Твое име? И не правевме ли многу чуда во Твое име? И тогаш Јас ќе им кажам: - Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене, вие што правите беззаконие!“ (Мт. 7,22-23).
Од овие Христови зборови ни се дава можност да извлечеме заклучок дека нема ништо подобро и поспасоносно за нашата душа од целосното предавање и покорување на волјата Божја. За ова имаме безброј примери, како во Стариот завет, така и во Новиот завет. Да споменеме само еден пример од Стариот завет: кога пророкот Самуил му ја открил на старозаветниот свештеник Илиј волјата Божја, дека ќе му суди на неговите синови поради нивните лоши дела, Илиј одговорил: „Он е Господ; што Му е угодно, тоа и нека направи“ (1Цар. 3,18).
Но, најдобар пример на послушност и покорност на волјата Божја гледаме во нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Пред Своето страдање кога се молел во Гетсиманија, Христос ги упатува следните зборови кон Својот Отец Небесен: „Оче Мој, ако не може да одмине од Мене оваа чаша, без да ја испијам, тогаш нека биде волјата Твоја“ (Мт. 26,42). Ако така постапил Синот Божји, тогаш колку повеќе сме ние повикани да ја покоруваме нашата волја на Бога.
Светителите и Божјите угодници се прекрасен пример за нас, кои сеуште го одиме патот, со можност и за поправање, но и за паѓање. Нивните житија ни покажуваат како тие ја покорувале нивната волја во исполнувањето на законите и прописите што ги бара Словото Божјо. Токму таков угодник Божји и денеска светата православна Црква прославува, а тоа е свети Атанасиј Велики.
Тој уште од рана возраст го засакал Христа и тргнал по Божјиот пат. Божјото провидение сакало овој храбар исповедник на верата православна да живее во еден временски период кога светата православна црква ќе има страшни внатрешни непријатели со појавата на разните еретички учења, особено прочуениот александриски презвитер Ариј. Св. Атанасиј, како ѓакон ќе го придружува Александрискиот Архиепископ Александар на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. Како високо образован, талентиран и со бистар ум и прецизна мисла, тој ќе биде оној кој ќе ги преточи размислувањата и учењата на светите оци во првите осум члена од Символот на верата на нашето учење.
Подоцна ќе го наследи тронот Архиепископски во Александрија и ќе ја продолжи борбата со еретиците - аријанци. Тој ќе остане 40 години на епископскиот трон, но најголем дел од овие години ќе ги помине во разни заточенија и прогонства, заради вистинското и правилното учење на светата Црква. Но, св. Атанасиј и кога блескал со своето учење во Александриската катедрала и кога бил прогонуван во најоддалечени пустински предели, подеднакво ја покорувал својата волја на Божјата. Затоа и светата Црква го одликувала и му дала епитет што ретко го дава на светите луѓе - Велики. А неговиот, пак, тропар, кој го нарекува столб и тврдина на верата, уште повеќе нè потсетува и нè подучува како треба да бидеме цврсти и непоколебливи во нашето исповедание и во Сèмилостивиот Бог.
Да се обратиме со молитва кон овој голем Божји угодник, од неговата силна и непоколеблива вера да всади дел и во нашите души и во нашите мисли, за да можеме и ние да ја сведочиме и исповедаме нашата православна вера, поткрепена и со добри дела и да го добиеме ветеното Царство на небото. Амин!
Митрополит Тимотеј
Св. Атанасиј Велики
31.01.2011 година, Охрид
Извор:
http://www.dke.org.mk/novosti/novost.asp?PodatociID=689