Светиот апостол Јаков
Син Алфеев и еден од Дванаесетте големи апостоли. Роден брат на евангелистот Матеј. Сведок на словото на вистината и на чудата на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, сведок на Неговото страдање, Воскресение и Вознесение. По слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, на апостолот Јаков му падна во дел да го проповеда Христовото Евангелие во Елефтеропол и околните места, потоа во Мисир, каде што и пострада за својот Спасител. Со голема сила и на збор и на дело Св. Јаков ја разнесуваше благовеста за воплотениот Бог Слово, уривајќи го идолопоклонството, од луѓето изгонувајќи ги демоните, лечејќи секаква мака и болест со името на Господ Исус Христос. Неговиот труд и неговата ревност беа крунисани со голем успех. Многумина незнабожци поверуваа во Господа Христа, се основаа и устроија цркви, беа поставени епископи и свештеници. Пострада во Мисир, во градот Острацин, распнат на крст од незнабожците. Така овој голем и прекрасен апостол се пресели во Небесното Царство, за со Царот на славата да царува бесмртно.
Свети Исаак Сирин
Вистината е чувството за Бога, коешто човекот го вкусува во себеси со чувството на сетилито на духовниот ум. Љубовта е плод на молитвата и таа со своето созерцание го возведува умот кон тоа ненаситно да ја посакува, кога умот без униние пребива во молитвата и човекот со умот, само во безмолвни помисли, се моли огнено и со жар. Молитвата е умртвување на похотните мисли на телесниот живот, бидејќи оној кој сесрдно се моли ист е како оној кој умира за светот. Трпеливо пребивање во молитвата за човекот значи да се откаже од самиот себе. Затоа во самоодрекувањето на душата се стекнува љубовта Божја.
На 22 октомври 2010 година, во 22-та недела по Педесетница, на празникот на светиот апостол Јаков и преподобен Андроник и неговата сопруга Анастасија, во храмот на св.Петка но населбата Црниче, во Скопје,се отслужи Божествена Литургија. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Свето Евангелие од светиот апостол Лука (зач. 31)
Во она време се разнесе овој глас за Исуса по цела Јудеја и по целата околина. И му соопштија на Јована учениците негови за сето тоа. Јован, пак, повика двајца свои ученици и ги испрати при Исуса, говорејќи: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?“ И кога дојдоа при Него, тие Му рекоа: „Јован Крстител не прати при Тебе, велејќи: ,Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?’“ Во тој час Он исцели мнозина од болести, и од рани, и од зли духови, и на мнозина слепи им подари вид. И им одговори Исус и рече: „Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието; и блажен е оној, кој не ќе се соблазни поради Мене.“ А кога си отидоа учениците Јованови, Он почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустињата? Трска ли, што се лулее од ветар? Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што се облекуваат убаво и живеат богато, по царски палати се. Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк. Овој е, за кого што е напишано: ,Ете, Јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе.’ Оти ви велам: меѓу родените од жени нема ниеден поголем пророк од Јована Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него.“ И сите луѓе, што слушаа, па и митниците, Му благодареа на Бога дека се беа крстиле со крштавањето Јованово; а фарисеите и закониците го отфрлија советот Божји за нив, и не се крстија од него.
Скопје,- храмот на св. Петка
Преминпортал
Лето Господово 2010