Уште нешто за послушанието
Деца, да кажеме нешто за послушанието во светот, односно за неопходноста на подвигот на послушание и меѓу мирјаните – посебно во односите со луѓето од светот, а секако со тоа ќе извлечеме поука и за нашиот монашки подвиг. Всушност, работите во светот и се уредени така, што најчесто сме во позиција некого да слушаме и да се смируваме пред него. На пример, во училиштата, пред работодавателите, пред претпоставените, секаде. Секако тоа не треба да значи само голо надворешно исполнување на наредбата на другиот, а внатрешно несогласување и потценување на неговите квалитети и негово осудување како личност, бидејќи тоа на крај ќе се покаже како наш духовен пад, нарушување на взаемниот однос – што е спротивно на љубовта, и губење на благодатта Божја, која е единствен наш двигател и наше „несогорливо гориво“ во секој наш подвиг. Ако сакаме да ја сочуваме благодатта и во секој поглед да напредуваме, треба да сме послушни пред учителите и пред претпоставените, да се молиме за нив а не да ги осудуваме, а Бог ќе ги надополни сите нивни и наши недостатоци и ќе ги исправи сите нивни и наши грешки. Нема да слушаме, да исполнуваме само ако некој ни заповеда да сториме грев, па кој и да е тој.
Исто така и нашето послушание во манастирот треба да е кон секој брат и кон секој човек што Божјата Промисла ќе го внесе во нашиот живот, а не само кон старецот или игуменот, без разлика дали е тој постар или помал од нас и без разлика дали го заслужил тоа или не. Доволно е она што ќе ни речат да го направиме да не е во спротивност со нашето главно послушание добиено од духовниот отец. Секако тоа не важи за оној што е во позиција на надреден, да толерира некоја болна состојба и со своето послушание да ја храни гордоста на другиот што е подреден, но тоа секогаш во консултација со духовниот отец. Ваквото послушание треба да нè утврди во смирението, побрзо да ја исцели страста на умот – гордоста, да ни го отвори срцето за молитвата и да ни ја донесе благодатта.
Деца, луѓето во светот страдаат независно од кои причини: дали од болести, дали од војни, дали од несреќи, дали од тежината на животот итн. Затоа кога ќе можеме, треба да ги посетиме и да им помогнеме некако, секако во рамките на послушанието. Ова повеќе важи за духовниците. Ние сите во голема мера сме ослободени од таквите грижи и неволји, но затоа треба целиот свет да го опфатиме во нашата молитва, сите луѓе, а Духот ќе нѐ научи како, и како да сострадуваме со нив.
Сомнителен е нашиот однос, нашата благодарност кон Бог во времето кога ни се случуваат само добри работи. Нашиот вистински синовски однос со Бог треба секогаш да се темели на благодарност, на искрено благодарење во секоја ситуација, независно од тоа дали нѐ снаоѓа добро или зло. Секогаш треба да го имаме за пример многустрадалниот Јов, кој искушуван од неговата жена да похули на Бог во своите натчовечки страдања, ѝ вели: „Говориш како безумна. Зарем доброто го примаме од Бог, а злото да не го поднесуваме“. Наше е само да ја исполниме Божјата волја независно од тоа дали, и покрај нашиот вложен труд, таа за нас ќе значи успех или неуспех, здравје или болест, живот или смрт. Само од оваа перспектива и можеме да видиме колку е привремен, минлив овој свет.
Таквиот начин на живот, таквото послушание кон Бог и кон секој човек е всушност вистински исихазам, тоа e непрестајната молитва на секој подвижник – независно од тоа на кој духовен степен се наоѓа, и неопходен предуслов за стекнување на божествената благодат. Таквиот начин на живот е барање најнапред на Царството Небесно. А сѐ друго, за кое инаку непотребно се грижиме, ќе ни се додаде.
Митрополит Струмички Наум
(според записот на монасите)