Скопје, 03.07.2010- манастирска црква на св. Наум Охридски
Тропар, глас 4.
Откако се соедини со Христа, си го оставил телото, Науме преблажени; духовно живејќи, си се грижел да се подвизуваш како апостолите, и за верата го придобил неизбројното мноштво Мизијско. Затоа, со твоите молитви, избави не од искушенијата.
Во манастирот посветен на св. Наум Охридски во н. Радишани, во Скопје, во Шестата недела по Педесетница , кога Светата Црква го празнува споменот на преподобен Наум Охридски Чудотворец, блажениот Студиј, отец Коста Станоевски во сослужение на Деканот на Богословскиот факултет, протоереј Ацо Гиревски, отслужи Божествена Литургија. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.
Свето Евангелие од светиот апостол Матеј (зач. 44)
Во она време, една сабота, Исус минуваше преку нивјето, а учениците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат. Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: „Ете, учениците Твои прават што не треба да се прави во сабота.“ А Он им рече: „Не сте ли читале што направи Давид, кога сам тој огладне и оние што беа со него? Како влезе во домот Божји, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, а само свештениците. Или, не сте ли читале во Законот дека во саботен ден свештениците ја нарушуваат саботата и пак не се виновни? Но Јас ви велам дека е тука Оној, Кој е поголем од храмот; и, ако знаевте што значи: , Милост сакам, а не жртва’, немаше да ги осудите невините; зашто Синот Човечки е господар и на саботата.“