Света Божествена Литургија во чест на прекрасниот чудотворец Јован Шангајски, Битолски и Санфранциски
На 2 Јули, во Црквата Света Преподобномаченица Параскева- Петка од Чикаго, се отслужи Божествена Литургија во чест на големиот Светител и чудотворец – Свети Јован Шангајски и Битолски. Ова беше само еден мал израз на огромната љубов што за него ја чува Црквата во која тој своевремено служел, во 60-те години на минатиот век, кога овој наш Храм и припаѓал на Руската Православна Црква. Не постојат зборови кои би можеле да опишат колкава е радоста да се биде во Храм во кој чекорел и молитвословел еден Светител! Силно веруваме дека тој и сега невидливо тука чекори и се моли за сите нас!
А уште колку поголема чест овој прекрасен Светител заслужува од целата наша Македонска Црква, од сите македонски Храмови, насекаде, а посебно во нашата Македонија, која извесно време била и негов дом, како и во нашите Храмови овде, во Америка! Навистина, на овој континент, каде што светителот ги поминал последните години од својот плодоносен и полн со подвизи живот, речиси и не постои православен Храм кој не го одбележува неговиот светол спомен со најсвечени Бденија и Литургии!
О, прекрасен Светителу и чудотворче, слава и чест на твојот светол спомен! Слава и чест на твоите надчовечки подвизи и трудови! Му благодариме на Бога за твоите свети молитви и огромната љубов твоја која не знае за разлики меѓу луѓето, а на сите подеднакво им се излива! Не престанувај да се молиш и за нашата македонска Црква и за чедата нејзини кои го почитуваат твојот сечесен празник!
Тропар кон Свети Јован Шангајски, гл.5
Грижата што ја пројави за твоето стадо во неговите страдања беше
праобраз на молитвите што постојано ги принесуваш за целиот свет. Затоа, веруваме, спознавајќи ја твојата љубов, о, светителу и чудотворче Јоване! Целосно осветен од Бога преку свештенослужењето на Пречистите Тајни, а и самиот со нив закрепнуван, ти им помагаше на оние што патат, о, пресветол исцелителу. Поитај ни напомош сега и нам, кои те почитуваме со сето срце.
Друг Тропар, гл.1
Дарот на светителството си го преумножил, на апостолите со проповедањето на словото си им поревнувал; со бденијата, постот и молитвите си се вброил меѓу преподобните, со кротост поднесувајќи клевети и понижувања. Затоа Христос те прослави со чудеса, кои обилно ги излеваш врз сите кои со вера прибегнуваат кон тебе; спаси не сега и нас со твоите молитви, о, пречудесен Јоване, светителу Христов!
Кондак, гл.4
Следејќи Го Христа, Големиот Пастир, ти се покажа како прекрасен светител; зашто ги спаси своите овци од погибел од страна на незнабошците приготвувајќи им мирно пристаниште. И покажувајќи непрекидна грижа за своето стадо, ги лекуваше неговите душевни и телесни болести. Моли Го Христа Бога и за нас, кои паѓаме пред твоите скапоцени мошти о, оче Јоване: во мир да се спасат нашите души.