По повод храмовата слава во Валандово на денот кога се празнува споменот на светиот великомаченик Димитриј Мироточив се отслужи света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежниот Митрополит Повардарски г. Агатангел, Дебарско-кичевскиот Митрополит г. Тимотеј и Брегалничкиот Митрополит г. Иларион. На светата Литургија покрај многубројниот народ од Валандовско-гевгелискиот крај присуствуваше и градоначалникот на општина Валандово г. Николче Чурлиновски, кој беше и кум на црковната слава и претседателот на општинскиот совет во Валандово г. Ѓоко Камчев. Пред светата Литургија Архиепископот ги освети новонасликаните фрески во олтарниот дел од храмот, а по Литургијата го освети и празничниот колач на кумот на славата.
Верниот народ кој се причести со Светите Христови Тајни и Го прославуваше Бога изразуваше голема благодарност кон својот Архипастир Митрополитот Повардарски г. Агатангел за честа и достоинството што ги покажа кон градот Валандово, со несебичното вложување за поторжествено празнување на споменот на светиот великомаченик Димитриј Мироточив. Од името на народот во Валандово таа благодарност во посебна пригода ја изложи и градоначалникот на општина Валандово.
Извор: Повардарска епархија