Излезе од печат шестиот дел од Едицијата „Библиски настани“ со работен наслов Великиот Давид, во кој е дообработена приказната за цар Давид, која беше тема и на претходниот број од оваа едиција.ѓ
Предговор за стрипот
Предговор на стрипот за Великиот Давид – II дел
Во вториот дел од библиското раскажување за великиот цар Давид, опфатени се неколку теми: доаѓањето на власт на царот Давид, изградување на царскиот град – Ерусалим, неговата желба за градење на храм Божји, гревот на Давид и последиците од него, и неговата смрт.
По смртта на Саул, кој заради својот небогоугоден живот, по Божја промисла беше симнат од власт, на негово место беше поставен Давид за цар на Израилот. Сè додека тој Му угодуваше на Бога и живееше според Божјата волја, сè му врвеше на добро, победуваше во сите војни, го градеше градот Ерусалим, кој воедно требаше да стане царски град, им правеше добро на сите луѓе, особено на оние кои останаа живи од Сауловиот дом. Тој посака да Му изгради храм на Господ Бог, но преку устата на пророкот Натан, Бог му кажа дека неговиот наследник ќе ја заврши неговата замисла. Тој свечено го пренесе Ковчегот на заветот во Ерусалим и нареди да се извршуваат служби на Бога.
Сè му врвеше добро, сè додека еден ден не ја здогледа убавата Вирсавија, жената на неговиот војсководец Урија. Распален и помрачен од желбата по туѓата жена, тој, заборавајќи на Бога, и на тоа дека со овој грев ќе растури едно семејство, ја повика при себе и направи прељуба со неа. По некое време доби вест од неа дека е бремена. Потоа, за да го оддалечи нејзиниот маж, нареди да го испратат во најжестоката битка, каде што сигурно би загинал. Тоа и навистина се случило. По смртта на Уриј, Давид ја зел Вирсавија за жена. Но, пророкот Натан, преку приказна, му ги отворил од грев помрачените очи на Давида, и му укажал дека она што го сторил (прељубата и убиството на невин човек) е голем грев, и дека поради тој грев, синот што ќе му го роди Вирсавија ќе умре. Давид почнал да плаче и да се кае, Го молел Бога за своето дете, но сè било попусто. Смртта на детето настапила како отплата за неговиот грев. Тогаш тој горко се каел и го испеал познатиот педесетти псалм. Гревот му бил простен, но последиците траеле долго. Оттогаш многу работи се измениле во неговиот дом, настанал голем неред, неговите деца се замразиле и се свртеле едни против други, па дошле и до братоубиство. Синовите кои останале се бореле за престолот на нивниот татко, иако сè уште бил жив, а тој сето тоа го гледал, се трудел да го зачува престолот, но и на своите деца да не им наштети. На крајот, според ветувањето што ѝ го дал на Вирсавија, нејзиниот син Соломон бил свечено поставен за цар на Израилот, а Давид се упокоил и бил погребан во Ерусалим.
Поентата на овој библиски настан е јасна. Сè додека живееме богоугоден живот, Бог нè заштитува со Својата благодат, и нам сè ни оди на добро, а сето тоа ќе пропадне во моментот кога ќе заборавиме на Бога и на сето она што Он го направил и го прави за нас и ќе паднеме во голем грев. Тогаш, самите ќе почувствуваме голем товар од гревот, но и ќе се почувствуваме напуштени од Бога, и од Неговата благодатна помош.
За човекот најприродно е да постои во заедница со Бога, додека пак секое одвојување од заедницата со Бога повлекува и други поделби: одвојување на човек од човек (индивидуализација и изолација, разводи, пропаст на брачната заедница), одвојување од природата (еколошки катастрофи), одвојување од животните (само светителите можат да бидат во мир со животните, како што гледаме во житијата на свети Серафим Саровски, св. Герасим Јордански и др.), раздвојување, расцепување на личноста (шизофренија). Почетокот на сите овие нарушени односи е во нарушениот однос со Бога, но и нивното повторно воспоставување треба оттаму да започне – од градењето на заедница со Бога. Гревот, пак, ја нарушува таа заедница, и гради ѕид, преграда помеѓу нас и Бог. Покајанието, придружено од нашите подвизи и литургиски живот, го руши тој ѕид и нè враќа онаму каде што ни е местото - во прегратките на нашиот Бог Отец. Па така, колку и да сме згрешиле или грешиме, секогаш треба да бидеме свесни дека Бог нè чека да Му се вратиме. Некогаш ни дава и долги години за живеење, но не како благослов заради нашата праведност, туку ни дава време за да се покаеме и да си ја спасиме душата. Затоа да не чекаме и да не го одложуваме времето на покајание, бидејќи затоа Бог го сокрил смртниот час од нас, туку веднаш да поитаме на покајничка исповед кај нашите свештеници – духовници, да се ослободиме од гревовите, да започнеме подвижнички живот, кој ќе ни помогне да градиме и изградиме заедница со Бога, која започнува во овој живот и никогаш не завршува, туку станува начин на постоење во вечноста, во вечниот живот. Амин.
Митрополит Повардарски
г. Агатангел
Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=1002&Itemid=32